Обединети во љубов — извештај од годишниот состанок
ВО КОНГРЕСНАТА САЛА на Јеховините сведоци во Џерси Сити (Њу Џерси, САД) се чувствуваше голема возбуда. Утрото на 3 октомври 2009 год., над 5.000 лица се собраа на 125. годишен состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania. Илјадници други, преку аудио/видео врска, ја слушаа и ја гледаа програмата во трите бетелски комплекси во САД и во Бетелот во Канада. Во три-часовниот состанок уживаа вкупно 13.235 лица кои ги обединува љубовта кон Јехова.
Како претседавач служеше Џефри Џексон од Водечкото тело. Тој ја отвори програмата со најава на хор од бетелски слуги кои пееја песни од нашата нова песнарка. Со хорот диригираше еден друг член на Водечкото тело, Дејвид Сплејн, кој накратко зборуваше за тоа колку важно место има музиката во обожавањето на вистинскиот Бог. И присутните испеаја три нови песни на состанокот. Прво пееше хорот, а потоа му се придружија и присутните. Само за оваа посебна пригода беше одлучено да пее хор. Инаку не треба да има хор за христијанските состаноци, собири или конгреси.
Извештаи од подружниците
Гостувачките членови од разни Одбори на подружниците дадоа извештаи од пет подружници. Кенет Литл кажа дека наскоро Канада ќе почне да ги печати повеќето списанија за САД и Канада, со што десеткратно ќе се зголеми производството на таа подружница. За да може да се постигне тоа, една нова машина за печатење ќе работи во две смени, односно вкупно 16 часа на ден.
Рајнер Томпсон даде извештај за делото на Царството во Доминиканската Република, а Алберт Оли ги опиша нашите активности во Нигерија. Емил Крицингер од Мозамбик објасни дека по децении прогонство во таа земја, Јеховините сведоци беа регистрирани во 1992 год. Во последниве неколку години, во овие три земји има голем пораст во бројот на објавители. Вив Мориц, од подружницата во Австралија, зборуваше за порастот во Источен Тимор, за кој се грижат браќата од Австралија.
Одбори на Водечкото тело
Во 1976 год., сите активности на Јеховините сведоци почнаа да ги надгледуваат шесте одбори на Водечкото тело. Подоцна, членови од другите овци беа именувани за помошници. Моментално 23 помошници помагаат во работата што ја извршуваат овие одбори. Шестмина од нив беа интервјуирани на состанокот. Заедно имаат 341 година полновремена служба — во просек по 57 години секој.
Дон Адамс, кој почнал да служи во Бетел во 1943 год., објасни дека Одборот на координатори го сочинуваат координаторите на петте други одбори, и се грижи сите пет добро да соработуваат. Овој одбор ги презема потребните мерки во итни случаи, прогонство, судски случаи, разни несреќи и други неодложни работи што влијаат врз Јеховините сведоци во целиот свет.
Ден Молчан објасни во што се состои работата на Одборот за персонал, кој се грижи за духовната и физичката благосостојба на 19.851 бетелски слуга во светот. Дејвид Синклер зборуваше за Одборот за издавање кој ја надгледува набавката на работите и опремата што им е потребна на подружниците. Потоа, Роберт Вален, кој служи во Бетел речиси 60 години, објасни како Одборот за служба ја надгледува активноста на Јеховиниот народ на подрачјето и во собранијата. Вилијам Маленфонт накратко раскажа колку напорно работи Одборот за поучување за да се подготви, на пример, една конгресна програма. На крајот, Џон Висчак опиша како Одборот за пишување го надгледува деталното подготвување и пишување на материјалот за нашите публикации.a
Годишниот стих за 2010 е за љубовта
Следните три говори ги одржаа членови на Водечкото тело. Герит Леш почна со прашањето: „Дали сакаш другите да те сакаат?“ Тој објасни дека љубовта е основна човечка потреба и на сите нас многу ни значи. Дури и своето постоење ѝ го должиме на љубовта, затоа што Јехова нѐ создал од несебична љубов. Главниот мотив зошто проповедаме и поучуваме е љубовта кон Јехова.
