Животот и службата на Исус
”Овој сигурно беше Божји Син“
ИСУС не бил долго на столбот кога, на пладне, се појавува мистериозна тричасовна темнина. Тоа не било затемнување на сонцето бидејќи такво нешто се случува само кога има млада месечина, а за време на Пасхата месечината е полна. Освен тоа, затемнувањето на сонцето трае само неколку минути. Значи, темнината е од божествено потекло! Веројатно ги принудува да размислуваат оние кои му се исмејуваат на Исус, дури предизвикува да прекинат со своето подбивање.
Ако застрашувачкиот феномен се случува пред едниот од злосторниците да го прекори придружникот и да го замоли Исус да се сети на него, тогаш тоа веројатно можело да биде причина да се покае. Можеби за време на темнината, четири жени, имено Исусовата мајка и нејзината сестра Салома, Марија Магдалена, и Марија, мајката на апостол Јаков Помалиот, се доближуваат поблиску до маченичкиот столб. Јован, Исусовиот сакан апостол, е тука со нив.
Како само срцето на Исусовата мајка е ’прободено‘ додека го гледа синот што го негувала и одгледувала, кој сега виси во агонија! Сепак, Исус не размислува за сопствените болки, туку за нејзината добробит. Со голем напор покажува со главата кон Јован и ѝ вели на мајка си: ”Жено, гледај! Твој син!“ Потоа, покажувајќи кон Марија, му вели на Јован: ”Гледај! Твоја мајка!“
Значи, грижата за својата мајка, која очигледно сега е вдовица, Исус му ја доверува на својот сакан апостол. Ова го прави бидејќи другите синови на Марија сѐ уште не покажале вера во него. Со тоа поставува одличен пример за обезбедување не само на физичките потреби на мајка си, туку и на нејзините духовни потреби.
Околу три попладне, Исус вели: ”Жеден сум.“ Потоа, насетувајќи дека Татко му, така да се каже, не го заштитувал повеќе да се испита неговата беспрекорност до крај, извикува со силен глас: ”Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?“ Слушајќи го ова, некои кои стојат во близина извикуваат: ”Гледајте! Го вика Илија.“ Веднаш еден од нив истрчува, држејќи трска на чиј врв има сунѓер натопен со кисело вино, и му дава да пие. Но другите велат: ”Пушти го! Да видиме дали Илија ќе дојде да го симне.“
Кога Исус го добива киселото вино, извикува: ”Довршено е!“ Да, тој довршил сѐ за што Татко му го испратил да направи на Земјата. На крајот, вели: ”Татко, во твои раце го предавам мојот дух.“ Според тоа, Исус му ја предава својата животна сила на Бог во доверба дека Бог повторно ќе му ја врати. А потоа ја наведнува главата и умира.
Во моментот кога Исус го издивнува последниот здив, се случува силен земјотрес од кој се расцепуваат многу карпи. Земјотресот е толку јак што надгробните плочи надвор од Ерусалим се отвораат и од нив се лешеви. Минувачите кои ги виделе исфрлените мртви тела, влегуваат во градот и го раскажуваат тоа.
Освен тоа, во моментот кога Исус умира, огромната завеса која ја дели Светињата од Светињата над светињите во Божјиот храм, се расцепува надве, одозгора до долу. Очигледно дека оваа прекрасно украсена завеса е висока околу 18 метри и е многу тешка! Ова запрепастувачко чудо не само што го покажува Божјиот бес против убијците на Неговиот Син, туку и означува дека влегувањето во Светињата над светињите, самите небеса, сега е овозможено преку Исусовата смрт.
Кога луѓето го почувствувале земјотресот и ги виделе работите кои се случуваат, многу се преплашиле. Воениот офицер кој бил задолжен за погубувањето, му оддава слава на Бог. Тој изјавува: ”Овој сигурно беше Божји Син.“ Веројатно бил присутен на судењето пред Пилат кога се дискутирало за Исусовото тврдењето дека е Божји Син. А сега е уверен дека Исус е Божји Син, да, дека е навистина најголемиот човек кој некогаш живеел.
И другите биле обземени од овие зачудувачки настани, и враќајќи се дома, се удираат в гради како знак на огромна болка и срам. Оваа глетка оддалеку ја посматраат многу женски ученички на Исус кои се длабоко трогнати од овие значајни настани. Апостолот Јован исто така е присутен. Матеј 27:45-56; Марко 15:33-41; Лука 23:44-49; 2:34, 35; Јован 19:25-30 (НС).
◆ Зошто тричасовната темнина не можела да биде предизвикана од затемнување на сонцето?
◆ Каков прекрасен пример пред својата смрт дава Исус за оние со остарени родители?
◆ Кои се Исусовите последни четири изјави пред да умре?
◆ Што постигнува земјотресот, и кое е значењето што завесата на храмот се расцепува надве?
◆ Како овие чуда дејствуваат на офицерот кој е задолжен за погубувањето?