Крајно време е да се разбудиме!
„НЕМОЈТЕ да направите грешка за времето во кое живееме; веќе е крајно време да се разбудиме од сонот“ (Римјаните 13:11, Knox). Овие зборови им ги напишал апостол Павле на христијаните во Рим отприлика 14 години пред катастрофалниот крај на еврејскиот систем на ствари во 70 н. е. Бидејќи биле духовно будни, еврејските христијани не биле во Ерусалим во тоа критично време, па така избегнале смрт или ропство. Но, како знаеле дека треба да се тргнат од градот?
Исус Христос предупредил дека непријателите ќе го опколат Ерусалим и дека неговите жители ќе бидат разбиени (Лука 19:43, 44). После тоа, Исус им дал на своите следбеници еден сложен знак кој не би било тешко да се препознае (Лука 21:7—24). За оние христијани кои живееле во Ерусалим, напуштањето на градот значело да ги напуштат домовите и работата. Сепак, нивната будност и бегство им ги сочувале животите.
Кога Исус го претскажал уништувањето на Ерусалим, неговите ученици го прашале: „Кога ќе бидат овие работи, и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на ствари?“ (Матеј 24:3, NW). Во одговорот, Исус ја споредил својата идна присутност со периодот кој водел до глобалниот потоп во времето на Ное. Исус истакнал дека поплавата ги збришала сите злобни луѓе (Матеј 24:21, 37—39). На тој начин покажал дека Бог повторно ќе се вмеша во човечките работи. До која мера? Па, до оној степен додека не го отстрани целокупниот злобен свет, т. е. систем на ствари! (Спореди 2. Петрово 3:5, 6.) Би можело ли тоа да се случи во наше време?
Дали сѐ си стои така?
Малку Евреи од првиот век некогаш замислувале дека нивниот свет град Ерусалим ќе биде уништен. Слично неверување честопати преовладува меѓу луѓето кои живеат во близина на некој вулкан, но кои не доживеале негова ерупција. „Не за време на мојот живот“, е вообичаена реакција кога се огласуваат предупредувања. „Типично, вулканите проработуваат на секои два или три века“, објаснува вулканологот Лајонел Вилсон. „Ако вашите родители морале да се преселат поради ерупција, тогаш се секирате. Но, ако тоа им се случило на бабите и дедовците, тогаш тоа ви е нереално.“
Меѓутоа, точните информации можат да ни овозможат да ги препознаеме знаците на опасност и сериозно да внимаваме на нив. Еден од оние луѓе кои побегнале од Мон Пеле бил запознат со вулканите и ги разбрал знаците на опасност. Исто така, таквите знаци биле точно протолкувани кратко пред ерупцијата на планината Пинатубо. Вулканолозите кои набљудувале како во планината се покренуваат невидени сили, ги увериле мештаните да го напуштат подрачјето.
Се разбира, некои луѓе секогаш ќе ги игнорираат знаците на опасност и ќе инсистираат на тоа дека нема ништо да се случи. Можеби тие дури им се исмејуваат на оние кои преземаат решавачка акција. Апостол Петар предвидел дека во нашево време ќе биде вообичаено едно такво гледиште. „Најнапред знајте“, рекол тој, „дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘“ (2. Петрово 3:3, 4).
Веруваш ли дека живееме во „последните дни“? Во The Columbia History of the World Џон А. Гарети и Питер Геј прашуваат: „Дали го гледаме сломот на нашата цивилизација?“ Потоа, овие историчари ги анализираат проблемите на владата, глобалниот пораст на криминалот и граѓанската непослушност, сломот на семејниот живот, пропустот на науката и технологијата да ги решат проблемите на општеството, кризата на авторитетот и светскиот морален и религиозен распад. Тие заклучуваат: „Ако ова не се знаците на еден дефинитивен крај, тогаш извонредно личат на него“.
Ние имаме здрава причина да веруваме дека ‚крајот‘ е неизбежен. Не, не треба да се плашиме од крај на самата Земјина топка, зашто Библијата вели дека Бог „ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш“ (Псалм 103:5). Сепак, треба да очекуваме еден скорашен крај на злобниот систем на ствари кој му донел толкава беда на човештвото. Зошто? Бидејќи можеме да видиме многу јасни обележја кои ги идентификуваат последните денови на овој систем, како што ги изложил Исус Христос. (Види ја рамката „Некои обележја на последните денови“.) Зошто не ги споредиш Исусовите зборови со светските настани? Тоа може да ти помогне да донесеш мудри одлуки за себе и за своето семејство. Но, зошто да преземеш акција токму сега?
Вистинска потреба да се остане буден
Иако научниците можеби знаат кога е неизбежна една вулканска ерупција, сепак тие не можат прецизно да кажат кога ќе се случи таа. На сличен начин, во врска со крајот на овој систем на ствари, Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец“ (Матеј 24:36). Со оглед на тоа што не знаеме точно кога ќе заврши сегашниов систем на ствари, Исус ни го дал ова предупредување: „Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата. Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки [Исус]“ (Матеј 24:43, 44).
