Дали зборовите на Исус влијаат врз твоите молитви?
„Кога Исус го заврши својот говор, мноштвата беа восхитени од неговото поучување“ (МАТ. 7:28)
1, 2. Зошто мноштвата биле восхитени од начинот на кој поучувал Исус?
ЗБОРОВИТЕ на Божјиот единороден Син, Исус Христос, треба и да ги прифатиме и да ги применуваме во животот. Нема сомнение, никој друг не зборувал како него. Всушност, луѓето биле восхитени од неговото поучување во Проповедта на гората! (Прочитај Матеј 7:28, 29.)
2 Јеховиниот Син не поучувал како книжниците, кои ги засновале своите долги говори на учењата на несовршени луѓе. Христос поучувал „како некој зад чии зборови стои Бог“ (Јован 12:50). Затоа, да видиме како може и како треба да влијае врз нашите молитви она што го рекол во продолжение на Проповедта на гората.
Никогаш немој да се молиш како лицемерите
3. Наведи ја суштината на Исусовите зборови запишани во Матеј 6:5.
3 Молитвата е важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова, и затоа треба редовно да му се молиме. Но, врз нашите молитви треба да влијае и она што го кажал Исус во Проповедта на гората. Тој рекол: „Кога се молите, не бидете како лицемерите. Зашто, тие сакаат да се молат стоејќи во синагогите и на големите раскрсници за да ги видат луѓето. Вистина, ви велам, веќе ја примиле својата плата“ (Мат. 6:5).
4-6. а) Зошто фарисеите сакале да се молат „стоејќи во синагогите и на големите раскрсници“? б) Во која смисла тие лицемери „веќе ја примиле својата плата“?
4 Кога се молеле, учениците на Исус не смееле да бидат ‚лицемери‘, како што биле самоправедните фарисеи, кои само се преправале пред другите дека се побожни (Мат. 23:13-32). Тие лицемери сакале да се молат „стоејќи во синагогите и на големите раскрсници“. Зошто? „За да ги видат луѓето.“ Евреите во првиот век имале обичај да се молат во исто време (околу девет часот наутро и три часот попладне), кога се принесувале жртви паленици во храмот. Мнозина од жителите на Ерусалим се молеле заедно со мноштвото обожаватели во дворовите на храмот. Надвор од тој град, побожните Евреи честопати се молеле двапати дневно „стоејќи во синагогите“. (Спореди со Лука 18:11, 13.)
5 Бидејќи повеќето луѓе не биле во близина на храмот или на некоја синагога за време на овие молитви, тие можеле да се молат каде и да се нашле во тоа време. Но, некои ги местеле работите за во тој дел од денот „случајно“ да се затекнат на „големите раскрсници“. Тие, всушност, сакале „да ги видат луѓето“ кои минувале на раскрсниците. Овие лицемери, кои се правеле побожни, ‚долго се молеле‘ за да им се восхитуваат минувачите (Лука 20:47). Ние не треба да имаме таков став.
6 Исус изјавил дека таквите лицемери „веќе ја примиле својата плата“. Тие многу сакале признание и пофалба од луѓето — и само тоа го добиле. Тоа им била целата плата бидејќи Јехова не одговарал на нивните лицемерни молитви. Но, Бог ќе одговори на молитвите на Христовите вистински следбеници, како што се гледа од она што Исус подоцна го кажал во врска со оваа работа.
7. Што значи советот да се молиме во ‚својата соба‘?
7 „А ти, кога се молиш, влези во својата најскриена соба и затвори ја вратата, па помоли му се на својот Татко кој е во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати“ (Мат. 6:6). Кога советувал да се молиме во својата соба откако сме ја затвориле вратата, Исус не сакал да каже дека е погрешно некој да се моли во името на цело собрание. Тој го дал овој совет за да ги одврати луѓето од обичајот да се молат на јавни места со цел да привлечат внимание кон себеси и да добијат пофалба од другите. Ова треба да го имаме на ум ако ни се даде можност да го застапуваме Божјиот народ во јавна молитва. Да го послушаме и следниот совет што го дал Исус во врска со молитвата.
8. Според Матеј 6:7, на кој погрешен начин не треба да се молиме?
8 „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови“ (Мат. 6:7). Исус овде навел уште еден начин на кој е погрешно да се молиме — да повторуваме едни исти работи. Со ова не сакал да каже дека, кога се молиме, никогаш не треба да ги повторуваме истите горливи молби или благодарни зборови. Ноќта пред да умре, и самиот тој неколкупати се молел „со истите зборови“ во градината Гетсиманија (Мар. 14:32-39).
9, 10. Во која смисла не треба да повторуваме едно исто во молитвите?
9 Би било погрешно да ги имитираме повторливите молитви на „луѓето од светот“. Тие кажуваат „секогаш едно исто“, односно фрази што ги знаат напамет и кои содржат многу непотребни зборови. Слугите на Ваал немале никаква корист од тоа што го повикувале името на тој лажен бог „од утро до пладне, велејќи: ‚Ваале, услиши нѐ!‘“ (1. Цар. 18:26). Денес, милиони луѓе се молат долго и повторуваат исти зборови, залудно мислејќи дека „ќе бидат услишени“. Но, Исус ни помага да сфатиме дека користењето „многу зборови“ во долги и секогаш исти молитви нема никаква вредност во Јеховини очи. Забележи што рекол тој понатаму.
