Верниот управител и неговото Водечко тело
„Кој е, всушност, верниот и разборит управител кого неговиот господар ќе го постави над своите слуги за да им ја дава храната во право време?“ (ЛУКА 12:42)
1, 2. Кое важно прашање го поставил Исус кога го кажал знакот за последните денови?
КОГА го кажал знакот за последните денови, Исус го поставил прашањето: „Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време?“ Потоа рекол дека овој роб ќе биде награден за својата верност така што ќе биде поставен над целиот имот на Господарот (Мат. 24:45-47).
2 Неколку месеци пред тоа, Исус поставил едно слично прашање. (Прочитај Лука 12:42-44.) Во таа прилика, робот го нарекол „управител“. Управителот има задача да ги надгледува работите во едно домаќинство и е поставен над другите слуги. Но, и самиот управител е слуга. Кој е овој роб, или управител, и на кој начин дава „храна во вистинско време“? Многу е важно да знаеме преку кого ја добиваме духовната храна.
3. а) Како изучувачите на христијанските религии се обидуваат да го објаснат она што го рекол Исус во врска со ‚робот‘? б) Кој е ‚управителот‘, односно ‚робот‘, а кои се ‚слугите‘?
3 Изучувачите на христијанските религии обично сметаат дека овие зборови на Исус се однесуваат на оние што имаат одговорни положби во христијанските цркви. Но, Исус, кој во споредбата е претставен со Господарот, не рекол дека ќе има многу робови распрснати во различни секти на христијанскиот свет. Тој јасно кажал дека ќе има само еден „управител“, или „роб“, кого ќе го постави над целиот свој имот. Како што многупати досега било објаснето во ова списание, управителот го претставува ‚малото стадо‘ од помазани ученици како група. Според контекстот во евангелието според Лука, Исус се осврнал само на оваа група (Лука 12:32). Изразот „слуги“, пак, се однесува на истата оваа група, но ја нагласува нивната улога како поединци. Меѓутоа, се поставува едно интересно прашање: Дали секој член на оваа група учествува во подготвувањето на духовната храна во право време? Одговорот ќе го добиеме ако внимателно разгледаме што вели Библијата.
Јеховиниот слуга во минатото
4. Како го нарекол Јехова својот древен народ Израел, и што е важно да забележиме во врска со тој народ?
4 За својот народ, древниот Израел, Јехова зборувал како за свој слуга. „,Вие [множина] сте мои сведоци [множина]‘, вели Јехова, ‚и мој слуга [еднина] кого го избрав‘“ (Иса. 43:10). Сите припадници на народот го сочинувале тој слуга. Меѓутоа, важно е да се забележи дека само свештениците и несвештеничките левити имале одговорност да го поучуваат народот (2. Лет. 35:3; Мал. 2:7).
5. Според Исус, до каква голема промена требало да дојде?
5 Дали израелскиот народ бил робот за кого зборувал Исус? Не. Ова го знаеме од зборовите што Исус им ги кажал на Евреите во негово време: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Мат. 21:43). Очигледно, требало да дојде до промена. Јехова ќе користел еден нов народ. Но, што се однесува до начинот на кој треба да се дава духовна поука, робот од споредбата на Исус го прави тоа слично како што го правел Божјиот „слуга“ во древниот Израел.
Се појавува верниот роб
6. Кој нов народ почнал да постои на Педесетница 33 год. од н.е., и кој го сочинувал?
6 Новиот народ, „Израелот Божји“, се состои од духовни Израелци (Гал. 6:16; Рим. 2:28, 29; 9:6). Овој народ почнал да постои кога бил излеан Божјиот дух на Педесетница 33 год. од н.е. После тоа, сите христијани помазани со дух станале дел од народот кој почнал да служи како роб поставен од Господарот, Исус Христос. Секој член на тој народ добил налог да ја проповеда добрата вест и да прави ученици (Мат. 28:19, 20). Но, дали секој член на таа група требало да биде вклучен во обезбедувањето духовна храна во право време? Да видиме каков одговор дава Библијата на ова прашање.
7. Во почетокот, која била главната задача на апостолите, и какви други одговорности добиле подоцна?
7 Исус ги избрал своите 12 апостоли со една многу важна намера — да ги испраќа за да им ја проповедаат добрата вест на другите. (Прочитај Марко 3:13-15.) Ова било главната задача на апостолите. Таа била во склад со основното значење на грчкиот збор апостолос, кој е изведен од еден глагол што значи „испраќа“. Но, како што минувало времето и на повидок било основањето на христијанското собрание, нивната задача вклучувала и нешто друго — „надгледничка служба“ (Дела 1:20-26).
