ПОГЛАВЈЕ 1
„Да дојде царството твое“
1, 2. Што им кажал самиот Јехова на тројца апостоли на Исус, и како влијаело тоа врз нив?
КАКО би постапил ти кога лично Јехова Бог би ти заповедал да направиш нешто? Зарем не би бил спремен да сториш сѐ што ќе побара од тебе? Сигурно би го послушал без двоумење!
2 Токму вакво нешто им се случило на тројца апостоли на Исус — Петар, Јаков и Јован. (Прочитај Матеј 17:1-5.) Кратко по Пасхата во 32 год. од н.е., тие биле заедно со својот Господар на „една висока планина“. Таму Исус се преобразил пред нив во величествен небесен Цар. Ова видение му изгледало толку реално на Петар што се обидел да се вклучи во него. Додека тој зборувал, ги засенил еден светол облак. Тогаш Петар и апостолите кои биле со него јасно го чуле гласот на самиот Јехова — чест што ја имале само неколку луѓе! Откако им кажал дека Исус е негов Син, Бог им заповедал: „Него слушајте го!“ Апостолите ги сфатиле сериозно овие зборови. Тие му биле послушни на Исус, а ги поттикнувале и другите да го прават тоа (Дела 3:19-23; 4:18-20).
3. а) Зошто Јехова сака да го слушаме неговиот Син? б) Која важна тема треба длабоко да ја проучиме?
3 Таа заповед — „Него слушајте го“ — е запишана во Библијата за „наша поука“ (Рим. 15:4). Зошто? Затоа што Исус бил гласник кој зборувал во името на Јехова. Секогаш кога поучувал, тој го кажувал она што неговиот Татко сака да го знаеме (Јован 1:1, 14). Бидејќи Исус зборувал за Божјето Царство почесто отколку за што и да било друго, многу е важно и ние длабоко да ја проучиме таа тема. Да видиме најпрво зошто зборувал толку многу за Божјето Царство — небесната месијанска влада која ја сочинуваат тој и неговите 144.000 совладетели (Отк. 5:9, 10; 14:1-3; 20:6).
„Устата го зборува она со кое е полно срцето“
4. Како Исус покажал дека Царството му е многу важно?
4 Царството му е многу важно на Исус. Зошто може да го кажеме ова? Па, зборовите се како прозорци низ кои може да ѕирнеме во нечие срце — тие покажуваат што навистина му е најважно некому. Самиот Исус го потврдил ова, кога рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Тој ја користел секоја прилика да ги поучува луѓето за Божјето Царство. Во четирите евангелија, тоа е спомнато на повеќе од 100 места, најчесто во изјави кои ги кажал Исус. Всушност, Царството било главна тема за која проповедал. Ова јасно се гледа од следниве негови зборови: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Дури и откако воскреснал, Исус продолжил да ги поучува своите ученици за тоа Царство (Дела 1:3). Очигледно, неговото срце се прелевало од ценење за Царството, и затоа едноставно морал да им зборува на другите за него.
5-7. а) Од каде знаеме дека Царството му е важно на Јехова? Наведи пример. б) Како може да покажеме дека Царството ни е важно и нам?
5 Царството му е многу важно и на Јехова. Од каде знаеме? Па, Исус не зборувал сам од себе. Јехова го испратил својот единороден Син на Земјата, и тој му кажал што да зборува и за што да поучува (Јован 7:16; 12:49, 50). Освен тоа, Бог ги водел писателите на четирите евангелија да го запишат она што сметал дека треба да го знаеме за животот и службата на Исус. Што значи ова?
Добро е секој од нас да се праша: ,Дали Божјето Царство навистина ми е важно и мене?‘
6 Замисли си дека правиш семеен албум. Можеби имаш многу фотографии, но нема место за сите. Што ќе направиш? Ќе мораш да избереш кои ќе ги ставиш во него, а кои не. Во некоја смисла, може да се каже дека евангелијата се како еден албум што ни дава јасна слика за Исус. Јехова не ги водел писателите на евангелијата да запишат сѐ што неговиот Син рекол или направил додека бил на Земјата (Јован 20:30; 21:25). Наместо тоа, под водство на Божјиот дух, тие ги запишале оние зборови и постапки на Исус кои најдобро ни помагаат да ја разбереме целта на неговата служба и да сфатиме што му е најважно на Јехова (2. Тим. 3:16, 17; 2. Пет. 1:21). Бидејќи во евангелијата се запишани многу поуки што Исус ги дал за Царството, со сигурност може да кажеме дека тоа е скапоцено за Јехова. Колку е убаво што тој сака да стекнеме јасна слика за неговото Царство!
7 Добро е секој од нас да се праша: ,Дали Божјето Царство навистина ми е важно и мене?‘ Ако да, ќе бидеме живо заинтересирани за сето она што Исус го кажал за Царството. Ќе сакаме да дознаеме зошто тоа е толку важно, и како и кога ќе дојде.
„Да дојде царството твое“ — што значи тоа?
8. Како Исус нагласил колку е важно Царството?
