„Господи, научи нѐ да се молиме“
„Еден од неговите ученици му рече: ,Господи, научи нѐ да се молиме‘“ (ЛУКА 11:1).
1. Зошто еден од учениците го замолил Исус да ги научи да се молат?
ВО ЕДНА прилика во 32 н.е., еден од учениците го набљудувал Исус додека се молел. Не можел да чуе што му кажува Исус на својот Татко, бидејќи веројатно Исус се молел во себе. Но, кога завршил со молитвата, ученикот му рекол: „Господи, научи нѐ да се молиме“ (Лука 11:1). Што го поттикнало ова барање? Молитвата била редовен дел од животот и обожавањето на Евреите. Хебрејските списи содржат голем број молитви во книгата Псалми и на други места. Значи, ученикот не побарал да биде поучен за некоја работа за која не знаел ништо или што никогаш не ја правел. Без сомнение, му биле познати формалните молитви на верските водачи на јудаизмот. Но, сега го видел Исус како се моли и веројатно почувствувал дека има голема разлика помеѓу навидум побожните молитви на рабините и начинот на кој се молел Исус (Матеј 6:5—8).
2. а) Што покажува дека Исус не мислел дека треба да ја рецитираме пример-молитвата од збор до збор? б) Зошто сме заинтересирани да знаеме како да се молиме?
2 Околу 18 месеци пред тоа, во Проповедта на гората Исус им дал на своите ученици пример врз основа на кој требало да ги кажуваат молитвите (Матеј 6:9—13). Можеби тој ученик не бил присутен во таа прилика, па затоа Исус љубезно ги повторил главните мисли од пример-молитвата. Интересно е тоа што не ја повторил од збор до збор, со што покажал дека не дава некаква литургиска молитва што треба механички да се рецитира (Лука 11:1—4). Исто како тој ученик чие име не ни е кажано, и ние сакаме да бидеме поучени како да се молиме за нашите молитви да нѐ зближат со Јехова. Затоа, да ја испитаме целосната верзија на пример-молитвата, како што ја запишал апостол Матеј. Таа содржи седум барања, од кои три се однесуваат на Божјите намери, а четири се однесуваат на нашите материјални и духовни потреби. Во оваа статија ќе ги разгледаме првите три молби.
Татко што многу нѐ сака
3, 4. На што укажува тоа што му се обраќаме на Јехова со „Татко наш“?
3 Уште во самиот почеток, Исус покажал дека од нашите молитви треба да се види дека имаме близок однос со Јехова, но дека сепак го почитуваме. Зборувајќи главно во корист на своите ученици што биле собрани околу него на таа планинска падина, Исус им рекол да му се обраќаат на Јехова со „Татко наш, кој си на небесата“ (Матеј 6:9). Според еден изучувач, без оглед на тоа дали Исус зборувал на некој народен облик на хебрејскиот јазик или, пак, на арамејски, терминот што го употребил за „Татко“ е сроден на изразите на блискост што ги користи едно мало дете, тоа е ,детски збор‘. Кога го нарекуваме Јехова наш Татко, тоа укажува на еден топол, доверлив однос.
4 Со тоа што велиме „Татко наш“, ние потврдуваме дека сме дел од една голема фамилија мажи и жени кои го признаваат Јехова како Животодавец (Исаија 64:8; Дела 17:24, 28). Христијаните родени со дух се усвоени како „Божји синови“ и кон него можат ,да извикуваат: „Ава, Татко!“‘ (Римјаните 8:14, 15). Милиони станале нивни верни придружници. Тие му го предале својот живот на Јехова и го симболизирале своето предание со крштавање во вода. И сите овие „други овци“ можат да му пристапат на Јехова во името на Исус и да Го наречат „Татко наш“ (Јован 10:16; 14:6). Редовно можеме да му се обраќаме на нашиот небесен Татко во молитва за да го фалиме, да му благодариме за сите негови изрази на доброта кон нас и да му кажеме за сѐ што нѐ оптоварува, уверени дека тој се грижи за нас (Филипјаните 4:6, 7; 1. Петрово 5:6, 7).
