Да се бараат оние кои се исправно наклонети за вечен живот
”Сите оние кои беа исправно наклонети за вечен живот станаа верници.“ — ДЕЛА НА АПОСТОЛИТЕ 13:48.
1. Каква способност има Јехова во врска со човечкото срце?
ЈЕХОВА БОГ може да види што има некој во срцето. Ова е објаснето тогаш кога пророкот Самоил отишол да го помаза синот на Јесеј за цар над Израел. Кога го видел Елиаб, ”си рече во себе: ’Сигурно, еве пред Јехова стои неговиот помазаник!‘ Но Јахве му рече на Самоил: ”Не гледај на неговата надворешност ниту на неговата висока става, зашто сум го отфрлил. Бог не гледа како што гледа човек: човекот гледа на очите, а Јахве гледа што е во срцето.“ Затоа на Самоил му било речено да го помаза Давид, кој бил ’човек по Божјето срце‘ (1. Самоилова 13:13, 14; 16:4-13, Стварност).
2. Што е вкоренето во симболичното срце на некој човек, и што читаме за тоа во Библијата?
2 Секој има по некоја доминантна особина. Поседува одредена наклоност која е вкоренета во неговото симболично срце (Матеј 12:34, 35; 15:18-20). Така читаме за човекот чие срце е ’наклонето на борба‘ (Псалми 55:21). Речено ни е: ”Секој што е наклонет на лутина има многу престапи“. Исто така читаме: ”Има пријатели кои се готови да се парчосат, но постои пријател кој е поприврзан и од брат.“ (Пословици 18:24; 29:22). За среќа, многумина се како некои пагани во древна Антиохија во Пизидија. Кога слушнале за Јеховината подготовка за спасение, ”почнаа да се радуваат и да ја слават речта Јеховина, и сите оние кои беа исправно наклонети за вечен живот станаа верници“ (Дела на апостолите 13:44-48).
Верниците се ”со чисто срце“
3, 4. (а) Кој е со чисто срце? (б) Како оние со чисто срце го гледаат Бог?
3 Тие верници во Антиохија станале крстени христијани, а верните меѓу нив можеле на себе да ги применат Исусовите зборови: ”Среќни се оние кои се со чисто срце, зашто ќе го видат Бог.“ (Матеј 5:8). Но, кои се тие кои се ”со чисто срце“? И како ’го гледаат Бог‘?
4 Оние кои се со чисто срце се чисти одвнатре. Поседуваат чистота во ценењето, наклонетостите, желбите и мотивите (1. Тимотеј 1:5). Тие сега го гледаат Бог така што гледаат како тој дејствува во корист на чуварите на беспрекорноста. (Спореди со 2. Мојсеева 33:20; Јов 19:26; 42:5.) Грчкиот збор кој тука е преведен со ”ќе видат“ може да се преведе и ”да види со разумот, да запази, знае“. Бидејќи Исус совршено ја одразувал Божјата личност, на увидот во таа личност можат да му се радуваат ”оние кои се со чисто срце“, кои покажуваат вера во Христос и неговата жртва за опростување на гревовите, кои добиваат простување на своите гревови и се во можност на прифатлив начин да го обожаваат Бог (Јован 14:7-9; Ефесјаните 1:7). За помазаниците, гледањето на Бог ја достигнува својата кулминација кога ќе воскреснат на небо, каде навистина го гледаат Бог и Христос (2. Коринтјаните 1:21, 22; 1. Јованово 3:2). Но, сите оние кои се со чисто срце можат да го видат Бог преку точното спознание и правото обожавање (Псалми 24:3, 4; 1. Јованово 3:6; 3. Јованово 11). Тие се исправно наклонети за вечен живот на небото или на рајската земја (Лука 23:43; 1. Коринтјаните 15:50-57; 1. Петрово 1:3-5).
5. Само како може некој да стане верник и вистински следбеник на Исус Христос?
5 Оние кои не се исправно наклонети за вечен живот нема да станат верници. Ним не им е можно да покажуваат вера (2. Солунјаните 3:2). Освен тоа, никој не може да стане вистински следбеник на Исус Христос ако не даде да биде поучен и ако Јехова, кој го гледа срцето, не го привлече таквиот човек (Јован 6:41-47). Се разбира, при проповедањето од куќа до куќа, Јеховините сведоци не создаваат однапред заклучоци за никого. Тие не можат да видат што има некој во срцето, туку исходот го препуштаат во Божјите љубезни раце.
6. (а) Што е речено за личниот контакт во службата од куќа до куќа? (б) Какви подготовки се направени за да им се помогне на Јеховините сведоци да ги пронајдат оние кои се исправно наклонети за вечниот живот?