10 „Затоа не бидете како нив, зашто Бог, вашиот Татко, знае што ви треба уште пред да го замолите“ (Мат. 6:8). Многу еврејски верски водачи станале како не-Евреите со тоа што претерано долго се молеле. Сесрдната молитва, која вклучува фалба, благодарење и молби, е важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог (Фил. 4:6). Сепак, би било погрешно одново и одново да кажуваме едни исти работи мислејќи дека мора да ги повторуваме за Бог да не ги заборави нашите потреби. Кога се молиме, треба да имаме на ум дека му се обраќаме на Оној што ‚знае што ни треба уште пред да го замолиме‘.
11. Што треба да имаме на ум ако ни се даде можност да кажеме јавна молитва?
11 Она што го кажал Исус во врска со неприфатливите молитви треба да нѐ потсети дека Бог не им се восхитува на луѓето кои користат високозвучен говор и површни зборови. Освен тоа, треба да сфатиме дека целта на јавната молитва не е да ги восхитиме оние што нѐ слушаат ниту, пак, да ги наведеме да се прашуваат кога веќе еднаш ќе кажеме „амин“. Не би било во духот на она што Исус го кажал во Проповедта на гората ни да ја користиме молитвата за да даваме известувања или да ги советуваме присутните.
Исус нѐ научил како да се молиме
12. Како би го објаснил значењето на зборовите „да се свети името твое“?
12 Освен што дал совет да не ја користиме на погрешен начин прекрасната и единствена чест да се молиме, Исус ги поучил своите ученици и како треба, всушност, да се молат. (Прочитај Матеј 6:9-13.) Оваа молитва, денес позната како „Оче наш“, не требало да се научи наизуст за да се повторува секогаш одново. Напротив, со неа Исус ни дал пример за кои работи би требало да му се молиме на Бог. Исус покажал дека Бог треба да ни биде на прво место, почнувајќи ја молитвата со следниве зборови: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Исправно е да му се обраќаме на Јехова со „Татко наш“ бидејќи тој е наш Творец, кој живее „на небесата“, многу далеку од Земјата (5. Мој. 32:6; 2. Лет. 6:21; Дела 17:24, 28). Тоа што ја користиме множинската форма „наш“ треба да нѐ потсети дека и нашите соверници имаат близок однос со Бог. Кога велиме „да се свети името твое“, ние го молиме Јехова да преземе чекори да го посвети своето име со тоа што ќе го очисти од секој срам што му бил нанесен уште од побуната во Еден. Како одговор на таа молитва, Јехова ќе ја отстрани злобата од Земјата, и на тој начин ќе ја покаже својата светост (Езек. 36:23).
13. а) Како ќе биде одговорено на молбата „да дојде царството твое“? б) Што ќе се случи кога Божјата волја ќе се врши на Земјата?
13 „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:10). Во врска со ова барање кое Исус го изнел во молитвата што ни ја дал како пример, треба да имаме на ум дека „царството“ е месијанската влада во рацете на Христос и на воскреснатите ‚свети слуги‘ кои ќе владеат заедно со Исус (Дан. 7:13, 14, 18; Иса. 9:6, 7). Кога се молиме „да дојде“ Божјето Царство, ние, всушност, бараме тоа да ги уништи сите земни непријатели на Божјето владеење. Ова ќе се случи наскоро, и на тој начин ќе се отвори патот Земјата да стане глобален рај во кој ќе владеат праведност, мир и благосостојба (Пс. 72:1-15; Дан. 2:44; 2. Пет. 3:13). Јеховината волја се врши на небото, па кога молиме да се врши и на Земјата, всушност, бараме од Бог да ја исполни својата намера со нашата планета и, меѓу другото, да ги отстрани оние што му се противат денес исто како што ги отстранил во старо време. (Прочитај Псалм 83:1, 2, 13-18.)
14. Зошто е на место да молиме за „лебот наш за овој ден“?
14 „Лебот наш за овој ден дај ни го денес“ (Мат. 6:11; Лука 11:3). Кога го бараме ова во молитва, ние го молиме Бог да ни ја даде храната што ни е потребна за „овој ден“. Така покажуваме вера дека Јехова е способен секојдневно да се грижи за нашите потреби. Тоа не е молба да ни даде повеќе од она што ни треба. Кога се молиме за секојдневните потреби, можеби ќе се сетиме дека Бог им заповедал на Израелците да собираат мана ‚онолку колку што им требало за денот‘ (2. Мој. 16:4).
15. Објасни што значи барањето Јехова ‚да ни ги прости долговите, како што и ние им простуваме на нашите должници‘.
