Имај целосна доверба во Јехова во време на неволја
„Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја“ (ПСАЛМ 46:1).
1, 2. а) Кој пример покажува дека не е доволно да тврдиме дека имаме доверба во Бог? б) Зошто мораме да правиме повеќе отколку само да велиме дека имаме доверба во Јехова?
ЕДНА работа е да тврдиме дека имаме доверба во Бог. Но, сосема друга работа е да го покажеме тоа со нашите постапки. На пример, фразата „Нашата доверба е во Бог“ веќе долго време ја има на банкнотите и на монетите на американскиот долар.a Во 1956, американскиот конгрес донел закон со кој овој израз бил прогласен за државно мото на Соединетите Држави. Иронично е тоа што многу луѓе — не само во таа земја туку и во целиот свет — полагаат поголема доверба во парите и во богатството отколку во Бог (Лука 12:16—21).
2 Како вистински христијани, мораме да правиме повеќе отколку само да речеме дека имаме доверба во Јехова. Исто како што „верата без дела е мртва“, така и секое тврдење дека имаме доверба во Бог е бесмислено ако не го поткрепиме со постапки (Јаков 2:26). Во претходната статија научивме дека својата доверба во Јехова ја покажуваме кога му се обраќаме во молитва, кога бараме водство од неговата Реч и кога бараме водство од неговата организација. Сега да разгледаме како можеме да ги преземеме тие три чекори во време на неволја.
Кога ќе останеш без работа или ако имаш ниски примања
3. Со кои економски притисоци се соочуваат Јеховините слуги во овие „критични времиња“, и од каде знаеме дека Бог е спремен да ни помогне?
3 Во овие „критични времиња“, ние како христијани се соочуваме со истите економски притисоци како и другите луѓе (2. Тимотеј 3:1). Така, може неочекувано да нѐ отпуштат од работа. Или, пак, можеби немаме друг избор освен многу да работиме за мала плата. Во такви околности, можеби ќе ни биде тешко ‚да се грижиме за своите домашни‘ (1. Тимотеј 5:8). Дали Севишниот Бог е спремен да ни помогне во таква ситуација? Сигурно! Се разбира, Јехова не нѐ штити од сите тешкотии во животот во овој систем на работи. Меѓутоа, ако имаме доверба во него, зборовите од Псалм 46:1 ќе важат и за нас: „Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја“. Но, како можеме да покажеме дека имаме целосна доверба во Јехова кога сме во неволја поради финансиски проблеми?
4. Кога сме соочени со финансиски проблеми, за што можеме да молиме и како одговара Јехова на таквите молитви?
4 Еден начин да ја покажеме нашата доверба во Јехова е да му се обратиме во молитва. Но, за што можеме да молиме? Па, кога сме соочени со финансиски проблеми, можеби ќе ни треба практична мудрост повеќе од кога и да е порано. Затоа, моли се за неа! Јеховината реч нѐ уверува: „Ако некому од вас му недостига мудрост, постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Да, барај од Јехова мудрост — способност добро да го искористиш спознанието, разбирањето и проникливоста — за да донесеш добри одлуки и исправно да избираш. Нашиот небесен Татко што е полн со љубов нѐ уверува дека ќе ги слуша таквите молитви. Тој секогаш е спремен да ги исправи патеките на оние што имаат доверба во него со сето свое срце (Псалм 65:2; Пословици 3:5, 6).
5, 6. а) Зошто можеме да побараме помош од Божјата реч за да се справиме со економските притисоци? б) Што би можеле да направиме за да ја намалиме тегобната загриженост ако сме останале без работа?
5 Друг начин на кој покажуваме дека имаме доверба во Јехова е да бараме водство од Божјата реч. Неговите мудри потсетувања што се наоѓаат во Библијата се покажале „многу достојни за доверба“ (Псалм 93:5, NW). Иако била завршена со пишување пред повеќе од 1.900 години, оваа инспирирана книга содржи веродостојни совети и длабок увид што може да ни помогне подобро да се справиме со економските притисоци. Разгледај некои примери на мудроста од Библијата.
