Како треба да му се молиме на Бог?
КОГА еден ученик побарал упатство во врска со молитвата, Исус не одбил да му го даде. Според Лука 11:2—4, тој одговорил: „Кога се молите, речете: Оче, да се свети твоето име. Да дојде твоето царство. Дај ни го овој ден нашиот секојдневен леб. И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој кој ни е должен нам. И не нѐ наведувај во искушение“ (католичка Douay Version). Оваа молитва е општо позната како Оче наш. Таа пренесува мноштво информации.
Како прво, уште првиот збор ни кажува до кого мораат да бидат адресирани нашите молитви — до нашиот Татко. Забележи дека Исус не оставил никаков простор за молење до некое друго лице, лик, „светец“ ниту, пак, до него самиот. Впрочем, Бог изјавил: „Мојата слава нема да ја дадам на друг, ниту мојата фалба на делкани работи“ (Исаија 42:8, Dy). Затоа, молитвите што се упатени до што и да било или кој и да било друг освен до нашиот небесен Татко, Тој не ги слуша, без разлика колку е искрен обожавателот. Во Библијата, само Јехова Бог е наречен „Слушач на молитвата“ (Псалм 65:2, НС).
Некои може да речат дека „светците“ служат само како посредници кај Бог. Но, самиот Исус поучил: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене. И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот во Синот“ (Јован 14:6, 13). На тој начин, Исус ја исклучил идејата дека некој кој е наречен светец би можел да служи во улога на посредник. Исто така, забележи што рекол апостол Павле за Христос: „Тој не само што умре за нас — тој стана од мртвите и стои таму од Божјата десна страна и моли за нас“. „Тој живее засекогаш за да посредува за сите кои доаѓаат при Бог преку него“ (Римјаните 8:34; Евреите 7:25, обата од католичката Jerusalem Bible).
Името кое мора да се свети
Следните зборови од Исусовата молитва биле: „Да се свети твоето име“. Како би можел некој да го свети, т. е. да го посветува или истакнува Божјето име доколку не го знаел и не го користел? Во „Стариот завет“, Бог преку 6.000 пати е идентификуван по личното име Јехова.
Во врска со Божјето име, една фуснота во 2. Мојсеева 6:3 во католичката Douay Version вели: „Некои современици го формулирале името Јехова . . . бидејќи точниот изговор на името [на Бог], што се наоѓа во хебрејскиот текст, поради долго неупотребување сега е сосема изгубен“. Затоа, католичката New Jerusalem Bible го користи името Јахве. Иако некои научници се наклонети кон тој изговор, „Јехова“ е легитимен и одамна утврден начин на изговарање на божественото име на македонски. Други јазици имаат свои начини за изговарање на божественото име. Главно е да го употребуваме името за да го светиме. Дали твојата црква те поучила да го употребуваш името Јехова во молитва?
Исправни теми за молитва
Исус потоа ги поучил своите ученици да се молат: „Да дојде твоето царство“. Евангелието на Матеј ги додава зборовите: „Твојата волја нека се врши на Земјата како што е на небото“ (Матеј 6:10, Dy). Божјето Царство претставува една влада во рацете на Исус Христос (Исаија 9:6, 7). Според библиското пророштво, тоа наскоро ќе ги отстрани сите човечки влади и ќе воведе една ера на глобален мир (Псалм 71:1—7; Даниил 2:44; Откровение 21:3—5). Затоа, вистинските христијани го прават доаѓањето на Царството тема која се повторува во нивните молитви. Дали твојата црква те поучила да го правиш тоа?
Интересно е што Исус исто така покажал дека нашите молитви може да вклучат лични работи кои нѐ загрижуваат. Тој рекол: „Дај ни го овој ден нашиот секојдневен леб. И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме секому кој ни е должен нам. И не нѐ наведувај во искушение“ (Лука 11:3, 4, Dy). Исусовите зборови подразбираат дека можеме да ја бараме Божјата волја во секојдневните работи, дека можеме да му пристапуваме на Јехова во врска со сѐ што би можело да нѐ загрижува или да ни го наруши мирот во мислите. Редовното молење на Бог на овој начин ни помага да ја цениме нашата зависност од него. Така стануваме посвесни за неговото влијание врз нашиот живот. Секојдневното молење до Бог да ни прости за нашите престапи е исто така корисно. Со тоа стануваме посвесни за нашите слабости — и потолерантни за недостатоците на другите. Исусовиот поттик да се молиме за ослободување од искушение е исто така умесно, особено со оглед на опаѓачкиот морал на овој свет. Во склад со таа молитва, внимаваме на тоа да избегнуваме околности и ситуации што би можеле да нѐ наведат на злодело.
Затоа, нема сомневање во тоа дека молитвата Оче наш ни кажува многу за принесувањето молитви што му се угодни на Бог. Но, дали Исус имал намера да ја земеме оваа молитва и едноставно да ја рецитираме редовно?
Натамошен совет за молитвата
Исус дал натамошни поуки за молитвата. Во Матеј 6:5, 6 читаме: „Кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето . . . Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“. Овие зборови нѐ учат дека молитвата не треба да се принесува на некаков гиздав, фалбаџиски начин за да се остави впечаток кај некого. Дали ти му го излеваш своето срце на Јехова приватно, како што поттикнува Библијата? (Псалм 61:8).
Исус го дал ова предупредување: „Во своите молитви не дрдорете како што прават паганите, зашто тие мислат дека со користење на многу зборови ќе направат да бидат услишени“ (Матеј 6:7, JB). Јасно е дека Исус не одобрувал молитвите да се учат напамет — а камоли да се читаат од некоја книга. Неговите зборови исто така ја исклучуваат употребата на бројници.
Еден католички молитвеник го признава следново: „Наша најдобра молитва може да бидат нашите спонтани мисли кога ќе му се обратиме во благодарност или во нужда, во времиња на жалост или во нашето редовно секојдневно обожавање“. Исусовите лични молитви биле спонтани, а не учени напамет. На пример, прочитај ја молитвата на Исус запишана во Јован, поглавје 17. Таа се држи за пример-молитвата, нагласувајќи ја Исусовата желба да го види посветено Јеховиното име. Исусовата молитва била спонтана и од длабочината на срцето.
Молитви што Бог ги слуша
Ако си бил поучен да принесуваш молитви научени напамет, да им се молиш на „светци“ или на ликови или, пак, да употребуваш религиозни предмети, како што се бројниците, идејата да се молиш на начинот што го истакнал Исус, отпрвин би можела да ти се чини застрашувачка. Сепак, клучот е да се запознае Бог — неговото име, неговите намери и неговата личност. Тоа можеш да го постигнеш преку темелно проучување на Библијата (Јован 17:3). Јеховините сведоци се спремни и желни да ти помогнат во овој поглед, зашто тие им помогнале на милиони лица ширум светот да ‚вкусат и да видат дека Господ е благ [добар, НС]‘! (Псалм 33:8). Колку повеќе го запознаваш Бог толку повеќе ќе бидеш поттикнат да го фалиш во молитва. И колку повеќе се зближуваш со Јехова во молитва полна со почит толку поблизок ќе биде твојот однос со него.
Затоа, сите вистински обожаватели на Бог се поттикнати да ‚се молат постојано‘ (1. Солунјаните 5:17). Погрижи се твоите молитви навистина да бидат во склад со Библијата, вклучувајќи ги и упатствата на Исус Христос. На овој начин можеш да бидеш сигурен дека твоите молитви ќе имаат Божје одобрение.
[Слика на страница 7]
Колку повеќе учиме за Јехова толку повеќе сме поттикнати да му се молиме од срце