Простувај од срце
„Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си“ (МАТЕЈ 18:35).
1, 2. а) На кој начин една добро позната грешница го покажала своето ценење за Исус? б) Која поента ја истакнал Исус во одговорот?
ВЕРОЈАТНО била проститутка, личност што ти не би очекувал да ја најдеш во домот на религиозно лице. Ако некои биле шокирани што ја виделе таму, она што го сторила било уште пошокантно. Му пристапила на човекот кој бил со највисок морал и покажала ценење за неговите дела со тоа што му ги измила нозете со своите солзи и му ги избришала со својата коса.
2 Тој човек, Исус, не се згрозил од оваа жена, ‚во градот [позната како, NW] грешница‘. Но Симон фарисејот, кој бил сопственик на домот, бил загрижен затоа што таа била грешница. Исус одговорил со тоа што раскажал за двајца луѓе кои му биле должни на еден човек. Едниот должел многу — отприлика колку што изнесува платата на еден работник за две години. Другиот должел десетина од тоа, помалку од тримесечна плата. Кога ниту едниот од нив не можел да ги врати, заемодавецот ‚им простил на обајцата‘. Јасно, оној кому му било простено повеќе имал поголема причина да реагира со љубов. Откако тоа го довел во врска со љубезниот чин на жената, Исус го додал начелото: „Кому малку се проштава, и љубов мала има“. Потоа ѝ рекол: „Ти се простуваат гревовите!“ (Лука 7:36—48).
3. За што треба да размислиме во врска со себеси?
3 Запрашај се: ‚Да сум бил на местото на таа жена или да сум се нашол во слична ситуација и ми била покажана милост, дали тогаш би бил крут и не би им простил на другите?‘ Можеби ќе одговориш: ‚Сигурно не!‘, Сепак, дали навистина веруваш дека си склон да простуваш? Дали тоа е твоја основна склоност? Дали честопати си го правел тоа спремно и брзо, и дали другите те опишуваат како лице кое простува? Да видиме зошто секој од нас треба на ова да му обрне отворено, самоиспитувачко внимание.
Простувањето потребно — и покажано кон нас
4. Кој факт за себеси треба да го признаеме?
4 Ти си несовршен, како што и самиот си добро свесен за тоа. Ако те запрашаат, дури и би го признал тоа, можеби потсетувајќи се на зборовите кои се наоѓаат во 1. Јованово 1:8: „Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“ (Римјаните 3:23; 5:12). Кај некои грешноста можеби се манифестирала со огромни, шокантни гревови. Но, дури и ако не си намерно виновен за такви гревови, сигурно имало многу случаи и начини на кои си потфрлил во однос на Божјите мерила — си згрешил. Зарем не?
5. За што треба да му бидеме благодарни на Бог?
5 Според тоа, твојата ситуација би можела да одговара на описот на апостол Павле: „Вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Он заедно со Него [Исус] ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови“ (Колосјаните 2:13; Ефесјаните 2:1—3). Забележи ја фразата „простувајќи ви ги сите гревови“. Тоа опфаќа многу. Секој од нас има добра причина да моли како Давид: „Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем“ (Псалм 24:11).
6. Во што можеме да бидеме сигурни во врска со Јехова и простувањето?
6 На кој начин можеш ти — или кој и да било од нас — да добиеме простување? Клуч е фактот што Јехова Бог е склон да простува. Тоа е карактеристика на неговата личност (2. Мојсеева 34:6, 7; Псалм 86:5, NW). Разбирливо е тоа што Бог очекува да му се обратиме во молитва и да молиме за негово помилување, да бараме да ни прости (2. Летописи 6:21; Псалм 102:3, 10, 14). И, тој средил да има правна основа за да покаже такво простување — Исусовата откупна жртва (Римјаните 3:24; 1. Петрово 1:18, 19; 1. Јованово 4:9, 14).
7. На кој начин треба да сакаш да го имитираш Јехова?