6 Еден научник умесно рекол: ”[Павле] ја поучувал вистината јавно и од куќа до куќа. Го проповедал Христа не само од подиумот, туку и во личниот контакт со поединци. Честопати личниот контакт е далеку поделотворен од кој и да е друг начин или метод за допирање до душата“ (Аугуст Ван Рин). Публикациите како што се Водич за теократската служба на оспособување, Расудување на темел на Писмото и Наша служба за Царството им помагаат на Јеховините сведоци во држењето говори и на подобар начин да остварат личен контакт во својата служба на проповедање. Исто така од помош се и приказите на Службениот состанок, како и советот што се дава во Теократската школа на проповедање (Т Ш П). Оние кои ја посетуваат таа школа, на вреден начин се оспособуваат во таквите говорни вештини како што се добрите уводи, исправна употреба на библиските цитати, логичен развој на изложеното, уверливо докажување, употреба на споредби и делотворни заклучоци. Да погледаме како во Библијата може да се најде потпора за таквата поука која може да направи Божјиот народ да биде поделотворен додека ги бара оние кои се исправно наклонети за вечниот живот.
Уводи кои поттикнуваат на размислување
7. Што учиме за уводите од Исусовите уводни зборови во Проповедта на гората?
7 Оние кои се подготвуваат за служба од куќа до куќа можат од Исусовиот пример да научат нешто за уводите кои побудуваат интерес. Во уводот на својата Проповед на гората, Исус девет пати го употребил зборот ”среќни“. На пример, рекол: ”Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби, бидејќи ним им припаѓа Царството небеско. (. . .) Среќни се оние кои се со блага нарав, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:3-12). Речениците биле директни и јасни. А тој увод сигурно побудил интересирање и ги вклучил слушателите, зашто кој не би сакал да биде среќен?
8. Како треба да се изнесе говорната тема во служба од куќа до куќа?
8 Говорната тема која се користи во службата од куќа до куќа треба да се изнесе на јасен, сигурен и пријатен начин. Но никој не би требало да употребува шокантен увод, како на пример: ”Имам за Вас порака од вселената.“ Добрата вест има свој извор на небото, но поради таквиот увод станарот би можел да се запраша дали сериозно да го сфати Сведокот или што поскоро да се куртули од него.
Исправно да се ракува со Божјата Реч
9. (а) Како треба во службата на проповедање да се употребат и применат библиските стихови? (б) Кој пример е наведен за да се покаже како Исус користел прашања?
9 Во службата на проповедање, како и од подиумот, библиските стихови треба да се употребат правилно, да се прочитаат со соодветно нагласување и се применат на јасен, точен начин. Исто така од помош можат да бидат и прашањата кои го наведуваат станарот на размислување за библиските теми. И овде Исусовите методи се поучни. Во една прилика, еден човек кој бил добро упатен во Мојсеевиот закон, прашал: ”Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“. Во одговорот Исус прашал: ”Што е запишано во Законот? Како читаш?“ Исус несомнено знаел дека тоа е прашање на кое човекот може да одговори. Тој одговорил правилно, велејќи: ”’Мораш да го љубиш Јехова својот Бог со сето свое срце и со сета своја душа и со сета своја сила и со сиот свој ум‘ и ’својот ближен како самиот себе‘“. Тоа го натерало Исус да го пофали, и уследил натамошен разговор (Лука 10:25-37).
10. Што би требало да има на ум оној кој ја изнесува својата тема на разговор, и што треба да се избегнува кога на станарите им поставуваме прашања?
10 Оние кои сведочат од куќа до куќа треба да ја нагласат темата на разговорот и јасно да дадат на знаење од која причина ги читаат библиските стихови кои ја развиваат таа тема. Бидејќи Сведокот се обидува да допре до срцето на станарот, треба да се избегнува да се поставуваат незгодни прашања. Кога ја употребуваме Божјата реч, ’нека нашата реч секогаш биде пријатна, зачинета со сол“ (Колосјаните 4:6).
11. Каков пример за исправање на кривите гледишта ни пружа ситуацијата во која Сатана го искушувал Исус во врска со примената на библиските стихови?
