Покажувај сочувство како Јехова
Јехова е полн со сочувство и милосрден (ЈАК. 5:11)
1. Како Јехова му се открил на Мојсеј, и зошто е важно тоа?
ВО ЕДНА прилика, Бог му се открил на Мојсеј со тоа што му ги објавил своето име и некои од своите особини. Јехова можел да ги истакне својата моќ или мудрост, но наместо тоа првите особини што ги истакнал се милосрдноста и сочувството. Библијата вели: „Јехова помина пред него објавувајќи: ’Јехова! Јехова! Бог милосрден и сочувствителен, бавен на гнев, полн со милост и вистина‘“ (2. Мој. 34:5-7, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Мојсеј сакал да се увери дека Бог ќе го поддржува (2. Мој. 33:13). Затоа, Јехова ги истакнал своите особини кои покажуваат дека навистина сака да им помогне на своите слуги. Зарем не те трогнува тоа што знаеш дека Јехова толку многу се грижи за нас? Во оваа статија ќе зборуваме за сочувството. Оној што е сочувствителен е свесен во колку тешка ситуација се наоѓаат другите и му е жал за нив. Исто така, тој има желба да им помогне.
2, 3. а) Што покажува дека за луѓето е природно да бидат сочувствителни? б) Зошто е важно да дознаеме нешто повеќе за сочувството?
2 Јехова е сочувствителен, а луѓето се создадени според неговиот лик. Затоа за луѓето е природно да се грижат за другите. Дури и оние што не го познаваат Јехова честопати покажуваат сочувство (1. Мој. 1:27). Во Библијата има многу извештаи за луѓе кои покажале сочувство. На пример, кога две жени се расправале пред цар Соломон која од нив е мајката на едно бебе, тој наредил да биде пресечено на половина. Вистинската мајка имала големо сочувство кон бебето и, за да не биде убиено, го молела царот да ѝ го даде на другата жена (1. Цар. 3:23-27). Исто така, ќерката на фараонот покажала сочувство со тоа што му го спасила животот на Мојсеј кога бил бебе. Иако сфатила дека тоа било еврејско дете и требало да биде убиено, таа се сожалила на него и решила да го одгледа како свој син (2. Мој. 2:5, 6).
3 Зошто треба да научиме повеќе за сочувството? Бидејќи Јехова сака да го следиме неговиот пример (Еф. 5:1). Иако сме создадени со способност да покажуваме сочувство, ние сме несовршени и склони сме да бидеме себични. Понекогаш ни е тешко да одлучиме дали да им помогнеме на другите или да си гледаме само за себе. Што може да ни помогне да покажуваме поголем интерес за другите? Прво, да разгледаме како Јехова покажал сочувство и како некои други го направиле истото. Второ, да видиме како можеме да го следиме примерот на Бог и како може нам да ни користи тоа што ќе покажуваме сочувство како него.
ЈЕХОВА Е НАЈДОБАР ПРИМЕР ЗА СОЧУВСТВО
4. а) Зошто Јехова испратил ангели во Содом? б) Што можеме да научиме од она што му се случило на семејството на Лот?
4 Во Библијата се запишани многу ситуации во кои Јехова покажал сочувство. На пример, размисли за она што го направил за Лот. Овој праведен човек страдал поради бесрамните дела на жителите на Содом и Гомор. Всушност, тие неморални луѓе немале никаква почит кон Бог, и тој решил да ги уништи (2. Пет. 2:7, 8). Јехова испратил ангели кај Лот за да му кажат дека Содом и Гомор ќе бидат уништени и дека тој ќе треба да избега. Во Библијата пишува: „Но [Лот] почна да одолговлекува, и затоа [ангелите] ги фатија за рака него, неговата жена и неговите две ќерки, бидејќи Јехова му се смилува, па го изведоа и го оставија надвор од градот“ (1. Мој. 19:16). Може да бидеме уверени дека, исто како што бил свесен за ситуацијата на Лот, Јехова и денес е свесен со какви тешкотии се соочуваме (Иса. 63:7-9; Јак. 5:11; 2. Пет. 2:9).
5. Како Божјата Реч ни помага да научиме да покажуваме сочувство?
5 Освен што самиот покажува сочувство, Јехова ги поучува и своите слуги да ја покажуваат оваа особина. Размисли за еден од законите што им бил даден на Израелците. Ако некој позајмел пари од некого, оној што му ги дал парите можел да му ја земе во залог облеката како гаранција дека парите ќе му бидат вратени. (Прочитај 2. Мојсеева 22:26, 27.) Но, заемодавецот бил обврзан до зајдисонце да му ја врати облеката на другото лице за да не му биде ладно во текот на ноќта. Оној што не бил сочувствителен можеби не сакал да го стори тоа, но Јехова ги поучил своите слуги да покажуваат сочувство. Што учиме од начелото зад овој закон? Не смееме да ги занемаруваме потребите на нашите соверници. Секогаш кога сме во можност сакаме да бидеме тука за нашите браќа и сестри кои имаат потреба од помош (Кол. 3:12; Јак. 2:15, 16; прочитај 1. Јованово 3:17).
