„Исус Христос е Господ“ — како и кога?
„ГОСПОД му рече на мојот Господ: ‚Седни од мојата десна страна додека твоите непријатели не ги направам подножје на твоите нозе‘.“ Ова е Псалм 110:1 според преводот King James. Кој е овде „ГОСПОД“, и кому му се обраќа?
Еден многу поточен превод на хебрејскиот текст веднаш одговара на првиот дел од прашањето. „Изјавата на Јехова до мојот Господ е: . . .“. Според тоа, ГОСПОД со големи букви се однесува на семоќниот Бог, самиот Јехова. Иако преводот King James го потврдува божественото име така што користи „ГОСПОД“ за разлика од „Господ“, тој не е првиот кој ги помешал титулите бидејќи древниот грчки превод Септуагинта, кој е преведен од хебрејски, го користи зборот „Господ“ наместо „Јехова“ во своите подоцнежни преписи. Зошто? Затоа што титулата „Господ“ претставува замена наместо божественото име, тетраграматонот (יהוה). Научникот А. Е. Гарви рекол: „Употребата на титулата Господ [ки́риос] многу полесно и поверојатно се објаснува со употребата на оваа титула во еврејската синагога наместо заветното име Јахвех [Јехова] кога било читано Писмото“.
Библијата го идентификува Јехова како „Владика [Суверен Господ, НС]“ (1. Мојсеева 15:2, 8; Дела 4:24; Откровение 6:10). Тој е наречен и „вистинскиот Господ“ и ‚Господ над целата земја‘ (2. Мојсеева 23:17, НС; Исус Навин 3:13; Откровение 11:4). Тогаш, кој е другиот „Господ“ од Псалм 110[109]:1 и како е признаен тој за „Господ“ од страна на Јехова?
Исус Христос како „Господ“
Исус е ословен со „Господ“ во четирите Евангелија, најчесто во Лука и Јован. Во првиот век н. е., оваа титула се употребувала како титула за искажување на почит и учтивост, на ист начин како и „господин“ (Јован 12:21; 20:15). Во Марковото евангелие во ословувањето на Исус многу почесто е користен зборот „учител“ или Равуни. (Спореди Марко 10:51 со Лука 18:41.) Дури и Савлевото прашање на патот до Дамаск — „Кој си Ти, Господине?“ — ја има истата општа смисла на учтивост (Дела 9:5). Но, кога Исусовите следбеници го запознале својот Учител, очигледно нивната употреба на титулата „Господ“ покажувала многу повеќе отколку само почит.
По својата смрт и воскресение, а пред да се вознесе на небото, Исус им се појавил на своите ученици и ја дал оваа запрепастувачка изјава: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Потоа, на денот Пентакост, под влијание на излиениот свет дух, Петар се осврнал на Псалм 110[109]:1 и рекол: „Така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела 2:34-36). Поради неговата верност до срамната смрт на маченичкиот столб, Исус бил воскреснат и му била дадена највисоката награда. Потоа влегол во своето господство на небесата.
Апостол Павле ги потврдил зборовите на Петар кога напишал дека Бог „Го постави [Христос] од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот“ (Ефесјаните 1:20, 21). Господството на Исус Христос е над сите други господства и тоа ќе продолжи и во новиот свет (1. Тимотеј 6:15). Тој бил ‚високо издигнат‘ и му било дадено „име, што е над секое име“ така што секој треба да признае „дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот“ (Филипјаните 2:9-11). Првиот дел од Псалм 110[109]:1 на тој начин бил исполнет и „ангелите, властите и силите“ му станале подложни на Исусовото господство (1. Петрово 3:22; Евреите 8:1).
Во Хебрејските списи изразот „Господар на господарите“ се применува само на Јехова (5. Мојсеева 10:17; Псалм 135:2, 3). Но Петар, под вдахновение, за Исус Христос рекол: „Кој им е Господ на сите“ (Дела 10:36). Тој навистина „господари и над мртвите и над живите“ (Римјаните 14:8, 9). Христијаните спремно го признаваат Исус Христос како нивни Господ и Сопственик и радо го слушаат како негови поданици, купени со неговата многу скапоцена крв. А Исус Христос владее како Цар над царевите и Господар над господарите над своето собрание од Пентакост 33. н. е. Но сега, од 1914, дадена му е царска власт да владее во тоа својство така што неговите непријатели ќе бидат поставени во ‚подножјето на нозете Негови‘. Сега созреало времето да ‚завладее меѓу непријателите Свои‘, сето тоа во исполнување на Псалм 110[109]:1, 2 (Евреите 2:5-8; Откровение 17:14; 19:16).
Тогаш, како треба да се разберат Исусовите зборови кои ги изговорил пред својата смрт и воскресение: „Сѐ ми е предадено од Мојот Отец“? (Матеј 11:25-27; Лука 10:21, 22). Тоа не е таква опширна изјава како оние што досега ги разгледувавме. И во Матеј и во Лука, контекстот открива дека Исус зборувал за спознанието што е сокриено од световно мудрите, но е откриено преку него затоа што тој ‚Го познава‘ Таткото. Откако се крстил во вода и се родил како духовен Син Божји, Исус можел да се сети на своето претчовечко постоење на небесата и на сето спознание поврзано со тоа, но ова сосема се разликува од неговото подоцнежно господство (Јован 3:34, 35).
