„Никогаш друг човек не зборувал така“
„Сите почнаа поволно да сведочат за него и да им се восхитуваат на привлечните зборови што излегуваа од неговата уста“ (ЛУКА 4:22).
1, 2. а) Зошто службениците што биле испратени да го фатат Исус се вратиле со празни раце? б) Што покажува дека службениците не биле единствените што биле импресионирани од Исусовото поучување?
СЛУЖБЕНИЦИТЕ не успеале во својата мисија. Биле испратени да го фатат Исус Христос, но се вратиле со празни раце. Главните свештеници и фарисеите побарале објаснување: „Зошто не го доведовте?“ Навистина, зошто службениците не фатиле еден човек што не би пружил физички отпор? Службениците објасниле: „Никогаш друг човек не зборувал така“. Тие биле толку импресионирани од Исусовото поучување што не можеле да си дозволат да го уапсат овој мирољубив човекa (Јован 7:32, 45, 46).
2 Тие службеници не биле единствените што биле импресионирани од Исусовото поучување. Библијата ни кажува дека се собирале луѓе во голем број само за да чујат како зборува тој. Луѓето во неговиот роден град се восхитувале на ‚привлечните зборови што излегувале од неговата уста‘ (Лука 4:22). Многупати тој им зборувал од чамец на големи мноштва насобрани на брегот на Галилејското Море (Марко 3:9; 4:1; Лука 5:1—3). Во една прилика, едно „големо мноштво“ останало кај него со денови, дури и без храна (Марко 8:1, 2).
3. Која била главната причина зошто Исус бил таков извонреден учител?
3 Што го направило Исус извонреден учител? Главната причина била љубовта.b Исус ги љубел вистините што ги пренесувал, а ги љубел и луѓето што ги поучувал. Но, Исус исто така извонредно ги познавал и методите на поучување. Во студиските статии од ова издание ќе дискутираме за некои делотворни методи што ги користел тој и за тоа како можеме да ги имитираме.
Едноставност и јасност
4, 5. а) Зошто Исус користел едноставен јазик во своето поучување, и што е извонредно во врска со фактот дека го правел тоа? б) На кој начин Проповедта на гората е пример за едноставноста со која поучувал Исус?
4 Не е невообичаено добро образованите луѓе да користат јазик што не можат да го разберат нивните слушатели. Но, ако на другите им е тешко да нѐ разберат, тогаш како можат да извлечат корист од нашето знаење? Како учител, Исус никогаш не зборувал така што другите не можеле да го разберат. Замисли си само колку богат речник можел да поседува тој. Сепак, и покрај своето огромно знаење, тој мислел на своите слушатели, а не на себеси. Знаел дека многумина од нив биле „неуки и обични“ (Дела 4:13). За да ги достигне, тој користел јазик што тие луѓе можеле да го разберат. Можеби зборовите биле едноставни, но вистините што ги пренесувале биле длабоки.
5 Да ја земеме за пример Проповедта на гората, запишана во Матеј 5:3—7:27. Можеби на Исус му биле потребни само 20 минути за да ја изнесе таа проповед. Сепак, нејзините учења се длабоки и допираат до самата срж на работи како што се прељуба, развод и материјализам (Матеј 5:27—32; 6:19—34). Меѓутоа, во неа нема комплицирани или високозвучни изрази. Всушност, скоро да нема збор што дури и дете не би можело веднаш да го разбере! Не е ни чудо што кога завршил, мноштвата — во кои веројатно имало многу земјоделци, пастири и рибари — ‚биле вчудовидени од неговиот начин на поучување‘! (Матеј 7:28).
6. Дај пример за тоа како Исус кажувал зборови што биле едноставни, но со богато значење.
6 Често користејќи јасни, кратки фрази, Исус кажувал зборови што биле едноставни, но со богато значење. На тој начин, во ерата пред печатените книги, тој неизбришливо ја врежал својата порака во умовите и срцата на своите слушатели. Еве некои примери: „Никој не може да им робува на двајца господари . . . Не можете да му робувате на Бог и на Богатството“. „Престанете да судите за да не бидете судени.“ „По нивните плодови ќе ги препознаете тие луѓе.“ „На здравите не им треба лекар, туку на болните.“ „Сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат.“ „Плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог.“ „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“c (Матеј 6:24; 7:1, 20; 9:12; 26:52; Марко 12:17; Дела 20:35). До ден-денес, речиси 2000 години откако Исус ги кажал, лесно можеме да се сетиме на овие силни зборови.
Користење на прашања
7. Зошто Исус поставувал прашања?