11 Особено при повторните посети би можело да постои потреба да се исправат неисправните гледишта така што ќе се покаже што Библијата всушност кажува. Исус сторил нешто слично кога го одбил Сатана, кој му рекол: ”Ако си Божји Син, фрли се долу [од покривот на храмот, како можно самоубиство]; зашто пишано е: ’Ќе им даде наредба за тебе на своите ангели, и ќе те носат на своите раце за да никогаш не удриш со ногата на камен.‘“ Во Псалми 91:11, 12, кои ги цитирал Сатана, не се оправдува загрозувањето на животот, кој е Божји дар. Сфаќајќи дека е неисправно да се искушува Јехова и да го ризикува својот живот, Исус му рекол на Сатана: ”Уште е пишано: ’Не смееш да го искушуваш Јехова својот Бог‘“ (Матеј 4:5-7). Се разбира, Сатана не љубител на вистината. Но, кога разумните луѓе изразат неисправни гледишта кои би го попречувале нивниот духовен развиток, оној кој е слуга на Божјата реч, треба тактично да покаже што всушност кажува Библијата. Сето тоа е дел од ’исправното ракување со Божјата реч“ — една од важните поуки во Теократската школа на проповедање (2. Тимотеј 2:15).
Убедувањето е на место
12, 13. Зошто е исправно во службата да се користиме со убедување?
12 Убедувањето има свое место во христијанската служба. На пример, Павле го поттикнувал својот соработник Тимотеј да продолжи во она што го учи и во кое ”бил убеден да верува“ (2. Тимотеј 3:14). Во Коринт Павле ”држел говор во синагогата секој сабат и ги уверувал Евреите и Грците“ (Дела на апостолите 18:1-4). Во Ефес успешно ’држел говори и зборувал за Божјето царство со убедување‘ (Дела на апостолите 19:8). А кога бил во домашен притвор во Рим, апостолот ги повикувал луѓето кај себе и им сведочел ”убедувајќи ги“, и некои станале верници (Дела на апостолите 28:23, 24).
13 Се разбира, без оглед на тоа колку некој Сведок ќе се труди да биде убедлив, само оние кои исправно се наклонети за вечен живот ќе станат верници. Убедливите докази и јасните објаснувања, ако се изнесени тактично, можат да ги убедат да поверуваат во тоа. Но, што може уште да биде корисно во убедувањето?
Зборувај логично и уверливо
14. (а) Што вклучува логичниот, поврзан развој на излагањето? (б) Што бара уверливото докажување?
14 Една од говорните особини која се нагласува во Теократската школа на проповедање е логичниот, поврзан развој на излагањето. Тоа значи клучните мисли и соодветното градиво да се стават во разумен редослед. Исто така пресудно е уверливото докажување, кое бара поставување на добар темел и предочување на здрави докази. Слично на тоа е и помагањето на слушателите да размислуваат за да се задржи заедничкиот темел, да се развиваат мислите во склад со тоа и делотворно да се применат. Библијата повторно ни дава упатства.
15. (а) Како Павле го придобил вниманието и воспоставил заеднички темел кога говорел на Марсовото брдо? (б) Каков доказ имаме во Павловиот говор за логичен, поврзан развој на излагањето?
15 Овие говорнички особини се гледаат во прочуениот говор на апостол Павле на Марсовото брдо во древна Атина (Дела на апостолите 17:22-31). Неговиот увод им го привлекол вниманието и бил воспоставен заеднички темел, бидејќи рекол: ”Луѓе Атињани, како што гледам, изгледа дека во сѐ сте повеќе оддадени на стравот од божествата отколку другите.“ За нив тоа без сомнение претставувало комплимент. Откако го спомнал олтарот посветен ”На непознатиот Бог“, Павле го продолжил својот логичен, поврзан развој на излагање и уверливо докажување. Укажал дека тој Бог кого не го познаваат, ’го создал светот и сѐ што е во него‘. За разлика од Атина или другите грчки божества, тој ”не живее во храмови изградени од рака, ниту му е потребно да го послужуваат човечки раце.“ Апостолот понатаму укажал на тоа дека тој Бог ни дал живот и не нѐ оставил слепо да талкаме по него. Павле потоа докажувал дека нашиот Творец, кој не гледа на времињата на идолопоклоничкото незнаење, ’насекаде му говори на човештвото да се покае‘. Со тоа на логичен начин се дошло до тоа дека ’Бог ќе им суди на жителите на земјата во праведност преку помазаникот кого го воскреснал од мртвите‘. Бидејќи Павле ”ја објавувал добрата вест за Исус и воскресението“, тие Атињани знаеле дека тој Судија е Исус Христос (Дела на апостолите 17:18).
16. Како можат Павловиот говор на Марсовото брдо и оспособувањето во Т Ш П да влијаат на нашата служба на проповедање?