8, 9. а) Кој бил првенствено одговорен за делењето на духовната храна? б) Кој друг добил дополнителни одговорности, како што потврдило и водечкото тело?
8 Кој бил првенствено одговорен за делењето на духовната храна? Одговорот го дознаваме од настаните што следеле по Педесетница. Кога дошло до препирка околу секојдневното делење храна на вдовиците, 12-те апостоли ги собрале учениците и им рекле: „Не е право да ја оставиме Божјата реч за да делиме храна“. (Прочитај Дела 6:1-6.) Тогаш апостолите поставиле други духовно оспособени браќа да се погрижат за таа „потребна работа“. Така, апостолите можеле да се посветат на „поучувањето за речта Божја“. Како резултат на тоа, Јехова дал благослов со тоа што ‚Божјата реч сѐ повеќе растела и бројот на учениците во Ерусалим многу се умножувал‘ (Дела 6:7). Значи, делењето на духовната храна било одговорност првенствено на апостолите (Дела 2:42).
9 Подоцна, и на други им биле доверени поголеми одговорности. Собранието во Антиохија, под водство од светиот дух, ги испратило Павле и Варнава како мисионери. И тие двајцата станале познати како апостоли, иако не биле меѓу првите 12-мина (Дела 13:1-3; 14:14; Гал. 1:19). Подоцна, нивното именување го потврдило и водечкото тело во Ерусалим (Гал. 2:7-10). Набрзо потоа, и Павле почнал да учествува во делењето на духовната храна — го напишал своето прво вдахновено писмо.
10. Дали во првиот век сите помазани христијани учествувале во подготвувањето на духовната храна? Објасни.
10 Но, дали сите помазани христијани имале задача да го надгледуваат проповедањето и подготвувањето на духовната храна? Не. Апостол Павле ни кажува: „Зарем сите се апостоли? Зарем сите се пророци? Зарем сите се учители? Зарем сите прават моќни дела?“ (1. Кор. 12:29). Иако сите помазани христијани биле вклучени во проповедањето, само малкумина од нив — односно осум мажи — биле вклучени во пишувањето на 27-те книги од Христијанските грчки списи.
Верниот роб во современа доба
11. Што е ‚имотот‘ над кој е поставен робот?
11 Зборовите на Исус запишани во Матеј 24:45 јасно покажуваат дека и во времето на крајот на Земјата ќе има еден верен и разборит роб. Во Откровение 12:17, оние што го сочинуваат верниот роб се наречени „преостанатите“ од потомците на жената. Како група, овој остаток е поставен над целиот Христов имот овде на Земјата. Овој „имот“ над кој е поставен верниот управител се состои од сите работи на Земјата што му припаѓаат на Господарот, во кои спаѓаат земните поданици на Царството, како и објектите и средствата што се користат за да се проповеда добрата вест.
12, 13. Од каде знае еден христијанин дека има небесен позив?
12 Од каде знае некој христијанин дека има небесна надеж и дека припаѓа на овој остаток од духовни Израелци? Одговорот го наоѓаме во зборовите што апостол Павле им ги упатил на оние што, исто како него, имале небесна надеж: „Сите што се водени од Божјиот дух се синови Божји. И вие не примивте дух на ропството, за повторно да се плашите, туку примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ‚Ава, Татко!‘ Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји. А ако сме деца, тогаш сме и наследници — наследници Божји, а сонаследници Христови, ако страдаме заедно со него, заедно со него да бидеме и прославени“ (Рим. 8:14-17).
13 Едноставно кажано, овие поединци се помазани со Божјиот свет дух и добиваат небесен „позив“ (Евр. 3:1). Таквиот позив го добиваат од Бог. Тие, пак, веднаш и без никаков сомнеж или страв прифаќаат дека се родени како Божји синови. (Прочитај 1. Јованово 2:20, 21.) Значи, тие не избираат самите каква надеж ќе имаат, туку Јехова го става врз нив својот печат, односно свет дух (2. Кор. 1:21, 22; 1. Пет. 1:3, 4).
Исправно гледиште
14. Како гледаат помазаниците на својот позив?
14 Како треба помазаниците да гледаат на себе додека ја чекаат својата небесна награда? Тие сфаќаат дека, иако добиле прекрасен позив, засега тоа е само позив. Мора да останат верни до смрт за да ја добијат наградата. Тие понизно се сложуваат со Павле, кој рекол: „Браќа, јас не сметам дека веќе сум го освоил тоа. Но едно правам: го заборавам она што е зад мене и се трудам да го дофатам она што е пред мене, итам кон целта, кон наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус“ (Фил. 3:13, 14). Помазаниците мораат со сите сили да се трудат ‚да водат живот достоен на позивот со кој се повикани, со сета понизност‘ и „со страв и трепет“ (Еф. 4:1, 2; Фил. 2:12; 1. Сол. 2:12).
