Дали си поттикнат да постапуваш како Исус?
„Виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу“ (МАРКО 6:34).
1. Зошто е разбирливо поединци да покажуваат восхитувачки особини?
НИЗ историјата, многу поединци покажувале восхитувачки особини. Сигурно сфаќаш зошто. Јехова Бог поседува и покажува љубов, љубезност, великодушност и други особини кои ние високо ги цениме. Луѓето се создадени според Божји лик. Затоа, можеме да разбереме зошто многумина покажуваат извесен степен на љубов, љубезност, милосрдие и други божествени особини, токму како што и најголем дел од луѓето покажуваат дека имаат совест (1. Мојсеева 1:26; Римјаните 2:14, 15). Но, можеби увидуваш дека некои ги покажуваат овие особини многу повеќе од другите.
2. Кои се некои добри дела кои ги вршат луѓето, можеби мислејќи дека го имитираат Христос?
2 Веројатно познаваш мажи и жени кои честопати ги посетуваат или им помагаат на болните, покажуваат милосрдие кон хендикепираните или великодушно им даваат на сиромашните. Размисли и за оние поединци чија милосрдност ги поттикнува да го поминат животот работејќи во колонии за лепрозни или во сиропиталишта, за оние кои доброволно работат во болници или во домови за лица болни од неизлечиви болести или, пак, за луѓето кои настојуваат да им помагаат на бездомниците или на бегалците. Некои од нив веројатно мислат дека го имитираат Исус, кој дал образец за христијаните. Во евангелијата читаме дека Христос ги лечел болните и ги хранел гладните (Марко 1:34; 8:1—9; Лука 4:40). Тоа што Исус покажувал љубов, нежност и милосрдие било одраз на ‚умот на Христос‘ кој, од своја страна го имитирал својот небесен Татко (1. Коринтјаните 2:16).
3. За да имаме урамнотежено гледиште за Исусовите добри дела, што треба да разгледаме?
3 Но, дали си забележал дека денес многу од оние кои се трогнати од Исусовата љубов и милосрдие превиделе едно клучно обележје на Христовиот ум? Ќе можеме да добиеме увид во тоа ако внимателно го разгледаме Марко, поглавје 6. Таму читаме дека луѓето ги донесувале болните кај Исус за да ги излечи. Од контекстот учиме и дека откако видел како илјадниците кои дошле кај него огладнеле, Исус на чудесен начин ги нахранил (Марко 6:35—44, 54—56). Лечењето на болните и хранењето на гладните биле извонредни показатели на милосрдие полно со љубов, но дали тоа бил главен начин на кој Исус им помагал на другите? И како можеме најдобро да го имитираме неговиот совршен пример на љубов, љубезност и милосрдие, токму како што тој го имитирал Јехова?
Трогнат да реагира на духовните потреби
4. Каква е заднината на извештајот во Марко 6:30—34?
4 Исус чувствувал сожалување кон луѓето околу себе првенствено поради нивните духовни потреби. Тие потреби биле најважни, многу поважни од физичките потреби. Разгледај го извештајот во Марко 6:30—34. Настанот кој е запишан таму се случил на брегот на Галилејското Море, отприлика во времето на Пасхата, 32 н.е. Апостолите биле возбудени, и тоа со добра причина. Штотуку завршиле една опсежна обиколка и дошле кај Исус, несомнено желни да му ги раскажат своите искуства. Меѓутоа, се собрало едно мноштво. Било толку големо што Исус и неговите апостоли не можеле ниту да јадат ниту да се одморат. Исус им рекол на апостолите: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку“ (Марко 6:31). Качувајќи се на еден чамец, веројатно во близина на Капернаум, тие отпловиле на другата страна на Галилејското Море до едно мирно место. Но, мноштвото отрчало покрај брегот и стигнало пред чамецот. Како ќе реагира Исус? Дали бил вознемирен затоа што му била нарушена приватноста? Никако!
5. Какви чувства имал Исус кон мноштвата што доаѓале кај него, и каква била неговата реакција?
