ПОГЛАВЈЕ 129
Пилат рекол: „Еве го човекот!“
МАТЕЈ 27:15-17, 20-30; МАРКО 15:6-19; ЛУКА 23:18-25; ЈОВАН 18:39 — 19:5
ПИЛАТ СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО ОСЛОБОДИ ИСУС
ЕВРЕИТЕ ПОБАРАЛЕ ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ВАРАВА
ИСУС БИЛ ИСМЕЈУВАН И ИЗМАЧУВАН
На мноштвото кое барало Исус да биде погубен, Пилат му рекол: „Јас... не утврдив дека тој човек е виновен за она за кое го обвинувате. А не најде ни Ирод“ (Лука 23:14, 15). За да го ослободи Исус, Пилат се послужил со уште една тактика. На мноштвото му рекол: „Кај вас е обичај на Пасхата да ви пуштам некого. Тогаш, сакате ли да ви го пуштам царот на Евреите?“ (Јован 18:39).
Пилат знаел дека во затворот имало еден човек по име Варава, кој бил крадец, бунтовник и убиец. Затоа прашал: „Кого сакате да ви го пуштам, Варава или Исус кого го нарекуваат Христос?“ Народот, изманипулиран од главните свештеници, побарал да биде пуштен Варава, а не Исус. Пилат повторно ги прашал: „Кој од овие двајца сакате да ви го пуштам?“ Мноштвото извикувало: „Варава!“ (Матеј 27:17, 21).
Запрепастен, Пилат прашал: „Тогаш што да правам со Исус кого го нарекуваат Христос?“ Народот одговорил: „Нека биде прикован на столб!“ (Матеј 27:22) Без трошка совест, тие луѓе ја барале смртта на невин човек. Затоа Пилат пробал да ги вразуми со зборовите: „Па, какво зло направил тој? Не најдов ништо кај него со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“ (Лука 23:22).
И покрај сите негови обиди, разбеснетата толпа уште посилно извикувала: „Нека биде прикован на столб!“ (Матеј 27:23) Верските водачи успеале да го доведат народот до толкаво лудило што упорно барал да се пролее крв. Но, не ја барале крвта на некој злосторник или убиец, туку крвта на еден невин човек кој пред само пет дена бил пречекан во Ерусалим како Цар. Не знаеме дали пред палатата на Пилат биле и учениците на Исус, но ако биле, молчеле и останале незабележани.
Пилат видел дека неговите обиди се безуспешни и дека метежот станува сѐ поголем. Затоа зел вода, ги измил рацете пред народот и рекол: „Јас сум невин за крвта на овој човек. Тоа си е ваша работа“. Но, ни тоа не ги натерало да се премислат. Рекле: „Неговата крв нека падне на нас и на нашите деца!“ (Матеј 27:24, 25)
Пилат одлучил да ја задоволи желбата на народот, наместо да го направи она што знаел дека е исправно. Затоа го исполнил нивното барање и го ослободил Варава, а Исус им го предал на војниците, кои го соблекле и го камшикувале.
По тоа сурово мачење, војниците го одвеле Исус во палатата на управителот. Таму околу него се собрала цела чета војници кои продолжиле да го измачуваат. Тие сплеле круна од трње и му ја ставиле на главата. Во десната рака му ставиле трска и му облекле црвена наметка каква што носеле царевите. Го исмејувале, велејќи му: „Здраво, царе на Евреите!“ (Матеј 27:28, 29) Освен тоа, го плукале и му удирале шлаканици. Потоа му ја зеле трската од раката и почнале со неа да го удираат по главата, поради што острите трња од „круната“ сѐ повеќе му се забивале во кожата.
Неверојатната смиреност и храброст што Исус ги покажал му оставиле голем впечаток на Пилат. Не сакајќи да сноси никаква вина, уште еднаш се обидел да го ослободи, велејќи: „Еве, ви го изведувам за да знаете дека не наоѓам никаква кривица во него“. Дали се надевал дека нивните срца ќе омекнат кога ќе ги видат раните на неговото тело? Додека Исус стоел пред тие бездушни луѓе, Пилат рекол: „Еве го човекот!“ (Јован 19:4, 5)
Иако бил изнемоштен од измачувањето, Исус покажал таква достоинственост и спокојство што Пилат не можел да остане рамнодушен. Во неговите зборови може да се почувствува почит и жал.