Раѓањето на Исус — како ќе донесе мир?
ОБЈАВАТА за ‚мир и добра волја меѓу луѓето‘ не е единственото пророштво поврзано со раѓањето на Исус. Освен она што им го објавиле на зачудените овчари, небесните гласници им пренеле пораки од Бог за новороденчето Исус и на Марија и на нејзиниот сопруг, Јосиф. Ако ги разгледаме тие пораки, ќе ни стане уште појасна приказната за раѓањето на Исус и ќе разбереме кое е вистинското значење на ветувањето на ангелите дека ќе има мир меѓу луѓето.
Пред да се роди Исус, па дури и пред Марија да забремени, кај неа дошол еден ангел, за кого Библијата вели дека се вика Гавриел. Тој ја поздравил со зборовите: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе!“ И како што можеш да си замислиш, Марија се исплашила. Што би можел да значи тој поздрав?
Гавриел ѝ објаснил: „Еве, ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“. Марија прашала како е можно тоа, бидејќи била девица и немала полови односи со маж. Гавриел ѝ објаснил дека детето ќе биде зачнато со помош на Божјиот свет дух. Тоа немало да биде обично дете (Лука 1:28-35).
Проречениот Цар
Зборовите на Гавриел сигурно ѝ помогнале на Марија да увиди дека пророштвата од минатото зборувале за синот што ќе го роди. И како што би се очекувало од секој Евреин кој бил запознаен со Светото писмо, веста дека Јехова ќе му го даде на нејзиниот син „престолот на Давид, неговиот татко“ требало да ја потсети Марија на ветувањето што Бог му го дал на израелскиот цар Давид.
Преку пророкот Натан, Јехова му рекол на Давид: „Твојот дом и твоето царство ќе траат довека. Твојот престол цврсто ќе стои довека“ (2. Самоилова 7:4, 16). А за Давид, Јехова рекол: „И неговото потомство ќе го поставам да стои довека и престолот негов да трае како деновите на небото. Неговото потомство ќе биде вечно и неговиот престол — како сонцето пред мене“ (Псалм 89:20, 29, 35, 36). Според тоа, не било случајно што Марија и Јосиф потекнувале од Давидовиот дом.
Ова не биле единствените пророштва во Хебрејските списи во врска со царот од лозата на Давид. Марија најверојатно била запознаена и со пророштвото на Исаија: „Зашто, ни се роди дете, добивме син, кој на рамото ќе има кнежевска власт. Името ќе му биде Прекрасен Советник, Моќен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот на Давидовиот престол и во неговото царство ќе му нема крај, за да се утврди и втемели врз правдата и врз праведноста, отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Јехова над војските“ (Исаија 9:6, 7).
Значи, пораката што Гавриел ѝ ја соопштил на Марија не била само за тоа дека едно машко дете ќе се роди преку чудо. Нејзиниот син требало да го наследи цар Давид — да биде траен, вечен наследник на Царството поставено од Бог. Пророштвата на Гавриел во врска со улогата што ќе ја одигра Исус во иднина имаат длабоко значење за сите нас.
Кога дознал дека неговата идна жена ќе има дете, Јосиф решил да ја раскине свршувачката. Тој знаел дека детето не било негово бидејќи никогаш немал полови односи со својата свршеница. Можеш да си замислиш колку мора да му било тешко на Јосиф да поверува во она што Марија му го раскажала за својата бременост. Во извештајот од евангелијата стои: „На сон му се појави Јеховин ангел и рече: ‚Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена, зашто она што е зачнато во неа е од светиот дух. Таа ќе роди син, и ти дај му го името Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови‘“ (Матеј 1:20, 21).
Библијата не кажува дали Јосиф сосема разбрал како детето „ќе го спаси својот народ од неговите гревови“. Но сепак, оваа порака била доволна за Јосиф да се увери дека бремената мајка не направила ништо погрешно. Тој постапил според упатствата на ангелот и ја одвел Марија дома, со што покажал дека ја зема за жена.
Со помош на информациите што се наоѓаат на други места во Светото писмо, можеме да разбереме што сакал да каже ангелот со тие зборови. На почетокот од човековата историја, еден бунтовен ангел го оспорил Јеховиното право да владее. Според Хебрејските списи, тој бунтовник, меѓу другото, тврдел дека Бог не владее праведно и дека ниту еден човек нема да му остане верен на Јехова кога ќе се најде во некакво искушение (1. Мојсеева 3:2-5; Јов 1:6-12). Адам, на пример, не останал верен. Поради неговиот грев, сите луѓе наследиле грев, а последица на тој грев е смртта (Римјаните 5:12; 6:23). Меѓутоа, Исус се родил без грев бидејќи не бил зачнат од човечки татко. Со тоа што доброволно го предал својот совршен човечки живот како жртва која точно одговарала на она што Адам го изгубил, Исус бил во состојба да ги спаси луѓето од нивните гревови и да им овозможи да живеат вечно во иднина (1. Тимотеј 2:3-6; Тит 3:6, 7; 1. Јованово 2:25).