Зборовите на Исус покажуваат дека катаклизмичкиот крај на овој систем ќе го зафати светот одненадеж. Иако ние сме негови следбеници, треба да ‚бидеме готови‘. Нашата ситуација е како ситуацијата на еден домаќин кој би можел да биде фатен одненадеж бидејќи не знае кога крадецот ќе провали во неговата куќа.
На сличен начин, на христијаните во Солун апостол Павле им рекол: „Бидејќи вие самите многу добро знаете дека денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време . . . браќа, не сте во темнина, та денот да не ве затече како крадец“. Исто така, Павле поттикнал: „Да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени“ (1. Солунјаните 5:2, 4, 6, фуснота, NW). Што значи да „бидеме будни и трезвени“?
За разлика од бегањето на христијаните од Ерусалим во првиот век, нашето бегање на безбедно не вклучува напуштање на некој град. Откако сериозно ги опоменал своите соверници во Рим да се разбудат од сонот, Павле ги поттикнал да ‚ги отфрлат делата на мракот‘ и ‚да се облечат во Господа Исуса Христа‘ (Римјаните 13:12, 14). Ако тесно ги следиме Исусовите чекори, ќе покажеме дека сме будни за времињата, а оваа духовна будност ќе ни овозможи да ја добиеме божествената заштита кога ќе заврши овој зол систем на ствари (1. Петрово 2:21).
Оние кои го следат Исус Христос уживаат еден смисловен и задоволувачки живот. Милиони Јеховини сведоци откриле дека јаремот на христијанското учеништво е љубезен и освежувачки (Матеј 11:29, 30, фусноста NW). Првиот чекор во станувањето ученик е да се ‚познае Единиот вистински Бог, и испратениот од Него Исуса Христа‘ (Јован 17:3). Секоја седмица Сведоците посетуваат милиони домови за да им помогнат на луѓето да стекнат „точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, NW). Ним ќе им биде драго да водат бесплатни библиски студии со тебе во твојот дом. И додека растеш во спознанието на Божјата Реч, несомнено и ти ќе се увериш дека нашите денови се поинакви. Навистина, крајно време е да се разбудиш од сонот!
[Рамка/слики на страница 7]
НЕКОИ ОБЕЛЕЖЈА НА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ
„Ќе се дигне народ против народ“; ‚ќе се одземе мирот од земјата‘ (Матеј 24:7; Откровение 6:4).
Двете светски војни од овој век, заедно со десетината други конфликти, го одзеле мирот од Земјата. „Првата — а потоа и Втората — светска војна се разликувала од сите војни кои биле водени пред тоа“, пишува историчарот Џон Киган. „Се разликувале во размерот, интензитетот, распространетоста, како и по материјалната и човечката цена . . . Светските војни убија повеќе луѓе, потрошија повеќе богатство и нанесоа поголемо страдање во едно пошироко подрачје на Земјината топка од која и да било претходна војна.“ Сега војните повеќе ги измачуваат жените и децата отколку војниците. Фондот за помош на децата при Обединетите нации пресметува дека во последниве десет години во војните биле убиени два милиона деца.
„Оскудица на храна“ (Матеј 24:7, NW; Откровение 6:5, 6, 8).
Во 1996 цената на житото и пченката драматично се зголеми. Која била причината за тоа? Светските резерви од овие житарици опаднаа на резерва доволна за само 50 дена — најниската бројка која е забележана досега. Сѐ поголемите цени на основните прехранбени производи значат дека стотици милиони осиромашени луѓе во светот — од кои многу се деца — си легнуваат гладни.
„Потреси“ (Матеј 24:7).
Во текот на последниве 2.500 години, само девет земјотреси убиле по повеќе од 100.000 луѓе. Четири од овие потреси се случиле од 1914 па наваму.
„Беззаконијата ќе се умножат“ (Матеј 24:12).
Додека привршува 20 век, беззаконието, т. е. прекршувањето на законот, широко се распространило. Терористичките напади врз цивили, ладнокрвните убијци и масовните убиства спаѓаат меѓу ужасните аспекти на овие насилнички последни денови.
„Чуми од едно место на друго“ (Лука 21:11, NW).
Во текот на 1990-тите, веројатно 30 милиони луѓе ќе умрат од туберкулоза. Бактериите што пренесуваат болести стануваат сѐ поотпорни на лекови. Маларијата — друга смртоносна болест — напаѓа од 300 до 500 милиони луѓе секоја година и се проценува дека убива по 2 милиони луѓе. До крајот на оваа деценија се очекува СИДА-та годишно да предизвика смрт на 1,8 милиони луѓе. „Денешното човештво доживува епидемија на епидемии“, објавува State of the World 1996.
„Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24:14).
Во 1997 Јеховините сведоци поминале над една милијарда часови во проповедањето на добрата вест за Царството. Повеќе од пет милиони Сведоци редовно им ја носат оваа порака на луѓето во 232 земји.
[Извори на слики]
Фотографија на FAO /B. Imevbore
Фотографија на U.S. Coast Guard
[Слика на страници 4 и 5]
Христијаните побегнале од Ерусалим поради тоа што биле духовно будни