7 На Божјата спремност да прости треба да гледаш како на образец за тоа како треба да постапуваш со другите луѓе. Павле се сосредоточил на тоа кога напишал: „А еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:32). Нема сомнение во тоа дека Павловата поента вклучува да учиме од Божјиот пример, зашто во следниот стих продолжува: „И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени“ (Ефесјаните 5:1). Дали ја гледаш врската? Јехова Бог ти простил, што значи — силно расудува Павле — ти треба да Го имитираш и да бидеш ‚добар, сочувствителен, проштавајќи‘ им на другите. Но, запрашај се: ‚Дали го правам тоа? Ако тоа не е во мојата природа, дали работам во тој правец, настојувајќи вистински да го имитирам Бог во поглед на простувањето?‘
Треба да работиме на тоа да простуваме
8. Што треба да признаеме во врска со составот на нашето собрание?
8 Би било убаво да мислиме дека во христијанското собрание има малку прилики кога мораме да го практикуваме побожниот правец на простување. Но, реалноста е поинаква. Се разбира, нашите христијански браќа и сестри настојуваат да го следат Исусовиот образец на љубов (Јован 13:35; 15:12, 13; Галатјаните 6:2). Тие долго работеле, а и сѐ уште работат на тоа да го напуштат начинот на размислување, зборување и постапување кој е вообичаен во овој зол свет. Тие навистина сакаат да ја покажуваат новата личност (Колосјаните 3:9, 10). Сепак, не можеме да го игнорираме фактот дека глобалното собрание, а и секое локално собрание, е составено од несовршени луѓе. Општо земено, тие сигурно се подобри во однос на тоа какви биле порано, но сепак, сѐ уште се несовршени.
9, 10. Зошто не треба да бидеме изненадени ако меѓу браќата настанат проблеми?
9 Во Библијата, Бог намерно ни кажува дека можеме да очекуваме несовршеност во собранието, меѓу нашите браќа и сестри. Разгледај ги, на пример, Павловите зборови запишани во Колосјаните 3:13: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има [причина за, NW] поплака на некого, како што Христос [Јехова, NW] ви прости, така и вие направете!“
10 Значајно е тоа што овде Библијата нѐ потсетува на врската меѓу Божјето простување кон нас и нашата должност и потреба да им простуваме на другите. Зошто ова е предизвик? Бидејќи Павле признал дека некој можеби има „причина за поплака на некого“. Тој увидел дека ќе има такви причини. Сигурно ги имало во првиот век, дури и меѓу христијанските ‚светии‘ кои имале ‚надеж која им е определена на небесата‘ (Колосјаните 1:2, 5). Значи, можеме ли да замислиме дека би било поинаку денес, кога повеќето вистински христијани го немаат сведоштвото од духот дека се „избраници Божји, свети и возљубени“? (Колосјаните 3:12). Според тоа, не треба да заклучиме дека нешто е исклучително погрешно доколку во нашето собрание има причини за поплака — повредени чувства заради реални или наводни неправди.
11. На што нѐ подготовил ученикот Јаков?
11 Исто така, зборовите на Исусовиот полубрат Јаков покажуваат дека мора да очекуваме дека можеби, барем повремено, ќе наидуваме на ситуации кои ќе изискуваат да им простуваме на нашите браќа. „Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост. Но, ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината“ (Јаков 3:13, 14). Зарем „горчлива завист и карање“ во срцата на вистински христијани? Да, зборовите на Јаков јасно укажуваат дека во собранието во првиот век избивале на површина такви работи, како што ќе биде случај и денес.
12. Каков проблем се појавил во древното собрание во Филипи?
12 Во еден вистински пример биле вклучени две помазани христијанки кои биле на добар глас заради тоа што рамо до рамо се напрегале со Павле. Можеби се сеќаваш дека си читал за Еводија и Синтихија, членки на собранието во Филипи. Иако работата не се опишува детално, Филипјаните 4:2, 3 покажува дека меѓу нив имало некаков проблем. Дали тоа започнало со некој непромислен, нељубезен коментар, забележано омаловажување на некој роднина или некаков доказ за соперничка љубомора? Без разлика од каква природа бил, проблемот станал толку сериозен што Павле чул за него далеку, дури во Рим. Меѓу двете духовни сестри можеби се развило ладно молчење, што водело до меѓусебно одбегнување на состаноците или давање груби коментари една за друга пред пријателите.
13. Како веројатно завршила работата меѓу Еводија и Синтихија, и каква поука извлекуваме од тоа?