15. Како треба христијаните да гледаат на оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста, и како гледаат на себе самите помазаници?
15 Од друга страна, како треба другите христијани да гледаат на некој што вели дека добил помазание и почнува да зема од симболите на Спомен-свеченоста? Никој не треба да му суди на таквиот. Таа работа е меѓу него и Јехова (Рим. 14:12). Меѓутоа, христијаните кои навистина се помазани не бараат другите да им укажуваат некаква посебна чест. Тие не сметаат дека поради тоа што се помазани ги разбираат работите подобро од некои искусни припадници на ‚големото мноштво‘ (Отк. 7:9). Не сметаат ни дека, само затоа што се помазаници, добиваат повеќе свет дух отколку нивните придружници од ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Не очекуваат посебен третман, ниту тврдат дека, затоа што земаат од симболите, тие се над поставените старешини во собранието.
16-18. а) Дали сите помазаници се вклучени во откривањето на нови духовни вистини? Објасни со пример. б) Зошто нема потреба Водечкото тело да се консултира со сите што земаат од симболите?
16 Дали сите овие помазаници што живеат насекаде во светот постојано се во контакт и на некој начин се вклучени во откривањето на нови духовни вистини? Не. Иако како група робот е одговорен да го храни Христовото „домаќинство“ составено од помазаници, секој поединец од оваа група нема исти одговорности и задолженија. (Прочитај 1. Коринќаните 12:14-18.) Како што веќе беше спомнато, во првиот век секој од нив учествувал во делото на проповедање. Но, само многу мал број од нив напишале библиски книги и го надгледувале христијанското собрание.
17 Да го објасниме ова со еден пример: Во Библијата понекогаш се зборува дека „собранието“ презема конкретни мерки за да се решат некои правни работи (Мат. 18:17). Но, само старешините, како претставници на собранието, ги преземаат тие мерки. Пред да донесат некоја одлука, старешините не одат кај секого во собранието за да го прашаат што мисли. Тие си ја вршат задачата што им е доделена и дејствуваат во името на целото собрание.
18 Слично на тоа, денес само мал број помазаници имаат одговорност да го претставуваат робот. Тие го сочинуваат Водечкото тело на Јеховините сведоци. Овие браќа што се помазани со светиот дух ги надгледуваат сите активности поврзани со Царството и обезбедувањето на духовната храна. Но, исто како и во првиот век, Водечкото тело не се консултира со секој член на робот пред да донесе некоја одлука. (Прочитај Дела 16:4, 5.) Сепак, сите помазани Сведоци се активно вклучени во животоважното дело на проповедање што сега е во тек. Како група, „верниот и разборит роб“ е едно тело, но како поединци, тие имаат различни задолженија (1. Кор. 12:19-26).
19, 20. Какво урамнотежено гледиште има големото мноштво за „верниот и разборит роб“ и за неговото Водечко тело?
19 Како треба сево ова да влијае врз сѐ побројното големо мноштво луѓе кои имаат надеж вечно да живеат на Земјата? Како дел од имотот на Царот, тие со задоволство соработуваат со сите одлуки што ќе ги донесе Водечкото тело, кое го претставува „верниот и разборит роб“. Припадниците на големото мноштво ја ценат духовната храна што се подготвува под водство на Водечкото тело. Но, иако го почитуваат робот како група, тие внимаваат да не издигнуваат никого кој вели дека припаѓа на таа група. Ниеден христијанин што навистина е помазан со Божјиот дух не треба да бара или да очекува такво нешто (Дела 10:25, 26; 14:14, 15).
20 Сеедно дали припаѓаме на „слугите“ кои се дел од помазаниот остаток или, пак, сме членови на големото мноштво, да бидеме решени потполно да соработуваме со верниот управител и со неговото Водечко тело. Сите ‚да бдееме‘ и да останеме верни до крај (Мат. 24:13, 42).
Се сеќаваш ли?
• Кој е „верниот и разборит роб“, а кои се слугите?
• Како некој знае дека има небесен позив?
• Кој е првенствено одговорен за подготвувањето на нова духовна храна?
• Како треба да гледа на себе еден помазаник?
[Слика на страница 23]
Денес, Водечкото тело е претставник на верниот и разборит роб. Слично било и во првиот век