Читателите прашуваат...
Дали тројството е библиско учење?
▪ Учењето за тројство, меѓу другото, се објаснува на следниов начин: „Постојат три личности со божествена природа (Таткото, Синот и светиот дух) за кои се вели дека се вечни и семоќни, дека ниедна не е на повисока или на пониска положба од другата, дека секоја од нив е Бог, но дека сите заедно се само еден Бог“. Дали ова е библиско учење?
Како доказ за ваквото сфаќање, обично се цитираат зборовите од Матеј 28:19. Во овој стих, Исус рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“. Точно е дека во овој стих се спомнуваат и Таткото, и Синот и светиот дух. Меѓутоа, во него не пишува дека тие се едно. Исус им дал задача на своите еврејски следбеници да ги поучуваат и да ги крштаваат луѓето во името на Таткото, на Синот и на светиот дух. Во што верувале Евреите како народ?
Кога на Израелците им бил даден сојузот на Законот, кој е дел од Библијата, им било заповедано: „Немој да имаш други богови освен мене“ (5. Мојсеева 5:7). Колку лица ги кажале овие зборови? Одговорот јасно се гледа од 5. Мојсеева 6:4, каде што стои: „Чуј, Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова!“ — а не три бога во еден. Израел штотуку бил ослободен од Египет, каде што се обожавале Озирис, Изида и Хорус (прикажани лево) — една од многуте тријади од богови. Затоа, на Израелците им било заповедано да му служат само на еден Бог. Колку било важно народот да ја разбере оваа заповед? Рабинот д-р Џ. Х. Херц рекол: „Оваа возвишена изјава за апсолутен монотеизам претставувала објава на војна против секој облик на политеизам... Шемата го исклучува тројството од христијанското верување затоа што ја погазува Единственоста на Бог“.a
Бидејќи Исус се родил како Евреин, бил поучен да живее според истата оваа заповед. Откако се крстил, додека Ѓаволот го искушувал, Исус рекол: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Матеј 4:10; 5. Мојсеева 6:13). Од оваа случка можеме да согледаме најмалку две работи. Прво, Сатана се обидел да го наведе Исус да обожава некој друг наместо Јехова. Но, тоа би било апсурдно ако Исус бил дел од истиот Бог. Второ, Исус многу јасно покажал дека треба да му служиме само на еден Бог со тоа што ги употребил зборовите „само нему“, а не рекол „нам“. Ако бил дел од тројството, сигурно би рекол „нам“.
Кога луѓето добро ќе го запознаат Бог и ќе им се роди желба да му служат, се крштаваат „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). Тоа значи дека ја прифаќаат власта на Јехова и ја сфаќаат улогата на Исус Христос во исполнувањето на Јеховината намера (Псалм 83:18; Матеј 28:18). Исто така, сфаќаат и како дејствува Божјиот свет дух, односно силата со која се служи Бог (1. Мојсеева 1:2; Галатите 5:22, 23; 2. Петрово 1:21).
Учењето за тројство со векови ги збунувало луѓето. Но, Исус им ја открил вистината на своите ученици и им помогнал да се зближат со единствениот вистински Бог — Јехова (Јован 17:3).
[Фуснота]
a Во Шемата, единственоста на Бог е изразена преку една молитва темелена на 5. Мојсеева 6:4, која многу се користи во синагогите.
[Извор на слика на страница 23]
Musée du Louvre, Paris