Пророштва за Месијата
ВРЗ основа на она што Исаија и другите пророци го напишале за Месијата, Евреите долго време го очекувале неговото доаѓање. Всушност, пред да дојде Исус, многу Евреи ‚биле во исчекување‘ на скорото појавување на Месијата (Лука 3:15). Интересно е тоа што библиските пророштва вклучуваат значајни детали за животот на Месијата. Ниеден човек не би можел да ги прорече тие настани ниту да намести Исус да биде вклучен во нив.
Детали во врска со раѓањето на Месијата. Исаија прорекол дека Месијата, односно Христос, ќе го роди девица. Откако ги опишал чудесните настани поврзани со Исусовото раѓање, апостол Матеј напишал: „Сето тоа се случи за да се исполни она што Јехова го кажа преку својот пророк: ‚Еве, девица ќе забремени и ќе роди син‘“ (Матеј 1:22, 23; Исаија 7:14). Исаија, исто така, прорекол дека Христос ќе биде потомок на Давид, и конкретно го спомнал Јесеј, таткото на Давид. И навистина, Исус бил директен потомок на Давид (Матеј 1:6, 16; Лука 3:23, 31, 32). Затоа, пред да се роди Исус, ангелот Гавриел ѝ рекол на Марија, Исусовата мајка: „Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко“ (Лука 1:32, 33; Исаија 11:1-5, 10; Римјаните 15:12).
Детали во врска со животот на Месијата. Во синагогата во Назарет, кога Исус веќе бил возрасен човек, гласно читал од пророштвата на Исаија. Меѓу другото, ги прочитал и овие зборови: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите“. Исус покажал дека тоа пророштво се однесува на него кога рекол: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“ (Лука 4:17-21; Исаија 61:1, 2). Исаија, меѓу другото, прорекол дека Исус љубезно, благо и скромно ќе постапува со оние на кои им треба лекување. Матеј пишува: „Мнозина одеа по него, и тој ги излекува сите, но им забрани да шират глас за него, за да се исполни она што беше кажано преку пророкот Исаија... ‚Нема да се кара и нема да вика... Згмечена трска нема да здроби‘“ (Матеј 8:16, 17; 12:10-21; Исаија 42:1-4; 53:4, 5).
Детали во врска со страдањето на Месијата. Исаија прорекол дека повеќето Израелци нема да го прифатат Месијата, туку дека тој ќе им стане „камен за спрепнување“ (1. Петрово 2:6-8; Исаија 8:14, 15). И навистина, иако Исус направил многу чуда, луѓето ‚не поверувале во него, па така се исполнила речта што ја кажал пророкот Исаија: „Јехова, кој поверува во она што го чувме?“‘ (Јован 12:37, 38; Исаија 53:1). Една причина од која Евреите не покажале вера било раширеното, иако погрешно верување дека Месијата веднаш ќе го ослободи народот од римската власт и дека на Земјата ќе воспостави едно независно царство со владетели од лозата на Давид. Бидејќи Исус страдал и умрел, повеќето Евреи не го прифатиле како Месија. Но, Исаија прорекол дека Месијата ќе страда пред да стане Цар.
Во книгата Исаија, Месијата пророчки вели: „Го свртев грбот кон оние што ме удираа... Не го криев лицето од понижување и од плукање“. Матеј кажува што се случило на судењето на Исус: „Почнаа да го плукаат в лице и да го удираат со тупаници. Други му удираа шлаканици“ (Исаија 50:6; Матеј 26:67). „Тој дозволуваше да му нанесуваат болка и не ја отвори устата“, напишал Исаија. Така, кога Пилат му поставувал на Исус прашања во врска со обвиненијата што ги изнеле Евреите, Исус ‚не му одговорил со ниту еден збор, така што управителот многу се чудел‘ (Исаија 53:7; Матеј 27:12-14; Дела 8:28, 32-35).
Детали во врска со смртта на Месијата. Пророштвата на Исаија продолжиле да се исполнуваат и при Исусовата смрт, па дури и потоа. Исаија прорекол: „Кога ќе умре, гробот ќе му биде меѓу злосторниците и меѓу богатите“ (Исаија 53:9). Како би можело да се исполни ова навидум противречно пророштво? Кога Исус умрел, бил прикован на столб меѓу двајца разбојници (Матеј 27:38). Но, подоцна, богатиот Јосиф од Ариматеја го положил Исусовото тело во својот нов гроб издлабен во карпа (Матеј 27:57-60). И на крајот, со Исусовата смрт се исполнил еден од најважните делови од пророштвата на Исаија. Кога зборувал за Месијата, Исаија рекол: „Праведникот, мојот слуга, ќе им даде праведност на мнозина, и нивните престапи ќе ги земе врз себе“. Навистина, со Исусовата смрт била обезбедена откупнина за да може товарот на гревот да се симне од сите верни луѓе (Исаија 53:8, 11; Римјаните 4:25).
Пророштва што сигурно ќе се исполнат
За да може на темел на Светото писмо да се открие кој е Месијата, апостолите и самиот Исус цитирале од пророштвата на Исаија почесто отколку од која и да е друга книга од Библијата. Сепак, иднината не е проречена само во книгата на Исаија. И многу други пророштва од Хебрејските списи се исполниле во поврзаност со Исус, неговото Царство и добрите работи што ќе ги постигне тоа Царство во иднинаa (Дела 28:23; Откровение 19:10). Колку било сигурно дека ќе се исполнат овие пророштва? Исус им рекол на Евреите што го слушале: „Немојте да мислите дека дојдов да ги обезвреднам Законот или Пророците [т.е. Хебрејските списи]. Не дојдов да обезвреднам, туку да исполнам. Зашто, вистина, ви велам, побргу ќе исчезнат небото и земјата отколку да исчезне од Законот најмалата буква или делче од буква, а сето тоа да не се исполни“ (Матеј 5:17, 18).
Исто така, Исус покажал дека многу библиски пророштва се исполниле со настаните што се одиграле во негово време, како и со настаните што се случиле набрзо по неговата смрт (Даниел 9:27; Матеј 15:7-9; 24:15). Освен тоа, и Исус и неговите ученици прорекле настани што требало да се случат во иднина, вклучувајќи и многу работи што веќе се случуваат во денешно време. Во следната статија ќе прочитаме за исполнувањето на овие, како и на други библиски пророштва што се однесуваат на иднината.
[Фуснота]
a Нешто повеќе во врска со пророштвата што се исполниле на Исус можеш да прочиташ во книгата Што навистина учи Библијата?, на страница 200. Издадена е од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 4]
„Девица... ќе роди син“
[Слика на страница 5]
„Не го криев лицето од понижување“