Слави го Јехова со добри дела
1 Кога ќе те затече силна бура, колку ли е убаво кога ќе најдеш засолниште! Ако внатре е топло и безбедно и ако жителите се гостољубиви, ќе се радуваш што си таму. Делото на проповедање на Царството ги упатува луѓето кон едно такво засолниште од Сатановиот систем. Може ли нашето секојдневно однесување да им помогне на другите да видат колку е привлечно ова безбедно засолниште? Да, бидејќи Исус рекол дека луѓето ќе ‚ги видат нашите добри дела и ќе му дадат слава на нашиот Татко кој е на небесата‘ (Мат. 5:16).
2 Како можеме да се однесуваме на таков начин за нашите дела да ги привлечат другите кон Јехова и неговата организација? Со тоа што ќе дозволиме Исусовите зборови кои се запишани во Лука 6:31 и 10:27 секојдневно да го обликуваат нашиот живот. Ова ќе нѐ мотивира да покажуваме грижа полна со љубов кон другите луѓе, што нѐ разликува од овој студен и безобѕирен свет.
3 Една сестра која се возела на прекуокеански траект забележала една млада жена на која толку ѝ се лошело што не можела да се грижи за своето мало дете. Сестрата се понудила да се грижи за детето. Кога жената прашала како да ѝ се заблагодари, сестрата рекла: ‚Ве молам, слушајте ги Јеховините сведоци кога ќе дојдат кај Вас следниот пат‘. Жената постапила така и сега таа и нејзиниот сопруг се Сведоци. Добрите дела одиграле улога во тоа како реагирала на пораката за Царството.
4 Вклучен е целиот наш живот: Врз основа на нашето однесување во соседството, на работа или на училиште и кога се рекреираме, другите формираат мислење за нас и за нашата религија. Затоа, ќе биде добро да се запрашаме: ‚Како гледаат на мене и моето семејство оние кои нѐ набљудуваат отстрана? Дали соседите сметаат дека нашиот дом и дворот се чисти и уредни? Дали нашите колеги и соученици нѐ сметаат за точни и трудољубиви? Дали другите сметаат дека изгледаме скромно и достоинствено?‘ Заради нашите добри дела, обожавањето на Јехова може да им биде попривлечно на другите.
5 Петар предупредил дека христијаните ќе бидат предмет на потсмев (1. Пет. 4:4). Треба да се погрижиме нашето однесување да не биде причина за негативно зборување (1. Пет. 2:12). Ако нашите секојдневни дела го величаат Богот што го обожаваме, тогаш ќе бидеме како светилки кои се ставени високо, повикувајќи ги другите кон безбедното засолниште што го обезбедува Јехова (Мат. 5:14—16).