Среќни слуги на Јехова
„Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (МАТЕЈ 5:3).
1. Што е вистинска среќа, и што одразува таа?
СРЕЌАТА е скапоценост што Јеховиниот народ ја има. Псалмистот Давид извикал: „Блажен [Среќен, NW] е оној народ кому Господ [Јехова, NW] е Бог!“ (Псалм 144:15). Среќата е чувство на длабоко задоволство. Најдлабокото чувство на среќа — која достигнува до длабочините на нашето битие — доаѓа од тоа што сме свесни дека сме благословени од Јехова (Пословици 10:22). Таквата среќа одразува близок однос со нашиот небесен Татко и спознание дека ја вршиме неговата волја (Псалм 112:1; 119:1, 2). Интересно, Исус навел девет причини поради кои можеме да се сметаме за среќни. Тоа што во оваа и во следната статија ќе ги испитаме овие причини за среќа, или блаженство, ќе ни помогне да сфатиме колку можеме да бидеме среќни ако верно му служиме на „среќниот Бог“, Јехова (1. Тимотеј 1:11).
Свесни за нашите духовни потреби
2. Во која прилика Исус зборувал за среќата, и која е неговата уводна изјава?
2 Во 31 н.е., Исус изнел еден од најпознатите говори на сите времиња. Тој говор е наречен Проповед на гората зашто Исус го одржал на една планинска падина што гледала накај Галилејското Море. Евангелието на Матеј раскажува: „Кога [Исус] ги виде мноштвата, се качи на планината; и, откако седна, му пристапија неговите ученици; а тој ја отвори устата и почна да ги поучува, велејќи: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби, бидејќи ним им припаѓа небесното царство“. Кога ќе се преведат буквално, зборовите на Исус гласат: „Блажени [Среќни] се бедните во дух“ (Матеј 5:1—3, ДХК). Преводот Радосна вест гласи: „Благословени [Среќни] се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни“.
3. На кој начин понизната природа придонесува да бидеме среќни?
3 Во оваа проповед што ја одржал на гората, Исус истакнал дека еден човек е многу посреќен кога е свесен дека има духовни потреби. Понизните христијани, потполно свесни за својата грешна состојба, го преколнуваат Јехова да им прости на темел на Исусовата откупна жртва (1. Јованово 1:9). На тој начин наоѓаат душевен мир и вистинска среќа. „Блажен [Среќен, NW] е оној чие беззаконие е простено, чии гревови се покриени“ (Псалм 32:1; 119:165).
4. а) На кои начини можеме да покажеме дека сме свесни за нашите духовни потреби и за духовните потреби на другите? б) Што ја зголемува нашата среќа кога сме свесни за нашите духовни потреби?
4 Тоа што сме свесни за нашите духовни потреби нѐ поттикнува секојдневно да ја читаме Библијата, да ја црпиме користа од духовната храна што „верниот и разборит роб“ ја дели „во право време“ и редовно да одиме на христијанските состаноци (Матеј 24:45; Псалм 1:1, 2; 119:111; Евреите 10:25). Љубовта кон ближниот нѐ прави свесни за духовните потреби на другите и нѐ тера да бидеме ревносни во проповедањето и поучувањето за добрата вест за Царството (Марко 13:10; Римјаните 1:14—16). Споделувањето на библиските вистини со другите ни донесува среќа (Дела 20:20, 35). Нашата среќа уште повеќе се зголемува кога размислуваме за прекрасната надеж за Царството и за благословите што ќе ги донесе тоа Царство. За ‚малото стадо‘ од помазани христијани, надежта за Царството значи бесмртен живот на небото како дел од Христовата царска влада (Лука 12:32; 1. Коринќаните 15:50, 54). За ‚другите овци‘, таа значи вечен живот на рајска Земја под таа царска влада (Јован 10:16; Псалм 37:11; Матеј 25:34, 46).
Како можат да бидат среќни оние што тагуваат
5. а) Што се мисли со изразот „оние кои тагуваат“? б) Како се утешени тие што тагуваат на таков начин?
