Јехова се грижи за нашите секојдневни потреби
„Престанете да бидете во тегобна напнатост; зашто . . . вашиот Татко знае дека ви е потребно тоа“ (ЛУКА 12:29, 30).
1. Како се грижи Јехова за животните како негови созданија?
ДАЛИ некогаш си гледал врапче или некоја друга птица како колве низ нешто што ти личело на обична земја? Веројатно си се прашувал што би можело да најде за јадење колвејќи по земјата. Во својата Проповед на Гората, Исус покажал дека можеме да научиме нешто од начинот на кој Јехова се грижи за птиците. Тој рекол: „Внимателно набљудувајте ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат; а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Матеј 6:26). На чудесни начини, Јехова обезбедува храна за сите свои созданија (Псалм 104:14, 21; 147:9).
2, 3. Кои духовни поуки можеме да ги извлечеме од тоа што Исус нѐ поучил да се молиме за нашиот леб за секој ден?
2 Ако е така, тогаш зошто во својата пример-молитва Исус ја вклучил и молбата: „Дај ни го нашиот леб за овој ден“? (Матеј 6:11). Од оваа едноставна молба можеме да извлечеме длабоки духовни поуки. Прво, таа нѐ потсетува дека Јехова е тој што ни го обезбедува сето она што ни е потребно (Псалм 145:15, 16). Луѓето можат да садат и да одгледуваат, но само Бог може да направи нешто да расте, како духовно така и физички (1. Коринќаните 3:7). Она што го јадеме и пиеме е дар од Бог (Дела 14:17). Со тоа што го молиме да ги задоволи нашите потреби за секој ден, покажуваме дека таквите подготовки не ги земаме здраво за готово. Се разбира, таквата молба не нѐ ослободува од одговорноста да работиме ако сме способни за работа (Ефешаните 4:28; 2. Солуњаните 3:10).
3 Второ, тоа што се молиме за „леб за овој ден“ покажува дека не треба да бидеме претерано загрижени за иднината. Понатаму Исус рекол: „Никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ,Што ќе јадеме?‘ или: ,Што ќе пиеме?‘ или: ,Што ќе облечеме?‘ Зашто по сето ова желно тежнеат нациите. Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат. Затоа, никогаш немојте тегобно да се грижите за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе има свои сопствени тегобни грижи“ (Матеј 6:31—34). Молитвата за „леб за овој ден“ покажува дека треба да водиме едноставен живот на ,побожна оддаденост и да бидеме задоволни со она што го имаме‘ (1. Тимотеј 6:6—8).
Духовна храна за секој ден
4. Кои настани од животот на Исус и од животот на Израелците ја нагласуваат важноста на духовната храна?
4 Нашата молитва за секојдневниот леб треба да нѐ потсети и на нашата потреба од секојдневна духовна храна. Иако бил многу гладен по еден долг пост, Исус одолеал на искушението на Сатана да ги претвори камењата во лебови, велејќи: „Напишано е: ,Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4). Овде Исус го цитирал пророкот Мојсеј, кој им рекол на Израелците: „[Јехова] те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сѐ што излегува од Господовата уста“ (Второзаконие 8:3). Начинот на кој Јехова им давал мана на Израелците не им обезбедил само дословна храна туку и духовни поуки. Како прво, тие требало ,да собираат колку што им требало за ден‘. Ако собереле повеќе од доволно за тој ден, остатокот почнувал да мириса и да црвосува (Излез 16:4, 20). Сепак, тоа не се случувало на шестиот ден, кога морале да собираат двојно повеќе за да имаат и за сабатот (Излез 16:5, 23, 24). Така, маната им ја врежала во умот мислата дека мораат да бидат послушни и дека нивните животи зависат не само од лебот туку и од „сѐ што излегува од Господовата уста“.
5. На кој начин Јехова ни обезбедува духовна храна за секој ден?
