Проширени активности за време на Христовата присутност
„Тогаш царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец: наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот‘“ (МАТЕЈ 25:34).
1. На кој начин Христовата паруси́ја била исто како „деновите на Ноја“?
ХРИСТОВАТА присутност — долгоочекуваниот настан! Во 1914 пристигнало времето слично на „деновите на Ноја“, за кое зборувал Исус во врска со „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3, 37). Но што ќе значи Христовата присутност, или паруси́ја, за помазаниот остаток од „верниот и разумен роб“? (Матеј 24:45, NW). Па, тоа дека ќе мораат да бидат многу поактивни како носители на светлина! Требало да се случат прекрасни работи! Требало да започне невидено дело на собирање.
2. Какво прочистување се случило во исполнение на Малахија 3:1-5?
2 Но, како прво, на овие помазани христијани им требало прочистување. Како што прорекол Малахија 3:1-5, Јехова Бог и неговиот гласник на сојузот, Исус Христос, во пролетта 1918 дошле да го испитаат духовниот храм. Судењето требало да почне од „Божјиот дом“ (1. Петрово 4:17). Малахија 3:3 прорекол: „Ќе седне Он [Јехова] да претопува и да чисти сребро, и ќе ги очисти синовите на Левија и ќе ги претопи како злато и како сребро“. Тоа бил период на прочистување и чистење.
3. Зошто било битно тоа што се случило духовно чистење?
3 Со тоа што поминал низ тоа време на судење кое достигнало кулминација во 1918, остатокот од класата-роб бил исчистен од световна и религиозна извалканост. Зошто Јехова ги исчистил? Затоа што тоа било поврзано со духовниот храм. Тоа е уредување слично на храм за обожавање на Јехова, на темел на помирбената жртва на Исус Христос. Јехова сакал неговиот храм да биде во чиста состојба, така што кога таму ќе бидат донесени голем број обожаватели со земска надеж, да најдат место каде што се почитува неговата универзална сувереност, каде што се свети неговото божествено име и каде што се слушаат неговите праведни закони. Затоа, тие ќе го ценат Јехова и ќе се придружат во објавувањето на неговите величествени намери.
Додатни предности
4, 5. а) Како едно прашање на Исус Христос претставува предизвик за секој еден од класата на робот денес? б) На кои начини треба да се разберат изразите „верен и разумен роб“ и „неговите домашни“? в) Каков налог му дал Исус на робот?
4 Во 1919, исчистената класа-роб можела да очекува сѐ поголеми активности. Во 1914, Исус Христос, нивниот Господар, добил небесно Царство. Кога се вратил во своето домаќинство за да ги провери сите свои „слуги [домашни, NW]“, бил облечен во кралско достоинство кое не го поседувал кога бил овде долу на Земјата. Што нашол тој? Дали класата-роб марливо се грижела околу интересите на Господарот? Како штое запишано во Матеј 24:45-47, Исус поставил едно прашање кое го повикува секој од помазаните ученици да ја испита својата лична одаденост кон Јеховиниот Месија: „Кој е, пак, тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така; вистина ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него“.
5 Очигледно, Исусовиот опис на тој верен роб не одговара на ниеден поединечен човек. Не, туку го опишува Христовото верно помазано собрание како целина, како група. Домашните се Христовите помазани следбеници како поединци. Исус знаел дека тој ќе ги купи овие помазаници со својата сопствена крв и затоа е прикладно што им се обратил колективно како на свој роб. Првото послание до Коринтјаните 7:23 за нив вели: „ВИЕ [се зборува во множина] сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе“. Исус ја ополномоштил својата класа-роб да ја пушта својата светлина да светли за да привлекува и да прави други ученици и напредно да ги храни своите домашни со тоа што ќе им ја дава нивната духовна храна во право време.
6. Како бил награден робот после Исусовото испитување?
