ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Треба ли да се молиш?
‚Ако Бог знае сѐ, значи ги знае сите мои мисли и потреби. Тогаш, зошто да се молам?‘ Можеби и ти се прашуваш истото, и тоа е во ред. Впрочем, самиот Исус рекол дека Бог ‚знае што ни треба уште пред да го замолиме‘ (Матеј 6:8). Давид, кој бил цар на древниот Израел, добро го знаел ова и затоа напишал: „Уште не ми дошле зборовите на јазикот, а ти, Јехова, веќе сите ги знаеш“ (Псалм 139:4). Тогаш, зошто треба да му се молиме на Бог? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме што ни кажува Библијата за молитвата.a
„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8)
МОЛИТВАТА НЀ ЗБЛИЖУВА СО БОГ
Иако Библијата открива дека Јеховаb Бог знае сѐ, таа исто така покажува дека негова цел не е само да дознае што повеќе факти за луѓето што му се верни (Псалм 139:6; Римјаните 11:33). Тој не е како компјутер што автоматски собира податоци за разни лица. Всушност, Бог сака да ги знае нашите најдлабоки мисли затоа што сака да бидеме блиски со него (Псалм 139:23, 24; Јаков 4:8). Токму од таа причина, Исус им рекол на своите следбеници да се молат, иако неговиот Татко добро знае кои се нивните основни потреби (Матеј 6:6-8). Колку повеќе му ги кажуваме нашите мисли на нашиот Творец, толку поблиски стануваме со него.
Можеби понекогаш ни е тешко да се искажеме во молитва. Во таков случај, Бог може да види што чувствуваме и без да му кажеме. А бидејќи знае сѐ за нашиот живот, може да ни го даде она што ни е потребно (Римјаните 8:26, 27; Ефешаните 3:20). Кога ќе видиме што направил Бог за нас лично, дури и за работи што на прв поглед не се толку очигледни, ќе се чувствуваме поблиски со него.
ДАЛИ БОГ ОДГОВАРА НА СИТЕ МОЛИТВИ?
Библијата нѐ уверува дека Семоќниот Бог одговара на молитвите на оние што му се верни. Сепак, таа објаснува и зошто Бог не ги слуша сите молитви. На пример, кога во древниот Израел имало многу насилство, Бог го испратил својот пророк Исаија да им рече на луѓето: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв“ (Исаија 1:15). Јасно е дека оние што не ги почитуваат Божјите закони или, пак, се молат од погрешни мотиви, не можат да очекуваат Бог да им одговори на молитвите (Изреки 28:9; Јаков 4:3).
Од друга страна, Библијата вели: „Што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Дали ова значи дека Бог одговара на сите молитви што ќе му ги упатат оние што му се верни? Не. На пример, апостол Павле трипати го молел Бог да го отстрани неговиот „трн во телото“ (2. Коринќаните 12:7, 8). Можно е да имал хронична болест на очите. Како и да е, тој „трн во телото“ сигурно многу го измачувал. Павле можел да ги лекува луѓето, па дури и воскреснал едно лице, но морал да живее со својата болест (Дела 19:11, 12; 20:9, 10). Иако не го добил она што го очекувал, Павле не престанал да чувствува благодарност кон Бог (2. Коринќаните 12:9, 10).
„Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14)
Точно е дека на некои Божји слуги им било одговорено на молитвите на чудесен начин (2. Царевите 20:1-7). Но, такво нешто се случувало многу ретко, дури и во библиски времиња. Некои верни луѓе биле разочарани бидејќи мислеле дека Бог не одговорил на нивните молитви. Цар Давид прашал: „До кога, о Јехова, ќе ме забораваш? Зар засекогаш?“ (Псалм 13:1). Но, кога тој верен човек сфатил колку пати Јехова веќе му помогнал, си ја вратил довербата во Бог. Понатаму, Давид во својата молитва рекол: „А јас имам доверба во твојата милост“ (Псалм 13:5). Исто како Давид, и ние денес можеби ќе треба упорно да се молиме сѐ додека не согледаме на кој начин Бог ни одговорил на молитвите (Римјаните 12:12).
КАКО БОГ ОДГОВАРА НА МОЛИТВИТЕ
Бог ни го дава она што вистински ни е потребно.
Грижливите родители со добра причина не им го даваат секогаш на своите деца токму тоа што ќе го побараат и токму тогаш кога ќе го побараат. Слично на тоа, и Бог можеби нема да одговори на нашите молитви онака како што очекуваме или во моментот кога очекуваме. Но, можеме да бидеме уверени дека нашиот Творец, како еден татко кој многу нѐ сака, ќе ни го даде она што ни е потребно — во вистинскиот момент и на вистинскиот начин (Лука 11:11-13).
Бог може да ни одговори на начин што не е толку очигледен.
