Продолжете да служите рамо до рамо
„Зашто тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да го привикуваат името Јеховино, да му служат рамо до рамо“ (СОФОНИЈА 3:9, NW).
1. Што се случува во исполнување на Софонија 3:9?
ДЕНЕС во светот се зборуваат околу 6.000 јазици. Освен нив, има и различни дијалекти, односно локални облици на јазици. Меѓутоа, без оглед на тоа што луѓето зборуваат јазици што се сосема различни, како што се арапскиот и шпанскиот, Бог направил нешто навистина извонредно. Тој овозможил луѓето насекаде да го учат и да го зборуваат единствениот чист јазик. Ова се случува во исполнување на едно ветување дадено преку пророкот Софонија: „Ќе го променам [јас, Јехова Бог] јазикот на народите во чист јазик [дословно „чисти усни“], за сите да го привикуваат името Јеховино, да му служат рамо до рамо“ (Софонија 3:9, NW).
2. Што е ‚чистиот јазик‘ и што овозможил тој?
2 ,Чистиот јазик‘ е вистината од Бог што се наоѓа во неговата Реч, Библијата. Тоа особено е вистината за Божјето Царство, кое ќе го посвети Јеховиното име, ќе го оправда неговиот суверенитет и ќе му донесе благослови на човештвото (Матеј 6:9, 10). Како единствен духовно неизвалкан јазик на земјата, чистиот јазик го зборуваат луѓе од сите нации и раси. Тој им овозможува да му служат на Јехова „рамо до рамо“. Така, тие му служат обединето, односно „еднодушно“ (ДХК).
Нема место за пристрасност
3. Што ни овозможува обединето да му служиме на Јехова?
3 Како христијани, благодарни сме за повеќејазичната соработка што постои меѓу нас. Иако ја проповедаме добрата вест за Царството на многу човечки јазици, ние му служиме на Бог во единство (Псалм 133:1). Ова е возможно затоа што, каде и да живееме на земјата, го зборуваме единствениот чист јазик на Јеховина фалба.
4. Зошто меѓу Божјиот народ не смее да има пристрасност?
4 Кај Божјиот народ не смее да има пристрасност. Апостол Петар јасно го покажал тоа кога проповедал во домот на нееврејскиот воен офицер Корнелиј во 36 н.е., и бил поттикнат да рече: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Бидејќи ова е точно, христијанското собрание не е место за пристрасност, за „табори“ или за фаворитизам.
5. Зошто е погрешно да се придонесува за „табори“ во собранието?
5 Во врска со својата посета на Салата на Царството, една студентка рекла: „Обично, црквите привлекуваат членови од извесна раса или етничка група . . . Сите Јеховини сведоци седеа заедно а не во посебни „табори“. Меѓутоа, некои членови на собранието во древниот Коринт предизвикувале поделби. Создавајќи раздор на ваков начин, тие се противеле на дејствувањето на Божјиот свет дух, бидејќи тој унапредува единство и мир (Галатите 5:22). Ако унапредуваме „табори“ во собранието, би работеле против водството на духот. Затоа, да ги имаме на ум зборовите на апостол Павле до коринќаните: „Ве опоменувам, браќа, преку името на нашиот Господ Исус Христос сите да зборувате сложно, и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете соодветно обединети во ист ум и во ист правец на размислување“ (1. Коринќаните 1:10). Павле го нагласил единството и во своето писмо до ефешаните (Ефешаните 4:1—6, 16).
6, 7. Каков совет дал Јаков во врска со фаворитизмот, и каква примена имаат неговите зборови?
6 Од христијаните отсекогаш се барала непристрасност (Римјаните 2:11). Бидејќи некои во собранието во првиот век покажувале фаворитизам кон богатите, ученикот Јаков напишал: „Браќа мои, зарем верата на нашиот Господ Исус Христос, нашата слава, ја држите со постапки на пристрасност? Зашто, ако на ваш собир влезе човек со златни прстени и во сјајна облека, а влезе и сиромашен човек во валкана облека, а вие со наклоност гледате на оној кој носи сјајна облека и му речете: ‚Ти седни овде на убаво место‘, и на сиромашниот му речете: ‚Ти стој‘, или: ‚Седни таму под мојата подношка‘, зарем меѓу вас нема класни разлики и зарем не сте станале судии кои донесуваат зли одлуки?“ (Јаков 2:1—4).