6.Што можеме да научиме од тоа што Јехова покажувал сочувство кон неверните Израелци?
6 Јехова покажувал сочувство кон Израелците дури и кога тие грешеле против него. Во 2. Летописи 36:15 читаме: „Јехова, Богот на нивните прататковци, непрестајно ги опоменуваше преку своите гласници, зашто му беше жал за својот народ“. На сличен начин, треба да бидеме сочувствителни кон оние што сѐ уште не го познаваат Јехова, но можеби ќе се покаат и ќе станат негови пријатели. Јехова не сака никој да биде уништен (2. Пет. 3:9). Затоа, додека сѐ уште има време, да дадеме сѐ од себе за да ги предупредиме луѓето за претстојното уништување и да им помогнеме да извлечат корист од Божјето сочувство.
7, 8. Зошто членовите на едно семејство сметале дека Јехова им покажал сочувство?
7 Денес, голем број Божји слуги од лично искуство можеле да видат колку е сочувствителен Јехова. Размисли за она што му се случило на семејството на 12-годишниот Милан.a Во 1990-тите во Босна имаше етнички судири. Во тоа време, Милан, неговиот брат, неговите родители и други Сведоци патувале со автобус од Босна за Србија. Тие оделе на конгрес на кој неговите родители планирале да се крстат. Но, на границата, некои војници забележале дека Милан и неговото семејство се од друга етничка група и им наредиле да излезат од автобусот. А на другите Сведоци им кажале дека можат да го продолжат патувањето. Цели два дена војниците не го пуштале семејството да си оди. Во еден момент, еден од војниците му се јавил на својот претпоставен и го прашал што треба да прави со нив. Членовите на семејството стоеле блиску до војникот и го чуле одговорот: „Тргнете ги настрана и застрелајте ги!“
8 Додека војниците разговарале, две непознати лица се приближиле до Милан и неговото семејство. Им шепнале дека и тие се Сведоци и дека браќата од автобусот им кажале што се случило. Двајцата Сведоци им рекле на Милан и на брат му да влезат во нивната кола и заедно со нив да ја преминат границата бидејќи војниците не ги проверувале документите на децата. Потоа, браќата им кажале на родителите да го заобиколат граничниот премин и да се најдат со нив од другата страна. Милан бил толку уплашен што не знаел дали да се смее или да плаче. Неговите родители прашале: „Мислите дека ќе нѐ остават само така да си заминеме?“ Но, кога тргнале, изгледало како војниците воопшто да не ги забележуваат. Милан и брат му се сретнале со родителите од другата страна на границата и успеале да стигнат на конгресот. Тие биле уверени дека Јехова одговорил на нивните молитви! Од Библијата дознаваме дека Јехова не ги штити секогаш своите слуги на таков начин (Дела 7:58-60). Сепак, Милан вели: „Ми се чинеше дека ангелите ги заслепија војниците и дека Јехова нѐ избави“ (Пс. 97:10).
9. Што чувствувал Исус за луѓето што го следеле, и што направил поради тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
9 И Исус покажувал сочувство. Му било жал за луѓето бидејќи тие биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Што направил Исус поради тоа? Почнал „да ги поучува за многу работи“. (Прочитај Марко 6:34.) За разлика од него, фарисеите не биле сочувствителни и не сакале да им помагаат на луѓето (Мат. 12:9-14; 23:4; Јован 7:49). Дали и ти како Исус имаш силна желба да им помагаш на луѓето и да ги поучуваш за Јехова?
10, 11. Дали треба да се покажува сочувство во секоја ситуација? Објасни.
10 Во примерите што ги разгледавме било сосема соодветно тоа што Јехова покажал сочувство. Но, ова не значи дека треба да се покажува сочувство во секоја ситуација. На пример, цар Саул можеби си мислел дека покажал сочувство со тоа што не го убил Агаг, кој бил цар на Амалик и непријател на Божјиот народ. Освен тоа, не ја убил ни сета стока на Амаличаните. Но, Јехова му кажал на Саул да ги погуби сите Амаличани и сета нивна стока. Бидејќи Саул бил непослушен, Јехова го отфрлил како цар (1. Сам. 15:3, 9). Јехова е единствениот праведен Судија кој може да ги чита срцата на луѓето и кој знае во кои ситуации не треба да се покаже сочувство (Плач 2:17; Езек. 5:11). Наскоро, тој ќе им изрече пресуда на сите што не му се послушни (2. Сол. 1:6-10). Тогаш Јехова нема да покаже сочувство кон злобните. Всушност, со тоа што ќе ги уништи злобните, ќе покаже сочувство кон праведните кои ќе ги спаси.
