„Близу е големиот ден на Јехова“
„Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (СОФОНИЈА 1:14).
1, 2. а) Кој посебен ден го чекаат христијаните? б) Кои прашања треба да си ги поставиме, и зошто?
ЕДНА радосна девојка едвај чека да дојде денот на нејзината свадба. Трудницата со љубов чека да се роди нејзиното бебе. Изморениот работник со нетрпение чека да му почне толку посакуваниот годишен одмор. Што е заедничко кај сите овие лица? Сите чекаат еден посебен ден — ден што ќе влијае врз животот на секого од нив. Сите доживуваат длабоки, иако многу различни емоции. Денот што го чекаат ќе дојде, и кога ќе пристигне, се надеваат дека ќе бидат подготвени за него.
2 И денес, вистинските христијани едвај чекаат да дојде еден посебен ден. Тоа е големиот ‚Јеховин ден‘ (Исаија 13:9; Јоил 2:1; 2. Петрово 3:12). Каков е овој ‚Јеховин ден‘ што се приближува, и што ќе значи за човештвото неговото доаѓање? Освен тоа, што треба да правиме за да бидеме подготвени за неговото доаѓање? Неопходно е сега да го побараме одговорот на овие прашања, бидејќи доказите покажуваат дека се точни следниве зборови што се запишани во Библијата: „Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (Софонија 1:14).
„Големиот ден на Јехова“
3. Што е „големиот ден на Јехова“?
3 Што е „големиот ден на Јехова“? Во Светото писмо, изразот „ден на Јехова“, или „Јеховиниот ден“, се однесува на оние ситуации кога Јехова ја извршил казната што им ја пресудил на своите непријатели и го прославил своето величествено име. Неверните жители на Јуда и Ерусалим, како и бездушните жители на Вавилон и Египет, се соочиле со ‚денови на Јехова‘ кога врз нив биле извршени Јеховините пресуди (Исаија 2:1, 10-12; 13:1-6; Еремија 46:7-10). Меѓутоа, најголемиот „ден на Јехова“ допрва претстои. Тоа е ‚денот‘ кога ќе биде извршена Јеховината пресуда врз оние што го оцрниле неговото име. Тој ден ќе започне со уништувањето на „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, а ќе заврши со потполното уништување на останатиот дел од овој злобен свет во војната наречена Армагедон (Откровение 16:14, 16; 17:5, 15-17; 19:11-21).
4. Зошто повеќето луѓе треба да се плашат од Јеховиниот ден што се приближува многу брзо?
4 Сеедно дали се свесни за тоа или не, повеќето луѓе треба да се плашат од тој ден што многу брзо се приближува. Зошто? Преку пророкот Софонија, Јехова ни го дава одговорот: „Тој ден е ден на гнев, ден на неволја и мака, ден на бура и пустошење, ден на темнина и мрак, ден на облаци и густа темнина“. Навистина многу страшно! Освен тоа, истиот пророк вели: „Ќе пуштам неволја врз луѓето... зашто му згрешија на Јехова“ (Софонија 1:15, 17).
5. Какво позитивно гледиште за Јеховиниот ден имаат милиони луѓе, и зошто?
5 Меѓутоа, милиони други едвај чекаат да дојде Јеховиниот ден. Зошто? Затоа што знаат дека тој ден е време кога ќе бидат спасени и избавени праведните, ден во кој Јехова ќе биде возвишен и неговото славно име ќе биде посветено (Јоил 3:16, 17; Софонија 3:12-17). Дали некој ќе се плаши од тој ден или едвај ќе чека да дојде, многу зависи од тоа како живее сега. Како гледаш на доаѓањето на тој ден? Дали си подготвен за него? Дали тоа што Јеховиниот ден е на прагот влијае врз твојот секојдневен живот токму сега?
„Ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат“
6. Како гледаат повеќето луѓе на „Јеховиниот ден“, и зошто вистинските христијани не се изненадени од тоа?