8 Во молитвата позната како Оченаш, Исус со само неколку впечатливи, но едноставни зборови, нагласил колку е важно Царството и што ќе постигне тоа. Оваа молитва се состои од седум молби. Првите три се однесуваат на Јеховината намера — да се посвети неговото име, да дојде неговото Царство и да се врши неговата волја како на небото така и на Земјата. (Прочитај Матеј 6:9, 10.) Овие три молби се тесно поврзани. Зошто? Затоа што, токму преку месијанското Царство, Јехова ќе го посвети своето име и ќе ја изврши својата волја.
9, 10. а) Како ќе „дојде“ Божјето Царство? б) Кое библиско ветување со нетрпение очекуваш да се исполни?
9 Како ќе „дојде“ Божјето Царство? Кога се молиме да дојде Царството, ние, всушност, молиме тоа да направи коренити промени на Земјата. Кога ќе дојде, Царството ќе ја преземе власта над целата планета. Тоа ќе го отстрани сегашниов злобен свет, во кој спаѓаат сите човечки влади, и ќе воспостави еден праведен нов свет (Дан. 2:44; 2. Пет. 3:13). Тогаш целата Земја ќе стане рај (Лука 23:43). Сите што се во Божјето сеќавање ќе се вратат во живот, и повторно ќе бидат заедно со своите најблиски (Јован 5:28, 29). Послушните луѓе ќе станат совршени и ќе живеат вечно (Отк. 21:3-5). Конечно, сѐ на небото и на Земјата ќе биде во совршен склад затоа што насекаде ќе се врши Јеховината волја. Зарем не копнееш да го видиш остварувањето на овие библиски пророштва? Не заборавај, секогаш кога се молиш да дојде Божјето Царство, ти се молиш да се исполнат овие прекрасни ветувања.
10 Јасно е дека Божјето Царство сѐ уште не ,дошло‘. Човечките влади сѐ уште постојат и сѐ уште го чекаме праведниот нов свет. Но, има една добра вест — Божјето Царство веќе е воспоставено на небото. Ова ќе го разгледаме во следното поглавје. Да видиме сега што рекол Исус за тоа кога требало Царството да биде воспоставено и кога требало да „дојде“, односно да завладее целосно со Земјата.
Кога требало да биде воспоставено Божјето Царство?
11. На што укажал Исус во врска со воспоставувањето на Божјето Царство?
11 Исус укажал дека Царството ќе биде воспоставено во иднина, а не во првиот век од н.е., како што очекувале некои негови ученици (Дела 1:6). Размисли за следниве две споредби што тој ги дал во период од неполни две години.
12. Како споредбата за пченицата и каколот укажува дека Царството не било воспоставено во првиот век од н.е.?
12 Споредбата за пченицата и каколот. (Прочитај Матеј 13:24-30.) Откако ја раскажал оваа споредба, најверојатно во пролетта 31 год. од н.е., Исус им објаснил на своите ученици што значи таа (Мат. 13:36-43). Накратко, тој им кажал дека, по смртта на апостолите, Ѓаволот ќе посее какол (лажни христијани) меѓу пченицата („синовите на царството“, односно помазаните христијани). Пченицата и каколот ќе растат заедно сѐ до жетвата, која го претставува „свршетокот на овој поредок“. Откако ќе започне времето на жетвата, најпрво ќе биде собран каколот, а потоа и пченицата. Со оваа споредба, Исус укажал дека Царството нема да биде воспоставено во првиот век од н.е., туку дури откако ќе заврши периодот во кој пченицата и каколот ќе растат заедно. Настаните покажуваат дека тој период завршил во 1914 год., кога започнало времето на жетвата.
13. Со која споредба Исус укажал дека нема да биде устоличен како месијански Цар веднаш откако ќе се врати на небото?
13 Споредбата за мините. (Прочитај Лука 19:11-13.) Исус ја кажал оваа споредба во 33 год. од н.е., кога за последен пат одел кон Ерусалим. Некои од оние што го слушале си мислеле дека тој ќе го воспостави своето Царство веднаш штом ќе стигнат во Ерусалим. За да го исправи ова нивно размислување и да им покаже дека Царството ќе биде воспоставено во далечна иднина, Исус се споредил со еден „човек со благородничко потекло“ кој морал да отпатува „во далечна земја за да ја преземе царската власт“.a Во неговиот случај, ,далечната земја‘ била небото, каде што ќе добиел царска власт од својот Татко. Но, Исус знаел дека нема да стане месијански Цар веднаш штом ќе се врати на небото. Наместо тоа, требало да седне од десната страна на Бог и да чека додека не дојде одреденото време. Всушност, поминале векови пред тој да биде устоличен како Цар (Пс. 110:1, 2; Мат. 22:43, 44; Евр. 10:12, 13).
Кога ќе „дојде“ Божјето Царство?
14. а) Како одговорил Исус на прашањето на своите апостоли? б) Што дознаваме за Царството и за присутноста на Исус од исполнувањето на неговото пророштвото за свршетокот на овој поредок?