Љубов кон Јеховиното име
5. Која е првата молба во пример-молитвата, и зошто е соодветно таа да биде прва?
5 Првата молба веднаш ги става најважните работи на прво место. Таа гласи: „Нека се свети името твое“ (Матеј 6:9). Да, посветувањето на Јеховиното име треба да ни биде најважно, затоа што го сакаме Јехова и не можеме да поднесеме да гледаме колкав прекор е насобран врз неговото име. Побуната на Сатана и тоа што ги натерал првите маж и жена да не го послушаат Јехова Бог значело клевета врз Неговото име затоа што бил доведен во прашање начинот на кој Бог го спроведува својот универзален суверенитет (Битие 3:1—6). Освен тоа, низ вековите, Јеховиното име било валкано со прекор поради бесрамните дела и учења на оние што тврделе дека го застапуваат.
6. Што нема да направиме ако се молиме да се свети Јеховиното име?
6 Со тоа што се молиме за посветување на Јеховиното име покажуваме каде стоиме во спорното прашање за универзалниот суверенитет — му даваме потполна поддршка на Јеховиното право да владее со универзумот. Јехова сака универзумот да биде населен со интелигентни суштества што доброволно и радосно ќе се подложат на неговиот преведен суверенитет затоа што го сакаат Бог и го сакаат сето она што го означува неговото име (1. Летописи 29:10—13; Псалм 8:1; 148:13). Љубовта кон Јеховиното име ќе ни помогне да не направиме нешто што би можело да го извалка со прекор тоа свето име (Езекиел 36:20, 21; Римјаните 2:21—24). Бидејќи мирот во универзумот и мирот на неговите жители зависи од посветувањето на Јеховиното име и од подложувањето на неговиот суверенитет мотивирано од љубов, со нашата молитва „да се свети името твое“ изразуваме доверба дека Јеховината намера ќе се исполни на негова фалба (Езекиел 38:23).
Царството за кое молиме
7, 8. а) Што претставува Царството за кое Исус нѐ поучил да се молиме? б) Што учиме за ова Царство од книгите Даниел и Откровение?
7 Втората молба во пример-молитвата е: „Нека дојде царството твое“ (Матеј 6:10). Ова барање е тесно поврзано со претходното. Средството што ќе го употреби Јехова за да го посвети своето свето име е месијанското Царство, Неговата небесна влада, за чиј Цар со право е поставен неговиот Син, Исус Христос (Псалм 2:1—9). Пророштвото на Даниел го прикажува месијанското Царство како „камен“ што е отсечен од една ,планина‘ (Даниел 2:34, 35, 44, 45, NW). Планината го претставува Јеховиниот универзален суверенитет, па според тоа, каменот со кој е претставено Царството е нов израз на Јеховиното универзално владетелство. Во пророштвото, каменот станува ,голема планина и ја наполнува целата земја‘, што покажува дека месијанското Царство ќе го претставува Божјиот суверенитет во владеењето со земјата.
8 Заедно со Христос во оваа влада на Царството се вклучени уште 144.000, „купени од луѓето“ за да владеат со него како цареви и свештеници (Откровение 5:9, 10; 14:1—4; 20:6). Даниел ги нарекува „Светите на Севишниот“ кои, заедно со Христос како нивни Поглавар, го добиваат „царството, власта и величеството под сите небеса . . . Неговото Царство е вечно Царство, и сите власти ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему“ (Даниел 7:13, 14, 18, 27). Таква е небесната влада за која Христос ги поучил своите следбеници да се молат.
Зошто сѐ уште да се молиме да дојде Царството?
9. Зошто е на место да се молиме да дојде Божјето Царство?
9 Во својата пример-молитва, Христос нѐ поучил да се молиме да дојде Божјето Царство. Исполнувањето на библиските пророштва покажува дека месијанското Царство било воспоставено на небото во 1914.a Тогаш, дали е сѐ уште на место да се молиме „да дојде“ тоа Царство? Секако. Според пророштвото на Даниел, месијанското Царство, кое е симболизирано со еден камен, наскоро ќе се судри со човечките политички влади, симболизирани со еден огромен лик. Каменот допрва треба да падне врз тој лик, нанесувајќи му удар што ќе го претвори во прав. Пророштвото на Даниел вели: „[Тоа Царство] не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
10. Зошто копнееме да дојде Божјето Царство?