6 Од времето кога започнала Христовата присутност па до 1918 класата-роб, и покрај непопуларноста, прогонство, па дури и извесна збунетост, тежнеела да им дава храна на домашните. Такви ги затекнал Господарот кога започнало неговото испитување. Господинот Исус бил задоволен и во 1919 ја прогласил за среќна таа класа која се покажала верна. Која била прекрасната награда за робот затоа што го вршел она за што Господарот го поставил да го врши? Унапредување! Да, биле дадени поголеми одговорности во унапредувањето на интересите на неговиот Господар. Бидејќи Господарот сега бил небесен Цар, неговите земски поседи станале уште поскапоцени.
7, 8. а) Што претставува ‚целиот имот‘ на Господарот? б) Што се барало од робот кога го презел надгледувањето над овој имот?
7 Значи, што е ‚целиот негов имот‘? Тоа се сите духовни работи на Земјата кои станале Христов имот во врска со неговата власт како небесен Цар. Тоа конечно го вклучувало налогот да прават Христови ученици, со величествената предност да бидат застапници на Божјето воспоставено Царство пред сите народи на Земјата.
8 Таквото унапредување да го надгледува сиот Господаров имот барало класата-роб да посвети повеќе време за извршувањето на делото на Царството, да, и да се развијат поголеми капацитети за тоа дело. Сега имало многу поголемо поле на работа — целата населена Земја.
Собирање на овците
9. Што произлегло од ширењето на активностите на робот?
9 Затоа, Христовата класа на верниот и разумен роб послушно ги раширила своите активности. Со каков резултат? Биле собрани последните од помазаните 144.000. Тогаш Јовановата визија забележана во Откровение 7:9-17, станала возбудлива, охрабрувачка стварност. Особено од 1935 наваму, класата-роб радосно сведочела за постојаниот развој на исполнувањето на оваа визија. Од целата Земја, „големо мноштво“ кое брои милиони сега навалува во подрачјето на Јеховиниот духовен храм како негови обожаватели. Јеховиниот ангел му рекол на Јован дека ниеден човек не можел да го изброи тоа големо мноштво. Тоа значи дека не е поставена граница за бројот на луѓето коишто класата-роб треба да ги доведе во Јеховиниот духовен храм. Сѐ додека патот е отворен, делото на нивното собирање ќе продолжи.
10. Во каква љубезна активност денес е вклучен робот?
10 Класата на верниот роб има тешка одговорност да се грижи за сѐ поголемиот број на „други овци“, зашто знае дека тие луѓе слични на овци од сите народи му се многу драги на Господарот, Исус. Всушност, тие се негово стадо (Јован 10:16; Дела на св. апостоли 20:28; 1. Петрово 5:2-4). Затоа, од љубов спрема Господарот и овците, класата-роб радосно се грижи за духовните потреби на големото мноштво.
11-13. Каков прикладен коментар дал тогашниот претседател на Watch Tower Society во врска со активноста на робот?
11 Да, поголемиот дел од налогот на робот да пушта светлина го вклучува собирањето на овие земски поданици на Божјето Царство. Говорејќи за сѐ поголемите активности на верниот роб, Ф. В. Франц, тогашниот претседател на Watch Tower Society, непосредно пред својата смрт во декември 1992, рече:
12 „Според моето 99-годишно искуство, Исус Христос цело време на сѐ попрекрасен начин ја користеше организацијата. Организацијата не ја води некој човек, туку тоа сигурно е Господинот Исус Христос. Зашто се покажа многу повеличествена и попрекрасна отколку што сме можеле и да помислиме. Денес имаме организација која се проширила по целиот свет. Таа делува во Северната и во Јужната хемисфера, на Исток и на Запад. Само една личност би можела да биде одговорна за ова забележително проширување — Божјиот Син, кој е одговорен за класата на верниот и разумен роб. Тој се покажува дека е способен да ги исполнува своите одговорности, и на тоа се должи ова огромно проширување за кое и самите сме сведоци.“
13 „Работата не ја извршил еден човек. Имаме организација која е теократска, и таа работи на теократски начин, на начин управуван од Бог. Ниеден човек, па ниту основачот на Watch Tower Bible and Tract Society, не може да тврди или да му се припише заслугата за она што е постигнато на начин којшто ја опфаќа целата Земја. Тоа е навистина прекрасно.“ Зарем сите оние од големото мноштво не се од сѐ срце согласни со овие чувства на покојниот брат Франц? Да, навистина, тие се многу благодарни за проширените активности на верниот роб.