5 И ние треба секојдневно да се храниме со духовната храна што ја обезбедува Јехова преку својот Син. За таа цел, Исус поставил еден ,верен и разборит роб‘ за да го снабдува домаќинството од верни слуги со „храна во право време“ (Матеј 24:45). Таа класа на верниот роб не само што обезбедува изобилство духовна храна во облик на помошни средства за проучување на Библијата туку и нѐ охрабрува секојдневно да ја читаме Библијата (Исус Навин 1:8; Псалм 1:1—3). Исто како Исус, и ние можеме да бидеме духовно нахранети ако секојдневно вложуваме напори да учиме за Јеховината волја и да ја извршуваме (Јован 4:34).
Простување на гревовите
6. За кои долгови треба да молиме да ни бидат простени, и под кои услови Јехова е спремен да ги поништи?
6 Следната молба во пример-молитвата е: „Прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“ (Матеј 6:12). Овде Исус не зборувал за финансиски долгови. Тој мислел на простување на нашите гревови. Во пример-молитвата што ја запишал Лука, оваа молба гласи: „Прости ни ги гревовите, зашто и ние му простуваме секому кој ни е должен“ (Лука 11:4). Значи, кога грешиме, тоа е како да се задолжуваме кај Јехова. Но, нашиот Бог кој многу нѐ сака е подготвен да го ,избрише‘, односно да го поништи тој долг ако искрено се каеме, ако ,се обратиме‘ и ако го молиме за простување на темел на верата во Христовата откупна жртва (Дела 3:19; 10:43; 1. Тимотеј 2:5, 6).
7. Зошто треба секој ден да молиме за простување?
7 Од друга страна, пак, ние правиме грев кога не успеваме да ги задоволиме Јеховините мерила за праведност. Поради наследениот грев, сите ние грешиме во нашите зборови, постапки и мисли или, пак, не го правиме она што треба да го направиме (Проповедник 7:20; Римјаните 3:23; Јаков 3:2; 4:17). Според тоа, сеедно дали сме или не сме свесни дека сме згрешиле во текот на денот, во нашите секојдневни молитви треба да вклучиме и молба за простување на нашите гревови (Псалм 19:12; 40:12).
8. Што треба да нѐ натера да правиме молитвата за простување, и со кои корисни резултати?
8 Откако искрено ќе се преиспитаме, ќе се покаеме и ќе го признаеме гревот, треба да молиме за простување на темел на верата во искупителната моќ на Христовата пролеана крв (1. Јованово 1:7—9). За да покажеме дека сме искрени кога се молиме, мораме да ја поткрепиме нашата молба за простување со „дела кои прилегаат на покајание“ (Дела 26:20). Тогаш можеме да имаме вера во Јеховината спремност да ни ги прости гревовите (Псалм 86:5; 103:8—14). Резултатот од тоа е неспоредлив душевен мир, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ и кој ,ќе ги чува нашите срца и нашите умствени сили преку Христос Исус‘ (Филипјаните 4:7). Но, од Исусовата пример-молитва учиме уште нешто за тоа што мораме да правиме за да ни бидат простени гревовите.
За да ни биде простено, мораме да простуваме
9, 10. а) Кој коментар го додал Исус на пример-молитвата, и што нагласил со тоа? б) На кој начин Исус понатаму илустрирал дека треба да простуваме?
9 Интересно, молбата „прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“ е единствениот дел во пример-молитвата за кој Исус дал некаков коментар. Откако ја завршил молитвата, тој додал: „Зашто ако вие им ги простите на луѓето нивните прекршоци, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам; но ако не им ги простите на луѓето нивните прекршоци, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6:14, 15). Значи, Исус бил многу јасен — дали Јехова ќе ни прости нам зависи од тоа дали ние сме спремни да им простиме на другите (Марко 11:25).
