Поуки од извештајот за раѓањето на Исус
МИЛИОНИ луѓе се фасцинирани од настаните околу раѓањето на Исус. Ова се гледа од мноштвото сцени за раѓањето што се прикажуваат и драмите за раѓањето што се изведуваат за време на Божиќ ширум светот. Иако фасцинантни, настаните околу раѓањето на Исус во Библијата не биле запишани за да ги забавуваат луѓето. Напротив, тие сочинуваат дел од целото Писмо што Бог го инспирирал за поучување и за исправање на работите (2. Тимотеј 3:16).
Ако Бог сакал христијаните да го слават раѓањето на Исус, тогаш Библијата ќе го дала точниот датум. Дали го дава? Откако спомнал дека Исус бил роден во време кога овчарите навечер биле на отворено, чувајќи ги своите стада, библискиот изучувач од 19 век Алберт Барнс заклучил: „Од ова е очигледно дека нашиот Спасител бил роден пред 25 декември . . . Тогаш е ладно, особено во високите планински предели околу Витлеем. Бог го скрил времето на раѓањето [на Исус] . . . Но, да се знае времето не ни било важно; ако било, Бог ќе го сочувал извештајот за тоа“.
За разлика од тоа, писателите на четирите евангелија јасно нѐ информираат за денот кога Исус умрел. Тоа се случило на денот на Пасха, која се одржувала напролет, на 14-от ден од еврејскиот месец нисан. Освен тоа, Исус конкретно им заповедал на своите следбеници да го слават тој ден во спомен на него (Лука 22:19). Библијата не содржи таква заповед да се слави роденденот на Исус, всушност, ниту роденденот на кој и да било друг. За жал, контроверзиите околу датумот на раѓањето на Исус можат да ги засенат позначајните настани што се случиле во тоа време.
Родители избрани од Бог
Од илјадниците семејства во Израел, какви родители избрал Бог да го подигаат неговиот Син? Дали Тој сметал дека угледот и богатството се важни фактори? Не. Напротив, Јехова ги зел предвид духовните особини на родителите. Разгледај ја песната на фалба на Марија, запишана во Лука 1:46—55, што ја испеала откако ѝ било кажано за предноста да стане мајка на Месијата. Меѓу другото, рекла: „Мојата душа го велича Јехова . . . бидејќи погледна на ниската положба на својата слугинка“. Таа понизно се гледала себеси како некој на „ниска положба“, Јеховина робинка. Што е уште поважно, убавите изрази на фалба во песната на Марија откриваат дека таа била духовна личност што добро го познавала Писмото. Иако грешен потомок на Адам, таа била идеален избор како земна мајка на Божјиот Син.
Но, што е со Јосиф, кој му станал потатко на Исус? Јосиф бил човек со практично познавање на дрводелството. Затоа што бил спремен напорно да работи со свои раце, можел да се грижи за семејство што на крај имало пет сина и најмалку две ќерки (Матеј 13:55, 56). Јосиф не бил богат. Кога дошло време Марија да го претстави својот првороден син во Божјиот храм, Јосиф сигурно се чувствувал разочаран зашто не можел да понуди овца како жртва. Наместо тоа, морале да го искористат она што било допуштено за сиромашните. Во врска со една мајка на новороден син, Божјиот закон гласел: „Ако не е во состојба да принесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња — едното за паленица, а другото за жртва за грев. Па свештеникот ќе направи да ѝ се покрие гревот и таа ќе биде чиста“ (Левит 12:8; Лука 2:22—24).
Библијата вели дека Јосиф ‚бил праведен‘ (Матеј 1:19). На пример, немал сексуални односи со својата жена која била девица сѐ додека не го родила Исус. Ова спречило да дојде до какво и да било недоразбирање во врска со тоа кој бил вистинскиот Татко на Исус. За една нововенчана двојка сигурно не било лесно да се воздржува од интимни односи додека живееле под ист покрив, но тоа покажало дека и двајцата ја ценеле предноста што биле избрани да го подигаат Божјиот Син (Матеј 1:24, 25).
Како Марија, и Јосиф бил духовна личност. Секоја година ја прекинувал работата и го носел своето семејство на тридневно патување од Назарет до Ерусалим за да присуствуваат на годишниот празник Пасха (Лука 2:41). Исто така, Јосиф сигурно го воспитал младиот Исус на седмичниот обичај да учествува во обожавањето во локалната синагога, каде што се читала и објаснувала Божјата реч (Лука 2:51; 4:16). Според тоа, не може да има никакво сомневање дека Бог ги избрал вистинските земни мајка и потатко за својот Син.
Величествен благослов за понизните овчари
И покрај тоа што било тешко за неговата жена, која сега била во деветтиот месец од бременоста, Јосиф патувал до градот на своите прататковци за да биде попишан, во согласност со наредбата на цезарот. Кога брачната двојка пристигнала во Витлеем, не можела да најде преноќиште во пренатрупаниот град. Па така, околностите ги принудиле да користат една штала, каде што Исус бил роден и ставен во јаслите. За да ја зајакне нивната вера, Јехова им дал на понизните родители потврда дека тоа раѓање навистина било Божја волја. Дали испратил делегација од истакнати постари мажи од Витлеем за да ја уверат брачната двојка во тоа? Не. Наместо тоа, Јехова Бог им ја открил работата на марливите овчари што ја минувале ноќта надвор чувајќи ги своите стада.
Божјиот ангел им се појавил и им рекол да одат во Витлеем, каде што ќе го најдат новородениот Месија ‚положен во јасли‘. Дали овие понизни мажи биле шокирани или засрамени од тоа што чуле дека новородениот Месија бил во штала? Во никој случај! Без одложување, ги оставиле своите стада и се упатиле кон Витлеем. Кога го нашле Исус, им раскажале на Јосиф и на Марија што им рекол Божјиот ангел. Ова, без сомнение, ја зајакнало верата на брачната двојка дека сите работи се одвивале токму онака како што наумил Јехова. „Овчарите“, од своја страна, „се вратија, славејќи го и фалејќи го Бога за сите работи што ги чуја и видоа“ (Лука 2:8—20). Да, со тоа што им ги открил работите на богобојазливите овчари, Јехова направил вистински избор.
Од кажаново учиме какви луѓе треба да бидеме за да ја уживаме Јеховината наклоност. Не треба да бараме углед или богатство. Напротив, како Јосиф, Марија и овчарите, треба да го слушаме Бог и да ја докажеме нашата љубов кон него така што ќе ги ставаме духовните интереси пред материјалните работи. Навистина, може да се научат прекрасни поуки од медитирањето за извештајот за настаните што се случиле во времето кога се родил Исус.
[Слика на страница 7]
На што укажува тоа што Марија принела две гулапчиња?
[Слика на страница 7]
Бог избрал да им го открие раѓањето на Исус на неколкумина понизни овчари