5 Зборовите од следната причина за среќа што Исус ја спомнал изгледаат противречни. Тој рекол: „Среќни се оние кои тагуваат, бидејќи ќе бидат утешени“ (Матеј 5:4). Како може некој во исто време да тагува и да биде среќен? За да го разбереме значењето на оваа изјава на Исус, треба да разгледаме за какво тагување зборува тој. Ученикот Јаков објаснува дека нашата грешна состојба треба да биде причина за тагување. Тој напишал: „Исчистете ги рацете, грешници, и прочистете ги срцата, неодлучни. Јадосувајте се и тажете и плачете. Вашата смеа нека се претвори во тага и вашата радост во потиштеност. Понизете се во очите на Јехова, и тој ќе ве возвиши“ (Јаков 4:8—10). Оние што вистински се разжалостени поради нивната грешна состојба се утешени кога дознаваат дека гревовите можат да им бидат простени ако практикуваат вера во Христовата откупна жртва и ако покажат вистинско каење така што ќе ја вршат Јеховината волја (Јован 3:16; 2. Коринќаните 7:9, 10). На тој начин можат да имаат скапоцен однос со Јехова и надеж вечно да му служат и да го фалат. Ова им причинува длабоко чувство на внатрешна среќа (Римјаните 4:7, 8).
6. Во која смисла тагуваат некои, и како се утешени?
6 Изјавата на Исус ги опфаќа и оние што тагуваат поради одвратните услови што преовладуваат на Земјата. Исус го применил на себе пророштвото од Исаија 61:1, 2, каде што се вели: „Духот на Господа Бога е на Мене, зашто Господ Ме помаза, Ме испрати да им донесам Радосна Вест на бедните, да ги излечам скршените срца . . . [да ги утешам оние што тагуваат, ПСП]“. Овој налог се однесува и на помазаните христијани што сѐ уште се на Земјата а кои го извршуваат со помош од нивните придружници, ‚другите овци‘. Сите учествуваат во делото на симболично обележување на челата на „сите што тажат и плачат заради гнасостите што се прават во него [отпадничкиот Ерусалим што го претставува христијанството]“ (Езекиел 9:4). Таквите лица што тажат се утешени од ‚добрата вест за Царството‘ (Матеј 24:14). Тие се среќни што знаат дека Сатановиот злобен систем на работи наскоро ќе биде заменет со Јеховниот праведен нов свет.
Среќни се оние со благ нарав
7. Што не значи изразот „со благ нарав“?
7 Во својата Проповед на гората, Исус понатаму рекол: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Понекогаш се смета дека благиот нарав е знак на слаб карактер. Но, тоа не е вистина. Објаснувајќи го значењето на зборот што е преведен „со благ нарав“, еден изучувач на Библијата напишал: „Главна карактеристика на еден човек што е [со благ нарав] е дека тоа е човек што совршено умее да се контролира. Тоа не е благост што се покажува од кукавичлак, сентиментална наклоност, пасивен однос кон животот. Тоа е контролирана сила“. За себе Исус рекол: „Јас сум со благ нарав и понизен во срце“ (Матеј 11:29). Сепак, Исус бил храбар кога ги бранел праведните начела (Матеј 21:12, 13; 23:13—33).
8. Со што е тесно поврзан благиот нарав, и зошто ни е потребна оваа особина во односите со другите?
8 Значи, благиот нарав е тесно поврзан со самосовладувањето. И навистина, кога ги кажал „плодовите на духот“, апостол Павле ги навел благоста и самосовладувањето едно по друго (Галатите 5:22, 23). Благиот нарав мора да се негува со помошта од светиот дух. Тоа е христијанска особина што придонесува да имаме мир со оние што не се и што се дел од собранието. Павле напишал: „Облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг“ (Колошаните 3:12, 13).
9. а) Зошто благиот нарав не се однесува само на нашите односи со другите луѓе? б) Како „ќе ја наследат земјата“ оние што се со благ нарав?
