-
Златното правило — универзално учењеСтражарска кула 2001 | 1 Декември
-
-
Златното правило — универзално учење
„Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12).
ОВИЕ зборови ги кажал Исус Христос пред речиси две илјади години во својата прочуена Проповед на гората. Во вековите оттогаш па наваму, многу било кажано и напишано за таа едноставна изјава. Меѓу другото, таа е возвеличана како „самата суштина на Писмото“, „резиме на должноста на христијанинот кон ближниот“ и „основно етичко начело“. Станала толку позната што често се нарекува Златно правило.
Меѓутоа, идејата на Златното правило во никој случај не е ограничена на таканаречениот христијански свет. Јудаизмот, будизмот и грчката филозофија го изложиле овој етички принцип во еден или во друг облик. Добро позната, особено за луѓето на Далечниот Исток, е една изјава на Конфучие, кој е длабоко почитуван на Ориентот како најголемиот мудрец и учител. Во Аналектите, третата од Четирите книги на Конфучие, таа мисла ја наоѓаме изразена трипати. Двапати, како одговор на прашања од учениците, Конфучие навел: „Она што не сакаш да ти се прави тебе, не прави им го ни на другите“. Во една друга прилика, кога неговиот ученик Загонг се фалел: „Она што не сакам другите да ми го прават мене, не сакам ни јас да им го правам ним“, учителот одговорил со овој отрезнувачки одговор: „Да, но ти сѐ уште не можеш да правиш така“.
Читајќи ги овие зборови, можеме да видиме дека изјавата на Конфучие е негативна верзија на она што подоцна го рекол Исус. Очигледната разлика е тоа што Златното правило кое го навел Исус бара позитивни постапки — да им се прави добро на другите. Да претпоставиме дека луѓето постапуваат во склад со Исусовата позитивна изјава, дека се грижат и преземаат чекори за да им помогнат на другите, дека секојдневно живеат според овој кодекс. Дали мислиш дека тоа би го направило денешниот свет подобар? Без сомнение.
Сеедно дали правилото е наведено во позитивна, негативна или во некаква друга форма, значајно е тоа што луѓе со различни заднини и во различни периоди и места многу верувале во идејата на Златното правило. Ова едноставно покажува дека она што Исус го кажал во Проповедта на гората е универзално учење кое го допира животот на луѓето насекаде и во секоја ера.
Прашај се: ‚Дали сакам со мене да се постапува со почит, фер, чесно? Дали сакам да живеам во свет без расни предрасуди, криминал и војна? Дали сакам да бидам во семејство во кое секој покажува грижа за чувствата и доброто на другите?‘ Всушност, кој би рекол ‚не‘ на ваквите можности? Мрачната реалност е дека малкумина ги уживаат ваквите околности. За повеќето луѓе е речиси премногу да се надеваат на такви работи.
Златното правило изгубило сјај
Низ историјата имало случаи на злосторства против човештвото во кои правата на луѓето биле целосно игнорирани. Во нив спаѓаат трговијата со робови од Африка, нацистичките логори на смртта, присилната работа на деца и бруталните геноциди од едно место во друго. Стравотниот список би можел да биде многу подолг.
Денес, нашиот свет на висока технологија е саможив. Малкумина мислат за другите кога е на коцка нивната удобност или наводните права (2. Тимотеј 3:1-5). Зошто толку многу луѓе станале себични, сурови, бесчувствителни и саможиви? Зарем не затоа што Златното правило, иако нашироко познато, се отфрла како нереалистична, морална реликвија? За жал, тоа е случај дури и меѓу многумина што тврдат дека веруваат во Бог. И, судејќи според начинот на кој се одвиваат работите, луѓето ќе станат единствено уште посаможиви.
Според тоа, битни прашања што мора да ги разгледаме се: Што вклучува живеењето според Златното правило? Дали некој сѐ уште живее според него? И дали некогаш ќе дојде време кога сето човештво ќе живее во согласност со Златното правило? За да добиеш веродостојни одговори на овие прашања, те молиме, прочитај ја следната статија.
[Слика на страница 3]
Конфучие и некои други учеле за варијации на Златното правило
-
-
Златното правило е практичноСтражарска кула 2001 | 1 Декември
-
-
Златното правило е практично
Додека повеќето луѓе гледаат на Златното правило како на морално учење кое го кажал Исус, самиот тој навел: „Она што го научувам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати“ (Јован 7:16).
