ПОГЛАВЈЕ 42
Исус ги прекорил фарисеите
МАТЕЈ 12:33-50; МАРКО 3:31-35; ЛУКА 8:19-21
ИСУС ГО КАЖАЛ ‚ЗНАКОТ НА ЈОНА‘
УЧЕНИЦИТЕ МУ БИЛЕ ПОБЛИСКИ ОД СЕМЕЈСТВОТО
Со тоа што одрекувале дека Исус истерува демони со Божја помош, книжниците и фарисеите биле во опасност да хулат на светиот дух. Затоа требало да одлучат на чија страна ќе застанат — на страната на Бог или на страната на Сатана. Исус им рекол: „Решете се: или дрвото ви е добро и неговиот плод добар, или дрвото ви е гнило и неговиот плод гнил. Зашто, дрвото се познава по плодот“ (Матеј 12:33).
Нивното тврдење дека Исус имал моќ да истерува демони затоа што му служел на Сатана било крајно нелогично. Во Проповедта на гората Исус јасно кажал дека, ако плодот е добар, дрвото не може да биде гнило. А што покажувал плодот на фарисеите, односно нивните бесмислени обвинувања против Исус? Покажувал дека тие биле расипани однатре, како едно гнило дрво. Исус им рекол: „Змиско легло! Како можете да зборувате добро, кога сте зли? Зашто, устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 7:16, 17; 12:34).
Бидејќи нашите зборови откриваат што ни е во срцето, Исус објаснил дека ќе ни биде судено на темел на она што го зборуваме. Затоа рекол: „Ви велам дека за секој безвреден збор што ќе го изговорат, луѓето ќе положат сметка во Судниот ден. Зашто, по твоите зборови ќе бидеш прогласен за праведен и по твоите зборови ќе бидеш осуден“ (Матеј 12:36, 37).
Иако дотогаш Исус направил многу чуда, за книжниците и фарисеите тоа не било доволно. „Учителе, сакаме да видиме од тебе некаков чудотворен знак“, му рекле. Без оглед на тоа дали лично виделе некое негово чудо или не, тие имале бројни сведоштва од луѓе што ги виделе неговите чуда со свои очи. Исус со право им рекол: „Зло и прељубничко поколение постојано бара знак, но нема да му се даде никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона“ (Матеј 12:38, 39).
Исус не ги оставил да нагаѓаат што сакал да каже, туку самиот им објаснил: „Како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи“. Откако го проголтала една риба, Јона излегол од неа жив и со тоа, на некој начин, како да воскреснал. Значи, Исус за себе прорекол дека ќе умре и дека на третиот ден ќе воскресне. Но, дури и кога воскреснал, еврејските водачи го отфрлиле ‚знакот на Јона‘ и одбиле да се покаат и да се променат (Матеј 27:63-66; 28:12-15). За разлика од нив, „жителите на Ниневија“ се покајале откако Јона им проповедал и затоа ќе можеле да го осудат поколението од времето на Исус. Освен тоа, Исус рекол дека и кралицата од Сава со својот пример ќе го осудела тоа поколение. Таа сакала да ја слушне мудроста на Соломон и се восхитила од она што го чула. „А еве, овде е некој што е поголем од Соломон“, рекол Исус (Матеј 12:40-42).
Тоа злобно поколение Исус го споредил со човек од кого излегол нечист дух (Матеј 12:45). Бидејќи човекот не се исполнил со добри работи, нечистиот дух се вратил со седум други духови, полоши од него, па го обзеле човекот. Слично на тоа, израелскиот народ бил духовно прочистен и обновен — исто како човекот од кого излегол нечистиот дух. Но, Израелците ги отфрлиле Божјите пророци, а на крајот му се спротивставиле и на Исус, за кого било јасно дека го имал Божјиот дух. Тоа покажало дека во времето на Исус тие биле во полоша духовна состојба од времето кога Бог ги избрал за свој народ.
Додека Исус зборувал, дошле мајка му и неговите браќа, и застанале на крајот од мноштвото. Некои од оние што седеле до Исус му рекле: „Мајка ти и твоите браќа стојат надвор и сакаат да те видат“. Тогаш Исус покажал колку бил близок со своите ученици. Ја испружил раката кон нив и рекол: „Моја мајка и мои браќа се овие што ја слушаат речта Божја и ја извршуваат“ (Лука 8:20, 21). На тој начин, Исус покажал дека врската што постоела меѓу него и неговите ученици била посилна и од врската меѓу него и неговото семејство. Колку е убаво да бидеме блиски со нашите духовни браќа, особено кога другите се сомневаат во нас или ги осудуваат добрите дела што ги правиме!