,Верниот роб‘ го положува испитот!
„Одреденото време е судот да почне од домот Божји“ (1. ПЕТРОВО 4:17).
1. Што утврдил Исус кога го прегледал ,робот‘?
НА Пентекост 33 н.е., Исус поставил еден „роб“ за да им дава храна во право време на неговите „домашни“. Во 1914, Исус бил устоличен како Цар, и наскоро дошло време да го прегледа тој „роб“. Тој утврдил дека, општо земено, ,робот‘ се покажал „верен и разборит“. Затоа го поставил „над целиот свој имот“ (Матеј 24:45—47). Меѓутоа, имало и еден злобен роб, кој не бил ниту верен ниту разборит.
„Тој зол роб“
2, 3. Од каде се појавил „тој зол роб“, и како настанал тој?
2 Исус го спомнал злобниот роб веднаш откако дискутирал за „верниот и разборит роб“. Тој рекол: „Ако тој зол роб некогаш рече во своето срце: ,Мојот господар доцни‘, па почне да ги тепа своите соробови и да јаде и пие со закоравените пијаници, господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час што не го знае, и ќе го казни со најголема строгост и ќе му го додели неговиот дел со лицемерите. Таму ќе биде неговиот плач и чкртање со заби“ (Матеј 24:48—51). Изразот „тој зол роб“ ни го свртува вниманието на она што претходно го рекол Исус во врска со верниот и разборит роб. Да, оние што го сочинуваат тој „зол роб“ дошле од редовите на верниот роб.a Како?
3 Пред 1914, многу членови на класата на верниот роб имале големи очекувања дека таа година ќе се сретнат со Младоженецот на небото, но нивните очекувања не се исполниле. Како резултат на ова и на други настани, многу од нив се разочарале, а други станале огорчени. Некои од нив почнале да ги ,тепаат‘ со зборови своите поранешни браќа и се здружиле со ,закоравените пијаници‘, верските групи на христијанскиот свет (Исаија 28:1—3; 32:6).
4. Како се справил Исус со ,злиот роб‘ и со сите оние што покажале ист таков дух?
4 Се покажало дека тој „зол роб“ го сочинуваат овие поранешни христијани и Исус ги казнил со „најголема строгост“. Како? Тој ги отфрлил и тие ја изгубиле својата небесна надеж. Меѓутоа, не биле уништени веднаш. Најнапред требало да претрпат еден период на плач и чкртање со заби ,во темнината надвор‘ од христијанското собрание (Матеј 8:12). Од тие рани денови до денес, и некои други помазани поединци покажале сличен лош дух и со тоа се ставиле во категоријата на тој „зол роб“. Некои од ,другите овци‘ покажале иста таква неверност како и тие помазаници (Јован 10:16). Сите такви непријатели на Христос завршуваат во истата духовна ,темнина надвор‘.
5. Како реагирал верниот и разборит роб, за разлика од ,злиот роб‘?
5 Сепак, оние што го сочинувале верниот и разборит роб поминале низ истите испити како и оние од ,злиот роб‘. Меѓутоа, наместо да се огорчат, тие прифатиле да бидат исправени (2. Коринќаните 13:11). Нивната љубов кон Јехова и кон нивните браќа била зајакната. Како резултат на тоа, тие станале „столб и потпора на вистината“ во текот на овие бурни ,последни денови‘ (1. Тимотеј 3:15; 2. Тимотеј 3:1).
Разборити и глупави девици
6. а) На кој начин Исус ја илустрирал разборитоста на класата на верниот роб? б) Каква порака објавувале помазаните христијани пред 1914?
