Дали сте знаеле?
Каков бил пописот поради кој Исус се родил во Витлеем?
Од Евангелието според Лука дознаваме дека, кога цезарот Август наредил да се попише населението во целото Римско Царство, ‚сите оделе на попис, секој во својот град‘ (Лука 2:1-3). Јосиф, очувот на Исус, потекнувал од градот Витлеем. Затоа, тој и Марија, од послушност на наредбата, отишле во Витлеем. Така излегло Исус да се роди таму. Ваквите пописи служеле за да се олеснат оданочувањето и регрутирањето за воена служба.
Кога Римјаните го освоиле Египет во 30 год. пр.н.е., попишувањето на населението веќе било редовна пракса во Египет. Изучувачите сметаат дека Римјаните го усвоиле пописниот систем на Египќаните и вовеле слични процедури низ целото свое царство.
Докази за еден таков попис наоѓаме во една наредба што ја издал римскиот управител во Египет во 104 год. од н.е. Препис на таа наредба, кој сега се чува во Британската библиотека, гласи: „Гај Вибиј Максимус, владетел на Египет (вели): Бидејќи дојде време да се изврши попис во секоја куќа, неопходно е да се натераат сите што, од која и да е причина, не живеат во своето родно место да се вратат во своите домови за уредно да се попишат, и исто така совесно да го обработуваат земјиштето што им е доделено“.
Зошто Јосиф размислувал да ѝ даде на Марија потврда за развод, кога тие биле само свршени?
Како што пишува во Евангелието според Матеј, Јосиф дознал дека Марија останала бремена додека ‚била свршена со него‘, но тие двајца сѐ уште не биле венчани. Бидејќи не знаел дека Марија била бремена „од светиот дух“, Јосиф сигурно си помислил дека му била неверна, па затоа имал намера да се разведе од неа (Матеј 1:18-20).
Кај Евреите, на свршениците се гледало како на веќе венчани. Меѓутоа, двајцата не живееле заедно како маж и жена сѐ додека не биле завршени сите формалности околу венчавката. Свршувачката се сметала за толку сериозна работа што, ако младоженецот се премислел или од некоја друга силна причина бракот не се склучел, младата жена не била слободна да се омажи сѐ додека не добиела потврда за развод. Ако мажот на некоја свршена жена умрел пред свадбата, неа ја сметале за вдовица. Од друга страна, пак, ако таа направела прељуба додека била свршена, ја сметале за прељубница и била осудена на смрт (5. Мојсеева 22:23, 24).
Очигледно Јосиф размислувал за последиците што ја чекале Марија откако ќе се дознаело во јавноста за нејзината бременост. Иако се сметал обврзан да ја изнесе работата пред одговорните лица, тој сакал да ја заштити и да избегне скандал. Затоа одлучил да се разведе од неа тајно. Кога една самохрана мајка би имала потврда за развод, тоа би покажало дека веќе била мажена.
[Слика на страница 16]
Наредба за попис издадена од римскиот управител во египет, 104 год. од н.е.
[Извор на слика]
© The British Library Board, сите права се задржани (P.904)