Животот и службата на Исус
Агонија на столбот
ЗАЕДНО со Исус се одведени и двајца разбојници за да бидат погубени. Недалеку од градот, поворката застанува на местото наречено Голгота или Костурница.
На затворениците им ја соблекуваат облеката. Потоа донесуваат вино помешано со мира (миризлива смола). Веројатно го припремиле жените од Ерусалим, а римските војници не го забрануваат овој напиток кој им ги ублажува болките на оние кои се распнати. Меѓутоа, кога Исус го вкусува, одбива да пие. Зошто? Очигледно сака да има полна контрола над своите сетила во текот на овој врховен испит на својата вера.
Исус го распнуваат на столбот со рацете ставени над главата. Потоа војниците му заковуваат долги клинови во рацете и нозете. Тој се грчи од болка кога клинците продираат низ месото и лигаментите. Кога го исправаат столбот, болката е неизмерно голема, бидејќи тежината на телото ги расцепува раните од клиновите. Сепак, наместо да се заканува, Исус се моли за римските војници: ”Татко, прости им, зашто не знаат што прават.“
Пилат дал да се закачи на столбот еден натпис на кој пишува: ”Исус Назариќанинот царот на Евреите“. Очигледно ова го пишува не затоа што го почитува Исус, туку затоа што ги мрази еврејските свештеници што ја изнудиле смртната пресуда за Исус преку него. За да можат сите да го читаат натписот, Пилат дал да се напише на три јазика — на хебрејски, службениот латински и општиот грчки.
Главните свештеници, вклучувајќи ги Кајафа и Ана, се вчудовидени. Овој позитивен проглас им го расипува моментот на триумф. Затоа протестираат: ”Не пишувајте ’Цар на Евреите‘, туку дека тој рече ’Јас сум цар на Евреите‘“ Разлутен што им послужил на свештениците како пион, Пилат одговара со одлучен презир: ”Што сум напишал, сум напишал.“
Свештениците, со една голема толпа луѓе, се собираат на местото на погубувањето, и свештениците се обидуваат да го побијат сведоштвото на натписот. Го повторуваат лажното сведоштво што беше дадено порано при судењето во Синедриумот. Затоа не е ни чудно што минувачите почнуваат да зборуваат навредливо, подбивно нишајќи со глава и велат: ”Ех, ти кој сакаше да го урнеш храмот и повторно да го изградиш за три дена, спаси се самиот! Ако си син Божји, слези од маченичкиот столб!“
”Другите ги спаси; а самиот не може да се спаси!“, се вмешуваат свештеничките главатари и нивните верски пријатели. ”Тој е царот на Израел; нека слезе сега од маченичкиот столб и ќе му веруваме. Се потпираше на Бог; тој нека го спаси сега ако сака, зашто рече: ’Јас сум Божји Син.‘“
Обземени со истиот дух, војниците исто така му се исмејуваат на Исус. Подбивно му нудат кисело вино, веројатно држејќи го пред неговите исушени усни. ”Ако си цар на Евреите“, му велат потсмевливо, ”спаси се себеси.“ Дури и разбојниците — едниот распнат на десната страна од Исус, а другиот на левата — му се исмејуваат. Замисли си! Најголемиот човек кој некогаш живеел, да, оној кој заедно со Јехова Бог учествувал во создавањето на сите работи, одлучно ги поднесува сите овие понижувања!
Војниците ја земаат Исусовата горна облека и ја делат на четири дела. Фрлаат ждрепка за да видат чии ќе бидат. Но долната облека е без шевови, изработена од квалитетен материјал. Затоа војниците си велат меѓусебе: ”Да не ја кинеме, туку да фрламе ждрепка да видиме чија ќе биде.“ И така, несвесно го исполнуваат библискиот стих кој вели: ”Ја разделија мојата горна облека меѓу себе, и фрлаа ждрепка за долната облека.“
Со тек на време, еден од разбојниците сфаќа дека Исус навистина мора да е цар. И прекорувајќи го придружникот, вели: ”Зарем воопшто не се плашиш од Бога, сега кога и самиот си на истиот суд? За нас навистина е оправдано, зашто го добиваме токму она што го заслужуваме за нашите дела; но овој човек не направил ништо погрешно.“ Потоа му се обраќа на Исус со молба: ”Сети се на мене кога ќе дојдеш во твоето Царство.“
”Навистина ти велам денес,“ одговара Исус, ”Ќе бидеш со мене во рајот.“ Ова ветување ќе биде исполнето кога Исус ќе владее како Цар на небото и ќе го воскресне овој покајнички злосторник во живот на Земјата, во Рајот којшто преживеаните од Армагедон и нивните придружници ќе имаат предност да го негуваат. Матеј 27:33-44; Марко 15:22-32; Лука 23:27, 32-43; Јован 19:17-24.
◆ Зошто Исус одбива да го пие виното помешано со мира?
◆ Зошто веројатно е ставен натписот на Исусовиот столб, и каква понатамошна препирка предизвикува тоа меѓу Пилат и главните свештеници?
◆ Какво понатамошно понижување доживува Исус на столбот, и што предизвикува тоа?
◆ Како е исполнето пророштвото со она што го сториле со Исусовата облека?
◆ Каква промена прави еден од разбојниците, и како Исус ќе ја исполни неговата молба?