6 Откако зборувал за „тој зол роб“, Исус изнел две параболи за да посочи зошто некои помазани христијани ќе се покажат верни и разборити, а други не.b За да ја илустрира разборитоста, тој рекол: „Тогаш царството на небесата ќе биде како десет девици кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Пет од нив беа глупави, а пет разборити. Зашто глупавите ги зедоа своите светилки, но не зедоа масло со себе, додека разборитите зедоа масло во садовите заедно со своите светилки“ (Матеј 25:1—4). Десетте девици нѐ потсетуваат на помазаните христијани пред 1914. Тие пресметале дека младоженецот, Исус Христос, само што не се појавил. Затоа, тие ,излегле‘ да го пречекаат, смело проповедајќи дека во 1914 ќе завршат „одредените времиња на нациите“ (Лука 21:24).
7. Кога и зошто помазаните христијани, така да се каже, ,заспале‘?
7 Тие биле во право. Одредените времиња на нациите навистина завршиле во 1914, а Божјето Царство под Исус Христос стапило на власт. Но, тоа се случило на невидливите небеса. На земјата, човештвото почнало да го доживува претскажаното „тешко“ (Откровение 12:10, 12). Следело време на испити. Бидејќи помазаните христијани не го разбрале ова јасно, тие мислеле дека ,младоженецот се забавил‘. Збунети и соочени со непријателство од светот, општо земено тие забавиле и речиси престанале со организираното јавно проповедничко дело. Како девиците во параболата, во духовен поглед тие ,задремале и заспале‘, исто како што направиле и неверните таканаречени христијани по смртта на Исусовите апостоли (Матеј 25:5; Откровение 11:7, 8; 12:17).
8. Што водело до повикот: „Еве го младоженецот!“, и што било време да направат помазаните христијани?
8 Потоа, во 1919 се случило нешто неочекувано. Читаме: „Точно на полноќ настана викотница: ,Еве го младоженецот! Излезете да го пречекате‘. Тогаш сите тие девици станаа и ги средија своите светилки“ (Матеј 25:6, 7). Токму тогаш кога сѐ изгледало „најмрачно“, се чул повик за активност! Во 1918, Исус, „гласникот на сојузот“, дошол во Јеховиниот духовен храм за да го провери и прочисти Божјето собрание (Малахија 3:1, NW). Во таа прилика помазаните христијани требало да излезат и да го пресретнат во земните дворови на тој храм. Било време ,да засветлат‘ (Исаија 60:1; Филипјаните 2:14, 15).
9, 10. Зошто некои христијани во 1919 биле „разборити“, а други биле „глупави“?
9 Но, чекај малку! Некои од младите жени спомнати во параболата имале проблем. Исус продолжил: „Глупавите им рекоа на разборитите: ,Дајте ни малку од вашето масло бидејќи нашите светилки само што не се изгаснале‘“ (Матеј 25:8). Без масло, светилките немало да даваат светлина. Според тоа, маслото за светилките нѐ потсетува на Божјата реч на вистината и на неговиот свет дух, кои им овозможуваат на вистинските обожаватели да бидат како светила (Псалм 119:130; Даниел 5:14). Пред 1919, разборитите помазани христијани грижливо настојувале да сфатат која е Божјата волја за нив, и покрај тоа што привремено биле ослабнати во духовен поглед. Затоа, кога се чул повикот да свети нивната светлина, тие биле подготвени (2. Тимотеј 4:2; Евреите 10:24, 25).
10 Меѓутоа, извесни помазаници не биле подготвени да прават жртви или да се даваат себеси — иако искрено сакале да бидат со Младоженецот. Затоа, кога дошло време да се активираат во проповедањето на добрата вест, тие не биле подготвени (Матеј 24:14). Тие дури и се обиделе да ги забават своите ревносни придружници, барајќи, всушност, од нивните резерви масло. Како одговориле разборитите девици од Исусовата парабола? Тие рекле: „Можеби нема да има доволно за нас и за вас. Наместо тоа, појдете кај оние кои го продаваат и купете си“ (Матеј 25:9). Слично на тоа, лојалните помазани христијани во 1919 одбиле да направат нешто што би ја намалило нивната способност да светат. Затоа, тие го положиле испитот.
11. Што се случило со глупавите девици?
