Да го чуваме окото „едноставно“ во делото на Царството
ГЕРМАНСКАТА Демократска Република (ГДР), или која тогаш беше позната како Источна Германија, одвај достигна средновечност. Четириесетгодишното постоење заврши на 3. октомври 1990, кога нејзината територија, отприлика колку величината на Либерија или државата Тенеси во Соединетите Држави, беше присоединета кон Сојузна Република Германија, која беше позната како Западна Германија.
Повторното обединување на двете Германии значеше огромен број реформи. Двете држави не беа поделени само со физичка граница, туку и со идеолошки граници. Што значеше сето тоа за луѓето таму, и како се променил животот за Јеховините сведоци?
Wende, револуцијата од ноември 1989 која го овозможи повторното обединување, се случи веднаш после четирите децении суров социјализам. Во текот на тој период, активностите на Јеховините сведоци беа забранети, а нивното прогонување понекогаш беше многу жестоко.a Кога во ГДР дојде слобода, се рашири еуфорија кај населението. Но кога полетот спласна, многу луѓе станаа дезориентирани, разочарани, па дури и со разбиени илузии. Задачата на обединување на двете Германии во една општествена, политичка и економска единка се покажува како тешка.
Според серијата „162 Tage Deutsche Geschichte“ (162 дена германска историја) во Der Spiegel, по повторното обединување насекаде беше раширен стравот од невработеност, инфлација и растечки наемнини. „Ќе ми стигне ли пензијата?“ — се прашуваа многумина во поранешната ГДР. А како е со киријата? „Низ целата ГДР се распаѓаат стари згради и цели улици стануваат несоодветни за живеење“. Загадувањето достигна страшни размери.
Како излегле на крај Јеховините сведоци во поранешната ГДР, соочени со таков општествен и економски метеж?
Окото да остане исправно сосредоточено
Јеховините сведоци немаат идеолошки граници. Нивната библиски темелена вера е иста, и на Исток и на Запад. Бидејќи нивната општествена средина е минлива, повеќето Сведоци задржуваат духовна рамнотежа така што очите ги задржуваат на првенствената цел да му служат на Јехова. Зошто е тоа неопходно?
Затоа што „се менува обликот [сцената, НС] на овој свет“ (1. Коринтјаните 7:31). Еден христијански старешина коментира дека проповедањето под забрана пред Wende барало храброст; тоа ги научи Сведоците да имаат доверба во Јехова и ги оспособило да ракуваат со Библијата. Сега, меѓутоа, „мораме да бидеме уште повнимателни за да не бидеме заробени од материјализмот и од грижите на животот“.
Мерка за слободата и напредокот често се материјалните ствари. Многу луѓе во оваа област чувствуваат потреба да го надоместат времето или можеби задоволствата што ги пропуштиле порано. Тоа станува јасно кога се возиш по патиштата од калдрма во градовите и селата на Тирингија и Саксонија на југ. Можеби патиштата треба да се поправат, живеалиштата можеби се скромни, но колкаво изобилство има од телевизиски сателитски антени во вид на чинии! Лесно може човек да биде излажан да поверува дека безбедноста и среќата произлегуваат од тоа да се има сѐ што окото ќе види. Колку само опасна замка е тоа!
Во Проповедта на гората, Исус зборувал за опасностите да им се придава претерано внимание на материјалните ствари и на грижите на животот. „Не собирајте богатства на земјата“, предупредил тој. И додал: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто [едноставно, НС] и целото твое тело ќе биде светло“ (Матеј 6:19, 22). Што мислел со тоа? Едноставно око е она кое е сосредоточено и кое пренесува јасни слики до умот. Духовното око кое е едноставно ја задржува чиста сликата на Божјето Царство. Значи, решеноста на христијанинот да го чува едноставно своето око, јасно вперено кон Божјето царство и да ги стави грижите во позадина, му помага да одржува духовна рамнотежа.
Тоа може да се илустрира со искуството на една двојка од Цвикау (Саксонија), која покажала интерес за Библијата за време на Wende. Нивната работа им одземала многу време, но сепак духовните интереси ги ставале на прво место и присуствувале на сите христијански состаноци. „Од аспект на нашата работа, немаме време за тоа“, признале тие, „но духовно ни е потребно“. Каква мудра одлука!