9 Меѓутоа, благиот нарав не се однесува само на нашите односи со другите луѓе. Со тоа што доброволно се подложуваме на Јеховиниот суверенитет, покажуваме дека сме со благ нарав. Најдобриот пример за ова е Исус Христос, кој додека бил на Земјата покажувал благ нарав и бил потполно подложен на волјата на неговиот Татко (Јован 5:19, 30). Првенствено Исус ја наследува Земјата, зашто тој е наименуваниот Владетел (Псалм 2:6—8; Даниел 7:13, 14). Тој го дели ова наследство со 144.000 „сонаследници“ избрани „од луѓето“ за да „владеат како цареви над земјата“ (Римјаните 8:17; Откровение 5:9, 10; 14:1, 3, 4; Даниел 7:27). Христос и неговите придружни владетели ќе владеат со милиони мажи и жени слични на овци коишто среќно ќе го дочекаат исполнувањето на пророчкиот псалм: „Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11; Матеј 25:33, 34, 46).
Среќни се оние кои гладуваат за праведност
10. Кој е еден начин на којшто можат да бидат наситени оние што „гладуваат и жедуваат за праведност“?
10 Следната причина за среќа што ја навел Исус кога зборувал на таа галилејска планинска падина е: „Среќни се оние кои гладуваат и жедуваат за праведност, бидејќи ќе бидат наситени“ (Матеј 5:6). За христијаните, Јехова е тој што ги поставува мерилата за праведност. Според тоа, оние што гладуваат и жедуваат за праведност всушност гладуваат и жедуваат за водство од Бог. Таквите се потполно свесни дека се грешни и несовршени и копнеат да бидат прифатени од Јехова. Колку се среќни кога дознаваат од Божјата реч дека ако се покаат и побараат прошка на темел на Христовата откупна жртва, Бог ќе ги смета за праведни! (Дела 2:38; 10:43; 13:38, 39; Римјаните 5:19).
11, 12. а) Како постигнуваат праведност помазаните христијани? б) На кој начин е задоволена жедта за праведност на придружниците на помазаните?
11 Исус рекол дека таквите ќе бидат среќни затоа што „ќе бидат задоволени“ (Матеј 5:6, Радосна вест). Помазаните христијани што се повикани да „владеат како цареви“ со Христос на небото се прогласени за „праведни за живот“ (Римјаните 5:1, 9, 16—18). Јехова ги усвојува како духовни синови. Тие стануваат сонаследници со Христос, повикани да станат цареви и свештеници во неговата небесна царска влада (Јован 3:3; 1. Петрово 2:9).
12 Придружниците на помазаните сѐ уште не се прогласени за праведни за живот. Меѓутоа, имаат извесна мера праведност што Јехова им ја припишува поради нивната вера во пролеаната крв на Христос (Јаков 2:22—25; Откровение 7:9, 10). Тие се сметаат за праведни како пријатели на Јехова кои очекуваат избавување во времето на „големата неволја“ (Откровение 7:14). Нивната жед за праведност ќе биде уште повеќе задоволена кога, под ‚новите небеса‘, ќе станат дел од новата земја во која „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13; Псалм 37:29).
Среќни се милосрдните
13, 14. На кои практични начини треба да бидеме милосрдни, и од каква корист ќе ни биде тоа?
13 Продолжувајќи понатаму со својата Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни се милосрдните, бидејќи ќе им биде укажано милосрдие“ (Матеј 5:7). Во правна смисла, се смета дека милосрдието укажува на милост од страна на некој судија што не му ја изрекува на престапникот полната казна што е дозволена со законот. Меѓутоа, во Библијата, оригиналните зборови преведени со „милосрдие“ најчесто се однесуваат на израз на љубезна обѕирност или сожалување што им носи олеснување на оние што се обесправени. Според тоа, оние што се милосрдни покажуваат сочувство. Илустрацијата на Исус за ближниот Самарјанин дава прекрасен пример за човек кој ‚постапил милосрдно‘ со некој што бил во мака (Лука 10:29—37).