6 И покрај тоа што ситуацијата е многу итна, повеќето луѓе на Земјата не обрнуваат внимание на тоа дека се приближува „Јеховиниот ден“. Тие се подбиваат и се потсмеваат со оние што ги предупредуваат дека тој ден само што не дошол. Вистинските христијани не се изненадени од тоа. Тие го имаат на ум предупредувањето што го запишал апостол Петар: „Пред сѐ знајте го ова: во последните денови ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат, ќе се водат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е таа негова ветена присутност? Откако умреа нашите прататковци, сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето‘“ (2. Петрово 3:3, 4).
7. Што ќе ни помогне да го задржиме кај себе чувството на итност?
7 Што ќе ни помогне да се спротивставиме на таквото негативно размислување и на тој начин да го задржиме кај себе чувството на итност? Петар ни вели: „Со потсетување го будам вашиот здрав разум, да се сетите на зборовите што ги говореа светите пророци и на заповедите кои ви ги даде Господарот и Спасител преку вашите апостоли“ (2. Петрово 3:1, 2). Ако ги послушаме опомените на пророците, ќе ‚се разбуди нашиот здрав разум‘. Можеби постојано сме ги слушале тие потсетувања, но многу е битно денес, повеќе од кога и да е порано, да продолжиме да им обрнуваме внимание на тие опомени (Исаија 34:1-4; Лука 21:34-36).
8. Зошто многу луѓе не им обрнуваат внимание на потсетувањата од Библијата?
8 Зошто некои не им обрнуваат внимание на овие потсетувања? Петар продолжува: „Намерно не согледуваат дека од дамнина постоеле небесата и дека земјата стоела над водата и среде водата преку Божјата реч. Со неа тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (2. Петрово 3:5, 6). Да, има луѓе што не сакаат да дојде Јеховиниот ден. Тие не сакаат ништо да им го наруши секојдневниот живот. Не сакаат да бидат одговорни пред Јехова за својата себичност! Како што вели Петар, тие живеат „според своите желби“.
9. Каков став покажале луѓето во деновите на Ное и во деновите на Лот?
9 Тие потсмевачи „намерно“ одлучуваат да замижат пред фактот дека во минатото Јехова се вмешал во работите на луѓето. И Исус Христос и апостол Петар спомнуваат два такви настана — „деновите на Ное“ и „деновите на Лот“ (Лука 17:26-30; 2. Петрово 2:5-9). Пред Потопот, луѓето не обрнале внимание на предупредувањето што им го дал Ное. Слично на тоа, пред да бидат уништени Содом и Гомор, во очите на своите зетови Лот ‚изгледал дека се шегува‘ (1. Мојсеева 19:14).
10. Што им вели Јехова на оние што не обрнуваат внимание на неговите опомени?
10 Денес не е ништо поинаку. Сепак, забележи што им рекол Јехова на оние што не обрнале внимание на неговите опомени: „Ќе ги казнам луѓето кои се како вино што лежи на својот талог и велат во своето срце: ‚Јехова нема да направи ни добро ни лошо‘. Нивното богатство ќе биде опљачкано и нивните куќи ќе бидат опустошени. Тие ќе градат куќи, но нема да живеат во нив, ќе садат лозја, но нема да го пијат нивното вино“ (Софонија 1:12, 13). Луѓето може да си продолжат со своите „нормални“ секојдневни активности, но нема да имаат никаква трајна корист од својот труд. Зошто? Затоа што неочекувано ќе дојде Јеховиниот ден, и нема да можат да се спасат со никакви материјални богатства што си ги насобрале (Софонија 1:18).
„Чекај го“
11. Која опомена не смееме да ја изгубиме од вид?
11 За разлика од злобните луѓе околу нас, ние не смееме да ја изгубиме од вид опомената што ја запишал пророкот Авакум: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авакум 2:3). Дури и ако ни се чини дека тој ден доцни од наша гледна точка како несовршени луѓе, не смееме да заборавиме дека Јехова не е бавен. Неговиот ден ќе дојде токму навреме, во час во кој луѓето не очекуваат (Марко 13:33; 2. Петрово 3:9, 10).