10 Во друга прилика, Исус кажал една илустрација што покажува дека треба да простуваме ако очекуваме Јехова да ни прости нам. Тој раскажал приказна за еден цар што великодушно го поништил огромниот долг на еден роб. Подоцна царот строго го казнил истиот тој човек кога одбил да го поништи неспоредливо помалиот долг на некој друг роб. Исус ја завршил својата илустрација со зборовите: „На сличен начин и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од срце не му прости на својот брат“ (Матеј 18:23—35). Поуката е јасна: Долгот на гревот што Јехова му го простил на секого од нас е неизмерно поголем од каков и да е престап што некој можеби го направил против нас. Освен тоа, Јехова ни простува секој ден. Затоа, сигурно дека и ние можеме да простуваме кога понекогаш другите ќе ни згрешат нам.
11. Кој совет што го дал апостол Павле ќе го следиме ако очекуваме Јехова да ни прости нам, и со кои добри резултати?
11 Апостол Павле напишал: „Бидете љубезни еден спрема друг, нежно сочувствителни, спремно простувајќи си еден на друг токму како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Ефешаните 4:32). Меѓусебното простување придонесува за мир меѓу христијаните. Понатаму, Павле поттикнал: „Како Божји избрани, свети и љубени, облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие. Но, освен сево ова, облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (Колошаните 3:12—14). Сето ова го содржи молитвата за која нѐ поучил Исус: „Прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“ (Матеј 6:12).
Заштита кога сме во искушение
12, 13. а) Што не би можела да значи претпоследната молба во пример-молитвата? б) Кој е големиот Искушувач, и што значи нашата молитва да не бидеме воведени во искушение?
12 Претпоследната молба во Исусовата пример-молитва е: „Не воведувај нѐ во искушение“ (Матеј 6:13). Дали Исус сакал да каже дека треба да го молиме Јехова да не нѐ искушува? Тоа не е можно, бидејќи ученикот Јаков бил инспириран да напише: „Никој, кога е во искушение, нека не вели: ,Бог ме искушува‘. Зашто Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“ (Јаков 1:13). Освен тоа, псалмистот напишал: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Јехова не сака да нѐ начека да згрешиме и сигурно не се обидува да нѐ фати во стапица. Според тоа, што значи овој дел од пример-молитвата?
13 Сатана Ѓаволот е тој што се обидува да нѐ фати во стапица, да нѐ натера да паднеме користејќи лукави дела, па дури и да нѐ проголта (Ефешаните 6:11). Тој е големиот Искушувач (1. Солуњаните 3:5). Со тоа што се молиме да не бидеме воведени во искушение, ние го молиме Јехова да не дозволи да подлегнеме кога сме во некое искушение. Го молиме да ни помогне да „не нѐ надитри Сатана“, да не попуштиме на искушенијата (2. Коринќаните 2:11). Ние се молиме да останеме под ,покривот на Севишниот‘, добивајќи ја духовната заштита што им ја дава Јехова на оние што го признаваат неговиот суверенитет во сѐ што прават (Псалм 91:1—3).
14. Како апостол Павле нѐ уверува дека Јехова нема да нѐ напушти ако му се обратиме кога сме во искушение?
14 Можеме да бидеме уверени дека, ако тоа е наша искрена желба што ја искажуваме во нашите молитви и ја покажуваме со нашите постапки, Јехова никогаш нема да нѐ напушти. Апостол Павле нѐ уверува: „Никакво искушение не ве снајде, освен она кое е вообичаено за луѓе. Но, Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13).
„Избави нѐ од злобниот“
15. Зошто е поважно од кога и да е порано да се молиме да бидеме избавени од злобниот?
15 Според најверодостојните манускрипти на Христијанските грчки списи, Исусовата пример-молитва завршува со зборовите: „Избави нѐ од злобниот“a (Матеј 6:13). Во ова време на крајот уште повеќе ни треба заштита од Ѓаволот. Сатана и неговите демони војуваат со членовите на помазаниот остаток, „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“, како и со нивните придружници од ,големото мноштво‘ (Откровение 7:9; 12:9, 17). Апостол Петар ги опоменал христијаните: „Бидете трезвени, будно пазете. Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта. Но, заземете свој став против него, цврсти во верата“ (1. Петрово 5:8, 9). Сатана би сакал да го запре нашето проповедничко дело и, со помош на своите застапници на земјата — сеедно дали од светот на религијата, трговијата или политиката — тој се обидува да нѐ застраши. Меѓутоа, ако стоиме цврсто, Јехова ќе нѐ избави. Ученикот Јаков напишал: „Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7).