5 Исусовото срце било трогнато кога го видел ова мноштво од илјадници луѓе, вклучувајќи и болни, кое желно го чекало (Матеј 14:14; Марко 6:44). Сосредоточувајќи се на она што го поттикнало Исусовото милосрдие и начинот на кој Тој реагирал, Марко напишал: „Виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу“ (Марко 6:34). Исус видел повеќе отколку само маса луѓе. Видел поединци со духовни потреби. Тие биле како овци кои беспомошно лутаат и кои немаат пастир за да ги води на зелени пасишта или да ги заштити. Исус знаел дека бесчувствените верски водачи, кои требало да бидат грижливи пастири, всушност го презирале обичниот народ и ги занемарувале нивните духовни потреби (Језекиил 34:2—4; Јован 7:47—49). Исус имал намера да постапува со нив поинаку, правејќи им го најголемото можно добро. Почнал да ги поучува за Божјето царство.
6, 7. а) Каков приоритет откриваат евангелијата во однос на Исусовата реакција кон потребите на луѓето? б) Со каква мотивација проповедал и поучувал Исус?
6 Забележи го редоследот на работите во еден паралелен извештај и што би можел тој да сугерира во однос на приоритетите. Го напишал Лука, кој како лекар бил длабоко заинтересиран за физичката благосостојба на другите. „Народот . . . тргна по [Исус]. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување“ (Лука 9:11; Колосјаните 4:14). Иако не е така во секој извештај за некое чудо, што најпрвин забележал инспирираниот извештај на Лука во овој случај? Тоа бил фактот дека Исус го поучувал народот.
7 Ова всушност е во склад со нагласокот што го наоѓаме во Марко 6:34. Тој стих јасно покажува дека Исус главно бил поттикнат да изрази сожалување. Го поучувал народот, одѕивајќи се на неговите духовни потреби. Во почетокот на својата служба, Исус рекол: „И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо, оти за тоа сум пратен“ (Лука 4:43). Сепак, ќе бидеме во заблуда ако мислиме дека Исус ја објавувал пораката за Царството само поради чувство на должност, како тој површно да го вршел проповедничкото дело кое морал да го врши. Не, неговото љубезно милосрдие кон луѓето било клучна мотивација за да ја споделува добрата вест со нив. Најголемото добро кое Исус можел да го стори — дури и за оние кои биле болни, измачувани од демони, сиромашни или гладни — било да им помогне да ја спознаат, прифатат и засакаат вистината за Божјето Царство. Таа вистина била од централна важност поради улогата на Царството во оправдувањето на Јеховината сувереност и во обезбедувањето трајни благослови за луѓето.
8. Што мислел Исус за своето проповедање и поучување?
8 Исусовото активно проповедање за Царството било сржта на причината зошто дошол на Земјата. Кон крајот на својата земна служба, Исус му рекол на Пилат: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој“ (Јован 18:37). Во двете претходни статии забележавме дека Исус бил личност со нежни чувства — грижлив, пристаплив, обѕирен, доверлив и пред сѐ, полн со љубов. Ако навистина сакаме да го разбереме Христовиот ум, треба да ги сфатиме тие аспекти на неговата личност. Подеднакво е важно да увидиме дека Христовиот ум го вклучува приоритетот што тој му го давал на своето дело на проповедање и поучување.
Ги поттикнувал другите да сведочат
9. За кого требало да има приоритет проповедањето и поучувањето?
9 Приоритетот ставен на проповедањето и поучувањето — како израз на љубов и милосрдие — не важел само за Исус. Тој ги поттикнал своите следбеници да ги имитираат неговите мотиви, приоритети и постапки. На пример, откако Исус ги избрал 12-те апостоли, што требало да прават тие? Марко 3:14, 15 ни кажува: „Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат; и . . . да изгонуваат бесови“. Дали увидуваш што требало да им биде приоритет на апостолите?
10, 11. а) Кога ги испраќал апостолите, што им рекол Исус да прават? б) На што требало да се фокусираат апостолите кога биле испратени?
