Станува сѐ поитно да бидеме будни
„Затоа, бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ“ (МАТЕЈ 24:42).
1, 2. Што покажува дека живееме во завршетокот на сегашниов систем на работи?
„ПОВЕЌЕ од сѐ друго, обележје на дваесеттиот век беа војните“, вели авторот Бил Емот. Иако признава дека ниеден период од човечката историја не бил поштеден од војни и насилство, тој додава: „Дваесеттиот век не се разликуваше по тоа дали има или нема војни и насилство туку по нивниот обем. Тоа беше првото столетие во кое имаше конфликт со навистина светски размери . . . И, како да требаше да се нагласи ова, во тоа столетие немаше само еден туку два такви светски конфликта“.
2 Исус Христос претскажал војни во кои ќе се дигне „нација против нација и царство против царство“. Меѓутоа, тие се само еден аспект од ‚знакот на Христовата присутност и на завршетокот на системот на работи‘. Во своето величествено пророштво, Исус спомнал и глад, чуми и земјотреси (Матеј 24:3, 7, 8; Лука 21:6, 7, 10, 11). Во многу погледи таквите неволји станале уште поголеми и потешки. Луѓето станале многу лоши, како што може да се види во нивниот став кон Бог и кон ближниот. Очигледни се моралниот распад и порастот на криминалот и насилството. Луѓето станале љубители на пари наместо љубители на Бог, опседнати со задоволства. Сето ова сведочи дека живееме во „критични времиња“ (2. Тимотеј 3:1—5).
3. Како треба да влијаат врз нас „знаците на времињата“?
3 Како гледаш ти на сѐ полошиот развој на настаните во светот? Мнозина остануваат рамнодушни, па дури и бесчувствителни на вознемирувачките настани што се случуваат во денешно време. Влијателните луѓе во светот и интелектуалците не го согледуваат значењето на „знаците на времињата“. Ниту верските водачи не даваат исправно водство во овој поглед (Матеј 16:1—3). Но, Исус ги опоменал своите следбеници: „Бдејте зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ“ (Матеј 24:42). Овде Исус нѐ охрабрува не само да бидеме будни туку и ‚да бдееме‘. За да бдееме, мораме постојано да бидеме на штрек. За ова е потребно повеќе отколку само да признаеме дека живееме во последните денови и дека времињата се тешки. Мораме да бидеме цврсто убедени дека „крајот на сите работи се приближи“ (1. Петрово 4:7). Само тогаш ќе бидеме будни со чувство на итност. Значи, прашањето за кое мораме да размислуваме е: ‚Што ќе ни помогне да ја зајакнеме нашата увереност дека крајот е близу?‘
4, 5. а) Што ќе го зајакне нашето уверување дека е близу крајот на овој злобен свет, и зошто? б) Која е една сличност помеѓу времето на Ное и присутноста на Синот човечки?
4 Да разгледаме какви услови владееле пред да се случи еден неповторлив настан во човечката историја — големиот Потоп од времето на Ное. Луѓето биле толку лоши што Јехова ‚се натажил‘. Тој изјавил: „Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата“ (Битие 6:6, 7). Токму тоа и го сторил. Повлекувајќи паралела помеѓу тогашното и денешново време, Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37).
5 Логично е да претпоставиме дека Јеховиниот став кон сегашниов свет е ист како и кон претпотопниот свет. Со оглед на тоа што му ставил крај на безбожниот свет во времето на Ное, тој сигурно ќе го уништи и денешниов злобен свет. Тоа што јасно ќе ги разбереме паралелите помеѓу тогашното и нашево време треба да ја зајакне нашата увереност дека е близу крајот на сегашниов систем. Значи, кои се сличностите? Има најмалку пет. Првата е тоа што е дадено многу јасно предупредување за претстојното уништување.
Предупредени на ‚она што уште не се гледа‘
6. Што решил да направи Јехова во времето на Ное?
6 Во времето на Ное, Јехова изјавил: „Мојот дух нема да дејствува на човекот до недогледно време зашто тој е само тело. Затоа неговите денови нека бидат уште сто и дваесет години“ (Битие 6:3, NW). Со оваа изјава, која Бог ја дал во 2490 пр.н.е., бил означен почетокот на крајот на тој безбожен свет. Помисли само што значело ова за оние што живееле во тоа време! Останувале уште само 120 години до времето кога Јехова ќе донел „потоп — води на земјата — за да загине секое суштество под небото, сѐ во што има животен дух“ (Битие 6:17).