Додека служел на Земјата, Исус покажал како ќе биде кога нема да постојат последиците од гревот. Тој ги лечел луѓето од сите физички болести, па дури и оживеал некои што биле мртви (Матеј 4:23; Јован 11:1-44). Тие чуда покажале што ќе направи во иднина. И самиот Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [мојот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
Тоа ветување за воскресение, кое ќе се случи во иднина, ни разјаснува зошто Исусовото раѓање — а уште повеќе неговата смрт — има толку големо значење за нас. Бог го испратил својот Син во светот за „светот да се спаси преку него“, стои во Јован 3:17. Оваа прекрасна вест нѐ потсетува на објавата што ја чуле пастирите кои ги чувале своите стада ноќта кога се родил Исус.
„Добра вест за една голема радост“
За човештвото навистина било „добра вест за една голема радост“ кога ангелите го објавиле раѓањето на ‚Спасителот — Христос, Господарот‘ (Лука 2:10, 11). Тоа дете требало да биде Месијата, големиот Пророк и Владетелот кого Божјиот народ долго го очекувал (5. Мојсеева 18:18; Михеј 5:2). Неговиот живот и смртта на Земјата требало да одиграат главна улога во одбраната на Јеховиното право да владее над сѐ што постои, па затоа ангелите можеле да речат: „Слава на Бог во висините“ (Лука 2:14).
Исус, кого Библијата го нарекува „последниот Адам“, покажал дека е можно еден човек да му биде верен на Јехова дури и кога е на најтешкото искушение (1. Коринќаните 15:45). На тој начин докажал дека Сатана е злобен лажливец. А верните ангели на небото се радувале поради тоа.
Но, да се вратиме на прашањето: Постои ли реална шанса некогаш да се исполни она што го објавиле ангелите ноќта кога се родил Исус? Одговорот е едно јасно и гласно ‚да‘! Мирот е неопходен за да се исполни Божјата намера со Земјата, во која спаѓа и обновувањето на рајските услови. Кога тоа ќе се постигне на целата Земја, сите луѓе ќе бидат мотивирани да покажуваат љубов и лојалност. Според тоа, исполнувањето на Јеховината намера значи и отстранување на сите оние што се противат на неговото право да владее. Ова не е добра вест за оние што застануваат на страната на Сатана така, што тврдат дека Јеховините мерила се штетни. За нив, тоа ќе значи уништување (Псалм 37:11; Изреки 2:21, 22).
Те молиме, забележи дека ангелите не им рекле на пастирите дека ќе има мир меѓу сите луѓе. Наместо тоа, како што вели и преводот Радосна вест, тие објавиле „мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност“, односно луѓето со кои Бог е задоволен и кои се по негова волја. Оние што покажуваат искрена вера во Јехова, стануваат верни следбеници на Исус и постапуваат според неговиот пример. Таквите мажи и жени со задоволство се великодушни и покажуваат разбирање кон другите луѓе, и тоа не само по неколку дена во годината, туку секој ден.
Христијанско однесување преку целата година?
Добрата вест што ја проповедал Исус влијаела врз животот на безброј поединци. Многумина од нив во секој поглед живеат според христијанските мерила. Луѓе кои некогаш мислеле само за себе почнале да се прашуваат што би направил Исус да бил во нивна ситуација. Некои што во животот биле главно заинтересирани за имот и задоволства сфатиле колку се важни духовните вредности и колку е потребно да им се кажува на другите луѓе за нив. Сите тие се трудат да бидат великодушни и љубезни преку целата година. Зарем не го очекуваш токму тоа од вистинските христијани?
Кога сите искрени луѓе би одвоиле време да разберат колку многу значи пораката за мир што ја донеле ангелите, и кога она што го разбрале би го примениле во својот живот, светот сигурно би бил сосема поинаков.
Пророштвата за раѓањето на Исус ги увериле луѓето што се по Божја волја дека ќе имаат вистински мир засекогаш. Зарем не го посакуваш тоа и ти? Можеме да бидеме сигурни дека славната пророчка објава за мир што ја дале ангелите кога се родил Исус без сомнение ќе се исполни. Мирот не е само празен збор што се кажува околу Божиќ, туку ќе стане една бескрајна реалност.
[Слики на страница 7]
Можеме и треба да се однесуваме христијански преку целата година