„Без илустрација не им зборуваше“
‚Исус му зборуваше на мноштвото во илустрации. Всушност, без илустрација не им зборуваше‘ (МАТЕЈ 13:34).
1, 2. а) Зошто делотворните илустрации не се забораваат баш лесно? б) Какви облици на илустрации користел Исус, и кои прашања се поставуваат во врска со неговото користење илустрации? (Види ја и фуснотата.)
МОЖЕШ ЛИ да се сетиш на некоја илустрација што си ја чул пред многу години, можеби во некое јавно предавање? Делотворните илустрации не се забораваат баш брзо. Еден автор забележал дека илустрациите „ги претвораат ушите во очи и им даваат слобода на слушателите да размислуваат на тој начин што ќе си создаваат слики во главата“. Затоа што честопати најдобро размислуваме со слики, илустрациите можат да ни помогнат полесно да ги сфатиме поимите. Илустрациите можат да им вдахнат живот на зборовите, да ни дадат поуки што ќе останат врежани во нашето сеќавање.
2 Ниеден учител на Земјата не бил повешт од Исус Христос во користењето илустрации. На многуте Исусови параболи лесно се сеќаваме речиси две илјади години откако биле кажани.a Зошто Исус многу се потпирал токму на оваа метода на поучување? И, што ги направило неговите илустрации толку делотворни?
Зошто Исус поучувал со илустрации
3. а) Според Матеј 13:34, 35, која е една причина зошто Исус користел илустрации? б) Што покажува дека Јехова сигурно ја цени оваа метода на поучување?
3 Библијата дава две вредни причини зошто Исус користел илустрации. Прво, на тој начин исполнил едно пророштво. Апостол Матеј напишал: ‚Му зборуваше Исус на мноштвото во илустрации. Всушност, без илустрација не им зборуваше; за да се исполни она што беше кажано преку пророкот, кој рече: „Ќе ја отворам својата уста со илустрации“‘ (Матеј 13:34, 35). „Пророкот“ што го цитирал Матеј бил составувачот на Псалм 78:2. Тој псалмист пишувал под инспирација на Божјиот дух со векови пред раѓањето на Исус. Зарем не е извонредно тоа што стотици години однапред Јехова одредил неговиот Син да поучува со илустрации? Секако, Јехова сигурно ја цени оваа метода на поучување!
4. Како објаснил Исус зошто користел илустрации?
4 Второ, самиот Исус објаснил дека користел илустрации за да ги издвои оние чии срца биле неприемливи. Откако на едно „големо мноштво“ му ја раскажал параболата за сејачот, неговите ученици го прашале: „Зошто им зборуваш во илустрации?“ Исус одговорил: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство, но на тие луѓе не им е дадено. Затоа им зборувам во илустрации зашто, гледајќи, залудно гледаат и, слушајќи, залудно слушаат ниту, пак, ја сфаќаат смислата на тоа; и на нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‚Слушајќи, ќе чуете, но никако нема да ја сфатите смислата на тоа; и гледајќи, ќе гледате, но никако нема да видите. Зашто срцето на овој народ станало неприемливо‘“ (Матеј 13:2, 10, 11, 13—15; Исаија 6:9, 10).
5. На кој начин Исусовите илустрации ги издвојувале понизните слушатели од оние со горделиви срца?
5 Што било тоа во илустрациите на Исус што ги одвојувало луѓето? Во некои случаи, неговите слушатели морале да копаат за да го сфатат целосното значење на неговите зборови. Понизните поединци биле поттикнати да прашаат за повеќе информации (Матеј 13:36; Марко 4:34). Значи, Исусовите илустрации им ја откривале вистината на оние чии срца гладувале за неа; истовремено, неговите илустрации ја сокривале вистината од оние што имале горделиви срца. Каков само извонреден учител бил Исус! Сега да испитаме некои фактори што ги направиле толку делотворни неговите илустрации.
Избирливо користење детали
6-8. а) Каква предност сѐ уште немале Исусовите слушатели од првиот век? б) Кои примери покажуваат дека Исус бил избирлив во користењето детали?
6 Дали некогаш си се запрашал како мора да им било на тие ученици од првиот век што лично слушале како поучува Исус? Иако биле привилегирани да го чујат гласот на Исус, тие сѐ уште немале предност да се консултираат со некој пишан запис за да се потсетат на она што го кажал тој. Наместо тоа, морале да ги носат Исусовите зборови во своите умови и срца. Преку вештото користење илустрации, Исус им олеснил да го запомнат она за што ги поучувал. На кој начин?
