Уживај во добрите работи од својот труд
1. Што може да ни ја намали ревноста во службата?
1 Човекот бил создаден за да „ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проп. 2:24). Меѓутоа, кога нема да видиме добри резултати од нашата служба, може да се разочараме, а тоа ни ја одзема радоста и ни ја намалува ревноста. Што може да ни помогне да задржиме позитивен став?
2. Зошто треба да имаме реалистични очекувања во поглед на одѕивот во службата?
2 Имај реалистични очекувања: Не заборавај дека, иако малкумина го прифатиле она што го кажувал Исус, за неговата служба слободно може да се каже дека била успешна (Јован 17:4). Во споредбата за сејачот, Исус претскажал дека само малку луѓе ќе ја прифатат пораката за Царството (Мат. 13:3-8, 18-22). Сепак, со својот труд можеме многу да постигнеме.
3. Како нашата служба „раѓа плод“ дури и ако не наидуваме на голем одѕив?
3 Како нашата служба раѓа многу плод: Според споредбата на Исус, оние што ја прифаќаат пораката ‚раѓаат плод‘ (Мат. 13:23). Откако стебленцето жито ќе изрти и ќе узрее, тоа не дава како плод мали стебленца жито, туку ново семе. Според тоа, еден христијанин не мора да даде како плод нови ученици, туку ново семе на Царството, а тоа е нашето проповедање за Царството. Резултатот од ова се многу ‚добри работи‘ кои ни носат задоволство, без разлика дали луѓето ја прифаќаат пораката или не. Ние придонесуваме да се свети Јеховиното име (Иса. 43:10-12; Мат. 6:9). Радосни сме што имаме чест да бидеме Божји соработници (1. Кор. 3:9). А нашиот „плод на усните“ го радува Јехова (Евр. 13:15, 16).
4. Какви резултати може да даде нашата служба без наше знаење?
4 Освен тоа, можеби не сме секогаш свесни дека нашиот труд дава плод. Можеби некои што го чуле Исус како проповеда станале негови ученици дури откако тој ја завршил својата служба на Земјата. Слично на тоа, семето на Царството што сега го сееме можеби ќе почне да расте во нечие срце многу подоцна и тој човек можеби ќе ја прифати вистината без ние да знаеме. Да, со нашата служба се постигнуваат многу добри работи. Затоа, ‚да донесуваме многу плод‘ и да покажеме дека сме ученици на Исус (Јован 15:8).