Љубезна покана до уморните
„Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам [закрепнам, НС]“ (МАТЕЈ 11:28).
1. Што видел Исус во Галилеја на своето трето проповедничко патување?
ВО ПОЧЕТОКОТ на 32 година н. е., Исус се наоѓал на своето трето проповедничко патување во областа Галилеја. Патувал низ градови и села и ‚поучувал по нивните синагоги, го проповедал Евангелието на царството и лекувал секаква болест и немоќ‘. Додека го правел тоа, ги видел мноштвата и ‚се сожалил, зашто биле изморени и прснати како овци без пастир‘ (Матеј 9:35, 36).
2. Како им помагал Исус на луѓето?
2 Меѓутоа, Исус правел повеќе отколку само да се сожали на мноштвата. Откако ги поучил своите ученици да го молат „Господарот на жетвата“, Јехова Бог, тој ги испратил за да им помагаат на луѓето (Матеј 9:38; 10:1). Потоа им го понудил на луѓето своето лично уверување за патот кон вистинско олеснување и утеха. Им ја упатил следнава срдечна покана: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11:28, 29).
3. Зошто Исусовата покана е подеднакво привлечна и денес?
3 Денес живееме во време кога многумина се чувствуваат преоптоварени (Римјаните 8:22; 2. Тимотеј 3:1). На некои, самото заработување за живеачка им одзема толку многу време и енергија, што им преостанува само малку време и енергија за семејството, за пријателите или за што и да е друго. Мнозина се оптоварени со сериозни болести, неволји, депресии и други телесни и емоционални проблеми. Чувствувајќи таков притисок, некои се обидуваат да најдат олеснување така што се впуштаат во потрага по задоволства, јадење, пиење, па дури и злоупотреба на дрога. Се разбира, ова само ги фрла во еден опасен круг, донесувајќи им повеќе проблеми и притисоци (Римјаните 8:6). Јасно е дека Исусовата љубезна покана и денес звучи подеднакво привлечно како во тоа време.
4. Кои прашања треба да ги разгледаме за да извлечеме корист од Исусовата љубезна покана?
4 Но, на што биле изложени луѓето во Исусово време за да изгледаат ‚изморени и прснати‘, поради што Исус бил поттикнат да се сожали на нив? Што биле бремињата и товарите коишто морале да ги носат и како би им помогнала Исусовата покана? Одговорите на овие прашања можат многу да ни помогнат за да извлечеме корист од Исусовата љубезна покана до уморните.
Оние кои се „изморени и обременети“
5. Зошто е прикладно тоа што апостол Матеј известил за овој настан од Исусовата служба?
5 Интересно е дека само Матеј известил за овој настан од Исусовата служба. Поради тоа што бил даночник, Матеј, познат и како Леви, бил добро запознаен со еден посебен товар што го носеле луѓето (Матеј 9:9; Марко 2:14). Книгата Daily Life in the Time of Jesus (Секојдневниот живот во времето на Исус) вели: „Даноците што [Евреите морале] да ги плаќаат во пари и во натура биле многу тегобни, а истите биле уште потегобни поради тоа што за нив истовремено постоеле два вида на данок — граѓански и верски; а ниту еден од нив не бил лесен“.
6. а) Каков бил даночниот систем што се применувал во Исусово време? б) Зошто даночниците биле на таков лош глас? в) За која работа Павле чувствувал потреба да ги потсети сохристијаните?