7 Ако на некој христијански состанок дошле богати неверници со златни прстени и во сјајна облека, а исто така и сиромашни неверници во валкана облека, со богатите се постапувало на посебен начин. Им се давале седишта „на убаво место“, додека на сиромашните им се велело да стојат или да седат на подот крај нечии нозе. Но, Бог непристрасно ја дал Исусовата откупна жртва и за богатите и за сиромашните (Јов 34:19; 2. Коринќаните 5:14). Затоа, за да му угодиме на Јехова и за да му служиме рамо до рамо, не смееме да покажуваме фаворитизам ниту ‚да им се восхитуваме на личности заради сопствена корист‘ (Јуда 4, 16).
Чувајте се од мрморење
8. Што се случило поради тоа што Израелците мрмореле?
8 За да го задржиме нашето единство и да имаме и понатаму божествена наклоност, мораме да го следиме Павловиот совет: „Правете и понатаму сѐ без мрморење и препирање“ (Филипјаните 2:14, 15). Неверните Израелци што биле ослободени од египетското ропство мрмореле против Мојсеј и Арон, а со тоа и против Јехова Бог. Поради тоа, сите мажи постари од 20 години, освен верниот Исус Навин, Халев и Левитите, не влегле во Ветената земја туку умреле за време на 40-годишното напорно патување на Израел низ пустината (Броеви 14:2, 3, 26—30; 1. Коринќаните 10:10). Колкава само цена платиле за тоа што мрмореле!
9. Што доживеала Маријам поради тоа што мрморела?
9 Ова покажува што може да се случи со една цела нација што мрмори. Што е со поединечни мрморковци? Па, сестра му на Мојсеј, Маријам, заедно со својот брат Арон, мрморела: „Зар Господ му зборува само на Мојсеја? . . Зар не ни зборуваше и нам?“ Извештајот додава: „Господ го чу тоа“ (Броеви 12:1, 2). Со каков резултат? Маријам, која по сѐ изгледа предводела во ваквото приговарање, била понижена од Бог. Како? На тој начин што била погодена од лепра и била принудена да остане надвор од логорот седум дена сѐ додека не се очисти (Броеви 12:9—15).
10, 11. До што може да доведе неконтролираното мрморење? Илустрирај.
10 Мрморењето не е само поплака за некој престап. Упорните мрморковци им придаваат преголема важност на своите чувства или на својата положба, свртувајќи го вниманието кон себеси наместо кон Бог. Ако не се контролира, ова предизвикува раздор меѓу духовните браќа и ги попречува нивните напори да му служат на Јехова рамо до рамо. Ова е така затоа што мрморковците секогаш ги кажуваат своите поплаки, несомнено надевајќи се дека другите ќе сочувствуваат со нив.
11 На пример, некој може да го критикува начинот на кој извесен старешина ги одржува деловите што му се доделени во собранието или начинот на кој се грижи за своите должности. Ако го слушаме оној што се жали, можеби ќе почнеме да размислуваме како него. Сѐ додека семето на незадоволство не било посадено во нашиот ум, активностите на тој старешина можеби нѐ не вознемирувале, но сега тоа е случај. На крајот, ништо што прави тој старешина нема да биде исправно во нашите очи, па и ние можеби ќе почнеме да се жалиме на него. Ваквото однесување не е соодветно во едно собрание на Јеховиниот народ.
12. Каков ефект може да има мрморењето врз нашиот однос со Бог?
12 Мрморењето за мажите чија должност е да го пасат Божјето стадо може да води до навредливо критикување. Таквото мрморење или посакување зло може да влијае штетно врз нашиот однос со Јехова (Излез 22:28). Оние што непокајнички навредливо критикуваат нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринќаните 5:11; 6:10). Ученикот Јуда пишувал за мрморковците што „го омаловажуваат господството и зборуваат навредливо за славните“, односно за одговорните мажи во собранието (Јуда 8). Овие мрморковци немале божествено одобрување, а ние мудро го одбегнуваме нивниот злобен правец.
13. Зошто не може да им се приговори на сите поплаки?