14 За да ја доживееме среќата што е резултат на милосрдноста, треба да им правиме добри, љубезни дела на оние на коишто тоа им е потребно (Галатите 6:10). Исус чувствувал сочувство за луѓето што ги видел. „Се сожали над нив, зашто беа како овци без пастир. И почна да ги учи за многу работи“ (Марко 6:34). Исус сфатил дека она што најмногу им треба на луѓето е духовното. И ние можеме да бидеме сочувствителни и милосрдни така што ќе го делиме со другите она што најмногу им треба — ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Исто така, можеме практично да им помогнеме на постарите сохристијани, на вдовиците, на сираците и ‚да им зборуваме утешно на депримираните души“ (1. Солуњаните 5:14; Пословици 12:25; Јаков 1:27). Ова не само што ќе ни донесе среќа туку и милосрдие од Јехова (Дела 20:35; Јаков 2:13).
Со чисто срце и мирољубиви
15. Како можеме да бидеме со чисто срце и мирољубиви?
15 Исус вака ги навел шестата и седмата причина за среќа: „Среќни се оние кои се со чисто срце, бидејќи тие ќе го видат Бог. Среќни се мирољубивите, бидејќи тие ќе бидат наречени ‚Божји синови‘ “ (Матеј 5:8, 9). Чисто не е само она срце што е морално чисто туку и што е духовно неизвалкано и обединето во оддаденоста кон Јехова (1. Летописи 28:9; Псалм 86:11). Зборот од оригиналниот јазик што е преведен со „мирољубив“ буквално значи „миротворец“. Мирољубивите живеат во мир со своите христијански браќа, а колку што зависи од нив, и со своите ближни (Римјаните 12:17—21). Тие ‚бараат мир и тежнеат кон него‘ (1. Петрово 3:11).
16, 17. а) Зошто помазаните се наречени „Божји синови“, и како можат да го „видат Бог“? б) Како можат ‚другите овци‘ да го „видат Бог“? в) Како и кога, во потполна смисла, ‚другите овци‘ ќе станат „Божји синови“?
16 На мирољубивите што се со чисто срце им е дадено ветување дека „ќе бидат наречени ‚Божји синови‘ “ и дека „ќе го видат Бог“. Помазаните христијани се духовно родени и усвоени од Јехова како „синови“ додека сѐ уште се на Земјата (Римјаните 8:14—17). Кога се воскреснати за да бидат со Христос на небото, служат во Јеховината присутност и можат вистински да го видат (1. Јованово 3:1, 2; Откровение 4:9—11).
17 Мирољубивите „други овци“ му служат на Јехова под Добриот Пастир, Христос Исус, кој станува нивен „Вечен Татко“ (Јован 10:14, 16; Исаија 9:6). Оние што успешно ќе го минат последниот испит по Милениумското владеење на Христос, ќе бидат усвоени како земни синови на Јехова и ‚ќе ја имаат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21; Откровение 20:7, 9). Во исчекување на ова, тие му се обраќаат на Јехова како на свој Татко, зашто му ги предале своите животи нему, признавајќи го како свој Животодавец (Исаија 64:8). Како Јов и Мојсеј од старо време, и тие можат да го „видат Бог“ со очите на верата (Јов 42:5; Евреите 11:27). Со ‚очите на своето срце‘ и преку точното спознание за Бог ги согледуваат прекрасните особини на Јехова и се трудат да го имитираат со тоа што ја вршат неговата волја (Ефешаните 1:18; Римјаните 1:19, 20; 3. Јованово 11).
18. Според првите седум причини за среќа што ги навел Исус, кој наоѓа вистинска среќа денес?
18 Видовме дека оние што се свесни за своите духовни потреби, оние што тагуваат, оние со благ нарав и оние што гладуваат и жедуваат за праведност, милосрдните, оние со чисто срце и мирољубивите наоѓаат вистинска среќа во тоа да му служат на Јехова. Сепак, таквите отсекогаш се соочувале со противење, па дури и со прогонство. Дали тоа им ја нарушува среќата? Ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.
За повторување
• Каква среќа доживуваат оние што се свесни за своите духовни потреби?
• На кои начини се утешени оние што тагуваат?
• Како покажуваме благ нарав?
• Зошто да бидеме милосрдни, со чисто срце и мирољубиви?
[Слика на страница 10]
„Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“
[Слики на страница 10]
„Среќни се милосрдните“
[Слика на страница 10]
„Среќни се оние кои гладуваат и жедуваат за праведност“