Јона учи за Јеховиното милосрдие
ЈЕХОВА има една задача за својот пророк Јона. Времето е деветтиот век пр. н. е., а во Израел владее Јеровоам II. Јона е од Гетаефер, еден завулонски град (Исус Навин 19:10, 13; 4. Царства 14:25). Бог го испраќа Јона во асирскиот главен град Ниневија, повеќе од 800 километри североисточно од неговото родно место. Треба да ги предупреди ниневијците дека им претстои уништување од Бог.
Можеби Јона си мислел: ‚Да одам во тој град и кај таа нација? Тие не му се ни оддадени на Бог. Тие крвожедни Асирци никогаш не стапиле во сојуз со Јехова како Израелците. Па, луѓето од таа злобна нација би можеле да го сметаат моето предупредување за закана и да го освојат Израел! Не јас! Јас нема да одам. Ќе побегнам во Јопа и ќе отпловам во спротивен правец — сѐ до Тарсис, дури на спротивната страна од Големото Море. Ете, така ќе направам!‘ (Јона 1:1—3).
Опасност на море!
Наскоро Јона е во Јопа на медитеранскиот брег. Ја плаќа својата возарина и се качува на еден брод чие одредиште е Тарсис, кој обично се поврзува со Шпанија, повеќе од 3.500 километри западно од Ниневија. Откако е на море, уморниот пророк оди под палубата и заспива. Набргу потоа, Јехова предизвикува еден силен ветар на морето, и сите исплашени морнари го повикуваат својот бог на помош. Бродот толку многу се бранува и ниша што го исфрлаат товарот в море за да се олесни бродот. Сепак, бродоломот се чини сигурен и Јона го слуша возбудениот капетан како извикува: „Што, ти спиеш! Стани и повикај кај твојот Бог. Можеби Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме“. Јона станува и оди горе на палубата (Јона 1:4—6).
„Да фрлиме жреб“, велат морнарите, „и да видиме поради кого нѐ снајде оваа беда.“ Ждрепката се паѓа на Јона. Замисли си ја неговата загриженост кога морнарите велат: „Кажи ни заради што нѐ снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде идеш? Каде е твојата земја и од кој народ си?“ Јона вели дека тој е Евреин кој го обожава „Господа [Јехова, НС] Бога на небесата“ и дека има страв полн со почит пред ‚Оној што ја создал земјата и водата‘. Бурата ги снашла затоа што тој бега од присутноста на Јехова, наместо послушно да ја однесе Божјата порака во Ниневија (Јона 1:7—10).
Морнарите прашуваат: „Што да направиме со тебе, та морето да стивне за нас?“ Додека морето станува сѐ пожестоко, Јона вели: „Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, оти знам дека поради мене се крена оваа бура“. Неволни да го фрлат Јеховиниот слуга во морето и во сигурна смрт, луѓето се обидуваат да дојдат до суво копно. Безуспешно, морнарите викаат: „Те молиме Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што ти е Тебе угодно“ (Јона 1:11—14).
В море!
Тогаш, морнарите го фрлаат Јона преку палубата. Додека тој тоне во распенетото море, беснеењето на морето почнува да престанува. Гледајќи го ова, ‚луѓето се уплашуваат многу од Господа, Му принесуваат на Господа жртви и се заветуваат‘ (Јона 1:15, 16).
Додека водата се затвора над Јона, тој сигурно се моли. Тогаш чувствува како се лизга низ некаков мек канал и се слизнува во некаква поголема шуплина. За изненадување, тој сѐ уште може да дише! Одвиткувајќи ја морската трева околу својата глава, Јона открива дека се наоѓа на едно навистина единствено место. Тоа е затоа што ‚Господ му заповедал на еден голем кит [на една голема риба, НС] да го проголта Јона; и Јона останал во утробата на тој кит [на таа риба, НС] три дена и три ноќи‘ (Јона 2:1).
Јонината горлива молитва
Во стомакот на џиновската риба, Јона има време да се моли. Некои од неговите зборови имаат сличност со извесни псалми. Подоцна Јона ги запишал своите молитви кои изразуваат и очај и каење. На пример, нему му се чинело дека стомакот на рибата ќе стане шеол, негов гроб. Затоа се молел: „Кон Господа повикав во мојата неволја Он ме чу; извикав од утробата на пеколот — и Ти го чу гласот мој“ (Јона 2:2, 3). Две Песни за качување — веројатно ги пееле Израелците кога оделе угоре кон Ерусалим за годишните празници — изразуваат слични мисли (Псалм 119:1; 129:1, 2).