13 Сепак, на Бог не му се неугодни сите поплаки. Тој не ја игнорирал „викотницата“ против Содом и Гомора туку ги уништил тие злобни градови (Битие 18:20, 21; 19:24, 25). Во Ерусалим, кратко по Пентекост 33 н.е., „Евреите кои зборуваа грчки почнаа да мрморат против Евреите кои зборуваа хебрејски, бидејќи нивните вдовици биле запоставувани при секојдневното делење“. Како резултат на тоа, „дванаесеттемина“ ја поправиле ситуацијата на тој начин што поставиле „седум осведочени мажи“ над ‚потребната работа‘ на делење храна (Дела 6:1—6). Денешните старешини не смеат ‚да го затнат своето уво‘ на оправданите поплаки (Пословици 21:13). И, наместо да ги критикуваат сообожавателите, старешините треба да бидат охрабрувачки и изградувачки (1. Коринќаните 8:1).
14. За да се чуваме од мрморење, која особина ни е особено потребна?
14 Сите треба да се чуваме од мрморење, бидејќи духот на поплакување е духовно нездрав. Таквиот став ќе го наруши нашето единство. Наместо тоа, секогаш да дозволуваме светиот дух да создаде љубов во нас (Галатите 5:22). Тоа што ќе се подложуваме на ‚царскиот закон на љубовта‘ ќе ни помогне да продолжиме да му служиме на Јехова рамо до рамо (Јаков 2:8; 1. Коринќаните 13:4—8; 1. Петрово 4:8).
Чувај се од клеветење
15. Каква разлика би направил помеѓу озборувањето и клеветењето?
15 Бидејќи мрморењето може да води до штетно озборување, мораме да внимаваме што зборуваме. Озборувањето е празно муабетење за луѓето и за нивните работи. Но, клеветењето е лажен извештај со намера да се нанесе штета на добриот глас на друго лице. Таквото зборување е злобно и безбожно. Затоа Бог им рекол на Израелците: „Не разнесувај клевети меѓу твојот народ“ (Левит 19:16).
16. Што рекол Павле за извесни озборувачи и како треба да влијае врз нас неговиот совет?
16 Бидејќи празното муабетење може да води до клеветење, Павле отворено зборувал против извесни озборувачи. Откако ги спомнал вдовиците што се квалификувале за да добијат помош од собранието, се осврнал на вдовици што научиле „да бидат без работа, скитајќи по куќите; да, не само што се без работа туку и озборуваат и се мешаат во туѓи работи, зборувајќи што не би требало“ (1. Тимотеј 5:11—15). Ако некоја христијанка утврди дека ѝ се слабост муабети што би можеле да водат до клеветење, ќе стори добро ако обрне внимание на Павловиот совет ‚да биде сериозна, да не клевети‘ (1. Тимотеј 3:11). Се разбира, и христијанските мажи мораат да се чуваат од штетно озборување (Пословици 10:19).
Престани да судиш!
17, 18. а) Што рекол Исус за осудувањето на нашите браќа? б) Како можеме да ги примениме Исусовите зборови за судењето?
17 Дури и ако не клеветиме некого, можеби ќе треба да вложуваме искрени напори да избегнуваме да судиме. Исус го осудил таквиот дух кога рекол: „Престанете да судите за да не бидете судени; зашто со каков суд судите со таков ќе ви се суди; и со каква мера мерите со таква ќе ви се мери. Тогаш, зошто ја гледаш сламката во окото на својот брат, а не ја земаш во обѕир гредата во сопственото око? Или како можеш да му речеш на брата си: ‚Дозволи ми да ти ја извадам сламката од окото‘; кога ете, во твоето око има греда? Лицемеру! Прво извади ја гредата од сопственото око, и тогаш јасно ќе видиш како да ја извадиш сламката од окото на брата си“ (Матеј 7:1—5).
18 Не смееме да се осмелиме да се понудиме да извадиме една обична ‚сламка‘ од окото на нашиот брат за да му помогнеме, кога нашата сопствена способност да дадеме исправен суд е нарушена од некоја фигуративна „греда“. Всушност, ако навистина сфатиме колку е милостив Бог, нема да сме склони да ги судиме нашите духовни браќа и сестри. Како би можеле да ги разбереме како што ги разбира нашиот небесен Татко? Не е чудо што Исус нѐ предупредил ‚да престанеме да судиме за да не бидеме судени!‘ Искрената проценка на нашите сопствени несовршености треба да нѐ спречи да донесуваме судови што Бог би ги сметал за неправедни.