7 Исус користел прашања на еден извонреден начин. Честопати го правел тоа дури и кога би му одзело помалку време ако едноставно им ја кажел поентата на слушателите. Тогаш, зошто поставувал прашања? Понекогаш користел директни прашања за да ги разоткрие мотивите на своите противници, и на тој начин ги замолкнувал (Матеј 12:24—30; 21:23—27; 22:41—46). Меѓутоа, во многу случаи, Исус одвојувал време да поставува прашања за да пренесе вистини, да ги наведе слушателите да го искажат она што стои во нивните срца и да го поттикне и школува размислувањето на своите ученици. Да испитаме два примера — обата поврзани со апостол Петар.
8, 9. Како Исус користел прашања за да му помогне на Петар да дојде до исправниот заклучок во врска со плаќањето храмски данок?
8 Прво, сети се на приликата кога даночниците го прашале Петар дали Исус плаќал храмски данок.d Петар, понекогаш импулсивен, одговорил: „Да“. Меѓутоа, кратко потоа, Исус резонирал со него: „,Што мислиш, Симоне? Од кого царевите на земјата добиваат давачки или данок по глава? Од своите синови или од странците?‘ Кога тој рече: ‚Од странците‘, Исус му рече: ‚Значи, всушност, синовите се ослободени од данок‘“ (Матеј 17:24—27). Поентата на Исусовите прашања требало да му биде очигледна на Петар. Зошто?
9 Во времето на Исус било познато дека членовите на семејствата на монарсите се изземени од данок. Затоа, како единороден Син на небесниот Цар, кој бил обожаван во храмот, Исус не требало да биде обврзан да плаќа данок. Забележи дека наместо едноставно да му го каже на Петар точниот одговор, Исус делотворно, но љубезно, користел прашања за да му помогне на Петар да дојде до исправниот заклучок — и можеби да ја увиди потребата повнимателно да размислува пред да каже нешто.
10, 11. Како реагирал Исус кога ноќта, на Пасхата 33 н.е., Петар му го отсекол увото на еден човек, и како ова покажува дека Исус ја ценел вредноста на прашањата?
10 Вториот пример вклучува еден настан што се случил ноќта на Пасхата 33 н.е., кога една толпа дошла да го уапси Исус. Учениците го прашале Исус дали треба да се борат во негова одбрана (Лука 22:49). Без да чека одговор, Петар со меч му го отсекол увото на еден човек (иако можеби Петар имал намера да му нанесе и потешка повреда). Петар постапил на начин спротивен на волјата на неговиот господар, зашто Исус бил целосно подготвен да се предаде. Како реагирал Исус? Секогаш стрплив, тој му поставил на Петар три прашања: „Зарем да не ја пијам чашата што ми ја даде Таткото?“ „Или мислиш дека не можам да го замолам мојот Татко да ми даде овој час повеќе од дванаесет легии ангели? Во тој случај, како би се исполнило Писмото дека вака мора да се случи?“ (Јован 18:11; Матеј 26:52—54).
11 Размисли за момент за тој извештај. Исус, опкружен со една разлутена толпа, знаел дека неговата смрт е неизбежна и дека врз неговите плеќи лежи оправдувањето на името на неговиот Татко и спасението на човечкото семејство. Сепак, и во еден таков момент тој одвоил време за да вреже во умот на Петар некои важни вистини со помош на прашања. Зарем не е очигледно дека Исус ја ценел вредноста на прашањата?
Живописна хипербола
12, 13. а) Што е хипербола? б) На кој начин Исус користел хипербола за да нагласи колку е глупаво да ги критизираме ситните недостатоци на нашите браќа?
12 Во својата служба Исус честопати користел една друга делотворна метода на поучување — хипербола. Ова е намерно преувеличување со цел нешто да се нагласи. Со хипербола, Исус создавал умствени слики што тешко можеле да се заборават. Да разгледаме неколку примери.
13 Во Проповедта на гората, кога ја нагласувал потребата да ‚престанат да ги судат‘ другите, Исус рекол: „Тогаш, зошто ја гледаш сламката во окото на својот брат, а не ја земаш во обѕир гредата во сопственото око?“ (Матеј 7:1—3). Можеш ли визуелно да си ја претставиш оваа сцена? Некој што е склон да биде критизерски настроен се нуди да извади само една сламка од „окото“ на својот брат. Оној што критикува тврди дека неговиот брат не може доволно јасно да ги гледа работите за да донесува прифатливи судови. Но, способноста да суди на оној што критикува е намалена поради некоја ‚греда‘ — трупец или носач што би можел да се користи како потпора на еден покрив. Каков само незаборавен начин да се нагласи колку е глупаво да ги критизираме ситните недостатоци на нашите браќа кога можеби и самите си имаме крупни маани!
