„Време кога се молчи, и време кога се зборува“
КОЛКУ пати си се пожалил: „Камо да не го кажев тоа“? Сепак, можеби се сеќаваш на други прилики кога си пропуштил да проговориш. Гледајќи назад, можеби си мислел: ‚Камо да кажев нешто‘.
Библијата вели дека има „време кога се молчи, и време кога се зборува“ (Проповедник 3:7). Значи, проблемот е во тоа човек да се одлучи — кога да зборува, а кога да молчи. Нашата несовршена човечка природа често пати нѐ тера да направиме и да кажеме работи во погрешно време (Римјаните 7:19). Како можеме да го контролираме нашиот непокорен јазик? (Јаков 3:2).
Начини за скротување на јазикот
За да ни се помогне да одлучиме кога да зборуваме а кога да молчиме, не ни е потребен некаков долг список со правила кој би ја вклучувал секоја можна ситуација. Наместо тоа, треба да се водиме од особините кои претставуваат суштински дел од христијанската личност. Кои се овие особини?
Исус Христос објаснил дека љубовта е главната особина која ги мотивира неговите ученици. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“, рекол тој (Јован 13:35). Колку повеќе ја покажуваме ваквата братска љубов, толку подобро ќе го контролираме својот јазик.
Две сродни особини исто така многу ќе помогнат. Една од нив е понизноста. Таа ни овозможува да ‚се сметаме еден друг за погорен од себе си‘ (Филипјаните 2:3). Другата е благоста, која нѐ чува да бидеме ‚незлобиви [да се воздржуваме во лоши околности, НС]‘ (2. Тимотеј 2:24, 25). Во Исус Христос имаме совршен пример за тоа како треба да се применуваат овие особини.
Со оглед на тоа дека е потешко да го контролираме својот јазик кога сме под притисок, да ја разгледаме ноќта пред Исусовата смрт — време кога тој ‚тагувал‘ (Матеј 26:37, 38). Не изненадува тоа што Исус се чувствувал вака, затоа што од тоа дали ќе задржи верност спрема Бог зависела вечната иднина на целото човештво (Римјаните 5:19—21).
Тоа сигурно било време Исус да му зборува на својот небесен Татко. Затоа, тој отишол да се моли, барајќи од тројца негови ученици да бдеат. По некое време, дошол и ги затекнал како спијат. Притоа на Петар му рекол: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни?“ Овој прекор полн со љубов бил проследен со зборови кои покажувале разбирање за нивните слабости. Тој рекол: „Духот е бодар, но телото е слабо“. Подоцна, Исус повторно дошол и ги нашол учениците како спијат. Им зборувал љубезно и ‚отишол и се помолил по третпат‘ (Матеј 26:36—44).
Кога Исус по третпат ги нашол учениците како спијат, не бил груб, туку рекол: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници“ (Матеј 26:45). Само некој кој има срце полно со љубов, со вистински благ и понизен нарав, можел да го употреби јазикот на ваков начин во едно такво тешко време (Матеј 11:29; Јован 13:1).
Наскоро потоа, Исус бил уапсен и изведен пред суд. Одовде учиме дека понекогаш е најдобро да се молчи, дури и кога сме ангажирани во нашата христијанска служба. Со намера лажно да го обвинат Исуса, свештеничките главари немале никаков интерес да ја научат вистината. Затоа, во таа напната атмосфера Исус молчел. (Спореди Матеј 7:6.)
Меѓутоа, Исус не молчел кога првосвештеникот поставил барање: „Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Син Божји?“ (Матеј 26:63). Поради тоа што Исус бил ставен под заклетва, било време тој да зборува. Затоа, одговорил: „Ти рече! Ви велам пак: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по [на, НС] небеските облаци“ (Матеј 26:64).
Во текот на тој значаен ден, Исус покажал совршена контрола на својот јазик. Во неговиот случај, љубовта, благоста и понизноста биле вродени делови од неговата личност. Како можеме ние да ги употребиме овие особини за да го контролираме својот јазик кога сме под притисок?
Контролирање на јазикот кога сме гневни
Кога ќе се налутиме, често ја губиме контролата над својот јазик. На пример, Павле и Варнава еднаш имале разлика во мислењето. „Варнава предложи да го земат со себе и Јована, наречен Марко. Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата за која беа пратени. Поради тоа се појави расправија [жесток излив на гнев, НС], така што тие се разделија еден од друг“ (Дела 15:37—39).
Мајклa‚ кој неколку години работел на градежни проекти, раскажува: „На градилиштето имаше едно лице кое јас добро го познавав и го почитував. Но, се чинеше дека постојано ми наоѓа грешки во работата. Се чувствував повреден и иритиран, но ги задржував чувствата во себе. Еден ден работите дојдоа до критична точка кога тој критизираше една работа која јас штотуку ја бев завршил“.
