Јехова ја сака правдата
„Јас, Јехова, ја сакам правдата“ (ИСАИЈА 61:8).
1, 2. а) Што значат зборовите „праведен“ и „неправеден“? б) Што вели Библијата за Јехова и за правдата како негова особина?
СПОРЕД една дефиниција, праведен е оној ‚што постапува во согласност со она што се смета за морално, исправно или прифатливо; оној што е непристрасен, чесен‘. Неправедниот, пак, не е чесен, има предрасуди, постапува злобно, ги повредува другите без причина.
2 Пред речиси 3.500 години, во врска со Севишниот Господар Јехова, Мојсеј го напишал следново: „Сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда“ (5. Мојсеева 32:4). Повеќе од седум века подоцна, Бог го вдахновил Исаија да запише: „Јас, Јехова, ја сакам правдата“ (Исаија 61:8). Потоа, во првиот век, Павле изјавил: „Има ли кај Бог неправда? Никако!“ (Римјаните 9:14). Отприлика во истото време, Петар го кажал следново: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Да, „Јехова ја сака правдата“ (Псалм 37:28; Малахија 3:6).
Неправда на сите страни
3. Како се појавила неправдата на Земјата?
3 Денес правдата е ретка. Може да станеме жртви на неправда на сите нивоа во општеството — на нашето работно место, на училиште, во односите со властите и на други полиња — па дури и во семејниот круг. Се разбира, ова не е ништо ново. Неправдата навлегла во човечкото семејство кога нашите први родители се побуниле и станале беззаконици поттикнати од бунтовното духовно суштество кое станало Сатана Ѓаволот. Нема сомнение, Адам, Ева и Сатана ги прекршиле праведните начела кога го злоупотребиле прекрасниот дар на слободна волја што им го дал Јехова. Нивните неисправни постапки му донеле неописливо страдање и смрт на целото човечко семејство (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12; Евреите 2:14).
4. Колку долго неправдата е составен дел од човечката историја?
4 Веќе речиси 6.000 години од побуната во градината Еден, неправдата е составен дел од човечкото општество. Ова не нѐ изненадува затоа што Сатана е богот на овој свет (2. Коринќаните 4:4). Тој е лажливец и татко на лагата, клеветник кој му се противи на Јехова (Јован 8:44). Сатана отсекогаш нанесувал огромни неправди. На пример, делумно поради неговото злобно влијание пред Потопот во времето на Ное, Бог забележал дека „лошотијата на човекот на земјата е голема и дека сите мисли на неговото срце се секогаш насочени само кон зло“ (1. Мојсеева 6:5). Иста била состојбата и во времето на Исус. Тој рекол: „На секој ден му е доволно неговото зло“, односно тешките проблеми, како што е неправдата (Матеј 6:34). Библијата дава еден многу точен опис: „Целото создание заедно воздивнува и... во болка [е] сѐ досега“ (Римјаните 8:22).
5. Зошто денес има повеќе неправди од кога и да било порано?
5 Значи, низ целата човечка историја се случувале лоши работи кои воделе до големи неправди. Денес ситуацијата е полоша од кога и да било порано. Зошто? Затоа што веќе со децении овој безбожен свет се наоѓа во своите ‚последни денови‘ и, како што му се ближи крајот, луѓето живеат во „особено тешки времиња“. Библијата прорекла дека во овој период од историјата луѓето ќе бидат „себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители... неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди“ (2. Тимотеј 3:1-5). Овие лоши особини водат до најразлични неправди.
6, 7. Какви страшни неправди го погаѓаат човечкото семејство во нашево време?
6 Во последниве сто години неправдите достигнаа невидени размери. Една работа е што во овие години се водеа најмногу војни. На пример, некои историчари проценуваат дека само во Втората светска војна загинаа 50 до 60 милиони луѓе, од кои повеќето беа цивили — невини мажи, жени и деца. Откако заврши таа војна, во разни судири загинаа уште милиони, при што поголемиот дел од жртвите повторно беа цивили. Сатана предизвикува вакви неправди бидејќи е бесен и знае дека наскоро Јехова ќе му нанесе потполн пораз. Едно библиско пророштво го вели следново во врска со ова: „Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:12).