16 Вистина, Павле не сведочел од куќа до куќа на Марсовото брдо. Меѓутоа, од овој говор, како и од поуките во Теократската школа на проповедање, Јеховините сведоци можат да научат многу работи коишто можат да ја подобрат нивната служба на проповедање. Да, сето ова им помага да станат поделотворни проповедници, како што и Павловиот логичен развој на изнесувањето и уверливото докажување убедило некои од тие Атињани и станале верници (Дела на апостолите 17:32-34).
Употребувај поучни споредби
17. Какви споредби треба да се користат во службата?
17 Теократската школа на проповедање исто така им помага на Божјите слуги да користат добри споредби при сведочењето од куќа до куќа и во другите гранки од својата служба. За да се истакнат важните мисли, треба да се користат едноставни споредби, со добар вкус. Сведокот треба да ги зема од познати ситуации и да внимава јасно да ги примени. Исусовите споредби ги исполнувале сите тие барања.
18. Како може Матеј 13:45, 46 да се покаже корисен во службата на проповедање?
18 На пример, да ги погледнеме следните Исусови зборови: ”Небеското царство е како патувачки трговец кој бара убави бисери. Кога нашол бисер од висока вредност, отишол и веднаш продал сѐ што имал, и го купил.“ (Матеј 13:45, 46). Бисерите се скапоцени камења кои се наоѓаат внатре во школките камењарки или другите мекотелци. Но, само некои бисери се ’убави‘. Трговецот поседувал способност на разликување потребна да ја процени ненадминливата вредност на тој бисер и бил спремен да се одрече од сѐ друго за да го купи. Можеби при повторната посета или библиската студија ќе можеш да ја употребиш оваа споредба за да покажеш дека оној кој вистински го цени Божјето Царство ќе постапи како тој трговец. Таквото лице во својот живот ќе му даде предност на Царството, свесен дека тоа е вредно за секаква жртва.
Заклучи со подбуда
19. Што можат заклучоците во службата на проповедање да му покажат на станарот?
19 Во Теократската школа на проповедање Божјиот народ исто така се учи дека заклучокот на говорот или разговорот треба да биде во директна врска со темата и на слушателите да им покаже што треба да прават и да ги охрабри да го сторат тоа. Во службата од куќа до куќа, на станарот треба јасно да му се покаже каков правец треба да заземе, т. е. да прифати библиска публикација или да се согласи на повторна посета.
20. Каков одличен пример на подбудувачки заклучок имаме во Матеј 7:24-27?
20 Извонреден пример ни пружа заклучокот на Исусовата Проповед на гората. Со една лесно разбирлива споредба, Исус покажал дека ќе биде мудро да се послушаат неговите зборови. Заклучил: ”Секој кој ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде спореден со разумен човек кој својата куќа ја изградил на карпа. И удри пороен дожд и надојдоа води и задуваа ветришта и се истурија на куќата, но не се сруши, зашто беше втемелена на карпа. А секој кој ги слуша овие мои зборови и не ги извршува, ќе биде спореден со лудиот човек кој ја изградил својата куќа на песок. И удри силен дожд и навреа води и задуваа ветрови и удрија на куќата и се сруши и големо беше нејзиното паѓање.“ (Матеј 7:24-27). Колку добро е прикажано со ова дека Божјите слуги треба да се трудат да ги подбудуваат станарите!
21. Што е покажано низ ова разгледување, но што мора да се има на ум?
21 Сето ова покажува како Т Ш П може да им помогне на многумина да бидат способни објавители на Царството. Се разбира, соодветната оспособеност доаѓа првенствено од Бог (2. Коринтјаните 3:4-6). И без разлика колку е некој способен проповедник, никој не може да ги убеди луѓето да станат верници ако не ги привлече Бог преку Христос (Јован 14:6). Сепак, Божјиот народ секако треба да ги искористи сите духовни подготовки од Јехова додека ги бараат оние кои се исправно наклонети за вечен живот.
Како ќе одговориш?
◻ Кои се ”оние кои се со чисто срце“, и како тие го ’гледаат Бог‘?
◻ Кои фактори треба да ги земеме предвид додека ја носиме веста за Царството во служба од куќа до куќа?
◻ Како може во службата на проповедање исправно да се управува со речта Божја?
◻ Што ќе ни помогне излагањето во служба на проповедање да биде логично и убедливо?
◻ Што треба да се запамти во врска со споредбите кои се користат во службата на проповедање?
◻ Што треба да се постигне со заклучоците кои се користат во делото на сведочење?
[Слика на страница 16]
Исус рекол дека ”оние кои се со чисто срце“ ќе го ”видат Бог“. Што значело тоа?
[Слика на страница 18]
Библиските стихови треба да се употребуваат исправно, да се прочитаат со соодветно нагласување и да се применат на јасен и точен начин.