14. Зошто Исусовите зборови за цедењето на мушичката и проголтувањето на камилата биле особено јака хипербола?
14 Во една друга прилика, Исус јавно ги осудил фарисеите како ‚слепи водачи, кои ја цедат мушичката, а ја проголтуваат камилата‘ (Матеј 23:24). Ова била особено јака употреба на хипербола. Зошто? Затоа што бил впечатлив контрастот меѓу ситна мушичка и камила, која била едно од најголемите животни што им биле познати на слушателите на Исус. Се проценува дека се потребни дури 70 милиони мушички за да одговараат на тежината на една просечна камила! Исто така, Исус знаел дека фарисеите го цедат виното низ решеткаста ткаенина. Тие педантно ги извршувале правилата за да избегнат да проголтаат некоја мушичка и со тоа да станат церемонијално нечисти. Сепак, фигуративно проголтувале камила, која исто така била нечиста (Левит 11:4, 21—24). Поентата на Исус била јасна. Фарисеите педантно се повинувале дури и на најмалото барање на Законот, но ги игнорирале посериозните работи — „правдата и милосрдноста и верноста“ (Матеј 23:23). Колку само јасно Исус ги разоткрил какви биле!
15. Кои се некои поуки што ги дал Исус користејќи хипербола?
15 Во текот на својата служба, Исус честопати користел хипербола. Разгледај неколку примери. „Вера колку [ситно] синапово зрно“ што можела да помрдне планина — Исус тешко можел да најде поделотворен начин за да нагласи дека дури и мала вера може да постигне многу (Матеј 17:20). Една огромна камила се обидува да помине низ ушите на една игла за шиење — колку само добро тоа ја илустрира тешкотијата со која се соочува еден богат човек што се обидува да му служи на Бог додека истовремено се држи за материјалистички начин на живот! (Матеј 19:24). Зарем не се восхитуваш на Исусовите живописни стилски фигури и на неговата способност да постигне максимален ефект со минимум зборови?
Несоборлива логика
16. На кој начин Исус секогаш ги користел своите остри умствени способности?
16 Со својот совршен ум, Исус бил мајстор за логично резонирање со луѓето. Сепак, тој никогаш не ја злоупотребил оваа способност. Во своето поучување секогаш ги користел своите остри умствени способности за да ја унапредува вистината. Понекогаш користел силна логика за да ги побие лажните обвиненија на своите религиозни противници. Во многу случаи, користел логично резонирање за да им даде на своите ученици некои важни поуки. Да ја разгледаме Исусовата мајсторска способност да користи логика.
17, 18. Каква силна логика употребил Исус за да побие едно лажно обвинение на фарисеите?
17 Размисли за приликата кога Исус излекувал еден човек опседнат од демон, човек што бил слеп и не можел да зборува. Откако чуле за тоа, фарисеите рекле: „Овој не ги истерува демоните поинаку освен со помош на Велзевул [Сатана], владетелот на демоните“. Забележи: фарисеите признале дека била потребна натчовечка моќ за да се истераат Сатановите демони. Меѓутоа, за да ги спречат луѓето да веруваат во Исус, неговата моќ му ја припишале на Сатана. Покажувајќи дека тие не размислиле длабоко за логичниот заклучок до кој би водел нивниот аргумент, Исус одговорил: „Секое царство, поделено самото против себе, се опустува, и секој град или куќа, поделена против себе, нема да опстане. На ист начин, ако Сатаната го истерува Сатана, тој се поделил самиот против себе; како тогаш ќе опстане неговото царство?“ (Матеј 12:22—26). Исус, всушност, рекол: ‚Ако јас, како што вие велите, бев застапник на Сатана, поништувајќи го она што го направил Сатана, тогаш Сатана би работел против сопствените интереси и наскоро би пропаднал‘. Силна логика, зарем не?
18 Потоа Исус продолжил да резонира за оваа работа. Тој бил свесен дека и некои од фарисеите истерувале демони. Затоа, им поставил едно едноставно, но поразително прашање: „Ако јас истерувам демони со помош на Велзевул, со чија помош ги истеруваат вашите синови [или ученици]?“ (Матеј 12:27). Исусовиот аргумент, во извесна смисла, се состоел од следново: ‚Ако јас, всушност, истерувам демони со моќта на Сатана, тогаш и вашите сопствени ученици мора да дејствуваат под истата оваа моќ‘. Што можеле да речат фарисеите? Тие никогаш не би признале дека нивните ученици дејствувале под моќта на Сатана. Со несоборлива логика, Исус го свел нивното обвинение против него на апсурд.