11 Се разбира, ние немаме право да одлучуваме кој треба да биде уништен, а кој да биде спасен. Наместо тоа, треба да дадеме сѐ од себе за да им помагаме на луѓето. Кои се некои практични начини на кои можеме да покажеме сочувство кон другите? Еве неколку предлози.
КАКО МОЖЕМЕ ДА ПОКАЖУВАМЕ СОЧУВСТВО
12. Како можеш да покажеш сочувство кон другите во секојдневниот живот?
12 Помагај им на другите во секојдневниот живот. Јехова очекува од христијаните да покажуваат сочувство кон своите соверници и кон другите луѓе (Јован 13:34, 35; 1. Пет. 3:8). Едно од значењата на зборот сочувство е „да се страда заедно“. Оној што е сочувствителен се труди да им помогне на оние што страдаат. Значи, треба да бараме прилики да им пружиме помош на другите, можеби така што ќе им завршиме некоја работа или ќе им помогнеме околу некоја обврска (Мат. 7:12).
13. Како Божјите слуги покажуваат сочувство кога ќе се случи природна катастрофа?
13 Учествувај во акции за помош. Кога гледаме како луѓето страдаат поради природни катастрофи, поттикнати сме да им покажеме сочувство. Јеховините слуги се познати по тоа што спремно помагаат во такви ситуации (1. Пет. 2:17). На пример, една сестра од Јапонија живеела во област која била опустошена од земјотресот и цунамито во 2011 год. Таа вели дека била „многу охрабрена и утешена“ кога видела како доаѓаат доброволци од различни делови на Јапонија и од други земји за да ги поправат оштетените домови на браќата и салите за состаноци. Таа додава: „Ова искуство ми помогна да се уверам дека Јехова и нашите соверници се грижат за нас. Многу браќа и сестри низ целиот свет се молат за нас“.
14. Како можеш да им помогнеш на болните и на остарените лица?
14 Помагај им на болните и постарите. Кога гледаме како луѓето страдаат поради некоја болест или поради старост, жал ни е за нив. Едвај чекаме да им биде ставен крај на овие проблеми, и затоа се молиме да дојде Божјето Царство. Во меѓувреме, правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на болните и на старите. Еден писател напишал дека неговата мајка, која имала Алцхајмерова болест, еден ден ги извалкала своите алишта бидејќи не успеала на време да стигне до тоалет. Додека се обидувала да исчисти, некој ѝ заѕвонил на вратата. Тоа биле две наши сестри кои редовно ја посетувале. Тие ја прашале дали можат некако да ѝ помогнат. Жената им рекла: „Не ми е баш пријатно, ама сепак може“. Сестрите ѝ помогнале да исчисти. Потоа ѝ направиле чај и си поразговарале. Синот бил многу благодарен и напишал: „Секоја чест на овие Сведоци... Тие навистина живеат според она што го проповедаат“. Дали сочувството кон старите или болните лица те поттикнува и тебе да направиш сѐ што можеш за да им помогнеш? (Фил. 2:3, 4).
15. Како им помагаме на луѓето со нашето проповедање?
15 Помагај им на луѓето да го запознаат Јехова. Најдобриот начин на кој можеме да им помогнеме на луѓето е така што ќе ги поучиме за Бог и за неговото Царство. Друг начин е така што ќе им помогнеме да сфатат како ним лично ќе им користи тоа што ќе се држат за Јеховините мерила (Иса. 48:17, 18). Дали можеш во поголема мера да учествуваш во службата на проповедање и така да го славиш Јехова и да покажеш сочувство кон луѓето? (1. Тим. 2:3, 4).
КАКО НАМ НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ПОКАЖУВАМЕ СОЧУВСТВО
16. Како може нам да ни користи тоа што сме сочувствителни?
16 Стручњаците за ментално здравје велат дека оние што покажуваат сочувство имаат подобро здравје и подобри односи со другите. Ако се трудиме да им ја ублажиме болката на оние што страдаат, ќе бидеме посреќни, попозитивни и помалку осамени. Навистина и нам ни користи тоа што покажуваме сочувство (Еф. 4:31, 32). Кога од љубов им помагаме на другите, имаме чиста совест бидејќи знаеме дека постапуваме во склад со библиските начела. Исто така, сочувството ни помага да бидеме подобри родители, пријатели и брачни партнери. Освен тоа, луѓето што се сочувствителни кон другите обично и самите добиваат помош кога им е потребна. (Прочитај Матеј 5:7; Лука 6:38.)
17. Зошто си решен да покажуваш сочувство?
17 Иако нам лично ни користи тоа што покажуваме сочувство, главната причина зошто ја покажуваме оваа особина е затоа што сакаме да го следиме примерот на Јехова и да му носиме слава нему. Тој е изворот на љубовта и сочувството (Изр. 14:31). Јехова ни оставил совршен пример. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да покажуваме сочувство како него. Така ќе станеме поблиски со нашите соверници и ќе имаме подобри односи со другите луѓе (Гал. 6:10; 1. Јов. 4:16).
a Името е сменето.