Слаби но достојни за чест
19. Како треба да гледаме на соверниците?
19 Ако сме одлучни да му служиме на Бог рамо до рамо со нашите соверници, нема само да избегнуваме да судиме. Ќе предводиме во тоа да им искажуваме чест (Римјаните 12:10). Всушност, ние ќе ја бараме нивната корист, а не сопствената, и радосно ќе извршуваме понизни задачи во нивна корист (Јован 13:12—17; 1. Коринќаните 10:24). Како можеме да задржиме таков добар дух? На тој начин што ќе имаме на ум дека секој верник е скапоцен за Јехова и дека сме си потребни еден на друг, исто како што секој член на човечкото тело е зависен од другите (1. Коринќаните 12:14—27).
20, 21. Какво значење имаат за нас зборовите од 2. Тимотеј 2:20, 21?
20 Мора да се признае, христијаните се слаби земјени садови на кои им е доверено славното благо на службата (2. Коринќаните 4:7). За да ја извршуваме оваа света активност на Јеховина фалба, мораме да задржиме чесна положба пред него и неговиот Син. Само ако сме морално и духовно чисти можеме да останеме почесен сад за Божја употреба. Во врска со ова, Павле напишал: „Во една голема куќа нема само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјени, и некои за почесна цел, други, пак, за цел без почест. Според тоа, ако некој се држи понастрана од вториве, ќе биде сад за почесна цел, посветен, корисен за својот сопственик, подготвен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 2:20, 21).
21 Оние што не се однесуваат во склад со божествените барања се ‚садови без почест‘. Меѓутоа, ако се стремиме во побожен правец, ние ќе бидеме ‚садови за почесна цел, посветени, односно издвоени за Јеховина служба и подготвени за секое добро дело‘. Затоа, сосема е на место да се запрашаме: ‚Дали сум „почесен сад“? Дали влијаам добро врз соверниците? Дали сум член на собранието што работи рамо до рамо со сообожавателите?‘
Продолжете да служите рамо до рамо
22. Со што може да се спореди христијанското собрание?
22 Христијанското собрание е уредување слично на семејство. Во едно семејство има пријатна атмосфера на љубов и помагање кога сите негови членови го обожаваат Јехова. Едно семејство може да се состои од повеќе поединци со различни карактери, но секој си има почесно место. Ситуацијата е слична и во собранието. Иако сите сме различни — и несовршени — Бог нѐ привлекол кон себе преку Христос (Јован 6:44; 14:6). Јехова и Исус нѐ сакаат и, како едно обединето семејство, дефинитивно и ние треба да покажуваме љубов еден кон друг (1. Јованово 4:7—11).
23. Што треба да запомниме и да бидеме одлучни да сториме?
23 Христијанското собрание слично на семејство е и место каде што со право очекуваме да најдеме лојалност. Апостол Павле напишал: „Сакам на секое место мажите и понатаму да се молат, кревајќи ги лојалните раце, без гнев и расправии“ (1. Тимотеј 2:8). Така, Павле ја поврзал лојалноста со јавната молитва „на секое место“ каде што се состануваат христијаните. Само лојални мажи треба да го претставуваат собранието во јавна молитва. Се разбира, Бог очекува сите да му бидеме лојални нему и еден на друг (Проповедник 12:13, 14). Затоа, да бидеме одлучни да работиме заедно хармонично, исто како членовите на човечкото тело. Исто така, да служиме обединето како дел од семејството на Јеховини обожаватели. Над сѐ, да запомниме дека сме си потребни еден на друг и дека ќе уживаме божествено одобрување и благослови ако продолжиме да му служиме на Јехова рамо до рамо.
Како би одговорил?
• Што му овозможува на Јеховиниот народ да му служи рамо до рамо?
• Зошто христијаните избегнуваат пристрасност?
• Што би рекол ти, што има лошо во мрморењето?
• Зошто треба да им оддаваме чест на соверниците?
[Слика на страница 15]
Петар сфатил дека „Бог не е пристрасен“
[Слика на страница 16]
Знаеш ли зошто Бог ја понижил Маријам?
[Слика на страница 18]
Лојалните христијани радосно му служат на Јехова рамо до рамо