„Ги испуштив сите мои потиснати чувства. Во најжешкиот момент не бев ни свесен за лошиот впечаток што тоа сигурно го оставило кај оние кои беа околу нас. Остатокот од денот не сакав да му зборувам ниту да го видам. Сега сфаќам дека не сум постапил исправно со проблемот. Многу подобро ќе беше да молчев и да зборував кога ќе се оладев“.
За среќа, христијанската љубов ги поттикнала овие двајца поединци да ги решат своите разлики. Мајкл објаснува: „После еден искрен разговор, подобро се разбравме еден со друг и сега имаме едно цврсто пријателство“.
Како што научил Мајкл, ако сме разгневени, понекогаш е мудро да молчиме. „Човекот кој има способност за разликување е со смирен дух“, вели во Изреки 17:27 (НС). Способноста за разликување и братската љубов ќе ни помогнат да го контролираме својот порив да издрдориме нешто што е штетно. Ако сме биле навредени, да зборуваме насамо со другото лице со благ и понизен дух, со намера да го обновиме мирот. А што ако веќе дошло до некаков излив на гнев? Тогаш, љубовта ќе нѐ поттикне да ја потиснеме својата гордост и понизно да бараме да ја поправиме работата. Тогаш е време да се зборува, да се изрази жалење и да се излекуваат повредените чувства преку искрена комуникација (Матеј 5:23, 24).
Кога молчењето не е решение
Гневот или раздразнетоста би можеле да нѐ наведат да престанеме да зборуваме со лицето кое нѐ нервира. Тоа може да биде многу штетно. „Во текот на првата година од нашиот брак, имаше прилики кога по неколку денови не му зборував на својот сопруг“, признава Марија.b „Обично, тоа не беше поради големи проблеми, туку, напротив, поради насобрани помали раздразнетости. Постојано размислував за сите тие нервози сѐ додека не станаа препрека голема колку планина. Тогаш дојде моментот кога повеќе не можев да издржам, и едноставно престанав да разговарам со мојот сопруг додека фрустрацијата не помина.“
Марија додава: „Еден библиски стих — ‚сонцето да не зајде во гневот ваш‘ — особено ми помогна да го исправам своето размислување. Мојот сопруг и јас напорно работевме на подобрување на комуникацијата за да не се насоберат проблемите. Не беше лесно, но после десет години брачен живот, среќна сум што можам да речам дека таквите периоди на мртва тишина се многу поретки. Меѓутоа, морам да признаам дека сѐ уште работам на тоа да ја контролирам оваа склоност“ (Ефесјаните 4:26).
Како што открила Марија, кога меѓу двајца луѓе постојат напнатости, прекинот на комуникацијата не е решение. Под такви околности огорченоста веројатно ќе расте, а односот може да биде оштетен. Исус рекол дека треба да бидеме ‚брзи во средувањето на работите‘ (Матеј 5:25, НС). ‚Зборот кажан во право време‘ може да ни помогне да ‚се стремиме кон мир‘ (Изреки 25:11, НС; 1. Петрово 3:11).
Исто така, треба да проговориме кога ни е потребна помош. Ако страдаме поради некаков духовен проблем, можеби се колебаме да ги оптоваруваме другите. Но, ако молчиме, сосема е можно проблемот да се влоши. Наименуваните христијански старешини се грижат за нас и, ако им дозволиме, тие несомнено се желни да ни помогнат. Тоа е време кога треба да зборуваме (Јаков 5:13—16).
Над сѐ, треба редовно да му зборуваме на Јехова во срдечна молитва, како што правел Исус. Навистина, да му го ‚отвориме нашето срце‘ на нашиот небесен Татко (Псалм 61:8; спореди Евреите 5:7).
„Време кога се зборува“ за Божјето Царство
Христијанската служба е божествен налог што треба да се исполни пред да дојде крајот. Затоа, како никогаш порано, многу е битно Јеховините слуги да ја објавуваат добрата вест за Царството (Марко 13:10). Како апостолите, вистинските христијани едноставно ‚не можат да не зборуваат за она, што го виделе и чуле‘ (Дела 4:20).
Се разбира, секој не сака да ја чуе добрата вест. Всушност, кога ги испраќал своите ученици да проповедаат, Исус ги посоветувал да ‚се распрашаат кој е достоен‘. Со оглед на тоа што Јехова никогаш не присилува некого да го обожава, ние нема тврдоглаво да продолжиме да му зборуваме на некого кој непопустливо ја одбива пораката за Царството (Матеј 10:11—14). Но, ние уживаме да им зборуваме за Јеховиното царување на оние кои се „исправно настроени за вечен живот“ (Дела 13:48, НС; Псалм 144:10—13).
Љубовта, благоста и понизноста се особини кои можат да ни помогнат да ја контролираме својата несовршена склоност да зборуваме брзо или да застраниме во напнато молчење. Додека растеме во овие особини, ќе бидеме подобро опремени да разликуваме меѓу правото и погрешното време за зборување.
[Фусноти]
a Не е неговото вистинско име.
b Не е нејзиното вистинско име.
[Слика на страница 23]
Проблемите може да се решат преку добра комуникација