14 Неколку дена пред Исус да биде погубен, четворица негови апостоли го прашале: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3; Мар. 13:4). Тој им одговорил давајќи им едно опсежно пророштво, кое е запишано во Матеј, поглавја 24 и 25. Исус детално им ги опишал настаните кои ќе се случуваат во целиот свет и ќе го сочинуваат знакот на неговата „присутност“. Таа започнала кога Царството било воспоставено на небото, а ќе заврши кога Царството ќе „дојде“, односно ќе завладее целосно со Земјата. Има многу докази кои потврдуваат дека ова пророштво на Исус се исполнува од 1914 год. наваму.b Значи, таа година започнала неговата присутност и Царството било воспоставено на небото.
15, 16. На кого се однесува изразот „ова поколение“?
15 Но, кога конечно ќе „дојде“ Божјето Царство? Исус не открил кога точно ќе се случи ова (Мат. 24:36). Сепак, тој кажал нешто што може да нѐ увери дека Царството навистина е на прагот. Укажал дека тоа ќе дојде откако „ова поколение“ ќе види како се исполнува проречениот знак на неговата присутност. (Прочитај Матеј 24:32-34.) На кого се однесува изразот „ова поколение“? Да ги разгледаме повнимателно зборовите на Исус.
16 „Ова поколение.“ Дали Исус мислел на луѓето што не му служат на Јехова? Не. Размисли со кого разговарал кога ги кажал овие зборови. Тој им го дал ова пророштво на неколкумина свои апостоли кои ,му пристапиле насамо‘, и кои наскоро требало да бидат помазани со свет дух (Мат. 24:3). Освен тоа, забележи дека, пред да го спомне „ова поколение“, Исус рекол: „Учете од споредбата со смоквата. Кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата“. Само помазаните следбеници на Исус, а не луѓето од светот, ќе можеле да го препознаат знакот што го прорекол и да сфатат дека тој „е близу, пред вратата“. Според тоа, кога го спомнал изразот „ова поколение“, Исус мислел на своите помазани следбеници.
17. Што значи зборот „поколение“, и на што се однесува изразот „сето тоа“?
17 „Нема да помине додека не се случи сето тоа.“ Како ќе се исполнат овие зборови? За да одговориме на ова прашање, треба да знаеме што значи зборот „поколение“ и на што се однесува изразот „сето тоа“. Во Библијата, зборот „поколение“ најчесто се однесува на луѓе на различна возраст чии животи се преклопуваат одреден временски период. Едно поколение не трае предолго и има крај (2. Мој. 1:6). Изразот „сето тоа“ се однесува на сите проречени настани што требало да се случуваат во текот на Христовата присутност, од нејзиниот почеток во 1914 год. сѐ до нејзината завршница во „големата неволја“ (Мат. 24:21).
18, 19. Како треба да го разбереме она што Исус го кажал во врска со „ова поколение“, и што може да заклучиме?
18 Тогаш, како да го разбереме она што Исус го кажал во врска со „ова поколение“? Поколението за кое зборувал се состои од две групи помазаници чии животи се преклопуваат. Во првата група спаѓаат оние кои веќе биле помазани во 1914 год. и виделе како почнал да се исполнува знакот, а во втората спаѓаат помазаниците кои одреден период биле современици на првата група. Барем некои од нив ќе бидат живи кога ќе започне претстојната голема неволја. Тие две групи сочинуваат едно поколение затоа што нивните животи откако биле помазани се преклопуваат одреден временски период.c
19 Што може да заклучиме? Настаните во светот јасно покажуваат дека Исус е присутен како Цар. Освен тоа, знаеме дека помазаниците кои денес се живи и кои се дел од „ова поколение“ веќе се во поодминати години. Сепак, нема сите да умрат пред да започне големата неволја. Сето ова е јасен доказ дека Божјето Царство навистина ќе дојде многу скоро и ќе ја преземе власта над целата Земја. Сигурно ќе бидеме пресреќни кога ќе видиме како се исполнуваат зборовите: „Да дојде царството твое“!
20. Која важна тема ќе ја разгледаме во оваа публикација, и што ќе видиме во следното поглавје?
20 Никогаш да не го заборавиме она што самиот Јехова им го кажал од небото на следбениците на својот Син: „Него слушајте го!“ Како вистински христијани, со сета душа се трудиме да бидеме послушни на таа заповед. Имаме силна желба да го дознаеме сето она што Исус го кажувал и го поучувал за Божјето Царство. Во оваа книга ќе разгледаме што постигнало тоа Царство досега и што ќе направи во иднина. Во следното поглавје ќе видиме кои возбудливи настани се случувале кога Божјето Царство било родено на небото.
a Можеби споредбата на Исус ги потсетила неговите слушатели на Архелај, синот на Ирод Велики. Пред да умре, Ирод го назначил Архелај како следен владетел на Јудеја и други области. Но, пред да завладее, Архелај најпрво морал да замине на долг пат за Рим за да го добие потребното овластување од цезарот Август.
b Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 9 од книгата Што навистина учи Библијата?