13 Дали ова ти звучи познато, слично на нешто што се појавило меѓу поединци во твоето собрание или нешто во кое си бил вклучен и ти? Таков проблем можеби и сега постои во одредена мера. Што можеме да направиме? Во случајот од старо време Павле ги поттикнал тие две предадени сестри „да бидат едномислени во Господа“. Можеби тие се сложиле да дискутираат за таа работа, да ја расчистат ситуацијата, да изразат взаемна спремност да си простат и потоа да го имитираат Јеховиниот став на простување. Не постои причина да мислиме дека Еводија и Синтихија не успеале, а и ние можеме да успееме. Таквиот став на простување може да се примени успешно и денес.
Помири се — прости
14. Зошто честопати е можно и најдобро едноставно да преминеме преку личното несогласување?
14 Што всушност е потребно за да простиш кога имаш проблем со друг христијанин? Искрено речено, не постои една едноставна метода, но Библијата дава корисни примери и реалистичен совет. Клучна препорака — иако не е лесно да се прифати и примени — е едноставно да се заборави таа работа, да се премине преку неа. Честопати кога постои некаков проблем, како оној меѓу Еводија и Синтихија, секој мисли дека другиот е во грешка или главно дека е виновен. Значи, во една таква ситуација, најверојатно мислиш дека другиот христијанин е првенствено виновен или дека направил поголема штета. Сепак, можеш ли едноставно да го затвориш тој случај со тоа што ќе простиш? Сфати дека ако — а ова може да биде едно големо „ако“ — другиот христијанин е првенствено или сосема виновен, тогаш ти си во најдобра положба да преминеш преку таа работа како простена и завршена.
15, 16. а) Како Михеј го опишал Јехова? б) Што значи Божјето ‚минување преку престапите‘?
15 Да не го изгубиме од вид Бог како наш пример за простување (Ефесјаните 4:32—5:1). Во врска со Неговиот образец да премине преку грешките, пророкот Михеј напишал: „Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата и да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Он вечно не се гневи, зашто има обичај да се смилува“ (Михеј 7:18).
16 Опишувајќи го Јехова како оној кој ‚минува преку престапите‘, Библијата не вели дека тој не е способен да се сети на грешките и дека има некој вид селективна амнезија (губење на памтењето). Разгледај го случајот со Самсон и со Давид — обајцата направиле сериозни грешки. Бог можел да се сети на тие гревови долго после тоа; дури за некои нивни гревови знаеме бидејќи Јехова дал да се запишат во Библијата. Сепак, нашиот Бог кој простува покажал милост и кон двајцата, и ги поставил пред нас како примери на вера кои треба да ги имитираме (Евреите 11:32; 12:1).
17. а) Кој пристап може да ни помогне да преминеме преку грешките или навредите на другите? б) Како ќе го имитираме Јехова доколку настојуваме да го правиме тоа? (Види ја фуснотата.)
17 Да, Јехова можел да ‚мине преку‘a престапите, токму како што Давид честопати го молел да го стори тоа (2. Царства 12:13; 24:10). Можеме ли да го имитираме Бог во ова, да бидеме спремни да преминеме преку омаловажувањата и навредите кои ни ги нанесуваат другите слуги како несовршени луѓе? Замисли си дека се наоѓаш во еден авион на млазен погон кој полетува од аеродромската писта. Додека гледаш надвор, во близина на аеродромската писта здогледуваш како една познаничка прави груб гест — детински го исплазува јазикот. Знаеш дека била вознемирена и можеби мисли на тебе. Или, пак, можеби воопшто не мисли на тебе. Како и да е, додека авионот кружи за да добие висина, прелетуваш високо над таа жена кој сега изгледа како точка. За еден час ти си стотици километри далеку, а нејзиниот навредлив гест е далеку зад тебе. На сличен начин, за да заборавиме, многупати од помош ќе ни биде ако се обидуваме да бидеме како Јехова и мудро да преминеме преку навредата (Изреки 19:11, NW). Зарем омаловажувањето нема да изгледа безначајно после десет години или двесте години во Милениумот? Зошто едноставно не преминеш преку него?
18. Ако изгледа дека не можеме да заборавиме на навредата, кој совет можеме да го примениме?
18 Но, во некоја ретка ситуација, можеби си се молел за работата и си се обидел да простиш, но чувствуваш дека не можеш. Што тогаш? Исус поттикнал да се појде кај другата страна и да се направи обид да се реши несогласувањето насамо за да се постигне мир. „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5:23, 24).