7 Исус бил избирлив во користењето детали. Кога подробностите биле важни за некоја приказна или биле неопходни заради нагласување, тој водел сметка да ги внесе. Затоа, точно кажал колку овци оставил сопственикот кога ја барал залутаната овца, колку часови работеле работниците во лозјето и по колку таланти биле доверени (Матеј 18:12—14; 20:1—16; 25:14—30).
8 Истовремено, Исус ги изоставал непотребните детали што би можеле да нѐ спречат да го сфатиме значењето на илустрациите. На пример, во параболата за немилосрдниот роб, нема објаснување за тоа како тој роб успеал да направи долг од 60.000.000 денарии. Таму Исус ја нагласувал потребата да се простува. Не било важно како робот западнал во долг, туку како му бил простен долгот и како тој, од своја страна, постапил со другиот роб што му должел релативно малку пари (Матеј 18:23—35). На сличен начин, во илустрацијата за расипничкиот син Исус не дал објаснување зошто помладиот син одеднаш го побарал своето наследство и зошто го истрошил. Но, Исус детално опишал како се чувствувал и како реагирал таткото кога неговиот син направил промена во срцето и се вратил дома. Тие детали во врска со реакцијата на таткото биле неопходни за поентата што ја изнесувал Исус — дека Јехова простува „во голема мера“ (Исаија 55:7, NW; Лука 15:11—32).
9, 10. а) На што се сосредоточувал Исус кога ги прикажувал личностите во своите илустрации? б) На кој начин Исус им олеснувал на своите слушатели и на други да се сетат на неговите илустрации?
9 Исус бил промислен и во начинот на кој ги прикажувал личностите во своите параболи. Наместо да дава подробни описи за изгледот на личностите, Исус честопати се сосредоточувал на она што го правеле тие или на начинот на кој реагирале на настаните што ги раскажувал тој. Според тоа, наместо да опишува како изгледал ближниот Самарјанин, Исус раскажал нешто многу позначајно — како Самарјанинот сочувствително му притрчал на помош на повредениот Евреин што лежел на патот. Исус ги дал деталите што биле потребни за да поучи дека љубовта кон ближниот треба да ја прошириме и на другите луѓе, а не само на оние што се од нашата раса или националност (Лука 10:29, 33—37).
10 Исусовото внимателно користење детали ги правело неговите илустрации концизни и ненатрупани. Со тоа им олеснил на неговите слушатели во првиот век — и на безброј други што подоцна ќе ги читале инспирираните евангелија — да се сетат на нив и на скапоцените поуки што ги давале тие.
Земени од секојдневниот живот
11. Наведи примери за тоа како Исусовите параболи одразувале работи што тој несомнено ги набљудувал додека растел во Галилеја.
11 Исус бил мајстор во користењето илустрации што се однесувале на животот на луѓето. Многу негови параболи одразуваат работи што тој несомнено ги забележал додека растел во Галилеја. Размисли за момент за неговиот ран живот. Колку ли само често ја гледал својата мајка како подготвува леб со квасец земајќи парче скиснато тесто што го чувала од претходниот пат кога месела леб и го користела како средство за потквасување! (Матеј 13:33). Колку ли пати набљудувал како рибарите ги спуштаат своите мрежи во кристално сините води на Галилејското Море! (Матеј 13:47). Колку ли само често ги набљудувал децата додека си играле на пазариштето! Веројатно Исус забележал и други вообичаени работи што се нашле во неговите илустрации — сеење семе, радосни свадбени гозби и полиња со жито што зрее на сонцето (Матеј 13:3—8; 25:1—12; Марко 4:26—29).
12, 13. Како Исусовата парабола за житото и плевелот покажува дека тој ги познавал локалните околности?
12 Затоа, не изненадува тоа што во многуте илустрации на Исус се испреплетени околности и ситуации од секојдневниот живот. Според тоа, за да ја сфатиме поцелосно неговата вештина во користењето на оваа метода на поучување, од помош е да разгледаме што им значеле неговите зборови на неговите еврејски слушатели. Да разгледаме два примера.
13 Прво, во параболата за житото и плевелот, Исус раскажал за еден човек што посеал добро жито на својата нива, но на нивата влегол еден „непријател“ и одозгора посеал плевел. Зошто Исус го избрал токму овој непријателски чин? Па, имај на ум дека тој ја раскажал оваа илустрација во близина на Галилејското Море, а главно занимање на Галилејците очигледно било земјоделството. Што можело да му нанесе поголема штета на еден земјоделец отколку на нивата тајно да му влезе непријател и врз посеаното да посее штетен плевел? Световните закони од тоа време покажуваат дека се случувале такви напади. Зарем не е очигледно дека Исус употребил една ситуација што им била позната на неговите слушатели? (Матеј 13:1, 2, 24—30).