6 Многу одамна мудриот цар Соломон забележал: „Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие“ (Проповедник 5:11). Потребни се време и пари за да се поправаат, да се чистат, да се одржуваат и да се штитат материјалните поседи. Затоа, ако сме останале без работа, можеме да ја искористиме таа прилика да го преиспитаме нашиот начин на живот, обидувајќи се да ги разграничиме потребите од желбите. За да ја намалиме тегобната загриженост, ќе биде мудро да направиме некои промени. На пример, дали можеме да си го поедноставиме животот, можеби на тој начин што ќе се преселиме во помала куќа или ќе се ослободиме од материјалните поседи што не ни се потребни? (Матеј 6:22).
7, 8. а) Како Исус покажал дека е свесен дека несовршените луѓе се склони да бидат претерано загрижени за материјалните работи? (Види ја и фуснотата.) б) Кој мудар совет го дал Исус за тоа како да се избегнува претерана тегобна загриженост?
7 Во Проповедта на Гората, Исус дал совет: „Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете“b (Матеј 6:25). Исус знаел дека несовршените луѓе по природа се загрижени за тоа да си ги обезбедат најосновните работи. Но, како можеме ‚да престанеме тегобно да се грижиме‘ за таквите работи? „Продолжете да го барате најнапред царството“, рекол Исус. Независно од тоа на какви проблеми наидуваме, мораме да продолжиме на прво место во животот да го ставаме обожавањето на Јехова. Ако правиме така, тогаш нашиот небесен Татко ‚ќе ни додаде сѐ‘ што ни е неопходно за секој ден. На овој или на оној начин, тој ќе ни овозможи да останеме во живот (Матеј 6:33).
8 Понатаму, Исус го дал следниов совет: „Никогаш немојте тегобно да се грижите за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе има свои сопствени тегобни грижи“ (Матеј 6:34). Не е мудро да се биде претерано загрижен за она што можеби ќе го донесе утрешниот ден. Еден изучувач забележал: „Ретко вистинската иднината е толку лоша колку иднината од која се плашиме“. Тоа што понизно ќе го следиме библискиот совет да ги задржиме во јасен фокус нашите приоритети и да го живееме животот од ден за ден може да ни помогне да избегнуваме претерана тегобна загриженост (1. Петрово 5:6, 7).
9. Кога имаме финансиски проблеми, каква помош можеме да најдеме во публикациите на „верниот и разборит роб“?
9 Кога ќе се соочиме со финансиски проблеми, можеме да ја покажеме нашата доверба во Јехова и на тој начин што ќе побараме помош во публикациите на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Одвреме навреме, во списанието Разбудете се! има статии што содржат корисни совети и предлози за тоа како да се справиме со економските проблеми. Статијата „Невработеност — кои се решенијата?“ во српското издание на Разбудете се! од 8 ноември 1991, изнесе осум практични упатства што им помогнале на многумина да останат финансиски и емоционално стабилни кога се соочиле со невработеност.c Се разбира, ваквите упатства мора да бидат урамнотежени со исправно гледиште за вистинската важност на парите. За ова беше дискутирано во статијата „Нешто многу поважно од парите“, што излезе во истото издание (Проповедник 7:12).
Кога те измачуваат здравствени проблеми
10. На кој начин примерот на цар Давид покажува дека е реално да имаме доверба во Јехова кога се соочуваме со тешка болест?
10 Дали е реално да имаме доверба во Јехова кога нѐ измачува некоја тешка болест? Апсолутно! Јехова сочувствува со болните од неговиот народ. И не само тоа — тој покажува спремност да помогне. На пример, да размислиме за цар Давид. И самиот тој можеби бил тешко болен кога пишувал за тоа како постапува Бог со болниот праведник. Тој рекол: „Господ ќе го поткрепи на леглото при болест, болеста ќе му ја сврти во сила“ (Псалм 41:1, 3, 7, 8). Давид задржал цврста доверба во Бог, и на крајот овој цар оздравел од својата болест. Но, како можеме да покажеме доверба во Бог кога нѐ измачуваат здравствени проблеми?
11. Кога сме болни, за што можеме да го молиме нашиот небесен Татко?