19, 20. а) На каков позитивен начин Исус користел логика? б) Како ја употребил Исус методата на резонирање ‚колку повеќе‘ кога одговарал на барањето на неговите ученици да ги научи да се молат?
19 Освен што користел логика за да ги замолкне противниците, Исус исто така користел логични, убедливи аргументи за да поучува за позитивните, одушевувачки вистини за Јехова. Тој неколкупати го користел она што би можело да се нарече метода на резонирање ‚колку повеќе‘, со што им помогнал на слушателите да напредуваат од степен на некоја позната вистина до додатно уверување. Да испитаме само два примера.
20 Кога одговарал на барањето на неговите ученици да ги научи да се молат, Исус ја раскажал илустрацијата за еден човек, чија „смела упорност“ на крајот го убедила пријателот да му го даде она што го барал, иако овој во почетокот не сакал да го стори тоа. Исто така, Исус ја опишал спремноста на родителите ‚да им даваат добри дарови‘ на своите деца. Потоа заклучил: „Ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:1—13). Поентата што ја изнел Исус не се темелела на сличност, туку на контраст. Ако еден пријател, кој во почетокот не сакал, на крајот можел да биде убеден да ги задоволи потребите на својот ближен, и ако несовршените човечки родители се грижат за потребите на своите деца, колку повеќе нашиот љубезен небесен Татко ќе им даде свет дух на своите лојални слуги што понизно му пристапуваат во молитва!
21, 22. а) Какво резонирање користел Исус кога дал совет за тоа како да се излезе на крај со тегобната загриженост за материјалните работи? б) Откако разгледавме неколку од Исусовите методи на поучување, до каков заклучок доаѓаме?
21 Исус користел слично резонирање кога дал совет за тоа како да се излезе на крај со тегобната загриженост за материјалните работи. Тој рекол: „Добро погледнете како гавраните ниту сеат ниту жнеат, и немаат ниту амбар ниту склад, а Бог сепак ги храни. А колку само вие сте повредни од птиците? Добро погледнете ги криновите како растат; ниту се мачат ниту предат . . . Ако, значи, Бог така ја облекува вегетацијата во полето која денес постои а утре се фрла во печка, колку повеќе ќе ве облече вас, маловерни!“ (Лука 12:24, 27, 28). Да, ако Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата, колку повеќе ќе се грижи за своите слуги! Таквото нежно, но силно резонирање несомнено ги допрело срцата на Исусовите слушатели.
22 Откако разгледавме неколку од Исусовите методи на поучување, лесно можеме да заклучиме дека оние службеници што не успеале да го уапсат сигурно не претерале кога рекле: „Никогаш друг човек не зборувал така“. Но, методата на поучување по која можеби е најпознат Исус е методата на користење илустрации, или параболи. Зошто ја користел оваа метода? И што ги направило неговите илустрации толку делотворни? За овие прашања ќе дискутираме во следната статија.
[Фусноти]
a Службениците веројатно биле застапници на Синедрионот и под власта на главните свештеници.
b Види ги статиите „Јас ви дадов пример“ и ‚Следете ме постојано‘ во изданието на Стражарска кула од 15 август 2002.
c Овој последен извадок, што се наоѓа во Дела 20:35, го цитирал само апостол Павле, иако смислата на тие зборови се наоѓа во евангелијата. Можеби Павле ја добил таа изјава усно (или од некој ученик што чул како Исус ја кажува или од воскреснатиот Исус) или, пак, со божествено откровение (Дела 22:6—15; 1. Коринќаните 15:6, 8).
d Од Евреите се барало да плаќаат годишен храмски данок во износ од две драхми (околу две дневници). Парите од данокот се користеле за да се плати одржувањето на храмот, службата што се извршувала таму и секојдневните жртви што се принесувале во корист на нацијата.
Се сеќаваш ли?
• Кои примери покажуваат дека Исус поучувал едноставно и јасно?
• Зошто Исус користел прашања во своето поучување?
• Што е хипербола, и како ја користел Исус оваа метода на поучување?
• Како Исус користел логично резонирање за да ги поучи своите ученици во врска со одушевувачките вистини за Јехова?
[Слика на страница 9]
Исус користел едноставен јазик што можеле да го разберат обичните луѓе
[Слика на страница 10]
Фарисеите ‚ја цеделе мушичката, а ја проголтувале камилата‘