Размислувајќи за своето спуштање во морето, Јона моли: „Ти [Јехова] ме фрли во длабините, во срцето на [среде] морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минеа преку мене“ (Јона 2:4; спореди Псалм 41:7; 68:2).
Јона се плаши дека неговата непослушност ќе го кошта губење на божествената милост и дека никогаш повеќе нема да го види Божјиот храм. Тој се моли: „А јас си реков: ‚Истеран сум од пред твоите очи! Како ќе го набљудувам повторно твојот свет храм!‘“ (Јона 2:4, НС; спореди Псалм 30:22). Јонината ситуација изгледа толку лошо што тој вели: „Ме притиснаа водите до душата моја [загрозувајќи му го животот], бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена“ (Јона 2:6; спореди Псалм 68:1). Замисли си ја бедата на Јона, бидејќи тој додава: „Слегнав до основите на планините [внатре во рибата], земјата со резињата свои [како оние на еден гроб] за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже Мој, ќе ја изведеш душата моја [на третиот ден] од пеколот“ (Јона 2:7; спореди Псалм 29:3).
Иако е во стомакот на рибата, Јона не мисли: ‚Толку сум потиштен што не можам да се молам‘. Наместо тоа, тој моли: „Кога изнемогна душата моја [скоро до смрт], се сетив на Господа [со вера, како на Оној кој има неспоредлива моќ и милосрдие], и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој“ (Јона 2:8). Од својот небесен храм, Бог го чул Јона и го спасил.
Во заклучокот, Јона моли: „А оние кои гледаат на идолите на невистината [имајќи доверба во безживотни ликови на лажни богови], тие ја напуштаат својата сопствена срдечна доброта [со тоа што се одрекуваат од Оној кој ја покажува оваа особина]. Но јас со гласот на благодарност ќе жртвувам за тебе [Јехова Боже]. Она што сум го заветувал [за време на ова доживување или во други прилики], ќе го исполнам. Спасението му припаѓа на Јехова“ (Јона 2:9, 10, НС; спореди Псалм 31:6, НС; 50:14, НС). Свесен дека само Бог може да го избави од смртта, покајничкиот пророк (како царевите Давид и Соломон пред него) спасението му го припишува на Јехова (Псалм 3:8; Изреки 21:31, НС).
Јона послушува
После многу размислување и сериозна молитва, Јона се чувствува како да е истиснуван од каналот низ кој дошол внатре. Најпосле, тој е исфрлен на суво копно (Јона 2:11). Благодарен за избавувањето, Јона ја послушува Божјата реч: „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти го кажам“ (Јона 3:1, 2). Јона тргнува кон асирскиот главен град. Кога дознава кој ден е, сфаќа дека бил три дена во стомакот на рибата. Пророкот минува преку реката Еуфрат кај нејзиниот западен свиок, патува на исток преку северна Месопотамија, доаѓа до реката Тигар и конечно стигнува до величествениот град (Јона 3:3).
Јона влегува во Ниневија, еден голем град. Пешачи еден ден и потоа објавува: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“ Дали Јона на чудесен начин бил надарен со познавање на асирскиот јазик? Не ни е кажано, но дури и да зборува на хебрејски а некој преведува, неговата објава донесува резултати. Луѓето од Ниневија почнуваат да веруваат во Бог. Тие прогласуваат пост и облекуваат вреќиште, од најголем до најмал. Кога зборот стигнува до царот на Ниневија, тој станува од својот престол, ја симнува својата службена облека, се покрива со вреќиште и седнува во пепел (Јона 3:4—6).
Колку само е изненаден Јона! Асирскиот цар испраќа гласници со повикот: „Ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат; и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од насилството на рацете свои. Кој знае — можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме“ (Јона 3:7—9).
Ниневијците се потчинуваат на одлуката на својот цар. Кога Бог гледа дека тие се одвратиле од својот лош пат, Тој чувствува жалење поради неволјата за која рекол дека ќе им ја нанесе, па затоа не ја предизвикува (Јона 3:10). Поради нивното покајание, понизност и вера, Јехова одлучува да не ја нанесе осудата што ја намеравал.