11 Кога сме болни, еден начин да ја покажеме нашата доверба во Јехова е да го молиме за помош да истраеме. Можеме да го молиме да ни помогне да примениме ‚мудрост‘ за да бараме да бидеме здрави онолку колку што реално дозволуваат нашите околности (Пословици 3:21, NW). Исто така, можеме да го молиме да ни помогне да бидеме стрпливи и истрајни за да ја поднесеме болеста. Над сѐ, ќе сакаме да го молиме Јехова да нѐ поддржи, давајќи ни сила да му останеме верни и да не изгубиме рамнотежа, макар што и да се случи (Филипјаните 4:13). Уште поважно од тоа да го зачуваме нашиот сегашен живот е да го задржиме нашиот интегритет кон Бог. Ако го задржиме нашиот интегритет, Големиот Наградувач ќе ни даде совршен живот и здравје во вечноста (Евреите 11:6).
12. Кои библиски начела можат да ни помогнат да донесуваме мудри одлуки кога станува збор за медицинско лекување?
12 Нашата доверба во Јехова исто така нѐ поттикнува да побараме практично водство во неговата Реч, Библијата. Начелата што се наоѓаат во Писмото можат да ни помогнат да донесуваме мудри одлуки кога станува збор за медицинско лекување. На пример, ако знаеме дека Библијата го осудува ‚вршењето спиритизам‘, ќе избегнуваме секаква дијагностичка или терапевтска постапка што вклучува спиритизам (Галатите 5:19—21; Второзаконие 18:10—12). Еве уште еден пример за веродостојната мудрост на Библијата: „Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (Пословици 14:15). Значи, кога размислуваме за некое лекување, ќе биде мудро да побараме сигурни информации наместо ‚да веруваме на секој збор‘. Таквите „здрави мисли“ можат да ни помогнат внимателно да ги одмериме нашите опции и да донесеме информирана одлука (Тит 2:12).
13, 14. а) Кои информативни статии во врска со здравјето излегоа во списанијата Разбудете се! и Стражарска кула? (Види ја рамката на 17. страница.) б) Кои совети за справувањето со хронични болести беа дадени во Разбудете се! од 8 мај 2001?
13 Нашата доверба во Јехова можеме да ја покажеме и на тој начин што ќе истражуваме во публикациите на верниот роб. Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! повремено објавуваат информативни статии за најразлични конкретни здравствени проблеми и болести.d Понекогаш во овие списанија имало статии за лица што успешно се справиле со најразлични нарушувања, болести и инвалидности. Освен тоа, во некои статии биле дадени библиски предлози и практични совети за тоа како да се живее со некои хронични здравствени проблеми.
14 На пример, во изданието на Разбудете се! од 8 мај 2001 излезе насловната серија статии „Утеха за болните“. Во тие статии беа изнесени корисни библиски начела и информации од прва рака добиени од интервјуа со добро информирани лица што многу години живееле со болест која води до инвалидност. Статијата „Како да живеете успешно со својата болест?“ ги даде следниве совети: Дознај колку што можеш повеќе за болеста (Пословици 24:5). Постави си практични цели, вклучувајќи и цели да им помагаш на другите, но сфати дека можеби нема да можеш да ги постигнеш истите цели што можат да ги постигнат другите (Дела 20:35; Галатите 6:4). Избегнувај да се изолираш од другите (Пословици 18:1, NW). Направи на другите да им биде пријатно кога ќе те посетат (Пословици 17:22). Над сѐ, задржи цврста врска со Јехова и со собранието (Наум 1:7; Римјаните 1:11, 12). Зарем не сме благодарни за доверливото водство што ни го дава Јехова преку својата организација?
Кога упорно се бориш со некоја телесна слабост
15. Како можел апостол Павле да победи во својата битка со слабостите на несовршеното тело, и во што можеме да бидеме уверени?
15 „Во моето тело, не престојува ништо добро“, напишал апостол Павле (Римјаните 7:18). Павле знаел од лично искуство колку може да биде тешко да се води борба со желбите и слабостите на несовршеното тело. Меѓутоа, Павле бил сигурен дека може да ги победи (1. Коринќаните 9:26, 27). Како? Со тоа што ќе положи безрезервна доверба во Јехова. Затоа Павле можел да рече: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од телото кое е подложно на оваа смрт? Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ!“ (Римјаните 7:24, 25). А како стојат работите со нас? И ние водиме борба против телесните слабости. Додека се бориме со таквите слабости, лесно може да се случи да изгубиме доверба и да се убедиме дека никогаш нема да успееме. Но, Јехова ќе ни помогне ако и ние, исто како Павле, вистински се потпираме на Него а не само на нашата сопствена сила.