7 Денес светот годишно троши околу 760 милијарди евра на воени цели. Со оглед на тоа што милиони луѓе го немаат ни најосновното за живот, помисли на сето добро што би можело да се направи кога тие пари би се потрошиле на мирољубиви цели. Околу една милијарда луѓе немаат доволно храна, а други ја имаат во изобилство. Според еден извор на Обединетите нации, секоја година умираат околу пет милиони деца од последиците на гладот. Каква неправда! Помисли и на многуте невини жртви на абортусот. Според проценките, годишно во светот се извршуваат од 40 до 60 милиони абортуси! Каква ужасна неправда!
8. Кој е единствениот начин да се воспостави вистинска правда за луѓето?
8 Човечките владетели немаат решение за огромните проблеми што го измачуваат човештвото денес. А состојбата нема да се подобри и покрај сите напори што се вложуваат. Божјата реч прорекла дека во нашево време „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо. Ќе заведуваат други, а и самите ќе бидат заведени“ (2. Тимотеј 3:13). Неправдата е толку многу навлезена во секоја пора на секојдневното живеење што ниту еден човек не може да ја отстрани. Само еден праведен Бог може да го стори тоа. Само тој може да ги отстрани Сатана, демоните и злите луѓе (Еремија 10:23, 24).
Оправдана загриженост
9, 10. Зошто Асаф се разочарал?
9 Во минатото, дури и некои од писателите на Библијата се прашувале зошто Бог сѐ уште не се вмешал во човечките работи за да спроведе вистинска правда и праведност. Да земеме за пример еден човек што живеел во библиски времиња. Во натписот на 73. псалм се спомнува името Асаф, кое се однесува или на некој познат левитски музичар кој живеел за време на владеењето на цар Давид, или на музичарите од домот чиј родовски поглавар бил тој. Асаф и неговите потомци напишале многу песни што се пееле при богослужбата на Израелците. Сепак, во еден момент од животот, писателот на овој псалм ослабнал духовно и се разочарал. Тој гледал дека злите се богатат, и забележал дека обично изгледаат задоволни од животот и дека не трпат никакви лоши последици.
10 Во овој псалм читаме: „Почнав да им завидувам на фалбаџиите кога гледав како злите живеат во мир. Зашто, тие не знаат за смртни болки, голем им е стомакот. Не знаат за маките на смртниот човек и не се мачат како другите луѓе“ (Псалм 73:2-8). Но, подоцна овој библиски писател сфатил дека ваквото негативно гледиште е погрешно (Псалм 73:15, 16). И покрај тоа што се обидел да го исправи своето размислување, не можел потполно да сфати зошто изгледа дека злобните се извлекуваат иако постапуваат лошо, а праведните честопати страдаат.
11. Што сфатил псалмистот Асаф на крајот?
11 На крајот, овој верен човек сфатил што ги чека злобните. Му станало јасно дека еден ден Јехова ќе ги расчисти работите со нив (Псалм 73:17-19). Давид напишал: „Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат. Тој ќе те возвиши, и ти ќе ја поседуваш земјата. Кога злите ќе бидат истребени, ти ќе го видиш тоа“ (Псалм 37:9, 11, 34).
12. а) Што има намера да стори Јехова со злобата и со неправдата? б) Што мислиш за решението на проблемот со неправдата?
12 Сосема е сигурно дека Јехова има намера во свое време да ја отстрани злобата од Земјата и сите неправди што се поврзани со неа. Дури и верните христијани треба редовно да се потсетуваат на ова. Јехова ќе ги отстрани оние што ѝ се противат на неговата волја и ќе ги награди оние што живеат во склад со неа. „Неговите очи набљудуваат, неговиот поглед ги испитува синовите човечки. Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството. Ќе им пушти на злите дожд од замки, од оган и сулфур, и жежок ветар... Зашто, Јехова е праведен, тој ги сака праведните дела“ (Псалм 11:4-7).
Еден праведен нов свет
13, 14. Зошто во новиот свет ќе преовладуваат правдата и праведноста?
13 Откако ќе го уништи овој неправеден светски поредок кој е под власта на Сатана, Јехова ќе воспостави еден величествен нов свет. Со него ќе владее Божјето небесно Царство за кое Исус ги учел своите следбеници да се молат. Злобата и неправдата ќе бидат заменети со правда и праведност, бидејќи тогаш потполно ќе биде одговорена молитвата Оченаш: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).
