Секој ќе седи под својата смоква
СЕНКАТА е нешто што тешко се наоѓа за време на жешките лета во земјите на Блискиот Исток. Секое дрво што нуди заштита од сончевите зраци е добредојдено, особено кога расте близу домот. Со своите големи, широки лисја и раширени гранки, дрвото на смоквата дава подобра сенка од речиси секое друго дрво во регионот.
Според книгата Plants of the Bible (Билките во Библијата), „се вели дека сенката [од дрвото на смоквата] освежува повеќе и е постудена отколку сенката на шатор“. Смоквините дрва што растеле на меѓите на лозјата во древниот Израел им нуделе на работниците на полето идеално место за краток одмор.
На крајот на еден долг, жежок ден, членовите на семејството можеле да си седнат под својата смоква и да уживаат во пријатното дружење. Освен тоа, смоквата му се оддолжувала на својот сопственик со изобилство хранливи плодови. Затоа, од времето на цар Соломон, да седиш под својата смоква значело мир, напредок и изобилство (1. Цареви 4:24, 25).
Со векови пред тоа, пророкот Мојсеј ја опишал Ветената земја како „земја на смокви“ (Второзаконие 8:8). Дванаесетте шпиони дале доказ за плодноста на земјата така што во израелскиот логор донеле смокви и други плодови (Броеви 13:21—23). Во 19-ти век, еден патувач низ библиските земји известил дека дрвото на смоквата е најраспространетото дрво таму. Не е ни чудо што Писмото често спомнува смокви и смоквини дрва!
Дрво со двојна берба
Смоквата се приспособува на повеќето почви, а нејзиниот широк систем на корења ѝ овозможува да ги издржи долгите, сушни лета на Блискиот Исток. Дрвото е необично затоа што дава берба од рани смокви во јуни и главна берба, обично од август натаму (Исаија 28:4). Израелците обично ги јаделе смоквите од раната берба како свежо овошје. Смоквите од втората берба ги сушеле за да ги користат во текот на целата година. Сувите смокви можеле да се згмечат за да се направат колачиња во кои понекогаш се додавале бадеми. Овие колачиња биле практични, хранливи и вкусни.
Разборитата жена Авигеја му дала на Давид 200 колачиња од гмечени смокви, сигурно сметајќи дека тоа би била идеална храна за бегалци (1. Самоил 25:18, 27). Гмечените смокви се користеле и како лек. Облога од гмечени, суви смокви била ставена врз чирот што му го загрозил животот на цар Езекија, меѓутоа, тоа што подоцна оздравел главно се должело на божествена интервенцијаa (2. Цареви 20:4—7).
Во древни времиња, сувите смокви биле многу ценети во средоземноморскиот регион. Државникот Като замавнал со смоква за да го убеди Римскиот сенат да ја започне Третата пунска војна против Картагина. Најдобрите суви смокви во Рим доаѓале од Кариа во Мала Азија. Оттука, карика станало латинското име за суви смокви. Во истиот тој регион во денешна Турција сѐ уште се произведуваат суви смокви со одличен квалитет.
Израелските земјоделци честопати саделе смоквини дрва на лозјата, но сите дрва што биле неплодни ги сечеле. Добрата почва била премногу ретка за попусто да ја трошат на неплодни дрва. Во илустрацијата на Исус за неплодната смоква, земјоделецот му рекол на лозарот: „Еве има веќе три години како доаѓам да барам плод од оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Па, зошто поради неа и земјата да биде бескорисна?“ (Лука 13:6, 7). Бидејќи во времето на Исус за овошките се плаќал данок, секое неплодно дрво исто така би било непожелен економски товар.
Смоквите имале голема важност во исхраната на Израелците. Според тоа, слаба берба на смокви — што можеби е поврзана со неповолен суд од Јехова — би значела неволја (Осија 2:12; Амос 4:9). Пророкот Авакум рекол: „Макар и да не процвета смоквата, а и да нема плод од лозјата, макар и трудот на маслинката да не успее, и полињата да не донесат храна . . . јас и тогаш ќе се веселам во Господа, ќе се радувам во Бога на моето спасение“ (Хабакук 3:17, 18).
Симбол на една неверна нација
Писмото понекогаш ги користи смоквата или смоквините дрва симболично. На пример, Еремија ги споредил верните изгнаници од Јуда со кошница со добри смокви, раните смокви што обично се јаделе свежи. Меѓутоа, неверните изгнаници биле споредени со расипани смокви што не можеле да се јадат и што морало да се фрлат (Еремија 24:2, 5, 8, 10).
Во својата илустрација за неплодната смоква, Исус ја покажал стрпливоста на Бог со еврејската нација. Како што беше кажано претходно, тој зборувал за некој човек што имал смоква на своето лозје. Дрвото не давало плод три години и сопственикот сакал да го исече. Но лозарот му рекол: „Господару, остави ја уште оваа година, додека скопам околу и ја наѓубрам; па ако во иднина дава плод, добро; а ако не, ќе ја пресечеш“ (Лука 13:8, 9).
Кога Исус ја кажал оваа илустрација, тој веќе три години проповедал, настојувајќи да ги поттикне членовите на еврејската нација да негуваат вера. Исус ја засилил својата активност, „наѓубрувајќи“ ја симболичната смоква — еврејската нација — пружајќи ѝ прилика да даде плод. Меѓутоа, една седмица пред Исус да умре, станало очигледно дека нацијата, општо гледано, го отфрлила Месијата (Матеј 23:37, 38).
Исус уште еднаш ја искористил смоквата да ја илустрира лошата духовна состојба на нацијата. Четири дена пред својата смрт, додека патувал од Витанија кон Ерусалим, видел смоква што имала многу лисја но немала ниеден плод. Бидејќи раните смокви се појавуваат заедно со лисјата — а понекогаш дури и пред лисјата — тоа што дрвото немало плодови покажувало дека е безвредно (Марко 11:13, 14).b
Како што неплодната смоква изгледала здраво така и еврејската нација имала измамлив надворешен изглед. Но, не давала побожни плодови и на крај го отфрлила дури и Синот на Јехова. Исус ја проколнал неплодната смоква и следниот ден учениците забележале дека веќе се исушила. Тоа исушено дрво соодветно го означило претстојното отфрлање на Евреите од Бог како негов избран народ (Марко 11:20, 21).
‚Научете од смоквата‘
Исус исто така ја искористил смоквата за да поучи важна лекција за својата присутност. Тој рекол: „од смоквата како илустрација научете го ова: Штом нејзината млада гранка омекнува и пушта лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе ги видите сите овие работи, знајте дека тој е близу, пред вратите“ (Матеј 24:32, 33). Светлозелените лисја на смоквата се забележителен и непогрешен предвесник на летото. На сличен начин, големото пророштво на Исус запишано во Матеј 24. поглавје, Марко 13. поглавје и Лука 21. поглавје дава јасен доказ за неговата присутност сега во небесна царска моќ (Лука 21:29—31).
Затоа што живееме во толку критично време во историјата, секако сакаме да учиме од смоквата. Ако го правиме тоа и ако останеме духовно будни, ја имаме надежта да го доживееме исполнувањето на величественото ветување: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските“ (Михеј 4:4).
[Фусноти]
a Х. Б. Тристрам, природонаучник што ги посетил библиските земји во средината на 19-ти век, забележал дека локалното население сѐ уште користи облоги од смокви за лекување на чиреви.
b Овој настан се случил близу до селото Витфагија. Неговото име значи „дом на рани смокви“. Ова може да укажува дека таа област била позната по изобилните берби на рани смокви.