12. На што предупредил Исус, и во каква спротивност е тоа со она што го прават Исусовите верни следбеници?
12 Кога истакнал колку е важно да го чекаме Јеховиниот ден, Исус предупредил дека дури и некои од неговите следбеници ќе го изгубат чувството на итност. Тој прорекол: „Ако тој роб е зол и си рече во срцето: ‚Мојот господар доцни‘, па почне да ги тепа другите робови и да јаде и да пие со пијаниците, господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час кога не насетува, и ќе го казни најстрого“ (Матеј 24:48-51). За разлика од нив, верниот и разборит роб лојално го задржува чувството на итност. Оваа група христијани бдее и е подготвена. Исус ја поставил „над целиот свој имот“ овде на Земјата (Матеј 24:42-47).
Потребно е итно да се дејствува
13. Како истакнал Исус дека е потребно да се има чувство на итност?
13 Христијаните во првиот век морале да го задржат чувството на итност. Кога ќе виделе дека Ерусалим е „опколен од улогорени војски“, морале веднаш да избегаат од градот (Лука 21:20, 21). Тоа се случило во 66 година од н.е. Забележи како Исус истакнал дека христијаните што живееле тогаш морале итно да сторат нешто: „Кој ќе биде на покривот, нека не слегува да земе нешто од куќата. И кој ќе биде на нивата, нека не се враќа дома за да си ја земе облеката“ (Матеј 24:17, 18). Со оглед на тоа што историјата покажува дека Ерусалим бил уништен дури по четири години, зошто христијаните морале веднаш да ги послушаат Исусовите зборови во 66 година од н.е.?
14, 15. Зошто христијаните во првиот век морале неодложно да сторат нешто кога виделе дека Ерусалим е опколен од улогорени војски?
14 Иако е точно дека римските војски го уништиле Ерусалим дури во 70 година од н.е., тие четири години не биле лесни. Напротив! Биле исполнети со насилство и крвопролевање. Еден историчар ја опишува ситуацијата во Ерусалим во тоа време како „неверојатно крвава граѓанска војна, проследена со ужасни свирепости“. Младите мажи биле регрутирани да ги зајакнат утврдувањата, да земаат оружје и да служат во војска. Секојдневно имале воени вежби. Оние што не се согласувале со екстремните мерки биле сметани за предавници на татковината. Ако христијаните останеле во градот, ќе се нашле во крајно опасна ситуација (Матеј 26:52; Марко 12:17).
15 Треба да обрнеме внимание на тоа дека Исус рекол дека требало да почнат да бегаат „оние што ќе бидат во Јудеја“, а не само оние што ќе бидат во Ерусалим. Тоа било важно затоа што неколку месеци откако римските трупи излегле од Ерусалим, повторно започнале со своите воени операции. Најнапред, Галилеја била поразена во 67 година од н.е., а потоа Јудеја била освојувана малку по малку следната година. Затоа, луѓето од сите околни села страдале од рацете на Римјаните. Исто така, било сѐ потешко некој Евреин да избега од Ерусалим. Градските порти биле добро чувани, и за секој што ќе се обидел да избега од градот се сметало дека пребегува кај Римјаните.
16. Каков став требало да имаат христијаните од првиот век за да го преживеат тоа тешко време?
16 Ако ги земеме предвид сите овие фактори, можеме да сфатиме зошто Исус нагласил колку е итна ситуацијата. Христијаните морале да бидат спремни да прават жртви и да не дозволат материјалните работи да им го одвлечат вниманието. За да го послушаат Исусовото предупредување, морале да бидат спремни да ‚остават сѐ што имаат‘ (Лука 14:33). Оние што веднаш послушале и избегале на другата страна од реката Јордан, се спасиле.
Да го задржиме чувството на итност
17. Зошто треба да го зајакнеме нашето чувство на итност?