14 Библијата ни кажува каква влада можеме да очекуваме — влада по која сега копнеат сите праведни луѓе. Тогаш во потполност ќе се исполнат и зборовите од Псалм 145:16, каде што за Јехова се вели: „Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо“. Освен тоа, во Исаија 32:1 стои: „Еве, царот [Исус Христос на небото] ќе царува праведно и кнезовите [Христовите застапници на Земјата] ќе владеат по правдата“. За Царот Исус Христос, во Исаија 9:7 е проречено: „Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот на Давидовиот престол и во неговото царство ќе му нема крај, за да се утврди и втемели врз правдата и врз праведноста, отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Јехова над војските“. Можеш ли да се замислиш како живееш под таа праведна влада?
15. Што ќе направи Јехова за луѓето во новиот свет?
15 Во Божјиот нов свет, повеќе нема да имаме причина да го кажеме она што стои во Проповедник 4:1: „Пак почнав да ги набљудувам сите угнетувања што се прават под сонцето, и гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши. Моќта е во рацете на нивните угнетувачи, а нема кој да ги утеши“. Се разбира, бидејќи сѐ уште имаме несовршен ум, тешко ни е да си замислиме колку ќе биде убав тој праведен нов свет. Лошото повеќе нема да постои. Наместо тоа, секој ден ќе биде исполнет со убави работи. Навистина, Јехова ќе исправи сѐ што не е во ред, и тоа на начин што ќе ги надмине сите наши очекувања. Колку убаво е што Јехова Бог го вдахновил апостол Петар да ги запише следниве зборови: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13).
16. Како почнале да владеат ‚новите небеса‘ и во која смисла ‚новата земја‘ се подготвува уште денес?
16 Всушност, ‚новите небеса‘, односно Божјата небесна влада во рацете на Христос, веќе владеат. Во овие последни денови се собираат оние што ќе ја сочинуваат ‚новата земја‘, односно јадрото на новото земно општество од праведни луѓе. Веќе бројат речиси седум милиони лица кои им припаѓаат на скоро 100.000 собранија во минимум 235 земји. Овие поединци учат за Јеховините праведни патишта и, како резултат на тоа, меѓу сите нив владее единство кое се темели на христијанска љубов. Тоа е поцврсто и трае подолго од кое и да било единство што постоело меѓу поданиците на Сатана во историјата на човештвото. Таа љубов и единство се навестување за прекрасните работи што нѐ очекуваат во Божјиот нов свет, во кој ќе владеат правдата и праведноста (Исаија 2:2-4; Јован 13:34, 35; Колошаните 3:14).
Сатана ќе претрпи пораз
17. Зошто Сатана сигурно ќе претрпи пораз кога за последен пат ќе го нападне Јеховиниот народ?
17 Наскоро Сатана и неговите следбеници ќе се свртат против Јеховините слуги со цел да ги истребат (Езекиел 38:14-23). Тоа ќе биде дел од она што Исус го нарекол „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21). Дали овој негов напад ќе успее? Не. Божјата реч нѐ уверува: „Зашто, Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек, а потомството на злите ќе биде истребено. Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:28, 29).
18. а) Што ќе стори Бог кога Сатана наскоро ќе го нападне Неговиот народ? б) Зошто беше корисно за тебе тоа што уште еднаш се потсети на она што го вели Библијата за победата на правдата?
18 Нападот на Сатана и на неговите орди врз Јеховините слуги ќе биде последната навреда што тој ќе му ја нанесе на Бог. Преку Захарија, Јехова прорекол: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ (Захарија 2:8). Кога Сатана ќе нападне, ќе биде како да му го ставил прстот во окото на самиот Јехова. Бог веднаш ќе реагира и ќе ги отстрани злосторниците. Јеховините слуги се најљубезниот, најобединетиот, најмирољубивиот и најпослушниот народ на Земјата. Затоа, тој напад врз нив ќе биде потполно неоправдан и неправеден. Бидејќи Јехова многу „ја сака правдата“, нема да го трпи тоа. Кога Тој ќе застане во нивна одбрана, непријателите на неговиот народ ќе бидат уништени засекогаш, правдата ќе победи и ќе бидат спасени оние што му служат на единствениот вистински Бог. Какви неверојатни и возбудливи настани ни претстојат во многу блиска иднина! (Изреки 2:21, 22).
Како би одговорил?
• Зошто неправдата е толку раширена?
• Како Јехова ќе го реши проблемот со неправдата на Земјата?
• Што ти остави најголем впечаток во оваа статија за тоа како ќе победи правдата?
[Слика на страница 23]
Злобата била раширена насекаде пред Потопот, а раширена е и во овие „последни денови“
[Слика на страници 24 и 25]
Во Божјиот нов свет, правдата и праведноста ќе ја заменат злобата