6 Она што го правело сево ова особено тешко бил даночниот систем во тоа време. Правото да собираат даноци во провинциите, римските службеници им го давале на оние кои ќе понуделе најмногу. Тие, пак, вработувале луѓе во локалните општини за да го надгледуваат самото собирање на данокот. Секој еден во таа пирамида мислел дека е сосема оправдано да си постави своја комисија или да дели со некого. На пример, Лука раскажал дека имало ‚некој човек по име Закхеј, кој бил началник на митниците [главен даночник, НС], и бил богат‘ (Лука 19:2). Главниот даночник Закхеј и оние кои биле под негово надгледување, очигледно се збогатиле на сметка на бедата на луѓето. Злоупотребата и корупцијата создадени од таквиот систем, ги натерале луѓето да ги вбројат даночниците меѓу грешниците и проститутките, а во повеќето случаи можеби и оправдано (Матеј 9:10; 21:31, 32; Марко 2:15; Лука 7:34). Поради тоа што луѓето чувствувале еден речиси неподнослив товар, не е ни чудо што апостол Павле чувствувал потреба да ги потсети своите сохристијани да не се гневат под римскиот јарем, туку да му ‚дадат секому, што му се должни: кому данок — данок; кому давачка — давачка‘ (Римјаните 13:7а; спореди Лука 23:2).
7. На кој начин римските казнени закони им додавале уште поголем товар на луѓето?
7 Павле исто така ги потсетил христијаните да даваат ‚кому страв — страв; кому чест — чест‘ (Римјаните 13:7б). Римјаните биле познати по суровоста и строгоста на нивните казнени закони. Честопати биле користени камшикување, тепање со стап, строги затворски казни и погубувања за да се држи народот во подложност (Лука 23:32, 33; Дела 22:24, 25). Дури и на еврејските водачи им била дадена власт да извршат таква казна доколку сметале дека е потребно (Матеј 10:17; Дела 5:40). Таквиот систем, секако, бил крајно репресивен, па дури и угнетувачки за секој што живеел под него.
8. На кој начин верските водачи им ставале товар на луѓето?
8 Меѓутоа, многу потежок од римските даноци и закони бил товарот што верските водачи во тоа време го ставале врз обичниот народ. Всушност, изгледа дека тоа била главната Исусова грижа кога ги опишал луѓето како „изморени и обременети“. Исус рекол дека верските водачи, наместо да им дадат надеж и утеха на подјармените луѓе, ‚врзувале бремиња тешки и мачни за носење и ги клавале врз плеќите на луѓето, а сами не сакале ни со прст да ги помрднат‘ (Матеј 23:4; Лука 11:46). Во евангелијата е очигледен непогрешивиот опис на верските водачи — особено на книжниците и на фарисеите — како надуена, бездушна и лицемерна група. Тие гледале од висина на обичните луѓе како на неуки и нечисти и ги презирале странците во својата средина. Еден коментар во врска со нивниот став забележува: „Во денешно време човекот кој ќе го претовари коњот одговара пред законот. А како е со човекот кој натоварил 613 заповеди врз ‚луѓето од земја‘, кои немале никаква верска поука, а потоа, откако не сторил ништо за да им помогне, ги осудил како безбожни?“ Се разбира, вистинскиот товар не бил Мојсеевиот закон, туку големиот број преданија што им биле наложени на луѓето.
Вистинската причина за тешкотијата
9. Како можеле условите меѓу луѓето во Исусово време да се споредат со условите од времето на цар Соломон?
9 Понекогаш финансискиот товар врз луѓето бил толку тежок што сиромаштијата била раширена. Израелците морале да ги плаќаат разумните даноци што биле изложени во Мојсеевиот закон. Потоа, за време на Соломоновото владеење, луѓето се грижеле за многу скапи национални проекти, како што било градењето на храмот и на други зданија (3. Царства 7:1-8; 9:17-19). Па сепак, Библијата ни кажува дека луѓето ‚јаделе, пиеле и се веселеле. . . . И живееле Јудејците и Израил спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја, од Дан до Вирсавија, преку сите Соломонови дни‘ (3. Царства 4:20, 25). На што се должела разликата?
10. Која била причината за состојбата на Израел сѐ до првиот век?
10 Сѐ додека цврсто го застапувала вистинското обожавање, нацијата се радувала на Јеховината милост и била благословена со безбедност и напредок, и покрај големите национални издатоци. Меѓутоа, Јехова ги предупредил дека ако ‚отстапат од Него и не ги пазат Неговите заповеди‘, ќе доживеат тешки порази. Всушност, ‚Израил би станал за приказ и за подбивање кај сите народи‘ (3. Царства 9:6, 7). Се случило токму така. Израел дошол под странска доминација, а некогаш славното царство спаднало на обична колонија. Каква ужасна цена за запоставувањето на нивните духовни обврски!