14. Зошто е значајно тоа што, за да ја нагласи својата поента, во параболата за ближниот Самарјанин Исус го употребил патот што одел „од Ерусалим во Ерихон“?
14 Второ, сети се на параболата за ближниот Самарјанин. Исус почнал со зборовите: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон и падна меѓу разбојници кои го соблекоа и го претепаа, и си заминаа, оставајќи го полумртов“ (Лука 10:30). Значајно е тоа што Исус го употребил патот што одел „од Ерусалим во Ерихон“ за да ја нагласи својата поента. Кога ја раскажувал оваа парабола, тој бил во Јудеја, недалеку од Ерусалим; па затоа неговите слушатели веројатно знаеле за кој пат станува збор. Тој пат бил на глас дека е опасен, особено за некој што патувал сам. Се извивал низ пуст терен, кој имал многу места од каде што разбојниците можеле да дебнат.
15. Зошто никој не можел со право да ја оправда рамнодушноста на свештеникот и на Левитот во илустрацијата за ближниот Самарјанин?
15 Во Исусовото осврнување на патот што одел „од Ерусалим во Ерихон“ значајно е уште нешто. Според приказната, по тој пат патувал прво еден свештеник, а потоа и еден Левит — иако ниеден од нив не застанал за да ѝ помогне на жртвата (Лука 10:31, 32). Свештениците служеле во храмот во Ерусалим, а Левитите им помагале. Кога не работеле во храмот, многу свештеници и Левити престојувале во Ерихон затоа што тој бил оддалечен од Ерусалим само 23 километри. Значи, тие сигурно имале прилика да патуваат по тој пат. Забележи го и тоа дека свештеникот и Левитот оделе по патот „од Ерусалим“, што значи дека заминувале од храмот.b Затоа, никој не можел со право да ја оправда рамнодушноста на овие луѓе, велејќи: ‚Тие го избегнале повредениот човек затоа што изгледало дека тој е мртов, а допирањето леш ќе ги направело привремено неподобни да служат во храмот‘ (Левит 21:1; Броеви 19:11, 16). Зарем не е јасно дека Исусовата илустрација одразувала работи што им биле познати на неговите слушатели?
Земени од созданието
16. Зошто не е чудно тоа што Исус многу добро го познавал созданието?
16 Голем број Исусови илустрации и параболи откриваат дека тој имал познавање за растенијата, животните и временските прилики (Матеј 6:26, 28—30; 16:2, 3). Од каде имал такво знаење? Додека растел во Галилеја несомнено имал многу прилики да ги набљудува Јеховините созданија. Освен тоа, Исус е „првороден од сето создание“ и Јехова го употребил како „вешт работник“ (NW) во создавањето на сѐ друго (Колошаните 1:15, 16; Пословици 8:30, 31). Дали е тогаш чудно тоа што Исус многу добро го познавал созданието? Да видиме како тој вешто го употребил тоа знаење додека поучувал.
17, 18. а) На кој начин зборовите на Исус запишани во Јован 10. поглавје откриваат дека тој ги познавал особините на овците? б) Што забележале некои посетители на библиските земји за врската што постои меѓу пастирите и нивните овци?
17 Меѓу најнежните илустрации на Исус е илустрацијата запишана во Јован 10. поглавје, каде што неговиот близок однос со своите следбеници го споредува со блискиот однос меѓу пастирот и неговите овци. Исусовите зборови откриваат дека тој многу добро ги познавал особините на домашните овци. Тој укажал дека овците дозволуваат да бидат водени и дека верно го следат својот пастир (Јован 10:2—4). Посетителите на библиските земји можат да ја забележат посебната врска што постои меѓу пастирите и овците. Во 19 век, природонаучникот Х. Б. Тристрам забележал: „Еднаш гледав како еден пастир си играше со своето стадо. Тој се преправаше дека бега; овците го бркаа и го опколија . . . На крајот, целото стадо направи круг, потскокнувајќи околу него“.