7. а) Како реагирал Ное на предупредувањето дека ќе има Потоп? б) Како треба да реагираме на предупредувањата дека ќе дојде крајот на овој систем?
7 Ное го добил предупредувањето за претстојната катастрофа со децении однапред и мудро го искористил времето за да се подготви за преживување. „Откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше“, вели апостол Павле, „[Ное] покажа побожен страв и изгради арка за спасение на своето домаќинство“ (Евреите 11:7). Како стојат работите со нас? Поминаа околу 90 години откако во 1914 започнаа последните денови на овој систем на работи. Сигурно е дека живееме во „времето на свршетокот“ (Даниел 12:4). Како треба да реагираме на предупредувањата што ни се дадени? „Оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“, стои во Библијата (1. Јованово 2:17). Затоа, сега е време да ја извршуваме Јеховината волја со засилено чувство на итност.
8, 9. Какви предупредувања дава Јехова во денешно време, и како се објавуваат тие?
8 Во денешно време, оние што искрено ја проучуваат Библијата дознале од инспирираното Писмо дека овој систем е осуден на уништување. Дали веруваме во ова? Забележи ја јасната изјава на Исус Христос: „Ќе биде голема неволја каква што не се случила од почетокот на светот па досега, не, ниту повеќе ќе се случи“ (Матеј 24:21). Исто така, Исус рекол дека ќе дојде како Божји наименуван Судија и дека ќе ги одвои луѓето како што пастир ги одвојува овците од јарците. Оние што ќе бидат најдени недостојни „ќе отидат во вечно отсечување, а праведниците во вечен живот“ (Матеј 25:31—33, 46).
9 Јехова му помага на својот народ постојано да ги има во мислите овие предупредувања давајќи му навремени потсетувања преку духовната храна што ја обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47). Освен тоа, секоја нација, племе, јазик и народ се повикани ‚да се плашат од Бог и да му оддадат слава, зашто дошол часот на неговиот суд‘ (Откровение 14:6, 7). Составен дел од пораката за Царството што Јеховините сведоци ја проповедаат во целиот свет е предупредувањето дека Божјето Царство наскоро ќе го отстрани човечкото владетелство (Даниел 2:44). Ова предупредување не треба да се сфати површно. Семоќниот Бог секогаш го одржува своето ветување (Исаија 55:10, 11). Така било во времето на Ное — така ќе биде и во нашево време (2. Петрово 3:3—7).
Сексуалната изопаченост зема замав
10. Што може да се рече за сексуалната изопаченост во времето на Ное?
10 Нашево време е слично на времето на Ное и во еден друг поглед. Јехова им заповедал на првите маж и жена ‚да ја наполнат земјата‘ со луѓе, користејќи ја сексуалната способност што им ја дал Бог на еден чесен начин, во рамките на брачното уредување (Битие 1:28). Во времето на Ное, непослушните ангели го извалкале човештвото со неприроден секс. Тие слегувале на земјата, се материјализирале и живееле со убавите жени, добивајќи потомци што биле половина човек, половина демон — Нефили (Битие 6:2, 4). Гревот на овие похотливи ангели е спореден со перверзиите што се правеле во Содом и Гомора (Јуда 6, 7). Значи, во тоа време сексуалната изопаченост била многу раширена.
11. Која морална клима го прави нашево време слично на времето на Ное?
11 Каква е моралната клима денес? Во овие последни денови, животот на многу луѓе се врти околу сексот. Павле сликовито ги опишува таквите како лица што „изгубиле секакво морално чувство“; многу луѓе се оддале на „распуштено однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“ (Ефешаните 4:19). Порнографијата, предбрачниот секс, сексуалната злоупотреба на деца и хомосексуалноста се вообичаени. Некои веќе ‚примаат на себе полна плата‘ во облик на сексуално преносливи болести, распад на семејството и други социјални проблеми (Римјаните 1:26, 27).
12. Зошто треба да развиваме омраза кон она што е лошо?