ДА, ЗАЧЕТНИКОТ на она за кое поучувал Исус, вклучувајќи го и она што станало познато како Златно правило, е оној што го испратил Исус, имено, Творецот, Јехова Бог.
Бог во почетокот предвидел сите луѓе да постапуваат еден со друг така како што сакаат да се постапува со нив. Тој го дал најдобриот пример во покажувањето грижа за доброто на другите со начинот на кој ги создал луѓето: „Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско“ (Битие 1:27). Ова значи дека Бог со љубов ги надарил луѓето со извесна мера од неговите извонредни особини за да можат да уживаат живот во мир, среќа и хармонија — по можност, засекогаш. Совеста што им ја дал Бог, ако била школувана исправно, требало да ги води да постапуваат со другите на начинот на кој и самите сакале да се постапува со нив.
Завладеала себичност
Со оглед на тоа што човештвото имало толку прекрасен почеток, што се случило? Едноставно кажано, се појавила одвратната особина себичност. Повеќето луѓе го знаат библискиот извештај за она што го направила првата човечка двојка, запишан во Битие, поглавје 3. Поттикнати од Сатана, противник на сѐ за што се залага Бог, Адам и Ева себично го отфрлиле Божјето владетелство претпочитајќи независност и самоопределување. Резултатот од нивната себична и бунтовна постапка не бил само голема загуба за нив самите туку и трагични последици за целото нивно идно потомство. Тоа било јасен показател на ужасните последици од игнорирањето на учењето што станало познато како Златно правило. Како резултат на тоа, „преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Иако човештвото како целина им свртело грб на неговите љубезни патишта, Јехова Бог не го напуштил. На пример, Јехова ѝ го дал на нацијата Израел својот Закон за да ја води. Ги учел Израелците да постапуваат со другите како што тие би сакале да се постапува со нив. Законот давал упатство како да се постапува со робовите, сирачињата и вдовиците. Во него било изложено како да се справуваат со напаѓањето, киднапирањето и крадењето. Санитарните закони покажувале грижа за здравјето на другите. Имало закони дури и за сексуалните работи. Јехова го сумирал својот Закон кажувајќи им на луѓето: „Љуби го својот ближен како себеси“, изјава што Исус подоцна ја цитирал (Левит 19:18; Матеј 22:39, 40). Исто така, Законот содржел одредби како да се постапува со странските жители меѓу Израелците. Законот заповедал: „Не угнетувај го придојдениот! Па знаете како му е на придојденикот, и самите бевте придојденици во Египетската Земја“. Со други зборови, Израелците требало да покажуваат сочувствителна љубезност кон обесправените (Излез 23:9; Левит 19:34; Второзаконие 10:19).
Сѐ додека Израелците верно го следеле Законот, Јехова ја благословувал нацијата. Под владеењето на Давид и на Соломон, нацијата напредувала и луѓето биле среќни и задоволни. Еден историски извештај ни кажува: „Јуда и Израел беа многубројни, беа како песок на морскиот брег. Јадеа и пиеја и беа среќни. Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата смоква“ (1. Цареви 4:20, 25).
За жал, мирот и сигурноста на нацијата не траеле долго. Иако го имале Божјиот закон, Израелците не се држеле за него; дозволиле себичноста да ја задуши нивната грижа за другите. Ова, заедно со отпадот, имало за последица проблеми за нив како поединци и како нација. Конечно, во 607 година пр.н.е. Јехова дозволил Вавилонците да го уништат царството Јуда, градот Ерусалим, па дури и величествениот храм што се наоѓал таму. Од која причина? „Затоа што не ги послушавте Моите зборови, еве, Јас ќе ги испратам и ќе ги кренам сите народи од север — говори Господ — и Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе ги доведам против оваа земја и против нејзините жители, и против сите околни народи, ќе ги истребам наполно и ќе ги направам за ужас и потсмев, вечна запустеност“ (Еремија 25:8, 9). Колкава само цена платиле заради тоа што го напуштиле Јеховиното чисто обожавање!