10 Со текот на времето, Исус ги оспособил 12-темина да ги лечат другите и да истеруваат демони (Матеј 10:1; Лука 9:1). Потоа ги испратил на едно патување „при загубените овци на Израилевиот дом“. Што требало да прават? Исус ги упатил: „И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте!“ (Матеј 10:5—8; Лука 9:2). Што всушност правеле тие? „Тие појдоа и [1] проповедаа покајание; и [2] изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со елеј, и лекуваа“ (Марко 6:12, 13).
11 Со оглед на тоа што поучувањето не е спомнато како прво во секој пример, дали со горниов редослед им се придава поголема важност на приоритетите или, пак, на мотивите кои се вклучени? (Лука 10:1—8). Па, не треба да го потцениме фактот колку често е спомнато поучувањето пред лекувањето. Разгледај го контекстот во овој случај. Токму пред да ги испрати 12-темина апостоли, Исус бил трогнат од состојбата на мноштвата. Читаме: „И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: ‚Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва‘“ (Матеј 9:35—38).
12. За која додатна цел можеле да послужат чудесните дела на Исус и на апостолите?
12 Со тоа што биле со него, апостолите можеле да впијат извесна мера од Христовиот ум. Можеле да осетат дека со проповедањето и поучувањето би покажале дека навистина се полни со љубов и милосрдни кон луѓето — тоа требало да биде главен аспект на нивните добри дела. Во склад со тоа, со добрите дела од физичка природа, како што е лечењето на болните, се постигнувало многу повеќе отколку што само им се помагало на оние кои имале потреба. Како што можеш и да замислиш, некои луѓе можеби биле привлечени поради тоа што ги лекувал и на чудесен начин им обезбедувал храна (Матеј 4:24, 25; 8:16; 9:32, 33; 14:35, 36; Јован 6:26). Меѓутоа, освен што биле од физичка корист, тие дела всушност ги поттикнале набљудувачите да го препознаат Исус како Син Божји и како „пророкот“ кој го претскажал Мојсеј (Јован 6:14; 5. Мојсеева 18:15).
13. Која улога на „пророкот“ кој требало да дојде ја нагласува пророштвото во 5. Мојсеева 18:18?
13 Зошто било значајно тоа што Исус бил „пророкот“? Па, која била клучната улога претскажана за него? Дали „пророкот“ требало да се прочуе по извршувањето чудесни лечења или милосрдното обезбедување храна за гладните? Во 5. Мојсеева 18:18 е претскажано: „Јас ќе им издигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти [Мојсеј], ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сѐ, што Јас ќе му заповедам“. Значи, токму како што апостолите научиле да имаат и да изразуваат нежни чувства, тие исто така можеле да заклучат дека Христовиот ум треба да го покажат и во својата активност на проповедање и поучување. Тоа требало да биде најдоброто нешто што би можеле да го сторат за луѓето. На тој начин, болните и сиромашните можеле да добијат трајни користи, а не само користи ограничени на краткиот човечки животен век или на еден или два оброка (Јован 6:26—30).
Развивај Христов ум денес
14. Како поседувањето Христов ум е вклучено во нашето проповедање?
14 Никој од нас не треба да го смета Христовиот ум за нешто што се однесувало единствено за првиот век — за Исус и за првите ученици на кои апостол Павле им напишал: „А ние имаме ум Христов“ (1. Коринтјаните 2:16). И ние веднаш ќе признаеме дека имаме обврска да ја проповедаме добрата вест и да правиме ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Сепак, корисно е да размислиме за своите мотиви при вршењето на ова дело. Тоа не треба да биде само од чувство на должност. Љубовта кон Бог е првенствената причина зошто учествуваме во службата, и за да бидеме навистина како Исус, тоа вклучува да проповедаме и да поучуваме поттикнати од милосрдие (Матеј 22:37—39).
15. Зошто милосрдието е соодветен дел од нашата јавна служба?
