Прашања од читателите
Во три од евангелијата се зборува за приговорот во врска со Исусовото помазување со скапоцено масло. Дали приговориле повеќето од апостолите, или првенствено Јуда?
За овој настан се зборува во евангелијата по Матеј, Марко и Јован. Изгледа дека Јуда презел водство во приговарањето, а потоа барем некои од другите апостоли се сложиле со него. Овој настан илустрира зошто можеме да бидеме благодарни што имаме четири евангелиски извештаи. Она што го запишал секој писател било точно, но сите не ги дале истите детали. Споредувајќи ги паралелните извештаи добиваме поцелосна, подетална слика за многу настани.
Извештајот во Матеј 26:6—13 ја дава локацијата — куќата на Симон лепрозниот во Витанија — но не и името на жената која го излеала мирисливото масло врз Исусовата глава. Матеј забележува: „И штом го видоа тоа учениците Негови, се расрдија“, и приговориле дека маслото би можело да се продаде, а парите да им се дадат на сиромашните.
Извештајот на Марко ги вклучува повеќето од тие детали. Но, додава дека таа го скршила шишенцето. Тоа содржело мирисливо масло кое било „чисто нардово миро“, какво што можеби се увезувало од Индија. Во однос на приговарањето, Марко известува дека ‚некои негодувале во себе‘ и ‚тие негодувале против неа‘ (Марко 14:3—9). Значи, овие два извештаја покажуваат дека во приговарањето бил вклучен повеќе од еден апостол. Но, како започнало тоа?
Јован, кој бил очевидец, додал умесни детали. Го наведува името на жената — Марија, сестрата на Марта и Лазар. Јован го дал и овој детаљ, кој можеме да го сметаме како надополнување а не како противречност: „Ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови“. Комбинирајќи ги овие извештаи, можеме да видиме дека Марија сигурно го излеала маслото, за кое Јован потврдува дека било „вистински нард“ (NW), врз Исусовата глава и нозе. Јован бил многу близок со Исус и бил склон да негодува кога некој ќе го навреди. Читаме: „Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече: ‚Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?‘“ (Јован 12:2—8).
Секако, Јуда бил „еден од учениците“, но можеш да го насетиш негодувањето на Јован што некој на ваква положба планира да го предаде Исус. Преведувачот д-р К. Хауард Матени во врска со Јован 12:4 забележал: „Сегашниот партицип ‚треба‘ [или, „требаше“] и сегашниот инфинитив ‚да го предаде‘ [или, „требаше да го предаде“] изразуваат праволиниска или продолжителна акција. Ова покажува дека тоа што Јуда го предал Исус не било моментална постапка направена на брза рака, затоа што била смислена и планирана многу денови. Јован дал и дополнителен увид дека Јуда приговорил ‚не затоа што се грижел за сиромасите туку затоа што бил крадец. Тој го чувал ковчежето и крадел од она, што пуштале во него‘.
Според тоа, изгледа логично дека крадецот Јуда го подбуцнал приговарањето бидејќи ќе имало повеќе за крадење ако скапоценото масло се продало и парите се ставеле во ковчежето што го носел тој. Кога Јуда го изнел тој приговор, можеби и некои други апостоли мрмореле изразувајќи согласност со она што навидум било оправдано. Меѓутоа, Јуда бил главниот подбуцнувач на приговорот.