11 Исус завршува со зборовите: „Додека [глупавите девици] одеа да купат, стигна младоженецот, и девиците кои беа подготвени влегоа со него на свадбената гозба; и вратата се затвори. Потоа дојдоа и останатите девици, велејќи: ,Господине, господине, отвори ни!‘ Одговарајќи, тој рече: ,Ви ја зборувам вистината — не ве познавам‘“ (Матеј 25:10—12). Да, некои не биле подготвени за пристигнувањето на Младоженецот. Затоа, тие не го положиле испитот и ја пропуштиле приликата да присуствуваат на свадбата на небото. Колку трагично!
Параболата за талантите
12. а) Што употребил Исус за да ја илустрира верноста? б) Кој бил човекот што ,заминал в туѓина‘?
12 Откако ја илустрирал разборитоста, Исус кажал и една илустрација за верноста. Тој рекол: „Тоа е како кога човек, кој се готвеше да отпатува во туѓина, ги повика своите робови и им го довери својот имот. И на еден му даде пет таланти, на друг два, на друг еден, секому според неговата способност, и замина в туѓина“ (Матеј 25:14, 15). Човекот од параболата е самиот Исус, кој ,заминал в туѓина‘ кога се вознел на небото во 33 н.е. Но, пред да се вознесе, Исус им го доверил „својот имот“ на своите верни ученици. Како?
13. На кој начин Исус подготвил едно големо поле за активност и како ги овластил своите „робови“ да тргуваат?
13 Во текот на неговата служба на земјата, Исус почнал да подготвува едно големо поле за активност проповедајќи ја добрата вест за Царството низ Израел (Матеј 9:35—38). Пред да ,замине в туѓина‘, тој им го доверил тоа поле на своите верни ученици, велејќи: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:18—20). Со овие зборови, Исус ги овластил своите „робови“ да тргуваат сѐ додека тој не се врати, и тоа да тргуваат ,секој според својата способност‘.
14. Зошто од сите не се очекувало да ,тргуваат‘ подеднакво?
14 Овој израз покажува дека сите христијани од првиот век немале исти околности или способности. Некои од нив, како што биле Павле и Тимотеј, ништо не ги спречувало да имаат најголем можен удел во делото на проповедање и поучување. Други можеби имале околности што многу ја ограничувале нивната слобода на дејствување. На пример, некои христијани биле робови, а други биле болежливи, во поодминати години или, пак, имале семејни одговорности. Се разбира, извесни предности во собранието не биле отворени за сите ученици. Помазаните жени и некои помазани мажи не поучувале во собранието (1. Коринќаните 14:34; 1. Тимотеј 3:1; Јаков 3:1). Сепак, без оглед на нивните околности, сите помазани Христови ученици — и мажи и жени — имале задача да ,тргуваат‘, добро користејќи ги своите можности и околности во христијанската служба. Истото го прават и Христовите ученици во денешно време.
Започнува времето на прегледување!
15, 16. а) Кога дошло време да се средат сметките? б) Кои нови прилики ,да тргуваат‘ им биле дадени на верните слуги?
15 Параболата понатаму продолжува: „После долго време дојде господарот на тие робови и ги среди сметките со нив“ (Матеј 25:19). Во 1914 — што секако е долго време по 33 н.е. — започнала присутноста на Христос Исус како цар. По три и пол години, во 1918, тој дошол во Божјиот духовен храм и ги исполнил зборовите што ги кажал Петар: „Одреденото време е судот да почне од домот Божји“ (1. Петрово 4:17; Малахија 3:1). Дошло време да се средат сметките.