Поданици на Царството
14, 15. а) Што илустрирал Исус во споредбата за талантите? (Матеј 25:14-30). б) Соодветно на тоа, што следува во Матеј 25. поглавје?
14 Во Матеј 25. поглавје, Исусовата споредба за овците и јарците го опишува ова огромно дело на собирање на земските поданици на Божјето Царство. Во претходната споредба, онаа за талантите, тој илустрирал дека помазаните ученици, кои се надеваат дека ќе владеат со него во небесното Царство, мораат да работат за да ги зголемат неговите земски поседи. Затоа е сосема прикладно што во следната споредба Исус опишува што се бара од оние кои сакаат да станат поданици на неговото небесно Царство.
15 Забележи ги неговите забелешки во Матеј 25:31-33: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.“
16. Како се собираат народите и како се одвојуваат луѓето?
16 Исус пристигнал во својата слава во 1914. Стапувајќи во акција, заедно со неговите ангели, ги нападнал и ги исфрлил неговите демонски непријатели од небото. Она што потоа следува во неговата споредба ни помага да сфатиме дека Исусовото седење на славен престол симболизира состојба на судење за време на неговата присутност. Собирањето на сите народи пред него означува дека, симболично кажано, Исус постапува со народите како со негово идно стадо. Тоа стадо е составено од овци и јарци. Иако можеби е потребен само дел од денот за да се одделат овците од јарците во едно дословно стадо, за делењето на луѓето ширум светот кои се слободни да избираат помеѓу добро и лошо, треба многу повеќе време. Тоа е затоа што делењето се темели на нивниот индивидуален начин на постапување.
17. Зошто денешната ситуација е сериозна за сите луѓе?
17 Во споредбата, Царот-Пастир ги става оние кои се слични на овци од својата десна страна, а сличните на јарци — на левата. Се покажува дека десната страна е осуда со поволен исход — вечен живот. Левата страна претставува неповолна осуда — вечно уништување. Она што ќе го пресуди Царот во оваа работа има сериозни последици.
18. Зошто тоа што Царот е невидлив не е оправдание за никого?
18 Тоа што владејачкиот човечки Син за време на неговата присутност, или паруси́ја, е невидлив, не е оправдание за никого. Денес сѐ повеќе и повеќе луѓе слични на овци ѝ се придружуваат на класата-роб во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство ширум светот и ја пуштаат својата светлина да светли. Навистина, нивното сведочење достигнало до најоддалечените делови на Земјата (Матеј 24:14).
19. Кои особини на класата на овците се опишани во споредбата за овците и јарците?
19 Зошто Царот-Пастир ги наградува оние од класата овци со благословена иднина? Заради нивната сесрдна поддршка на делото на проповедање на Царството и заради љубезноста што ја покажуваат спрема неговите помазани браќа, кое Исус го смета како да му го сториле нему. Затоа, кралскиот човечки Син им вели: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25:34; 28:19, 20).
Помагање на Царот
20, 21. Каков доказ даваат овците дека заземаат став на страната на Царството?
20 Забележи дека кога Царот ги поканува тие овци да го наследат небесното подрачје на Божјето Царство, тие изразуваат изненадување. Го прашуваат: „Господи, кога ги направивме сите тие работи за тебе?“ Тој одговара: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25:40). Кога Исус ѝ се појавил на Марија Магдалена на денот на неговото воскресение, тој зборувал за неговите духовни браќа кога ѝ рекол: „Отиди при браќата Мои“ (Јован 20:17). Во текот на ова време на неговата невидлива присутност Исус имал само еден мал остаток од негови 144.000 духовни браќа кои сѐ уште биле во тело на Земјата.