15 Се разбира, не е секогаш лесно да бидеме милосрдни кон оние кои не ги делат нашите верувања, особено кога наидуваме на апатија, одбивање или противење. Сепак, ако ги изгубиме љубовта и милосрдието кон луѓето, би можеле да ја изгубиме животоважната мотивација за учеството во христијанската служба. Тогаш, како можеме да негуваме милосрдие? Можеме да се обидеме да ги гледаме луѓето онака како што ги гледал Исус, „изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Зарем тоа не е опис на многумина денес? Тие се занемарени и духовно ослепени од страна на лажните религиозни пастири. Како последица од тоа, тие не знаат за здравото водство кое се наоѓа во Библијата ниту, пак, за рајските услови кои наскоро Божјето Царство ќе ги донесе на Земјата. Се соочуваат со проблемите на секојдневниот живот — вклучувајќи сиромаштија, семејна неслога, болести, смрт — без да ја имаат надежта за Царството. Ние го имаме она што ним им е потребно: животоспасувачката добра вест за Божјето Царство кое сега е воспоставено на небото!
16. Зошто треба да сакаме да ја споделуваме добрата вест со другите?
16 Кога на тој начин размислуваш за духовните потреби на луѓето околу тебе, зарем срцето не те поттикнува да сакаш да сториш сѐ што можеш за да им кажуваш за Божјата љубезна намера? Да, нашето дело е дело на милосрдие. Кога имаме чувства кон луѓето како што имал Исус, тоа ќе се види во тонот на нашиот глас, во изразот на лицето, во начинот на кој поучуваме. Сето тоа ќе ја направи нашата порака попривлечна за оние кои се „определени за живот вечен“ (Дела 13:48).
17. а) Кои се некои начини на кои можеме да ја покажеме својата љубов и милосрдие кон другите? б) Зошто не се работи за тоа или да се прават добри дела или да се учествува во јавната служба?
17 Секако, љубовта и милосрдието треба да ги покажеме во целокупниот наш начин на живот. Тоа вклучува да бидеме љубезни со обесправените, болните и сиромашните — да го правиме она што во разумна мера го можеме за им ги олесниме страдањата. Тоа ги опфаќа нашите напори на збор и дело да им ја ублажиме тагата на оние кои изгубиле свои сакани поради смрт (Лука 7:11—15; Јован 11:33—35). Сепак, таквите манифестации на љубов, љубезност и милосрдие не смеат да станат главен фокус на нашите добри дела, како што е случај со некои филантропи. Од многу потрајно значење се напорите мотивирани од слични божествени особини, но кои се покажуваат во учеството во делото на христијанско проповедање и поучување. Сети се што рекол Исус за еврејските верски водачи: „Давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ (Матеј 23:23). Кај Исус не било само едното или другото — или да им помага на луѓето во нивните физички потреби или да ги поучува за животодајните духовни работи. Исус ги правел обете работи. Сепак, јасно е дека во преден план било неговото дело на поучување бидејќи доброто што на тој начин го постигнувал можело да биде од вечна помош (Јован 20:16).
18. На што треба да нѐ поттикне нашето разгледување на Христовиот ум?
18 Колку само можеме да бидеме благодарни што Јехова ни го открил Христовиот ум! Со помош на евангелијата можеме подобро да ги запознаеме мислите, чувствата, особините, активностите и приоритетите на најголемиот човек кој некогаш живеел. Наше е да читаме, да медитираме за тоа и да го спроведуваме во пракса она што Библијата го открива за Исус. Запомни, за навистина да постапуваме како Исус, мораме најнапред да научиме да размислуваме, да чувствуваме и да ги вреднуваме работите како него, да го сториме најдоброто што можеме како несовршени луѓе. Затоа, да бидеме одлучни да негуваме и да покажуваме Христов ум. Не постои подобар начин на живот, нема подобар начин на постапување со луѓето и нема подобар начин ние и другите да му се приближиме на оној кого тој совршено го одразувал, нашиот љубезен Бог, Јехова (2. Коринтјаните 1:3; Евреите 1:3).
Како би одговорил?
• Каков увид пружа Библијата во тоа дека Исус честопати реагирал на луѓето кои имале потреба?
• Што нагласил Исус кога ги упатувал своите следбеници?
• Како можеме да покажеме ‚Христов ум‘ во своите активности?
[Слика на целата страница 23]
[Слика на страница 24]
Кое е најголемото добро кое христијаните можат да го сторат за другите?