16 Што направиле робовите, т.е. Исусовите помазани браќа, со ,талантите‘ на Царот? Почнувајќи од 33 н.е., вклучувајќи ги и годините непосредно пред 1914, мнозина напорно работеле ,тргувајќи‘ за Исус (Матеј 25:16). Дури и во текот на Првата светска војна, тие покажале силна желба да му служат на Господарот. Затоа, било соодветно на верните слуги да им се дадат нови прилики ,да тргуваат‘. Дошло времето на крајот на овој систем на работи. Добрата вест морала да се проповеда низ целиот свет. Требало да се собере „земната жетва“ (Откровение 14:6, 7, 14—16). Морале да се пронајдат последните членови на класата на житото и да се собере „едно големо мноштво“ од други овци (Откровение 7:9; Матеј 13:24—30).
17. На кој начин верните помазани христијани ,влегле во радоста на својот господар‘?
17 Жетвата е радосен настан (Псалм 126:6). Затоа, сосема се соодветни зборовите што Исус им ги кажал на своите помазани браќа, кога во 1919 им доверил поголема одговорност: „Беше верен над малку. Ќе те поставам над многу. Влези во радоста на својот господар“ (Матеј 25:21, 23). А ние не можеме ни да си ја замислиме радоста што ја чувствува Господарот како новоустоличен Цар на Божјето Царство! (Псалм 45:1, 2, 6, 7). Оние од класата на верниот роб ја чувствуваат истата таа радост бидејќи го застапуваат Царот и ги зголемуваат неговите интереси на земјата (2. Коринќаните 5:20). Нивната радост се гледа во пророчките зборови од Исаија 61:10: „Со голема радост се радувам во Господа, мојата душа воскликнува кон мојот Бог, зашто ме облече со облека на спасението“.
18. Зошто некои не го положиле испитот, и со какви последици?
18 За жал, некои не го положиле испитот. Читаме: „Најпосле му пристапи оној кој беше добил еден талант и рече: ,Господару, знаев дека си тежок човек, дека жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел. Затоа се исплашив, па отидов и го скрив твојот талант в земја. Еве ти што е твое‘“ (Матеј 25:24, 25). Слично на ова, некои помазани христијани не ,тргувале‘. Пред 1914 тие не им ја пренесувале воодушевено на другите својата надеж, а не сакале да почнат да го прават тоа ниту во 1919. Како реагирал Исус на нивната дрскост? Тој им ги одзел сите предности. Тие биле ,исфрлени надвор во темнината, каде што ќе бил нивниот плач и чкртање со заби‘ (Матеј 25:28, 30).
Прегледувањето продолжува
19. На кој начин прегледувањето продолжува, и што се решени да прават сите помазани христијани?
19 Се разбира, повеќето од оние што требало да станат Христови помазани робови во текот на времето на крајот сѐ уште не му служеле на Јехова кога Исус почнал да ги прегледува во 1918. Дали тие го пропуштиле прегледувањето? Се разбира дека не. Во 1918/1919 прегледувањето само започнало. Тогаш верниот и разборит роб го положил испитот како класа. Прегледувањето на поединечни помазани христијани и понатаму продолжува сѐ додека не бидат трајно запечатени (Откровение 7:1—3). Христовите помазани браќа го сфатиле ова и затоа се решени да продолжат верно ,да тргуваат‘. Тие се решени да бидат разборити и да си чуваат голема резерва масло за да може светлината силно да свети. Знаат дека, кога секој од нив верно ќе го заврши својот животен пат, Исус ќе го прими во своето небесно живеалиште (Матеј 24:13; Јован 14:2—4; 1. Коринќаните 15:50, 51).
20. а) Што се решени да прават другите овци денес? б) За што се свесни помазаните христијани?
20 Големото мноштво од други овци се угледале на своите помазани браќа. Тие знаат дека спознанието за Божјите намери повлекува и голема одговорност (Езекиел 3:17—21). Затоа, со помош на Јеховината реч и светиот дух, и тие си чуваат обилна резерва масло на тој начин што проучуваат и се состануваат заедно. Исто така, нивната светлина свети на тој начин што учествуваат во делото на проповедање и поучување и со тоа ,тргуваат‘ заедно со своите помазани браќа. Меѓутоа, помазаните христијани се потполно свесни дека талантите им биле доверени ним. Тие се оние што мораат да поднесат сметка за начинот на кој управуваат со земниот имот на Господарот. Иако се малку на број, тие не можат да му ја предадат својата одговорност на големото мноштво. Имајќи го ова на ум, верниот и разборит роб и понатаму предводи во ,тргувањето‘ за Царот, благодарен за поддршката што ја даваат оддадените членови на големото мноштво. Тие, пак, ја признаваат одговорноста на своите помазани браќа и сметаат дека е предност да работат под нивни надзор.