11. Зошто Исус сметал дека луѓето ‚биле изморени и прснати како овци без пастир‘?
11 Сето ова ни помага да разбереме зошто Исус сметал дека луѓето што ги видел ‚биле изморени и прснати‘. Тие биле Израелци, Јеховин народ, кои во целина се труделе да живеат според Божјите закони и да го вршат своето обожавање на еден прифатлив начин. Меѓутоа, биле експлоатирани и подјармени не само од страна на политичките и комерцијалните сили туку и од отпадничките верски водачи меѓу нив. Биле „како овци без пастир“ затоа што немало кој да се грижи за нив или да ги брани. Им требало помош за да излезат на крај со таквата сурова реалност. Колку само навремен бил Исусовиот љубезен и нежен повик!
Исусовиот повик денес
12. Какви притисоци чувствуваат денешните Божји слуги и другите искрени луѓе?
12 Во многу погледи, и денес работите се слични. Искрените луѓе кои се трудат чесно да заработуваат за живот, увидуваат дека им е тешко да ги поднесуваат притисоците и барањата од расипаниот систем на ствари. Дури и оние кои му ги посветиле своите животи на Јехова, не се имуни на расипаните влијанија. Извештаите покажуваат дека на некои од Јеховините слуги им е сѐ потешко да ги исполнуваат сите свои одговорности, иако сакаат. Се чувствуваат оптоварени, уморни и истрошени. Некои дури мислат дека ќе им олесни ако едноставно сѐ пуштат во ветар и исчезнат некаде за да можат да се смират. Дали некогаш си се чувствувал така? Дали познаваш некој близок кој е во таква ситуација? Да, Исусовиот срдечен повик има многу големо значење за нас денес.
13. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус може да ни понуди утеха и закрепа?
13 Пред да го упати својот љубезен повик, Исус навел: „Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11:27). Поради овој присен однос меѓу Исус и неговиот Татко, загарантирано ни е дека, ако го прифатиме Исусовиот повик и станеме негови ученици, можеме да стапиме во присен, личен однос со Јехова, ‚Богот на секоја утеха‘ (2. Коринтјаните 1:3; спореди Јован 14:6). Освен тоа, бидејќи ‚сѐ му е предадено‘, само Исус Христос има моќ и власт да ги олесни нашите товари. Кои товари? Оние што ни ги натовариле расипаните политички, комерцијални и религиозни системи, како и товарите што ни ги наметнал наследениот грев и несовршеноста. Каква охрабрувачка и смирувачка мисла уште на самиот почеток!
14. Од каков умор можел Исус да даде закрепа?
14 Исус понатаму рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11:28). Се разбира дека Исус не зборувал против напорната работа, затоа што честопати ги советувал своите ученици да се напрегаат во делото кое непосредно им претстоело (Лука 13:24). Но, ‚изморувањето‘ („напорното работење“, Kingdom Interlinear) подразбира долготрајно и заморно работење, често пати без достоинствен исход. А „обременети“ ја пренесува мислата да се биде натоварен над нормалниот капацитет. Тоа може да се спореди со разликата помеѓу еден човек кој копа по скриено богатство и еден друг кој копа канали во некој работен логор. Тие вршат слична тешка работа. Додека едниот ревносно ја презема задачата, за другиот таа претставува бесконечно мачење. Разликата е во тоа што за првиот работата има цел, а за другиот нема.
15. а) Кои прашања треба да си ги поставиме ако мислиме дека носиме тежок товар врз нашите плеќи? б) Што може да се рече за потеклото на нашите товари?