15 Следното барање во оваа молитва ни го свртува вниманието на нешто кое самите треба да го правиме. Исус рекол: „Прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници“ (Мат. 6:12). Евангелието според Лука покажува дека овие „долгови“ се, всушност, „гревови“ (Лука 11:4). Само ако ние ‚им простуваме‘ на оние што ни грешат, можеме да очекуваме Јехова да ни прости нам. (Прочитај Матеј 6:14, 15.) Значи, треба спремно да им простуваме на другите (Еф. 4:32; Кол. 3:13).
16. Како треба да ги разбереме барањата во врска со искушението и со избавувањето од Злобниот?
16 „И не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот“ (Мат. 6:13). Како треба да ги разбереме овие две барања кои се поврзани едно со друго во молитвата што ја кажал Исус? Едно е сигурно: Јехова не нѐ искушува да направиме грев. (Прочитај Јаков 1:13.) Сатана — „Злобниот“ — е вистинскиот ‚Искушувач‘ (Мат. 4:3). Но, Библијата понекогаш вели дека Бог прави некои работи, иако, всушност, тој само ги дозволува (Рут 1:20, 21; Проп. 11:5). Затоа, кога велиме „не воведувај нѐ во искушение“, ние го молиме Јехова да не дозволи да потклекнеме кога сме на искушение да му бидеме непослушни. И, на крајот, со молбата „избави нѐ од Злобниот“ бараме Јехова да не му дозволи на Сатана да нѐ совлада. Можеме да бидеме уверени дека Бог ‚нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме‘. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.)
‚Молете, барајте, чукајте‘
17, 18. Што значи ‚да молиме, да бараме и да чукаме‘?
17 Апостол Павле ги поттикнал соверниците: „Истрајте во молитвата“ (Рим. 12:12). Исус дал една слична заповед кога кажал: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори. Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Мат. 7:7, 8). Исправно е да ‚молиме‘ за сѐ што е во склад со Божјата волја. Апостол Јован напишал нешто слично: „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14).
18 Советот од Исус ‚да молиме и да бараме‘ значи дека треба горливо да се молиме и да не се откажуваме. Неопходно е и да ‚чукаме‘ за да ни биде дозволено да влеземе во Царството, и така да уживаме во благословите, користите и наградите што ќе ги донесе тоа. Но, можеме ли да имаме доверба дека Јехова Бог ќе одговори на нашите молитви? Да, можеме, ако му останеме верни, бидејќи Христос рекол: „Секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“. Многуте искуства што ги имале Јеховините слуги се доказ дека Бог навистина „ги слуша молитвите“ (Пс. 65:2).
19, 20. Според Исусовите зборови запишани во Матеј 7:9-11, во која смисла Јехова е како еден грижлив татко?
19 Исус го споредил Бог со грижлив татко кој им дава добри работи на своите деца. Замисли да си бил таму кога тој ја држел Проповедта на гората и да си го чул како вели: „Кој од вас, ако неговиот син го замоли за леб, ќе му даде камен? Или, ако го замоли за риба, зар ќе му даде змија? И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе вашиот Татко кој е на небесата ќе им даде добри работи на оние што го молат!“ (Мат. 7:9-11).
20 Нормално е еден човечки татко, иако донекаде е ‚зол‘ поради наследениот грев, да си ги сака децата. Тој нема да го лаже своето дете, туку ќе се труди да му дава „добри дарови“. Бидејќи има слични татковски чувства кон нас, нашиот грижлив небесен Татко ни дава „добри работи“, како што е неговиот свет дух (Лука 11:13). Тој дух може да ни даде сила да му служиме прифатливо на Јехова, Дарителот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јак. 1:17).
И понатаму нека ти користат зборовите на Исус
21, 22. Што е извонредно во врска со Проповедта на гората, и што мислиш ти за тој говор на Исус?
21 Проповедта на гората е навистина најдобриот говор што некогаш бил одржан на Земјата. Извонреден е по својата духовна содржина и по јасниот начин на кој бил изнесен. Како што се гледа од мислите што беа истакнати во овие три статии, можеме да извлечеме голема корист ако ги применуваме советите што се дадени во него. Овој говор на Исус може да ни го подобри животот сега и да ни даде надеж за среќна иднина.
22 Во овие статии разгледавме само неколку духовни бисери од Исусовата Проповед на гората. Не е ни чудо што оние кои го чуле овој говор ‚биле восхитени од неговото поучување‘ (Мат. 7:28). Сигурно и ние сме восхитени кога ги полниме нашиот ум и срце со овие и со други скапоцени зборови кои ги кажал Големиот Учител, Исус Христос!
Како ќе одговориш?
• Што рекол Исус за лицемерните молитви?
• Зошто не треба да повторуваме едни исти работи кога се молиме?
• Кои барања ги содржи молитвата што Исус ни ја дал како пример?
• Како можеме ‚да молиме, да бараме и да чукаме‘?
[Слика на страница 15]
Исус ги осудил лицемерите што се молеле само затоа што сакале другите да ги видат и да ги чујат
[Слика на страница 17]
Знаеш ли зошто е на место да се молиме за лебот за овој ден?