12 Во времето на Ное, Јехова го пуштил големиот Потоп и ставил крај на тој свет што бил луд по секс. Никогаш не смееме да го изгубиме од вид фактот дека нашево време навистина е сосема исто како времето на Ное. Претстојната „голема неволја“ ќе ја исчисти земјата од ‚блудници, прељубници, мажи кои се држат за неприродни намени и мажи кои лежат со мажи‘ (Матеј 24:21; 1. Коринќаните 6:9, 10; Откровение 21:8). Колку само е итно да развиваме омраза кон она што е лошо и да бегаме од околности што би можеле да водат до неморал! (Псалм 97:10; 1. Коринќаните 6:18).
Земјата станува ‚полна со насилство‘
13. Зошто во времето на Ное земјата била ‚полна со насилство‘?
13 Посочувајќи уште една карактеристика на Ноевото време, Библијата наведува: „Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства“ (Битие 6:11). Всушност, насилството не било ништо ново. Каин, синот на Адам, го убил својот праведен брат (Битие 4:8). Одразувајќи го насилничкиот дух од своето време, Ламех составил една песна со која се фалел дека убил некој млад човек, наводно во самоодбрана (Битие 4:23, 24). Она што било ново во времето на Ное бил степенот на насилството. Кога непослушните ангелски синови на Бог почнале да се женат со жените на земјата и да имаат потомство — Нефили — насилството се зголемило до дотогаш невидени размери. Преводот Нов свет покажува дека оригиналниот еврејски збор со кој се означуваат овие насилнички џинови бил „Соборувачи“ — „оние што ги туркаат другите да паднат“ (Битие 6:4). Како резултат на тоа, земјата била ‚полна со насилство‘ (Битие 6:13). Замисли си само со какви проблеми мора да се соочувал Ное додека го подигал своето семејство во една таква средина! Сепак, Ное се покажал ‚праведен пред Јехова во тоа време‘ (Битие 7:1).
14. На кој начин светот денес станал ‚полн со насилство‘?
14 Насилството го измачува човештвото со векови. Но, како што било случај во времето на Ное, и нашево време е сведок на насилство во невидени размери. Редовно слушаме за насилство во домот, терористички акции, геноцид и масовни убиства што ги извршуваат вооружени луѓе без да имаат некој очигледен мотив. На сево ова додај го и крвопролевањето во војните. Земјата повторно се исполнила со насилство. Зошто? Што придонело за порастот на насилството? Одговорот ни открива уште една сличност со времето на Ное.
15. а) Што придонело да се зголеми насилството во последните денови? б) Во каков исход можеме да бидеме уверени?
15 Кога во 1914 било воспоставено Божјето месијанско Царство на небото, устоличениот цар, Исус Христос, презел една акција од историско значење. Сатана Ѓаволот и неговите демони биле исфрлени од небото во близина на земјата (Откровение 12:9—12). Пред Потопот, непослушните ангели по своја волја ја напуштиле својата небесна положба; меѓутоа, во денешно време тие се истерани со сила. Освен тоа, сега ја немаат способноста да се материјализираат на земјата за да уживаат во недозволени телесни задоволства. Затоа, чувствувајќи фрустрација, гнев и страв од претстојниот суд, тие влијаат врз луѓето и организациите наведувајќи ги да извршуваат нечовечни злосторства и насилства уште поголеми од тие во времето на Ное. Јехова го збришал претпотопниот свет откако непослушните ангели и нивните потомци го исполниле тој свет со злоба. Нема никакво сомневање, тој ќе го стори истото и во денешно време! (Псалм 37:10). Меѓутоа, оние што остануваат будни денес, знаат дека нивното избавување е близу.
Се проповеда пораката
16, 17. Која е четвртата сличност помеѓу времето на Ное и нашево време?
16 Четвртата сличност помеѓу денешново време и претпотопниот свет се гледа во делото што Ное добил налог да го извршува. Ное изградил една огромна арка. Тој бил и ‚проповедник‘ (2. Петрово 2:5). Каква порака проповедал? Во она што го проповедал Ное очигледно бил вклучен повик за покајание, како и предупредување за претстојното уништување. Исус рекол дека луѓето од времето на Ное ‚не обрнале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (Матеј 24:38, 39).
17 Слично, додека Јеховините сведоци трудољубиво го извршуваат својот налог да проповедаат, пораката за Божјето Царство се објавува низ целиот свет. Во речиси секој дел од Земјината топка, луѓето можат да ја чујат и да ја читаат пораката за Царството на својот јазик. Списанието Стражарска кула, кое го објавува Јеховиното Царство, има тираж од преку 25.000.000 примероци и се печати на повеќе од 140 јазици. Навистина, добрата вест за Божјето Царство се проповеда „по целата населена земја за сведоштво на сите нации“. Кога тоа дело ќе биде завршено до обем кога Бог ќе биде задоволен, сигурно ќе дојде крајот (Матеј 24:14).