17 Библиските пророштва јасно откриваат дека сме длабоко навлезени во времето на крајот. Како никогаш досега, мора да го зајакнеме кај себе чувството на итност. Во време на мир, војникот не ги чувствува напнатоста и опасноста што ги носи војната. Сепак, ако од таа причина не чувствува потреба да биде буден и тогаш неочекувано го викнат во војна, веројатно ќе биде неподготвен — со кобни последици. Истото важи и за нас како христијани. Ако дозволиме да се намали нашето чувство на итност, веројатно нема да бидеме подготвени да ги одбиеме нападите против нас и ќе бидеме фатени на препад кога конечно ќе пристигне Јеховиниот ден (Лука 21:36; 1. Солуњаните 5:4). Ако некои ‚отстапиле од Јехова‘, сега е време повторно да го побараат (Софонија 1:3-6; 2. Солуњаните 1:8, 9).
18, 19. Што ќе ни помогне да го имаме на ум „Јеховиниот ден“?
18 Не е чудо што апостол Петар нѐ опоменува да го имаме на ум „Јеховиниот ден“! Како ќе можеме да успееме во тоа? Еден начин е ‚нашите дела да бидат свети и по нив да се види дека сме му оддадени на Бог‘ (2. Петрово 3:11, 12). Ако сме зафатени со такви активности, едвај ќе чекаме да дојде „Јеховиниот ден“. Грчкиот збор преведен со ‚има на ум‘ буквално значи „да забрза“. Не можеме буквално да го забрзаме времето што останува додека не дојде Јеховиниот ден. Сепак, додека го чекаме тој ден, ќе ни се чини дека времето минува многу побрзо ако сме зафатени во службата за Бог (1. Коринќаните 15:58).
19 Ако длабоко размислуваме за Божјата реч и за потсетувањата што се запишани во неа, ќе можеме да го правиме тоа — ‚да го очекуваме и да го сакаме скорото доаѓање‘ на тој ден, да, ‚да го чекаме и што поскоро да го посакуваме‘ неговото доаѓање (2. Петрово 3:12; Превод на МПЦ; Радосна Вест). Во овие потсетувања се вклучени и многубројните пророштва што го претскажуваат не само доаѓањето на Јеховиниот ден туку и бројните благослови што ќе ги добијат оние што ‚го чекаат Јехова‘ (Софонија 3:8).
20. Кој совет треба да го земеме при срце?
20 Сега е вистински момент сите да го земеме при срце советот што ни е даден преку пророкот Софонија: „Пред да дојде на вас распламтениот гнев на Јехова, пред да дојде на вас денот на Јеховиниот гнев, барајте го Јехова, сите кротки на земјата, кои го извршувате неговиот закон! Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста, и веројатно ќе бидете заштитени во денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:2, 3).
21. На што ќе биде решен Божјиот народ во текот на 2007 година?
21 Затоа, сосема е на место што за 2007 година е избран годишниот стих: „Близу е големиот ден на Јехова“. Божјиот народ е уверен дека тој ден е ‚близу и доаѓа многу брзо‘ (Софонија 1:14). „Нема да задоцни“ (Авакум 2:3). Затоа, додека го чекаме, треба секогаш да бидеме свесни за тоа во кое време живееме, сфаќајќи дека конечното исполнување на овие пророштва е многу близу!
Можеш ли да одговориш?
• Што е „големиот ден на Јехова“?
• Зошто многу луѓе замижуваат пред фактот дека живееме во време кога се бара итно да се дејствува?
• Зошто христијаните во првиот век требало да дејствуваат со чувство на итност?
• Како можеме да го зголемиме кај себе чувството на итност?
[Истакната мисла на страница 19]
Годишниот стих за 2007 гласи: „Близу е големиот ден на Јехова“ (Софонија 1:14).
[Слики на страници 16 и 17]
Исто како во деновите на Ное, потсмевачите ќе бидат фатени на препад кога Јехова ќе почне да дејствува
[Слика на страница 18]
Христијаните морале веднаш да реагираат кога виделе дека Ерусалим е „опколен од улогорени војски“