10 Копнееме да видиме како Божјето Царство ќе го нападне Сатановиот злобен систем на работи бидејќи тоа ќе значи посветување на Јеховиното свето име и отстранување на сите противници на Божјиот суверенитет. Горливо се молиме: „Нека дојде царството твое“, и заедно со апостол Јован велиме: „Амин! Дојди, Господи Исусе“ (Откровение 22:20). Да, нека дојде Исус за да го посвети Јеховиното име и да го оправда неговиот суверенитет, за да се обистинат зборовите на псалмистот: „Да се знае дека ти, чие име е Јехова, си единствениот Највиш над целата земја“ (Псалм 83:18, NW).
„Нека биде волјата твоја“
11, 12. а) Што бараме кога се молиме Божјата волја ,да биде како на небото така и на земјата‘? б) Уште кое друго значење го има нашата молитва да се извршува Јеховината волја?
11 Како следно, Исус ги поучил своите ученици да молат: „Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Универзумот настанал затоа што тоа било Јеховина волја. Моќните небесни суштества извикуваат: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“ (Откровение 4:11). Јехова има одредена намера во врска со „она што е на небесата и она на земјата“ (Ефешаните 1:8—10). Со тоа што се молиме да биде Божјата волја, ние, всушност, бараме од Јехова да ја исполни својата намера. Освен тоа, на тој начин покажуваме дека копнееме да видиме како Божјата волја се извршува во целиот универзум.
12 Со оваа молитва ја покажуваме и нашата спремност да го усогласиме својот живот со Јеховината волја. Исус рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34). Исто како Исус, и ние како предадени христијани се радуваме кога ја извршуваме Божјата волја. Нашата љубов кон Јехова и кон неговиот Син нѐ поттикнува ,да не живееме повеќе за човечките желби, туку за Божјата волја‘ (1. Петрово 4:1, 2; 2. Коринќаните 5:14, 15). Настојуваме да не ги правиме оние работи што знаеме дека се спротивни на Јеховината волја (1. Солуњаните 4:3—5). Со тоа што си откупуваме време за читање на Библијата и за проучување, ние ,согледуваме која е Јеховината волја‘, што вклучува и активно учество во проповедањето на „оваа добра вест за царството“ (Ефешаните 5:15—17; Матеј 24:14).
Јеховината волја на небото
13. Како се извршувала Божјата волја долго време пред побуната на Сатана?
13 Јеховината волја се извршувала на небото долго пред времето кога еден од неговите духовни синови се побунил и станал Сатана. Книгата Пословици го прикажува Божјиот првороден Син како олицетворение на мудроста. Таа покажува дека во текот на безброј еони, Божјиот единороден Син ,се веселел пред него цело време‘ и бил среќен што ја врши волјата на својот Татко. Со текот на времето, тој станал Јеховин „вешт градител“ во создавањето на сѐ што е на „небесата и на земјата, видливите и невидливите“ работи (Пословици 8:22—31, NW; Колошаните 1:15—17). Јехова го користел Исус како своја Реч, односно Говорник (Јован 1:1—3).
14. Што можеме да научиме од 103. Псалм во врска со тоа како ангелите ја извршуваат Јеховината волја на небото?
14 Псалмистот покажува дека Јехова владее како суверен над сето создание и дека мноштвата ангели ги слушаат неговите поуки и наредби. Читаме: „Господ го постави Својот престол на небо, и Неговото Царство владее над сѐ. Благословувајте Го Господа, сите негови ангели, вие моќни во силата, кои го исполнувате Неговиот збор, послушни на гласот на Неговото слово! Благословувајте Го Господа, сите Негови воинства, Негови слуги, што ја исполнувате Неговата волја! Благословувајте Го Господа, сите Негови дела, во секое место на Неговото владеење [суверенитет]“ (Псалм 103:19—22).