18. Во кој поглед начинот на кој реагираат многу луѓе на нашата проповедничка активност е сличен на начинот на кој реагирале повеќето луѓе во времето на Ное?
18 Со оглед на духовната и моралната расипаност во времето пред Потопот, не е тешко да си замислиме дека семејството на Ное станало предмет на исмејување на соседите што не им верувале и предмет на навреди и потсмев. Но, крајот сепак дошол. Слично, во овие последни денови има многу ‚потсмевачи што се потсмеваат‘. „Но Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“, стои во Библијата (2. Петрово 3:3, 4, 10). Тој ќе дојде во одреденото време. Нема да задоцни (Хабакук 2:3). Колку е само мудро да бдееме!
Преживуваат само малкумина
19, 20. Каква паралела можеме да направиме помеѓу Потопот и уништувањето на сегашниов систем на работи?
19 Паралелата помеѓу времето на Ное и нашево време не завршува со злобата на луѓето и нивното уништување. Исто како што имало преживеани од Потопот, така ќе има некои што ќе го преживеат крајот на сегашниов систем на работи. Преживеаните од Потопот биле кротки луѓе што не живееле како другите. Тие обрнале внимание на Божјето предупредување и се држеле одвоени од злобниот свет од тоа време. „Ное најде благодат во Господовите очи“, вели Библијата. „Ное беше праведен и непорочен човек во свое време“ (Битие 6:8, 9). Од целото човештво, само едно семејство, „неколкумина, односно осум души, безбедно беа пренесени преку водата“ (1. Петрово 3:20). Ним Јехова Бог им дал заповед, велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата“ (Битие 9:1).
20 Божјата реч нѐ уверува дека едно „големо мноштво“ ќе ‚дојде од големата неволја‘ (Откровение 7:9, 14). Колку луѓе ќе има во тоа големо мноштво? Самиот Исус рекол: „Тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние кои го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Во споредба со милијардите луѓе што живеат на земјата сега, преживеаните во претстојната голема неволја ќе бидат малку. Но, сосема веројатно ќе имаат предност слична на онаа што им била дадена на преживеаните во Потопот. Преживеаните можеби извесно време ќе можат да имаат потомци како дел од новото општество на земјата (Исаија 65:23).
„Бдејте“
21, 22. а) Како ти користеше ова разгледување на извештајот за Потопот? б) Кој е годишниот стих за 2004, и зошто треба да обрнеме внимание на советот што го дава тој?
21 Иако од денешна гледна точка можеби се чини дека Потопот се случил многу одамна, тој дава јасно предупредување што не смееме да го игнорираме (Римјаните 15:4). Сличностите помеѓу времето на Ное и нашево време треба да нѐ направат уште посвесни за значењето на она што се случува и да нѐ предупредат на Исусовото доаѓање како крадец за да изврши суд врз злобните.
22 Денес Исус Христос управува со едно огромно дело на духовна изградба. За да можат вистинските обожаватели да бидат безбедни и за да преживеат, постои еден духовен рај сличен на арка (2. Коринќаните 12:3, 4). За да останеме во живот во текот на големата неволја, мораме да останеме во тој рај. Надвор од подрачјето на духовниот рај е Сатановиот свет, кој е спремен да го проголта секого што духовно задремал. Неопходно е ‚да бдееме‘ и да се покажеме подготвени за Јеховиниот ден (Матеј 24:42, 44).
Дали се сеќаваш?
• Каква опомена дал Исус во врска со своето доаѓање?
• Со што го споредил Исус времето на својата присутност?
• Во кој поглед нашите времиња се слични на времето на Ное?
• Како треба да влијае врз нашето чувство на итност размислувањето за сличностите помеѓу времето на Ное и нашево време?
[Истакната мисла на страница 18]
Годишниот стих за 2004 ќе гласи: „Бдејте . . . Покажете се подготвени“ (Матеј 24:42, 44).
[Слика на страница 15]
Ное послушал едно предупредување што го дал Бог. Дали и ние реагираме слично?
[Слики на страници 16 и 17]
„Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки“