„Бог е љубов“
„Кој не љуби не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. ЈОВАНОВО 4:8).
1-3. а) Каква изјава дава Библијата за Јеховината особина љубов, и на кој начин таа изјава е нешто посебно? б) Зошто Библијата вели дека „Бог е љубов“?
СИТЕ Јеховини особини се прекрасни, совршени и привлечни. Но, најпривлечна од сите Јеховини особини е љубовта. Ништо друго не нѐ привлекува толку силно кон Јехова како неговата љубов. За среќа, љубовта е и негова доминантна особина. Од каде го знаеме ова?
2 Библијата кажува нешто за љубовта што никогаш не го кажува за другите главни особини на Јехова. Писмото не вели дека Бог е моќ, ниту дека Бог е правда, дури ниту дека Бог е мудрост. Тој ги поседува тие особини и е основен извор на сите три. Но, во 1. Јованово 4:8 е речено нешто подлабоко за љубовта: „Бог е љубов“. Да, љубовта е многу длабоко вкоренета во Јехова. Таа е самата негова суштина, односно самата негова природа. Општо земено, за ова би можеле да размислуваме вака: Моќта му овозможува на Јехова да дејствува. Неговата правда и неговата мудрост го водат начинот на кој тој дејствува. Меѓутоа, љубовта го мотивира Јехова да дејствува. Исто така, неговата љубов секогаш се гледа во начинот на кој ги користи другите свои особини.
3 Често се вели дека Јехова е самата персонификација на љубовта. Според тоа, ако сакаме да научиме за љубовта, мораме да научиме за Јехова. Затоа, ајде да испитаме некои фасети на Јеховината неспоредлива љубов.
Најголемиот чин на љубов
4, 5. а) Кој е најголемиот чин на љубов во целата историја? б) Зошто можеме да речеме дека Јехова и неговиот Син се обединети во најсилната врска на љубов што некогаш била формирана?
4 Јехова покажал љубов на многу начини, но има еден начин што ги надминува сите други. Кој е тој? Тоа што го пратил својот Син да страда и да умре за нас. Со право можеме да речеме дека тоа е најголемиот чин на љубов во целата историја. Зошто можеме да го речеме тоа?
5 Библијата го нарекува Исус „првороден од сето создание“ (Колошаните 1:15). Само помисли — Јеховиниот Син постоел пред да постои физичкиот универзум. Тогаш, колку долго биле заедно Таткото и Синот? Некои научници проценуваат дека универзумот е стар 13 милијарди години. Сепак, дури и да е точна оваа проценка, тоа не би било доволно долго за да го претстави животниот век на Јеховиниот првороден Син! Со што бил зафатен тој во текот на сите тие ери? Синот радосно служел како „вешт работник“ на својот Татко (Пословици 8:30, NW; Јован 1:3). Јехова и неговиот Син работеле заедно за да создадат сѐ друго. Колку само им биле возбудливи и среќни тие времиња! Тогаш, кој од нас може да почне да ја сфаќа моќта на една врска што постоела толкав огромен временски период? Јасно, Јехова Бог и неговиот Син се обединети во најсилната врска на љубов што некогаш била формирана.
6. Како ги изразил Јехова своите чувства кон својот Син при Исусовото крштавање?
6 Сепак, Јехова го испратил својот Син на земјата за да се роди како човечко бебе. Тоа значело дека во период од неколку децении, Јехова морал да се откаже од блиското дружење со својот љубен Син на небото. Со огромен интерес гледал од небото како Исус пораснал во совршен човек. На околу 30-годишна возраст, Исус се крстил. Во таа прилика, Таткото лично проговорил од небото: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Гледајќи дека Исус верно направил сѐ што било проречено, сѐ што било побарано од него, Татко му сигурно бил многу задоволен! (Јован 5:36; 17:4).
7, 8. а) Низ што сѐ поминал Исус на 14 нисан 33 н.е., и како влијаело тоа врз неговиот небесен Татко? б) Зошто Јехова дозволил неговиот Син да страда и да умре?
7 Но, како се чувствувал Јехова на 14 нисан 33 н.е., кога Исус бил предаден и потоа уапсен од една разлутена толпа? Кога бил исмејуван, плукан и удиран со тупаници? Кога бил камшикуван и кога грбот му бил раскинат на парчиња? Кога бил прикован, со рацете и нозете, на еден дрвен столб и оставен таму да виси додека луѓето го навредувале? Како се чувствувал Таткото кога неговиот љубен Син повикал кон него во тешките болки на агонија? Како се чувствувал Јехова кога Исус го испуштил последниот здив и кога за првпат од почетокот на сето создание Неговиот драг Син го немало? (Матеј 26:14—16, 46, 47, 56, 59, 67; 27:26, 38—44, 46; Јован 19:1).
8 Со оглед на тоа што Јехова има чувства, болката што сигурно ја поднесувал поради смртта на својот син не може да се изрази со зборови. Она што може да се изрази е мотивот од кој Јехова дозволил да се случи тоа. Зошто Таткото се подложил на таква болка? Јехова ни открива нешто прекрасно во Јован 3:16 — толку важен библиски стих што е наречен минијатурно евангелие. Таму се вели: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Значи, Божјиот мотив се сведува на ова: љубов. Никогаш не била покажана поголема љубов.
Како Јехова нѐ уверува во својата љубов
9. Што сака Сатана да веруваме во врска со тоа како гледа Јехова на нас, но што нѐ уверува Јехова?
9 Меѓутоа, се поставува едно важно прашање: „Дали Бог нѐ сака нас лично?“ Некои можеби се сложуваат со тоа дека Бог го љуби човештвото општо земено, како што се вели во Јован 3:16. Но, всушност, сметаат: ‚Бог не би можел никогаш да ме љуби мене како поединец‘. Факт е дека Сатана Ѓаволот многу сака да веруваме дека Јехова ниту нѐ љуби ниту нѐ цени. Но, од друга страна, Јехова нѐ уверува дека секој од неговите верни слуги е вреден за него, сеедно колку недостојни за љубов или безвредни можеби мислиме дека сме.
10, 11. Како покажува Исусовата илустрација за врапчињата дека ние сме вредни во Јеховини очи?
10 На пример, да размислиме за Исусовите зборови запишани во Матеј 10:29—31. Давајќи илустрација за тоа колку вредат неговите ученици, Исус рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“. Размисли што значеле тие зборови за Исусовите слушатели во првиот век.
11 Во времето на Исус, врапчето било најевтината птица што се продавала за храна. За една паричка од мала вредност купувачот можел да купи две врапчиња. Но, според Лука 12:6, 7, подоцна Исус навел дека ако некој потроши две парички, не добивал четири туку пет врапчиња. Се додавала уште една птица како таа да немала вредност. Можеби тие птици биле безвредни во очите на луѓето, но како гледал Творецот на нив? Исус рекол: „Ниедно од нив [дури ни она што е додадено] не е заборавено пред Бог“. Сега можеби почнуваме да ја сфаќаме поентата на Исус. Штом Јехова му придава толкава вредност на едно единствено врапче, колку само повеќе вреди човекот! Како што рекол Исус, Јехова го знае секој детаљ за нас. Всушност, нам дури и влакната на главата ни се изброени!
12. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус бил реалистичен кога зборувал дека нам ни се изброени и влакната на главата?
12 Некои би можеле да си помислат дека овде Исус претерувал. Но, помисли само на воскресението. Колку блиско мора Јехова да нѐ познава за повторно да нѐ создаде! Тој толку многу нѐ цени што се сеќава на секој детаљ, вклучувајќи го и нашиот сложен генетски код и сите наши сеќавања и искуства насобрани низ годините. Во споредба со тоа, да ни се избројат влакната — кои на просечна глава ги има околу 100.000 — би бил едноставен подвиг. Колку добро Исусовите зборови нѐ уверуваат дека Јехова се грижи за нас како поединци!
13. На кој начин случајот со цар Јосафат покажува дека Јехова го бара доброто кај нас иако сме несовршени?
13 Библијата открива уште нешто што нѐ уверува во Јеховината љубов. Тој го бара и го цени доброто кај нас. Да го земеме за пример добриот цар Јосафат. Кога царот постапил глупаво, Јеховиниот пророк му рекол: „Затоа и удира врз тебе Господовиот гнев“. Каква само отрезнувачка мисла! Но, Јеховината порака не завршила со тоа. Таа понатаму гласела: „Сепак се најде нешто добро во тебе“ (2. Летописи 19:1—3). Значи, праведниот гнев не го заслепил Јехова за ‚доброто‘ кај Јосафат. Зарем не охрабрува сознанието дека нашиот Бог го бара доброто кај нас иако сме несовршени?
Бог што е ‚спремен да прости‘
14. Кога грешиме, какви чувства можеби нѐ измачуваат, но како можеме да извлечеме корист од Јеховиното простување?
14 Кога грешиме, разочарувањето, срамот и вината што ги чувствуваме можат да нѐ натераат да мислиме дека никогаш не би можеле да бидеме достојни да му служиме на Јехова. Но, не заборавај дека Јехова е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5, NW). Да, ако се каеме за нашите гревови и се трудиме да не ги повторуваме, можеме да извлечеме корист од Јеховиното простување. Да разгледаме како Библијата ја опишува оваа прекрасна фасета на Јеховината љубов.
15. Колку ги оддалечува од нас Јехова нашите гревови?
15 Псалмистот Давид употребил еден жив израз за да го опише Јеховиното простување: „Колку е исток далеку од запад, толку ги оддалечува од нас нашите беззаконија“ (курзивот е од нас; Псалм 103:12). Колку е далеку исток од запад? Во некоја смисла, исток е секогаш на најголемото растојание што може да се замисли од запад; тие две страни никогаш не можат да се сретнат. Еден изучувач забележува дека овој израз значи „колку што е можно; колку што можеме да си замислиме“. Инспирираните зборови на Давид ни кажуваат дека, кога простува, Јехова ги оддалечува од нас нашите гревови најдалеку што можеме да си замислиме.
16. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова нѐ гледа како чисти откако ни ги простил гревовите?
16 Дали некогаш си се обидел да отстраниш флека од облека што има светла боја? Можеби и покрај твоите најдобри обиди, флеката останала видлива. Забележи како Јехова ја опишува својата способност да простува: „Гревовите ваши да се и како бакам, — како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, — како волна ќе станат бели“ (Исаија 1:18, ПСП). Зборот „бакам“ означува дречливо црвена боја.a „Пурпур“ била една од јаките бои на обоен материјал. Ние не можеме никогаш со свои напори да ја отстраниме флеката на гревот. Но, Јехова може да ги земе гревовите што се како бакам и пурпур и да ги направи бели како снег или необоена волна. Значи, кога Јехова ни ги простува гревовите, не треба да имаме чувство дека флеката на таквите гревови ја носиме до крајот на животот.
17. Во која смисла Јехова ги фрла нашите гревови зад плеќи?
17 Во една трогателна песна на благодарност што ја компонирал Езекија откако бил поштеден од една смртоносна болест, тој му рекол на Јехова: „Сите мои гревови ги фрли зад плеќи“ (Исаија 38:17). Овде Јехова е прикажан како да ги зема гревовите на еден престапник што се кае и ги фрла зад себе, каде што повеќе не ги гледа ниту ги забележува. Според еден извор, идејата што се пренесува може да се изрази вака: „Ти направи како [моите гревови] да не се случиле“. Зарем ова не е утешно?
18. На кој начин пророкот Михеј покажува дека, кога простува, Јехова трајно ги отстранува нашите гревови?
18 Во едно ветување за обнова, пророкот Михеј го изразил своето уверување дека Јехова ќе му прости на својот покајнички народ: „Кој Бог е како Ти Кој . . . преминува преку престапите на Остатокот на Своето наследство . . . Фрли ги на дното на морето сите наши гревови“ (Михеј 7:18, 19). Замисли што значеле тие зборови за луѓето што живееле во библиски времиња. Постоела ли некаква шанса повторно да се врати нешто што било фрлено „на дното на морето“? Така, зборовите на Михеј покажуваат дека, кога простува, Јехова трајно ги отстранува нашите гревови.
„Нежното сочувство на нашиот Бог“
19, 20. а) Кое е значењето на хебрејскиот глагол преведен со „да се покаже милост“ или „да се има сожалување“? б) Како Библијата ги користи чувствата на една мајка кон своето бебе за да нѐ поучи за Јеховиното сочувство?
19 Сочувството е уште една фасета на Јеховината љубов. Што е сочувство? Во Библијата постои тесна врска помеѓу сочувството и милоста. Неколку хебрејски и грчки зборови ја пренесуваат смислата за сочувство. На пример, хебрејскиот глагол ракам честопати се преведува „да се покаже милост“ или „да се има сожалување“. Овој хебрејски збор, кој Јехова го применува на себе, е поврзан со зборот за „материца“ и може да се опише како „мајчинско сочувство“.
20 Библијата ги користи чувствата на една мајка кон своето бебе за да нѐ поучи за Јеховиното сочувство. Во Исаија 49:15 стои: „Може ли една жена да го заборави своето доенче, а да нема сочувство [ракам] кон синот на својата утроба? Да, тие можат да заборават, сепак, јас нема да те заборавам“ (The Amplified Bible). Тешко е да се замисли дека една мајка би заборавила да го негува своето доенче и да се грижи за него. Впрочем, доенчето е беспомошно; дење и ноќе на бебето му треба вниманието на мајката. Меѓутоа, за жал, мајчинското занемарување не е нешто непознато, особено во овие „критични времиња“ (2. Тимотеј 3:1, 3). „Сепак“, изјавува Јехова, „јас нема да те заборавам.“ Нежното сочувство што Јехова го има кон своите слуги е неизмерно посилно од најнежното природно чувство што можеме да си го замислиме — сочувството што една мајка обично го има кон своето доенче.
21, 22. Што доживеале Израелците во древен Египет, и како реагирал Јехова на нивните повици?
21 На кој начин Јехова, како родител полн со љубов, покажува сочувство? Оваа особина јасно се гледа во начинот на кој постапувал со древниот Израел. На крајот од 16 век пр.н.е., милиони Израелци биле поробени во Египет, каде што биле сурово угнетувани (Излез 1:11, 14). Во својата неволја, Израелците викале по Јехова. Како реагирал Богот на сочувството?
22 Јеховиното срце било трогнато. Тој рекол: „Ги видов страдањата на својот народ во Египет . . . и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки“ (Излез 3:7). Јехова не можел да ги гледа страдањата на својот народ ниту да ги слуша неговите повици без да има сочувство кон него. Јехова е Бог на соживувањето. А соживувањето — способност да ја почувствуваме болката на другите — е сродно на сочувството. Но, Јехова не само што сочувствувал со својот народ; тој бил поттикнат да дејствува во негова корист. Во Исаија 63:9 се вели: „Поради Својата љубов и сомилост, Самиот ги откупи“. Со „цврста рака“ тој ги спасил Израелците од Египет (Второзаконие 4:34). Потоа ги снабдувал со чудесна храна и ги одвел во една плодоносна земја што станала нивна сопственост.
23. а) На кој начин зборовите на псалмистот нѐ уверуваат дека Јехова е длабоко загрижен за нас како поединци? б) На кои начини ни помага Јехова?
23 Јехова не покажува сочувство кон својот народ само како група. Нашиот Бог полн со љубов е длабоко загрижен за нас како поединци. Тој е длабоко свесен за сите страдања низ кои можеби поминуваме. Псалмистот рекол: „Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик. Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“ (Псалм 34:15, 18). Како ни помага Јехова нам како поединци? Не мора да значи дека ја отстранува причината за нашето страдање. Но, направил обилни подготовки за оние што го повикуваат за помош. Неговата Реч нуди практични совети што можат многу да сменат. Во собранието обезбедува духовно квалификувани надгледници, кои настојуваат да го одразуваат неговото сочувство кога им помагаат на другите (Јаков 5:14, 15). Како ‚Слушач на молитвите‘ (NW), Јехова им дава „свет дух на оние кои го молат“ (Псалм 65:2; Лука 11:13). Сите овие подготовки се израз на „нежното сочувство на нашиот Бог“ (Лука 1:78).
24. Како ќе реагираш на Јеховината љубов?
24 Зарем не е возбудливо да се размислува за љубовта на нашиот небесен Татко? Во претходната статија бевме потсетени дека Јехова ги покажал своите моќ, правда и мудрост на начини полни со љубов во наша корист. А во оваа статија видовме дека Јехова директно ја изразил својата љубов кон човештвото — и кон нас како поединци — на извонредни начини. Сега ќе биде добро секој од нас да се запраша: ‚Како ќе реагирам на Јеховината љубов?‘ Реагирај на тој начин што ќе го љубиш со сето свое срце, ум, душа и сила (Марко 12:29, 30). Начинот на кој живееш секој ден нека ја одразува твојата искрена желба сѐ повеќе да му се приближуваш на Јехова. И нека Јехова, Богот кој е љубов, ти станува сѐ поблизок — во сета вечност! (Јаков 4:8).
[Фуснота]
a Еден изучувач вели дека бакамот „бил трајна, односно постојана боја. Ниту роса, ниту дожд, ниту перење, ниту долго користење не можеле да ја отстранат“.
Дали се сеќаваш?
• Од каде знаеме дека љубовта е доминантна особина на Јехова?
• Зошто може да се рече дека тоа што Јехова го испратил својот Син да страда и да умре за нас е најголемиот чин на љубов што некогаш бил покажан?
• Како нѐ уверува Јехова дека нѐ љуби нас како поединци?
• На кои живи начини Библијата го опишува Јеховиното простување?
[Слика на страница 15]
„Бог . . . го даде својот единороден Син“
[Слика на страници 16 и 17]
„Вие сте повредни од многу врапчиња“
[Извор на слика]
© J. Heidecker/VIREO
[Слика на страница 18]
Чувствата на мајката кон своето бебе можат да нѐ поучат за Јеховиното сочувство