15 Дали чувствуваш дека си ‚изморен и обременет‘, дека едноставно премногу се бара од твоето време и енергија? Дали товарите што ги носиш ти се чинат претешки? Ако е така, може да биде корисно да се прашаш: ‚За што се мачам јас? Каков вид товар носам?‘ Во овој поглед, пред повеќе од 80 години, еден библиски коментатор забележал: „Ако размислиме за товарите на животот, можеме да ги поделиме во две категории: самонаметнати и неизбежни, односно оние кои се последица и оние кои не се последица на нашите постапки“. Потоа додал: „Многумина од нас ќе бидат изненадени кога после едно строго самоиспитување ќе откријат колку многу од нашите товари сме си ги наметнале самите ние“.
16. Какви товари би можеле немудро самите да си наметнеме?
16 Кои се некои товари што би можеле да си ги наметнеме самите ние? Денес живееме во еден материјалистички, неморален свет кој тежнее по задоволства (2. Тимотеј 3:1-5). Дури и предадените христијани се под постојан притисок да се прилагодат на световната мода и начин на живот. Апостол Јован пишувал за „похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот“ (1. Јованово 2:16). Тоа се силни влијанија кои можат лесно да нѐ заразат. Познато е дека некои се спремни да западнат во длабоки долгови за да уживаат во повеќе световни задоволства или за да задржат одреден начин на живот. Потоа увидуваат дека мораат прекумерно да работат или да прифатат повеќе работи со цел да заработат пари за да ги платат своите долгови.
17. Која ситуација уште повеќе го отежнува товарот, и како може тоа да се поправи?
17 Иако некој може да резонира дека не е погрешно да се имаат или да се прават некои работи што другите ги имаат или ги прават, сепак важно е да се анализираме самите себе дали непотребно си го зголемуваме товарот (1. Коринтјаните 10:23). Со оглед на тоа дека едно лице може да носи само до одредена мера, ќе мора нешто да отстрани за да преземе друг товар. Честопати, она што најпрво се одложува се работите кои се неопходни за нашето духовно добро — личната библиска студија, присуствувањето на состаноците и службата на подрачјето. Резултатот од тоа е губење на духовната сила, што од своја страна, уште повеќе го отежнува носењето на товарот. Исус Христос предупредил на таквата опасност кога рекол: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка“ (Лука 21:34, 35; Евреите 12:1). Тешко е да се препознае и избегне некоја замка доколку човек е обременет и уморен.
Олеснување и закрепа
18. Што им понудил Исус на оние кои доаѓаат кај него?
18 Затоа, Исус со љубов го понудил лекот: „Дојдете при мене . . . и Јас ќе ве успокојам [закрепнам, НС]“ (Матеј 11:28). Зборовите „закрепнам“ и „закрепа“ во стих 29 (НС), потекнуваат од грчките зборови кои одговараат на зборот што преводот Септуагинта го користи како превод на хебрејскиот збор за „сабат“ или за „држење“ на сабат (2. Мојсеева 16:23). Според тоа, Исус не ветил дека оние кои дошле кај него не ќе мораат повеќе да работат, туку ветил дека ќе ги закрепне за да бидат спремни за работата што мораат да ја извршат во склад со Божјата намера.
19. Како може некој да ‚дојде кај Исус‘?
19 Но, како некој ‚доаѓа кај Исус‘? Исус им рекол на своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16:24). Според тоа, да дојдеме кај Исус подразбира да ја потчиниме својата волја на волјата на Бог и на Христос, прифаќајќи извесен товар на одговорност и правејќи го тоа постојано. Дали сево ова значи дека премногу се бара? Дали цената е превисока? Да разгледаме што рекол Исус откако им ја дал таа љубезна покана на уморните.
Можеш ли да се сетиш?
◻ На кои начини луѓето во Исусово време биле натоварени?
◻ Која била вистинската причина за тешкотијата на луѓето?
◻ Како треба да се преиспитаме себеси ако се чувствуваме тешко натоварени?
◻ Кои товари би можеле немудро самите да си ги наметнеме?
◻ Како можеме да ја добиеме закрепата што ја ветил Исус?
[Слика на страница 15]
Кои се некои товари што би можеле да си ги наметнеме самите ние?
[Извор на слика на страница 15]
Со љубезна дозвола од Бахамското министерство за туризам