21 Бидејќи оттогаш Исус е невидлив на небесата, тие луѓе слични на овци индиректно му ги направиле тие работи на Исус. Тие го гледаат на неговиот престол со своите очи на верата. Исус ги цени сите напори што ги прават за да им помогнат на неговите духовни браќа кои ќе станат негови небесни сонаследници. Она што им било направено на неговите браќа тој го смета како да му е направено нему лично. Лицата слични на овци намерно им прават добро на Христовите браќа бидејќи ги признаваат како такви. Тие сфаќаат дека Исусовите духовни браќа се претставници на Јеховиното Царство и сакаат да дадат конкретен доказ дека заземаат став со нив на страната на тоа Царство.
22. Како е наградена класата на овците? (Спореди Откровение 7:14-17.)
22 Јехова предвидел дека оваа класа луѓе слични на овци ќе се појави во текот на ова време на присутност на Синот и зачувал прекрасна награда за нив! Големото мноштво ќе го наследи благословот на мир овде на Земјата во текот на среќната Илјадагодишна Влада под Јеховиниот Цар, Исус Христос.
23. На кој начин овците намерно им помагаат на Царевите браќа?
23 Кога ги разгледуваме библиските пророштва кои се однесуваат на времето на Христовата присутност, заедно со Исусовата споредба за овците и јарците, што гледаме? Следново: дека човек не станува овца со праведна положба пред Бог и неговиот Цар без да знае или така што случајно им прави добро на Царевите духовни браќа. Оние од класата овци знаат што прават, иако дури не го ни гледаат владејачкиот Цар со дословни очи. Тие настојуваат да им помогнат на Царевите браќа не само во материјален туку и во духовен поглед. А како? Така што им помагаат во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство и во водењето на библиски студии за да прават Христови ученици. Затоа, денес има преку четири милиони светлоносни објавители на Божјето Царство.
Проширени активности
24. Кој љубезен труд направило оние од класата на робот да бидат најсреќните луѓе на Земјата денес?
24 Да разгледаме некои од многуте извонредни дела на класата на верниот роб. Како прво, класата-роб е поставена над сиот Господаров имот — неговите Царски интереси на Земјата — и тој имот постојано расте. Второ, таа класа ги храни со духовна храна не само помазаните домашни туку и мноштво од други овци кое постојано расте. Трето, класата роб го презема водството во ширењето на светлината на Царството. Четврто, нејзината најголема активност во правец на проширување е собирањето на големото мноштво од други овци и нивното донесување во Јеховиниот духовен храм. Петто, класата роб, со сесрдна поддршка од страна на лицата слични на овци, обезбедува проширени капацитети за организациите на подружниците по целиот свет, како и во централата во Соединетите Држави. Таквиот љубезен труд направил оние од класата на робот да бидат најсреќните луѓе на Земјата денес, а самите усреќиле и милиони други луѓе. Сите тие му заблагодаруваат на Јехова Бог и на Исус Христос кои ги воделе проширените активности на разумниот роб!
25. Како можат овците да продолжат да ја поддржуваат класата роб, и какви изгледи им претстојат?
25 Класата-роб сега работи повеќе од кога и да било порано на должностите што ѝ се дадени од Бог. Преостанатото време пред избувнувањето на „големата неволја“ скоро истекло! (Матеј 24:21, ДК). Колку е животоважно оние кои се Божји овци да останат на исправната страна во корист на нивниот Цар-Пастир! Затоа, нека сите ревносно продолжат да го поддржуваат верниот и разумен роб. Само на тој начин, наскоро еден ден сите оние кои се слични на овци ќе можат да ги чујат радосните зборови: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“.
Можеш ли да одговориш?
◻ Какво почетно судење уследило по устоличувањето на Царот?
◻ Како Матеј 24:45-47 имал современо исполнување?
◻ За кои активности класата роб и големото мноштво се најмногу благодарни, во поглед на проширените активности?
◻ Како се исполнил Матеј 25:34-40 за време на паруси́јата?
[Слика на страница 16]
Господарот му го доверува сиот свој имот на верниот роб
[Слика на страница 18]
Исус го презел својот славен престол за да им суди на народите и луѓето