„Тројцата мудреци“ — кои биле тие?
Сцените на раѓањето обично прикажуваат тројца мажи со наметки како со своите камили пристигнуваат во една штала каде што бебето Исус лежи во јасли. Раскошно облечените посетители обично се наречени тројцата мудреци. Што има да каже Библијата за нив?
Според Библијата, таканаречените мудреци биле од „источните краеви“, и токму таму дознале за раѓањето на Исус (Матеј 2:1, 2, 9). Сигурно на овие мажи им требало доста време за да стигнат до Јудеја. Кога конечно го нашле Исус, тој веќе не бил новороденче во штала. Напротив, мажите ги нашле Марија и „детенцето“ во куќа (Матеј 2:11).
Библијата ги нарекува овие мажи маги, или „астролози“, и не кажува колкумина биле. Еден прирачник објаснува: „Врската помеѓу магијата и астрологијата се гледа од тоа колку посетителите биле фасцинирани од ѕвездата што ги водела до Витлеем“ (The Oxford Companion to the Bible). Библијата отворено го осудува секој облик на магија и вавилонскиот обичај да се добиваат информации од ѕвездите (Второзаконие 18:10—12; Исаија 47:13).
Информациите што им биле соопштени на овие мажи не донеле ништо добро. Овие информации го предизвикале љубоморниот гнев на цар Ирод. Ова, пак, од своја страна, довело до тоа Јосиф, Марија и Исус да побегнат во Египет, а сите машки деца во Витлеем „од две години па надолу“ да бидат убиени. Ирод внимателно го утврдил времето на раѓањето на Исус според она што го дознал од астролозите (Матеј 2:16). Со оглед на сите неприлики што ги предизвикала нивната посета, разумно е да заклучиме дека ѕвездата што ја виделе и пораката во врска со ‚оној кој им се родил како цар на Евреите‘ дошла од Божјиот непријател, Сатана Ѓаволот, кој сакал да се ослободи од Исус (Матеј 2:1, 2).