16. Кога упорно се бориме со некоја телесна слабост, за што треба да молиме и што треба да правиме ако повторно ја покажеме истата слабост?
16 Кога упорно се бориме со некоја телесна слабост, можеме да покажеме дека имаме доверба во Јехова на тој начин што ќе му се обратиме во молитва. Треба да го молиме, дури и да го преколнуваме Јехова да ни помогне со својот свет дух (Лука 11:9—13). Можеме конкретно да го молиме за самосовладување, кое е еден од плодовите на Божјиот дух (Галатите 5:22, 23). Што треба да правиме ако повторно ја покажеме истата слабост? Не смееме да се предаваме по никоја цена. Никогаш да не се умориме понизно да го молиме нашиот милостив Бог, барајќи да ни прости и да ни помогне. Јехова никогаш нема да отфрли, односно да остави срце што е „скршено и скрушено“ од тежината на нечистата совест (Псалм 51:17, NW). Ако го преколнуваме со искрено, покајничко срце, Јехова ќе ни помогне да ги победиме искушенијата (Филипјаните 4:6, 7).
17. а) Зошто е од помош да размислуваме за тоа како гледа Јехова на некоја конкретна слабост со која можеби се бориме? б) Кои стихови би можеле да ги научиме напамет ако се бориме да ја контролираме брзата нарав? да внимаваме на јазикот? да се спротивставиме на склоноста кон нездрава забава?
17 Исто така, можеме да покажеме дека имаме доверба во Јехова на тој начин што ќе побараме помош во неговата Реч. Со помош на библиската конкорданца или индексот во Стражарска кула и Разбудете се! на крајот на секоја година, можеме да побараме одговор на прашањето ‚Како гледа Јехова на слабоста со која се борам?‘ Ако размислуваме како гледа Јехова на таа работа, тоа може да ја зајакне нашата желба да му угодиме. Така можеме и ние да имаме исти чувства какви што има тој, и да го мразиме она што го мрази тој (Псалм 97:10). На некои им помогнало тоа што научиле напамет библиски стихови што се однесуваат на конкретната слабост со која се борат. Дали се бориме да ја контролираме брзата нарав? Тогаш би можеле да ги научиме напамет стиховите како што се Пословици 14:17 и Ефешаните 4:31. Дали ни е тешко да внимаваме на јазикот? Би можеле да ги научиме напамет стиховите од Пословици 12:18 и Ефешаните 4:29. Дали сме склони кон нездрава забава? Би можеле да се обидеме да ги запомниме стиховите од Ефешаните 5:3 и Колошаните 3:5.
18. Зошто не треба да дозволиме срамот да нѐ спречи да побараме помош од старешините за да ја совладаме нашата слабост?
18 Друг начин на кој покажуваме дека се потпираме на Јехова е да бараме помош од собраниските старешини што се наименувани со дух (Дела 20:28). Па, овие „дарови во облик на луѓе“ се подготовка од Јехова преку Христос да ги заштити и да се грижи за своите овци (Ефешаните 4:7, 8, 11—14). Точно, можеби нема да ни биде лесно да побараме помош кога се справуваме со некоја слабост. Можеби ни е срам, бидејќи се плашиме дека старешините ќе имаат пониско мислење за нас. Но, без сомнение, овие духовно зрели мажи ќе нѐ почитуваат затоа што сме собрале храброст да побараме помош. Освен тоа, старешините настојуваат да ги одразуваат Јеховините особини во постапките со стадото. Нивните утешни, практични совети и поуката од Божјата реч можат да бидат токму она што ни е потребно за да ја зајакнеме нашата решеност да ја совладаме слабоста (Јаков 5:14—16).
19. а) На кој начин Сатана настојува да ја искористи ништожноста на животот во овој систем? б) Што вклучува довербата, и на што треба да бидеме цврсто речени?