21. Кој поттик важи за сите христијани од времето пред 1919 па сѐ до нашево време?
21 Значи, иако овие две параболи ги расветлуваат настаните што се случиле некаде околу 1919, тие во принцип важат и за сите вистински христијани што живеат во текот на последните денови. Според тоа, иако поттикот што го дал Исус на крајот на параболата за десетте девици првенствено важи за помазаните христијани пред 1919, во принцип тој сѐ уште важи за секој христијанин. Затоа, секој од нас нека ги земе при срце Исусовите зборови: „Затоа, бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Матеј 25:13).
[Фусноти]
a Слично на тоа, по смртта на апостолите, од редовите на помазаните христијански старешини излегле „угнетувачки волци“ (Дела 20:29, 30).
b За уште една дискусија за оваа парабола што ја кажал Исус, види Светска сигурност под ,кнезом мира‘, издадена од Јеховините сведоци, поглавја 5 и 6.
Можеш ли да објасниш?
• Кога Исус ги прегледал своите следбеници, и што утврдил?
• Зошто некои помазани христијани почнале да го покажуваат духот на „тој зол роб“?
• Како можеме да покажеме дека сме духовно разборити?
• Имитирајќи ги Исусовите верни помазани браќа, на кој начин можеме да ,тргуваме‘?
[Рамка на страница 16]
КОГА ДОАЃА ИСУС?
Во Матеј, поглавја 24 и 25, во различна смисла е речено дека Исус ,доаѓа‘. За да ,дојде‘, тој не мора да се премести дословно. Наместо тоа, тој ,доаѓа‘ во таа смисла што го свртува своето внимание кон човештвото или кон своите следбеници, честопати за да суди. Така, во 1914 тој ,дошол‘ за да ја започне својата присутност како устоличен Цар (Матеј 16:28; 17:1; Дела 1:11). Во 1918 ,дошол‘ како гласник на сојузот и почнал да им суди на оние што тврделе дека му служат на Јехова (Малахија 3:1—3; 1. Петрово 4:17). Во Армагедон, тој ќе ,дојде‘ да го изврши судот над Јеховините непријатели (Откровение 19:11—16).
Доаѓањето (или пристигнувањето) што неколку пати се спомнува во Матеј 24:29—44 и 25:31—46 се однесува на „големата неволја“ (Откровение 7:14). Од друга страна, пак, доаѓањето што се спомнува неколку пати во Матеј 24:45 до 25:30 е поврзано со неговиот суд над оние што тврдат дека му се ученици почнувајќи од 1918 наваму. На пример, не би било логично да се рече дека наградувањето на верниот роб, судот над глупавите девици и судот над мрзливиот роб, кој го скрил талантот на Господарот, ќе се случи кога Исус ќе ,дојде‘ во големата неволја. Кога би било така, тоа би значело дека во тоа време многу помазаници ќе бидат најдени неверни и дека затоа ќе треба да бидат заменети. Меѓутоа, Откровение 7:3 покажува дека во тоа време сите Христови помазани робови веќе ќе бидат трајно ,запечатени‘.
[Слика на страница 14]
,Злиот роб‘ не добил благослови во 1919
[Слика на страница 15]
Мудрите девици биле подготвени кога пристигнал младоженецот
[Слика на страница 17]
Верните робови ,тргувале‘
Мрзливиот роб не ,тргувал‘
[Слики на страница 18]
Светлото на помазаниците и на ,големото мноштво‘ и понатаму свети