Пример за имитирање
Исус Христос пак, од своја страна, не само што учел за Златното правило туку и го дал најдобриот пример со тоа што го следел. Тој вистински се грижел за доброто на другите (Матеј 9:36; 14:14; Лука 5:12, 13). Еднаш, во близина на градот Наин, Исус видел една вдовица скршена од болка на погребната поворка на нејзиниот единствен син. Библискиот извештај вели: „Кога Господ ја здогледа, се сожали на неа“ (Лука 7:11-15). Изразот „се сожали на неа“, според Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words (Вајнов толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет), означува „да се биде трогнат однатре“. Тој ја почувствувал нејзината болка во срцето, и тоа го поттикнало да преземе позитивни чекори за да ѝ ја ублажи болката. Колкава само радост било за таа вдовица кога Исус го воскреснал момчето и ѝ ‚го дал на мајка му‘!
На крајот, во согласност со Божјата намера, Исус спремно пострадал и го дал својот живот како откупнина за да може човештвото да биде ослободено од ропството на гревот и смртта. Ова било највисок пример на живеење според Златното правило (Матеј 20:28; Јован 15:13; Евреите 4:15).
Луѓе што го применуваат Златното правило
Постојат ли во наше време луѓе што навистина живеат според Златното правило? Да, и не само кога тоа е згодно. На пример, во текот на II светска војна во нацистичка Германија, Јеховините сведоци ја задржале својата вера во Бог и љубовта кон ближниот и одбиле да го компромитираат Златното правило. Додека државата спроведувала кампања на омраза и дискриминација против сите Евреи, Сведоците продолжиле да го следат Златното правило. Дури и во концентрационите логори продолжиле да се грижат за другите луѓе, споделувајќи ја својата храна, иако скудна, со Евреите и не-Евреите што гладувале. Освен тоа, иако државата заповедала да земат оружје за да ги убиваат другите, тие одбиле да го сторат тоа, исто како што и самите не сакале да бидат убиени од другите. Како можеле да ги убијат оние што требало да ги љубат како себеси? Заради таквото одбивање, многумина од нив не само што биле испратени во концентрациони логори, туку биле и погубени (Матеј 5:43-48).
Додека ја читаш оваа статија, извлекуваш корист од еден друг пример за Златното правило на дело. Јеховините сведоци увидуваат дека многу луѓе денес страдаат безнадежно и беспомошно. Поради ова Сведоците доброволно преземаат позитивна акција за да им помагаат на другите да научат за надежта и за практичното упатство што се наоѓа во Библијата. Сето тоа е дел од глобалното образовно дело што сега се врши во размери без преседан. Каков е резултатот? Како што е проречено во Исаија 2:2-4, „многу народи“ (СП), всушност, повеќе од шест милиони луѓе низ целиот свет, се ‚поучени за Јеховините патишта и одат по неговите патеки‘. Во фигуративна смисла, тие научиле да „ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови“. Тие наоѓаат мир и сигурност во овие тешки времиња.
Како е со тебе?
Размисли за момент за агонијата и страдањата што непочитувањето на Златното правило му ги донело на човештвото од времето на побуната во Еден, која ја подбуцнал Сатана Ѓаволот. Јехова има намера наскоро да ја сврти ситуацијата во обратен правец. Како? „За таа цел Синот Божји се покажа, имено да ги разбие делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Ова ќе се случи под владеењето на Божјето Царство, во мудрите и способни раце на Исус Христос, оној што поучувал и живеел според Златното правило (Псалм 37:9-11; Даниел 2:44).
Цар Давид од древниот Израел забележал: „Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб. Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство“ (Псалм 37:25, 26). Зарем нема да се сложиш дека повеќето луѓе денес земаат и грабаат наместо да ‚бидат милостиви и да даваат заем‘? Јасно, следењето на Златното правило може да води до вистински мир и сигурност бидејќи нуди изгледи за благослови сега и во иднина под Божјето Царство. Божјето Царство ќе ја отстрани и последната трага од себичност и злоба над Земјата и ќе го замени сегашниов систем на расипаната човечка влада со еден нов систем што ќе го создаде Бог. Тогаш сите луѓе ќе уживаат да живеат според Златното правило (Псалм 29:11; 2. Петрово 3:13).
[Слики на страници 4 и 5]
Исус не само што поучувал за Златното правило туку и го дал најдобриот пример како тоа да се практикува
[Слики на страница 7]
Следењето на Златното правило може да води до вистински мир и сигурност
-