18 Зошто овците го следат својот пастир? „Бидејќи го познаваат неговиот глас“, рекол Исус (Јован 10:4). Дали овците навистина го познаваат гласот на својот пастир? Од лично набљудување, Џорџ А. Смит во својата книга The Historical Geography of the Holy Land (Историска географија на Светата земја) напишал: „Понекогаш уживавме во нашиот пладневен одмор покрај некој од јудејските бунари на кои доаѓаа по тројца или четворица пастири со своите стада. Стадата се мешаа едни со други, а ние се прашувавме како ќе може секој пастир повторно да си го собере своето стадо. Но, откако овците беа напоени и се изнаиграа, пастирите еден по еден тргнаа на различна страна од долината, и секој од нив го упати својот карактеристичен повик; а овците на секој пастир се издвоија од мноштвото по својот пастир, и стадата си заминаа исто така уредно како што дојдоа“. Исус тешко можел да најде подобар начин да ја илустрира својата поента. Ако ги признаеме и бидеме послушни на неговите учења, можеме да се ставиме под нежната и љубезна грижа на „добриот пастир“ (Јован 10:11).
Земени од настани што им биле познати на неговите слушатели
19. Како Исус делотворно искористил една локална трагедија за да отфрли една погрешна претстава?
19 Делотворните илустрации можат да бидат во облик на искуства или примери од кои можеме да извлечеме поуки. Во една прилика, Исус искористил еден неодамнешен настан за да ја отфрли погрешната претстава дека оние што заслужуваат ги снаоѓа трагедија. Тој рекол: „Или мислите дека оние осумнаесетмина, врз кои падна кулата во Силоам и ги уби, се покажаа како поголеми должници [грешници] од сите други луѓе кои живеат во Ерусалим?“ (Лука 13:4). Исус речито аргументирал против фаталистичкото резонирање. Тие 18 души не изгинале поради некој грев што предизвикал божествено незадоволство. Наместо тоа, нивата трагична смрт била резултат на времето и непредвидениот настан (Проповедник 9:11). На тој начин побил едно погрешно учење осврнувајќи се на настан што им бил добро познат на неговите слушатели.
20, 21. а) На кој начин фарисеите ги осудиле учениците на Исус? б) Кој библиски извештај го употребил Исус за да илустрира дека Јехова никогаш не предвидел строга примена на неговиот Сабатен закон? в) За што ќе се дискутира во следната статија?
20 Додека поучувал, Исус користел и примери од Писмото. Сети се на онаа прилика кога фарисеите ги осудиле неговите ученици заради тоа што кинеле и јаделе класје на Сабат. Всушност, учениците не го прекршиле Божјиот закон туку строгото толкување на фарисеите на она што претставува незаконска работа на Сабат. За да илустрира дека Бог никогаш не предвидел таква претерано строга примена на Сабатниот закон, Исус укажал на еден настан што е запишан во 1. Самоил 21:3—6. Кога биле гладни, Давид и неговите луѓе застанале кај шаторот и јаделе од лебовите на претставување, кои биле заменети. Старите лебови обично се зачувувале како храна за свештениците. Сепак, под тие околности, Давид и неговите луѓе не биле осудени затоа што јаделе од нив. Значајно е тоа што ова е единствениот случај запишан во Библијата во врска со користењето на стари лебови од страна на несвештеници. Исус знаел точно кој извештај да го употреби, а неговите еврејски слушатели несомнено биле запознати со него (Матеј 12:1—8).
21 Навистина, Исус бил Голем Учител! Ние не можеме а да не се восхитуваме на неговата неспоредлива способност да пренесе важни вистини на начин со кој ги достигнувал своите слушатели. Но, како можеме да го имитираме во нашето поучување? За тоа ќе се дискутира во следната статија.
[Фусноти]
a Илустрациите на Исус биле во многу облици и вклучувале примери, компарации, споредби и метафори. Тој е добро познат по користењето парабола, која се дефинира како „краток, обично измислен расказ со кој се доаѓа до некоја морална или духовна вистина“.
b Ерусалим се наоѓал повисоко од Ерихон. Затоа, кога патувал „од Ерусалим во Ерихон“, како што е спомнато во параболата, патникот ‚слегувал‘.
Се сеќаваш ли?
• Зошто Исус поучувал со илустрации?
• Кој пример покажува дека Исус користел илустрации што им биле познати на неговите слушатели од првиот век?
• Како Исус вешто го користел во своите илустрации знаењето за созданието?
• На кои начини Исус користел настани што им биле познати на неговите слушатели?
[Слики на страница 15]
Исус кажал за еден роб што одбил да прости релативно мал долг и за еден татко што му простил на синот кој го истрошил целото свое наследство
[Слика на страница 16]
Која била поентата на Исусовата парабола за ближниот Самарјанин?
[Слика на страница 17]
Дали овците навистина го познаваат гласот на својот пастир?