15. На кој начин тоа што Исус ја примил власта над Царството влијае врз извршувањето на Божјата волја на небото?
15 Откако се побунил, Сатана сѐ уште имал пристап во небесните дворови, како што може да се види од книгата Јов (Јов 1:6—12; 2:1—7). Меѓутоа, во книгата Откровение е проречено дека ќе дојде време кога Сатана и неговите демони ќе бидат истерани од небото. Тоа време очигледно дошло кратко откако Исус Христос добил власт над Царството во 1914. Оттогаш, на небото повеќе нема место за тие бунтовници. Тие се ограничени во близина на земјата (Откровение 12:7—12). На небото повеќе не може да се чуе ниеден глас што го оспорува Јеховиниот суверенитет. Се слушаат само гласови што му упатуваат здружен восклик на фалба на „Јагнето“, Христос Исус, и подложно го величаат Јехова (Откровение 4:9—11). Јеховината волја навистина се извршува на небото.
Јеховината волја во врска со земјата
16. На кој начин пример-молитвата го побива учењето на христијанскиот свет во врска со надежта на човештвото?
16 Црквите на христијанскиот свет ја исклучуваат земјата од Божјите намери, тврдејќи дека сите добри луѓе одат на небото. Но, Исус нѐ поучил да се молиме: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Може ли некој човек, дури и да има најбујна фантазија, да рече дека Јеховината волја потполно се извршува денес на земјата, која е преплавена со насилство, неправди, болести и смрт? Во никој случај! Затоа, треба горливо да се молиме Божјата волја да се извршува на земјата, во склад со ветувањето што го запишал апостол Петар: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса [владата на месијанското Царство под Исус] и нова земја [праведно човечко општество], и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).
17. Која е Јеховината намера во врска со земјата?
17 Кога Јехова ја создал земјата, имал одредена намера со неа. Тој го инспирирал пророкот Исаија да напише: „Вака зборува Господ, Творецот на небесата — Тој е Бог — Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: ,Јас Сум Господ и нема друг‘“ (Исаија 45:18). Бог ја сместил првата човечка двојка во една рајска градина и им рекол: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја“ (Битие 1:27, 28; 2:15). Сосема е јасно дека намерата на Творецот е земјата да биде населена со совршено човештво од праведни луѓе што радосно се подложуваат на Јеховиниот суверенитет и живеат засекогаш во Рајот што го ветил Христос (Псалм 37:11, 29; Лука 23:43).
18, 19. а) Што мора да се направи пред Божјата волја потполно да се извршува на земјата? б) Кои други аспекти од Исусовата пример-молитва ќе ги разгледаме во следната статија?
18 Јеховината волја во врска со земјата никогаш не може потполно да се исполни додека земјата е населена со мажи и жени што се противат на неговиот суверенитет. Користејќи моќни духовни сили под водство на Христос, Бог ќе ,ги уништи оние кои ја уништуваат земјата‘. Засекогаш ќе биде збришан целокупниот Сатанов злобен систем на работи, со неговата лажна религија, корумпираната политика, алчната и нечесна трговија и разорните воени сили (Откровение 11:18; 18:21; 19:1, 2, 11—18). Јеховиниот суверенитет ќе биде оправдан и неговото име ќе биде посветено. Ние се молиме за сето ова кога велиме: „Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
19 Меѓутоа, во својата пример-молитва Исус покажал дека можеме да се молиме и за лични работи. Овие аспекти од неговата поука за молитвата ќе ги разгледаме во следната статија.
[Фуснота]
a Види го 6. поглавје од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, објавена од Јеховините сведоци.
За повторување
• Зошто е на место да го нарекуваме Јехова „Татко наш“?
• Зошто е од најголема важност да се молиме за посветување на Јеховиното име?
• Зошто се молиме да дојде Божјето Царство?
• Што значи тоа што се молиме Божјата волја да биде на земјата како што е на небото?
[Слика на страница 9]
Молитвите на Исус многу се разликувале од навидум побожните молитви на фарисеите
[Слика на страница 10]
Христијаните се молат да дојде Божјето Царство, да се свети неговото име и да се извршува неговата волја