Разликувањето на Исус Христос како Господ
Некои преводи на Христијанските Грчки списи создаваат проблем при преведувањето на цитати од Хебрејските списи кои јасно се однесуваат на „ГОСПОД“ Јехова Бог. На пример, спореди ги Лука 4:19 со Исаија 61:2 и во King James и во The New Jerusalem Bible. Некои луѓе тврдат дека Исус ја презел титулата „Господ“ од Јехова и дека Исус во тело всушност бил Јехова, но тоа е размислување кое нема библиска поткрепа. Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, секогаш во Библијата се внимателно одвојувани еден од друг. Исус го објавил името на својот Татко и го застапувал (Јован 5:36, 37).
Во следните примери забележи ги цитатите од Хебрејските списи коишто се појавуваат во Грчките списи. Јехова Бог и неговиот Помазаник или Месијата се споменуваат во Дела 4:24-27 каде е цитиран Псалм 2:1, 2. Контекстот од Римјаните 11:33, 34 јасно се однесува на Бог, Изворот на сета мудрост и спознание каде се цитира Исаија 40:13, 14. Пишувајќи му на коринтското собрание, Павле го повторува цитатот: „Кој го познал умот Господов [Јеховин, НС]?“, а потоа додава: „А ние имаме ум Христов“. Господ Исус на своите следбеници им ги открил Јеховините мисли за толку многу важни работи (1. Коринтјаните 2:16).
Понекогаш, некој цитат во Хебрејските списи се однесува на Јехова, но поради тоа што Тој ги предал силата и власта, се исполнува во Исус Христос. На пример, Псалм 33:8 нѐ повикува: „Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ!“ Но Петар го применил ова и на Господ Исус Христос кога вели: „Бидејќи вкусивте дека е Господ благ“ (1. Петрово 2:3). Петар зема начело и покажува колку е тоа вистинито и за Исус Христос. Со примање на спознание како за Јехова Бог така и за Исус Христос и дејствувајќи врз основа на истото, христијаните можат да се радуваат на богати благослови и од Таткото и од неговиот Син (Јован 17:3). Петровата примена не значи дека Суверениот Господ Јехова и Господ Исус Христос се една и иста личност. (Погледни ја фуснотата за 1. Петрово 2:3, НС.)
Взаемните положби на Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, мошне добро ги разјаснил апостол Павле кога вели: „Имаме само еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ, и ние сме преку Него“ (1. Коринтјаните 8:6; 12:5, 6). Пишувајќи му на христијанското собрание во Ефес, Павле го идентификувал ‚едниот Господ‘ Исус Христос како некој кој е наполно одвоен од ‚едниот Бог и Отец на сите‘ (Ефесјаните 4:5, 6).
Јехова — врховен над сѐ
Од 1914, се обистиниле зборовите од Откровение 11:15: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ [Јехова Бог] и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!“ The New International Dictionary of New Testament Theology (том II, страница 514), вели: „Кога Христос ќе ја победи секоја сила (1. Кор. 15:25) тој ќе се подложи на Бог Таткото. Така, Исусовото господство ќе ја постигне својата цел и Бог ќе биде сѐ во сѐ (1. Кор. 15:28)“. На крајот од својата милениумска влада, Христос Исус ќе му ги врати на својот Татко, Семоќниот Бог, силата и власта кои порано му биле поверени нему. Затоа, сета слава и обожавање со право му се дадени на Јехова, ‚Богот на нашиот Господ Исус Христос‘ (Ефесјаните 1:17).
Иако Исус сега е Господар над господарите, тој никогаш не е наречен Бог над боговите. Јехова останува врховен над сѐ. На тој начин Јехова ќе биде „сѐ во сѐ“ (1. Коринтјаните 15:28). Исусовото господство го поставува на исправното место како Глава на христијанското собрание. Иако можеме да видиме многу моќни „господа“ во високите друштва на овој свет, ние имаме доверба во оној кој е Господар над господарите. Сепак, Исус Христос, во својата висока и воздигната положба и понатаму му останува подложен на својот Татко „за Бог да може да владее над сѐ“ (1. Коринтјаните 15:28, The Translator’s New Testament). Колку прекрасен пример на понизност дал Исус за неговите ученици да го следат, иако го признаваат за свој Господ!
[Рамка на страница 30]
„Кога писателите на Новиот завет зборуваат за Бог, тие мислат на Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос. Кога зборуваат за Исус Христос, ниту зборуваат за Исус како за Бог ниту го сметаат за Бог. Тој е Божји Христос, Божји Син, Божја мудрост, Божја Реч. Дури и предговорот кон св. Јован, кој се приближува најмногу до никејската доктрина, мора да се чита во светлина на очигледниот субординационизам во Евангелието во целина; а предговорот е помалку јасен на грчки јазик со зборот [те́ос] кој се употребува без член, отколку како што се појавува на англиски јазик“ (The Divinity of Jesus Christ — Божественоста на Исус Христос) од Џон Мартин Крид.