16. Какво средство му стои на располагање на Јехова за да им помогне на своите слуги што се во неволја?
16 Јехова дозволил неговиот Син да биде искушан. Но, откако Исус му се спротивставил на Ѓаволот, користејќи ја како заштита Божјата реч, Јехова испратил ангели да го зајакнат (Матеј 4:1—11). На сличен начин, Јехова ги користи своите ангели да ни помогнат ако се молиме со вера и ако бараме засолниште кај него (Псалм 34:7; 91:9—11). Апостол Петар напишал: „Знае Јехова како да ги избави од искушение луѓето со побожна оддаденост, а неправедните да ги чува за денот на судот за да бидат одрежани“ (2. Петрово 2:9).
Близу е целосно избавување
17. Давајќи ни ја пример-молитвата, како Исус го дал исправниот редослед на работите по важност?
17 Во пример-молитвата, Исус го дава исправниот редослед на работите по важност. Првенствено треба да бидеме заинтересирани за посветувањето на Јеховиното величествено и свето име. Бидејќи тоа ќе се постигне преку месијанското Царство, се молиме да дојде тоа Царство за да ги уништи сите несовршени човечки царства, односно влади, и да се погрижи Божјата волја да се врши потполно и на земјата и на небото. Нашата надеж за вечен живот на рајска земја зависи од посветувањето на Јеховиното име и од тоа во целиот универзум да се признае неговиот законски суверенитет. Откако ќе се молиме за овие најважни работи, можеме да се молиме за нашите секојдневни потреби, за простување на нашите гревови и за избавување од искушенијата и од лукавствата на злобниот, Сатана Ѓаволот.
18, 19. Како ни помага Исусовата пример-молитва да останеме будни и нашата надеж да остане ,непоколеблива до крај‘?
18 Нашето целосно избавување од злобниот и од неговиот расипан систем на работи се приближува. Сатана многу добро знае дека му преостанува само „кратко време“ за да го излее својот „голем гнев“ на земјата, особено врз Јеховините верни слуги (Откровение 12:12, 17). Во комбинираниот знак за „завршетокот на системот на работи“ Исус претскажал возбудливи настани, од кои некои сѐ уште ни претстојат (Матеј 24:3, 29—31). Додека гледаме како се случуваат, нашата надеж за избавување ќе станува сѐ посветла. Исус рекол: „Кога ќе почнат да се случуваат овие работи, исправете се и подигнете ги своите глави, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:25—28).
19 Концизната пример-молитва што им ја кажал Исус на своите ученици ни дава добро водство во поглед на тоа што да вклучиме во нашите молитви додека се приближува крајот. Да останеме уверени дека до самиот крај Јехова ќе продолжи да се грижи за нашите секојдневни потреби, како духовни така и материјални. Тоа што ќе останеме будни во молитвата ќе ни овозможи ,цврсто да се држиме за довербата што ја имавме во почетокот, непоколебливо до крај‘ (Евреите 3:14; 1. Петрово 4:7).
[Фуснота]
a Во некои Библии, како што е преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов, Оченаш завршува со она што е познато како доксологија (израз на фалба на Бог): „Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин“. Во The Jerome Biblical Commentary стои: „Доксологијата . . . ја нема во најверодостојните [манускрипти]“.
За повторување
• Кои работи се вклучени во нашата молба за „лебот за овој ден“?
• Објасни ја молбата „прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“.
• Што значи тоа да го молиме Јехова да не нѐ воведе во искушение?
• Зошто треба да се молиме Јехова да ,нѐ избави од злобниот‘?
[Слики на страница 15]
Мораме да им простуваме на другите за да ни биде простено и нам
[Извор на слика на страница 13]
Lydekker