Да погледнеме и едно семејство во Плауен, исто така во Саксонија. Сопругот бил саатчија, имал сопствен занает. После Wende, наемнината за неговите простории многу се зголемила. Што да стори? „Би коштало многу пари, а јас ја запознав вистината за да живеам за неа“. Затоа се преселил во полошо ситуирани простории, но со пониска наемнина. Да, саатчијата многу брзо научил своето око да го задржи едноставно.
Но, некои предоцна научија. Еден христијански старешина, мислејќи дека новововедената слободна пазарна економија ветува многу, почнал да се бави со бизнис. Еден патувачки надгледник љубезно му препорачувал да не дозволи деловните обврски да му ја истиснат духовноста. Но за жал, се случило токму тоа. После неколку месеци, братот се повлекол од старешинството. Подоцна напишал: „Од лично искуство им советувам на сите браќа кои тежнеат по службени предности да не отвораат сопствена фирма“. Тоа не значи дека поседувањето на приватна фирма е погрешно за христијаните. Но без разлика дали имаме сопствена фирма или не, ако им посветуваме премногу внимание на економските грижи, тогаш можеме несвесно да постанеме робови на богатството. Исус го предочил исходот: „Никој не може да им слугува на двајца господари; оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре“ (Матеј 6:24). Германскиот поет Гете навел: „Никој не е побезнадежно заробен отколку оние кои погрешно мислат дека се слободни“.
Ако сме зафатени во дословна бура, тогаш е потребно да подзамижиме со очите за подобро да гледаме или да ги засениме со рацете за да ја имаме пред очи нашата цел. Кога сме опколени со политички, економски и општествен метеж, потребна е концентрација за да ја имаме пред очи нашата духовна цел. Што прават некои христијани за да го чуваат своето око едноставно во делото за Царството?
Зголемена активност на Царството
По целата поранешна ГДР, Сведоците посветуваат повеќе време за сведочење од било кога порано. Во последните две години, просекот на времето потрошено во службата на проповедање порасна за 21 отсто. Резултатот е драматичен пораст на домашни библиски студии за 34 отсто. Освен тоа, бројот на општите пионери моментално е четири пати поголем отколку пред само две години! Додека другите се загрижени и се жалат, преку 23.000-те христијани во поранешна ГДР се борат со околностите, чувајќи го окото едноставно. Тоа придонесе за зачудувачкиот пораст на активноста на Царството. (Спореди Исус Навин 6:14.)
Проширената активност значи дека добро се грижат за подрачјето на југ, каде што живеат повеќето Сведоци. Повеќето имиња на места имаат историско значење. Ако си љубител на добар порцелан, ќе го препознаеш градот Мајсен, близу Дрезден, како извор на најосетливиот порцелан во светот. Мајсен сега е дом на околу 130 објавители на Царството. Или земи го Вајмар, „класичниот главен град на Германија“. Споменикот Гете-Шилер во центарот на градот сведочи за возвишената поврзаност на Вајмар со овие двајца писатели и е извор на гордост за многумина таму. Вајмар денес може да се гордее со своите повеќе од 150 објавители на добрата вест.
На север, меѓутоа, работите се многу поинакви, со помалку објавители и со поголеми оддалечености помеѓу собранијата. Работа тешко може да се најде. Многумина кои имаат работа се под притисок да останат прекувремено за да ја задржат истата. Еден брат кој служи како полновремен проповедник на север, објаснува: „Кога беше забраната, на секој брат му беше потребна Јеховината заштита во службата на проповедање, но не беше тешко да се најде работа. Сега е обратно. Имаме слобода да проповедаме, но ни треба негово водство што се однесува до вработувањето. Таквата промена бара многу прилагодувања“.
Дали на објавителите им е драго што можат почесто да проповедаат? Волфганг вака гледа: „Далеку е подобро еден ист објавител да го обработува истото подрачје повеќе пати. Луѓето стекнуваат доверба во него и стануваат поотворени“. Освен тоа, станарите „се поспремни да разговараат за религиозни теми на вратата, па дури и ако некој минувач може да слуша. Религијата не е повеќе табу тема“. Ралф и Мартина се согласуваат. „Се радуваме што подрачјето го обработуваме почесто. Можеме луѓето лично да ги запознаеме и исто така се радуваме на широката разновидност на литература што ја имаме“.