Но, што ако веќе подолго време се молиме за еден ист проблем? Дали треба да заклучиме дека Бог не ни одговорил на молитвите само затоа што не се случило ништо посебно? Воопшто не. Напротив, треба да размислиме дали можеби Бог ни помогнал на начин што не е толку очигледен. На пример, можеби некој близок пријател ни помогнал тогаш кога најмногу ни требало (Изреки 17:17). Можно ли е Јехова да го поттикнал да направи нешто за нас? Исто така, Јехова може да одговори на нашите молби за помош преку страниците на Библијата. Она што ќе го прочитаме во неа може да ни помогне да се справиме со некоја тешка ситуација (2. Тимотеј 3:16, 17).
Можеби Бог нема да го отстрани проблемот што нѐ мачи, но ќе ни даде сила да издржиме (2. Коринќаните 4:7). На пример, од страв да не му нанесе срам на Божјето име, Исус го молел својот Татко да го поштеди од она што требало да го претрпи. Но, наместо да го поштеди од тоа страдање, Јехова испратил ангел за да го зајакне (Лука 22:42, 43). Слично на тоа, Бог може да поттикне некој наш близок пријател да нѐ охрабри кога најмногу ни треба охрабрување (Изреки 12:25). Бидејќи во таквите ситуации не е толку очигледно дека Бог ни помогнал, треба да научиме да забележуваме на кои сѐ начини Бог одговара на нашите молитви.
Бог одговара во свое време.
Од Библијата дознаваме дека Семоќниот Бог покажува милост кон понизните „кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6). Затоа, ако ни се чини дека Бог не одговара на нашите искрени молитви, не треба да си мислиме дека не сме му важни. Всушност, нашиот грижлив Творец го користи своето неограничено знаење за да процени кога и како е најдобро да одговори на некоја наша молитва.
„Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6)
Да наведеме еден пример: Замисли си дека твоето синче бара да му купиш поголем велосипед. Дали веднаш ќе му ја исполниш желбата, особено ако сметаш дека уште е мал за да вози таков велосипед? Можеби ќе одлучиш дека уште не е време за тоа. Сепак, веројатно ќе му ја исполниш желбата кога ќе дојде вистинскиот момент. Слично, и Бог ќе ги исполни нашите исправни желби во свое време ако истрајно се молиме (Псалм 37:4).
БИДИ УВЕРЕН ДЕКА ЈЕХОВА ГИ СЛУША МОЛИТВИТЕ
Библијата ги поттикнува вистинските христијани да продолжат да се молат и да не губат надеж дека Бог ќе ги слушне. Но, некои можеби ќе речат: ‚Тоа е полесно да се каже отколку да се направи‘. Факт е дека, ако подолго време се соочуваме со некој проблем или трпиме некоја неправда, може да ни биде тешко да продолжиме да чекаме Бог да стори нешто. Сепак, треба да имаме на ум што рекол Исус за тоа колку упорни треба да бидеме кога се молиме.
Исус ја кажал споредбата за една сиромашна вдовица што упорно одела кај некој неправеден судија за да добие правда (Лука 18:1-3). Иако во почетокот судијата не сакал да ѝ помогне, на крајот си рекол: „Ќе ѝ помогнам да добие правда, па повеќе да не доаѓа и да ме измачи докрај“ (Лука 18:4, 5). Според текстот на изворниот јазик, судијата ѝ обрнал внимание на вдовицата затоа што се плашел таа да не го „удри под окото“, што симболично значело „да не му го наруши угледот“.c Ако еден неправеден судија е спремен да ѝ помогне на една сиромашна вдовица за да не му се наруши угледот, колку повеќе нашиот грижлив Бог е спремен да им даде правда на оние што „викаат кон него ден и ноќ“! Како што рекол Исус, Бог „ќе се погрижи брзо да добијат правда“ (Лука 18:6-8).
„Молете, и ќе ви се даде“ (Лука 11:9)
Можеби некогаш ќе помислиме дека е залудно да го молиме Бог да ни помогне или да направи нешто за нас. Сепак, не смееме да се откажеме. Со тоа што истрајно ќе се молиме, ќе покажеме дека навистина сакаме Бог да нѐ води во животот. Исто така, учиме да препознаваме како Бог одговара на нашите молитви. На тој начин се зближуваме со него. Значи, можеме да бидеме сигурни дека, ако му се молиме на Јехова со вера, тој ќе одговори на нашите молитви (Лука 11:9).
a Ако сакаме Бог да ги сослуша нашите молитви, мора искрено да се трудиме да живееме во склад со неговите барања. Само тогаш ќе можеме да почувствуваме колкава моќ има молитвата, како што е објаснето во оваа статија. Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 17 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци
b Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.
c Во библиски времиња, Бог им заповедал на судиите во Израел да покажуваат посебен обѕир кон вдовиците и сираците (5. Мојсеева 1:16, 17; 24:17; Псалм 68:5).