Намуртениот пророк
Поминуваат четириесет дена и ништо не се случува со Ниневија (Јона 3:4). Сфаќајќи дека ниневијците нема да бидат уништени, Јона е крајно незадоволен, се разгневува и моли: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побегнав во Тарсис, оти знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, па ќе се сожалиш за бедата. А сега, Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам“. Бог одговара со следново прашање: „Дали со право се распали со гнев?“ (НС) (Јона 4:1—4).
При тоа, Јона горделиво излегува од градот. Одејќи кон исток, тој подигнува една колиба за да седи во нејзината сенка додека не види што ќе се случи со градот. А Јехова сочувствително ‚наредува да израсне растение [тиква, НС] над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од огорчението негово‘. Колку само Јона се радува поради тиквата! Но, в зори Бог предизвикува еден црв да го изгриза растението и тоа почнува да венее. Набргу тоа потполно се исушува. Бог испраќа и еден врел источен ветар. Сонцето сега го удира пророкот в глава така што тој припаѓа. Тој и натаму моли да умре. Да, Јона одново и одново вели: „Подобро е да умрам отколку да живеам“ (Јона 4:5—8).
Сега зборува Јехова. Тој го прашува Јона: „Па зар е добро тоа што се лутиш заради растението?“ Јона одговара: „Многу сум лут, лут сум дури до смрт!“ Во суштина, Јехова сега му вели на пророкот: „Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и се исуши“. Бог понатаму резонирал: „А Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?“ (Јона 4:9—11). Исправниот одговор е јасен како на дланка.
Јона се покајува и доживува да ја напише библиската книга што го носи неговото име. Како дознал дека морнарите се уплашиле од Јехова, дека Му принеле жртва и дека се заветувале? Преку божествена инспирација или можеби во храмот од некој од морнарите или од патниците (Јона 1:16; 2:4, НС).
‚Знакот на Јона‘
Кога книжниците и фарисеите побарале знак од Исуса Христа, тој рекол: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона“. Исус додал: „Оти, како што Јона беше во утробата на китот [на огромната риба, НС] три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи“ (Матеј 12:38—40). Еврејските денови почнувале од зајдисонце. Христос умрел во петок попладне, на 14 низан 33 година н. е. На тој ден пред зајдисонце, неговото тело било сместено во еден гроб. Таа вечер започнал 15 низан и траел сѐ до зајдисонце во сабота, седмиот и последниот ден од седмицата. Во тоа време започнал 16 низан и траел сѐ до зајдисонце на денот што ние го викаме сабота. Според тоа, Исус бил мртов и в гроб барем некое време на 14 низан, бил закопан во текот на целиот ден 15 низан и во гробот ги поминал ноќните часови од 16 низан. Кога некои жени дошле на гробот во недела изутрина, тој веќе бил воскреснат (Матеј 27:57—61; 28:1—7).
Исус бил во гробот делови од три дена. На тој начин, неговите непријатели го добиле ‚знакот на Јона‘, но Христос рекол: „Ниневијците ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има повеќе од Јона“ (Матеј 12:41). Колку вистинито! Евреите го имале меѓу нив Исуса Христа — пророк кој е многу поголем од Јона. Иако Јона бил адекватен знак за ниневијците, Исус проповедал со многу поголем авторитет и со многу повеќе докази кои го потврдувале тоа отколку пророкот. Па сепак, општо земено, Евреите не верувале (Јован 4:48).
Како нација, Евреите не го прифатиле понизно поголемиот Пророк од Јона и не покажале вера во Него. Но, како е со нивните претци? И ним им недостасувала вера и понизен дух. Всушност, Јехова очигледно го испратил Јона во Ниневија со цел да ја покаже разликата помеѓу покајничките ниневијци и тврдоглавите Израелци, на кои сериозно им недостасувала вера и понизност. (Спореди 5. Мојсеева 9:6, 13, НС.)
А како е со самиот Јона? Тој научил колку е големо Божјето милосрдие. Освен тоа, Јеховината реакција на Јониното мрморење поради сожалувањето што било покажано спрема покајничките ниневијци би требало да нѐ чува да не се жалиме кога нашиот небесен Татко го раширува милосрдието спрема луѓето во наше време. Всушност, да се радуваме што секоја година илјадници се обраќаат кон Јехова со вера и со понизни срца.