Ценење за нашата литература
Ралф и Мартина посебно ја ценат книгата Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање? За многумина кои го прифатиле атеизмот во поранешната ГДР, оваа книга се покажала како прекрасно помошно средство за проучување на Библијата. Тие посакуваат и пократка публикација со слична содржина. „Колку бевме возбудени при објавувањето на брошурата Се грижи ли Бог навистина за нас? на Обласниот конгрес ‚Светлоносци‘ 1992 во Дрезден. Тоа беше одговор на нашите молитви.“
Многу луѓе кои не се Сведоци почнале да им се восхитуваат на публикациите на Watch Tower. Во јули 1992, една професорка по општествено образование напишала за да го изрази нејзиното „највисоко почитување и најсрдечна благодарност“ за публикациите кои таа ги користи за да ги подготвува своите предавања. Во јануари 1992, една жена од Росток зела примерок од книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата од двајца Сведоци кои дошле на нејзина врата. До канцеларијата на германската подружница таа напишала: „Јас ѝ припаѓам на Лутеранската црква. Имам највисоко мислење за активностите на организацијата на Јеховините сведоци. Тие одлучно изјавуваат дека човекот не може повеќе да постои без Божје водство“.
Колкаво духовно водство им дале црквите на т. н. христијанство на своите членови? Угледниот весник Die Zeit во декември 1991, коментираше дека иако Лутеранската црква ‚кратко време уживала слава како мајка на мирољубивата револуција, нејзината оценка од јавноста се чини дека рапидно опаѓа‘. Навистина, еден претставник на Лутеранската црква се жалел: „Луѓето го побркаа животот во пазарното стопанство со рајот“. Еден член на црквата во Магдебург напишал до подружницата за да побара информации. Зошто? „После долгогодишно потсмевање како неверник“, напишал господинот, „сега сум цврсто убеден дека овој свет се наоѓа во своите последни денови и дека во блиската иднина ни претстојат големи проблеми“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Градење заради проширување
Пред Wende, во ГДР не беа дозволени Царски сали. Сега се итно потребни; му се дава предност на нивното градење. Тоа е уште еден аспект на вистинското обожавање кое претрпе извонредни промени. Искуството на еден брат илустрира колку е брза таа промена.
Во март 1990, само неколку часови откако Јеховините сведоци добија законско признание во ГДР, еден брат бил замолен да поздрави една група Сведоци и за прв пат во својот живот користел микрофон. По две и пол години, собранието со кое тој е поврзан, свечено отворило нова Царска сала. Кон крајот на 1992, беа изградени седум Царски сали за 16 собранија. Преку 30 други, како и една прекрасна Конгресна сала се наоѓаат во фаза на планирање.
Око насочено на Божјето Царство
„Набргу после Wende“, забележува еден христијански старешина, „многу луѓе ја одбиваа Библијата затоа што својата надеж ја беа ставиле во новата влада која ветуваше дека конечно ќе ги подобри условите“. Дали нивната надеж се исполнила? „По две години мислењето се промени. Луѓето сега се согласуваат со нас дека човечките влади никогаш не можат да донесат мир и праведност“.
Мноштвата се радуваа на замрачувањето на суровиот социјализам во ГДР, предвестувајќи го она што го сметаа за златен век на западната идеологија. Но беа разочарани. Без разлика која влада е на власт, Јеховините сведоци своето око го чуваат едноставно и цврсто сосредоточено на Божјето Царство, кое свети како ѕвезда на небесата. Таквата надеж никогаш нема да доведе до разочарување (Римјаните 5:5).
[Фуснота]
a Види „Јехова се грижеше за нас и под забрана“, 1-3. дел во изданијата на Стражарска кула од 15. април, 1. мај и 15. мај 1992.
[Слики на страница 26]
Сведоците во Германија ја користат својата слобода за повеќе и повеќе да се вклучат во активноста на Царството