19 Никогаш не заборавај дека Сатана знае дека времето му е кратко (Откровение 12:12). Тој сака да ја искористи ништожноста на животот во овој свет за да нѐ обесхрабри и да нѐ натера да се предадеме. Да имаме целосна доверба во она што е изразено во Римјаните 8:35—39: „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов? Дали неволја, или тегоба, или прогонство, или глад, или голотија, или опасност, или меч? . . Напротив, во сето ова излегуваме како потполни победници со посредство на оној кој нѐ љубеше. Зашто уверен сум дека ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ниту владите, ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде, ниту силите, ниту височината, ниту длабочината, ниту кое и да е друго создание не ќе може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ“. Каква само изјава на доверба во Јехова! Меѓутоа, таквата доверба не е само чувство. Напротив, тоа е доверба што вклучува добро промислени одлуки што ги донесуваме во нашиот секојдневен живот. Затоа, да бидеме цврсто решени да имаме целосна доверба во Јехова во време на неволја.
[Фусноти]
a Во едно писмо до американската ковачница за пари, со датум од 20 ноември 1861, министерот за финансии Салмон П. Чејс напишал: „Ниедна нација не може да биде силна освен со Божја сила, ниту, пак, безбедна освен ако не ја брани Тој. Довербата во Бог што ја има нашиот народ треба да се објави на нашите национални монети“. Како резултат на тоа, мотото „Нашата доверба е во Бог“ првпат се појавило на монетите на САД во 1864.
b Тегобната загриженост што е опишана овде е „загрижен страв, кој ја одзема сета радост од животот“. Некои преводи велат „не бидете тегобно загрижени“ или „не бидете загрижени“. Но, таквите преводи укажуваат на тоа дека не треба да почнеме да бидеме тегобно загрижени. Едно дело вели: „Глаголското време во кое се наоѓа грчкиот глагол е сегашен императив, што означува заповед да се престане да се прави некое дејство што веќе е во тек“.
c Осумте точки се следниве: 1) не кревај паника; 2) размислувај позитивно; 3) биди спремен да прифатиш нови видови работа; 4) живеј според твоите финансиски можности — а не според туѓите; 5) биди внимателен со кредитите; 6) зачувај го семејството обединето; 7) задржи самопочит; и 8) испланирај го буџетот.
d Овие библиски списанија не препорачуваат ниту, пак, унапредуваат некое посебно лекување, признавајќи дека тоа е работа за која треба да се донесе лична одлука. Наместо тоа, статиите во кои се зборува за одредени болести или нарушувања се наменети да ги информираат читателите за фактите што се познати моментално.
Дали се сеќаваш?
• Кога сме соочени со економски проблеми, на кои начини можеме да покажеме дека имаме доверба во Јехова?
• Како можеме да покажеме доверба во Бог кога нѐ измачуваат здравствени проблеми?
• Кога постојано се бориме со некоја телесна слабост, како можеме да покажеме дека навистина се потпираме на Јехова?
[Рамка на страница 17]
Се сеќаваш ли на овие статии?
Кога нѐ измачуваат здравствени проблеми, охрабрувачки е да читаме за други луѓе што успешно се справиле со разни растројства, болести или инвалидности. Следат некои статии што беа објавени во списанијата Стражарска кула и Разбудете се!
„Се справувам со моите слабости“, каде што се зборува за борбата со негативното размислување и депресијата“ (англиско издание на Стражарска кула од 1 мај 1990).
„Дури ни комората за вештачко дишење не можеше да ја спречи да проповеда“ (англиско издание на Разбудете се! од 22 јануари 1993).
„Еден куршум ми го промени животот“, каде што се зборува за борба со парализа (Разбудете се! од 8 февруари 1996).
„Не знаете каков ќе ви биде животот утре“, каде што се зборува за борба со биполарно афективно растројство (Стражарска кула од 1 декември 2000).
„Патувањето на Лоида од темнината“, каде што се зборува за борба со церебралната парализа (српско издание на Разбудете се! од 8 мај 2000).
„Мојата борба со ендометриозата“ (Разбудете се! од 8 ноември 2000).
„Мојата борба со склеродермијата“ (српско издание на Разбудете се! од 8 август 2001).
„Ја добив битката со постнаталната депресија“ (Разбудете се! од 8 ноември 2002).
[Слика на страница 15]
Ако сме останале без работа, ќе биде мудро да го преиспитаме својот начин на живот
[Слика на страница 16]
Приказната на Лоида покажува како довербата во Јехова помага да се истрае. (Види ја рамката на 17. страница.)
[Слика на страница 18]
Не треба да се срамиме да побараме помош да ги совладаме нашите слабости