19. Каков став треба да имаме, а каков став треба да избегнуваме додека бараме мир со својот брат?
19 Значајно е тоа што Исус не рекол да отидеш кај братот за да го убедиш дека ти си во право и дека тој е виновен. Можеби е виновен. Постои голема веројатност дека имало грешка од двете страни. Како и да е, целта не треба да биде да се натера другата страна да признае, така да се каже, да клекне на колена. Ако имаш таков пристап кон дискусијата, сигурно ќе промашиш. Ниту, пак, е неизбежно целта да ти биде да го повториш секој детаљ од вистинската или замислената навреда. Кога една смирена дискусија во духот на христијанската љубов ќе открие дека во суштината на проблемот лежи некое жалосно недоразбирање, тогаш обајцата можете да се обидете да го расчистите. Но, дури и ако дискусијата не води до потполно согласување, дали тоа секогаш е потребно? Зарем не би било подобро ако барем би можеле да се сложите дека обајцата искрено сакате да му служите на нашиот Бог кој простува? Кога ќе се соочите со таа реалност, можеби ќе ви биде полесно секој од срце да каже: „Жал ми е што поради нашата несовршеност го имавме ова несогласување. Те молам, да преминеме преку него“.
20. Што можеме да научиме од примерот на апостолите?
20 Запомни дека меѓу апостолите имало несогласувања, на пример кога некои од нив тежнееле по поголема чест (Марко 10:35—39; Лука 9:46; 22:24—26). Тоа предизвикало напнатост, можеби повредени чувства или дури длабока навреда. Но, тие можеле да преминат преку тие разлики и да продолжат да работат заедно. Еден од нив подоцна напишал: „Кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази јазикот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги. Нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него“ (1. Петрово 3:10, 11).
21. Кој длабок совет го дал Исус во врска со простувањето?
21 Претходно забележавме една фаза во кругот: Бог ни ги простил многуте гревови кои сме ги направиле во минатото, па затоа треба да го имитираме и да им простиме на нашите браќа (Псалм 102:12; Исаија 43:25). Но, постои и друга фаза во овој круг. Откако ја дал пример-молитвата, Исус рекол: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“. Повеќе од една година после тоа, тој повторно ја изнел суштината, поучувајќи ги своите ученици да се молат: „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник“ (Матеј 6:12, 14; Лука 11:4). Потоа, само неколку дена пред својата смрт, Исус додал: „И кога стоите во молитва, проштавајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови“ (Марко 11:25).
22, 23. Како може нашата спремност да простуваме да влијае врз нашата иднина?
22 Да, нашите изгледи и понатаму да добиваме Божје простување во голема мера зависат од тоа колку сме спремни да им простуваме на нашите браќа. Кога ќе избие некој личен проблем меѓу христијаните, запрашај се: ‚Зарем добивањето на Божјето простување не е далку поважно од тоа да докажам дека некој брат или сестра се виновни за некое ситно омаловажување, некоја безначајна навреда или некој одраз на човечка несовршеност?‘ Одговорот ти е познат.
23 Но, што кога работата е посериозна од некоја ситна лична навреда или проблем? И кога важи Исусовиот совет запишан во Матеј 18:15—18? Ајде како следно да ги разгледаме тие работи.
[Фуснота]
a Еден изучувач вели дека хебрејската метафора употребена во Михеј 7:18 е „земена од однесувањето на еден патник кој поминува без да забележи некој предмет на кој не сака да му обрне внимание. Идејата која овде се пренесува не е дека Бог не го забележува гревот, или дека тој го смета како нешто од мала или никаква важност, туку дека во тие случаи не го забележува со цел да го казни; дека тој не казнува туку простува“ (Судии 3:26; 1. Царства 16:8, NW).
Се сеќаваш ли?
◻ Како Јехова ни дава образец за простувањето кој треба да го следиме?
◻ Што треба да запомниме во врска со поединците од нашето собранието?
◻ Што, во повеќето случаи, би требало да можеме да сториме во врска со омаловажувањата или навредите?
◻ Што можеме да сториме, доколку е потребно, за да се помириме со нашиот брат?
[Слика на страница 15]
Кога ќе се појави несогласување со некој христијанин, обиди се да преминеш преку него; со текот на времето работата постепено ќе стане безначајна