Љубовта што се темели на начела не ја покажуваме само кон нашите ближни, туку и кон нашите непријатели (Мат. 5:43-45). Присутните беа поттикнати да размислат што сѐ претрпел Исус заради нас — бил камшикуван, исмејуван, плукан и прободен. И покрај сето тоа, се молел за војниците што го приковале. Зарем ова не нѐ поттикнува да го сакаме уште повеќе? Потоа брат Леш го објави годишниот стих за 2010 год. — 1. Коринќаните 13:7, 8: ‚Љубовта сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува‘. Имаме можност не само да живееме вечно туку и да сакаме и да бидеме сакани вечно.
Дали ‚возиш на резерва‘?
Семјуел Херд го почна својот говор со една споредба. Да речеме дека се качуваш во автомобилот на некој пријател и тргнувате на пат од 50 километри. Додека седиш на совозачкото седиште, го забележуваш мерачот на гориво кој покажува дека ‚возите на резерва‘. Му кажуваш на пријателот дека сте речиси без гориво, но тој ти вели да не се секираш зашто во резервоарот има уште околу четири литри. Меѓутоа, набрзо останувате без гориво. Дали се исплаќа ‚да возиш на резерва‘ и да се доведеш во ситуација да останеш на сред пат? Не, многу подобро е резервоарот секогаш да ти биде полн! Во симболична смисла, и нам треба секогаш резервоарот да ни биде полн со гориво — односно, со знаење за Јехова.
Тоа значи дека треба редовно да си го полниме резервоарот. Има четири начини на кои го правиме тоа. Прво, да проучуваме и добро да се запознаеме со Библијата така што ќе ја читаме секој ден. Но, не е доволно само да читаме, туку мора и да го разбереме она што го читаме. Второ, добро да ја користиме Семејната вечер посветена на Јехова. Дали секоја седмица си го полниме резервоарот или ставаме само малку гориво? Трето, редовно да одиме на нашите состаноци, каде што ја проучуваме Библијата како собрание. Четврто, да си одвоиме време кога ништо нема да ни го одвлекува вниманието за да размислуваме за Јехова и за начинот на кој тој постапува. Во Псалм 143:5 пишува: „Се сеќавам на дамнешните дни, размислувам за сите твои дела“.
„Праведниците ќе светат“
Џон Бар го одржа третиот и последен говор, во кој ја објасни споредбата на Исус за пченицата и каколот (Мат. 13:24-30, 38, 43). Оваа споредба укажува на „жетвата“ во која се собираат „синовите на царството“, а каколот се одвојува за да се изгори.
Брат Бар јасно кажа дека собирањето нема да трае вечно. Тој се осврна на Матеј 24:34, каде што се вели: „Ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“. Потоа, двапати го прочита овој коментар: „Исус по сѐ изгледа сакал да каже дека, кога ќе почне големата неволја, ќе има помазаници кои, макар извесен период, живееле во исто време со некои помазаници кои виделе како почнал да се исполнува знакот за последните денови во 1914 год.“ Не знаеме точно колку долго ќе трае „ова поколение“, но него го сочинуваат овие две групи помазаници кои, извесен период, живеат во исто време. Иако помазаниците се на различна возраст, членовите на двете групи од кои се состои поколението се современици барем во еден дел од последните денови. Многу е утешно да се знае дека помладите помазани современици на постарите помазаници кои го препознале знакот кога почнал да се исполнува во 1914 год. нема да умрат пред да почне големата неволја.
„Синовите на царството“ со радост ја чекаат својата небесна награда, но сите ние мораме да останеме верни и да светиме до крајот. Огромна чест е што можеме да видиме како се собира „пченицата“ во нашево време.
По последната песна, заклучната молитва ја кажа Теодор Џерес од Водечкото тело. Програмата на годишниот состанок беше навистина охрабрувачка!
[Фуснота]
a Опис на задолженијата на шесте одбори на Водечкото тело има во Стражарска кула од 15 мај 2008, страница 29.
[Рамка на страница 5]
ШКОЛА ЗА СТАРЕШИНИ
На годишниот состанок, Антони Морис, член на Водечкото тело, најави дека ќе продолжи да функционира школата за обука на собраниските старешини. Во почетокот на 2008 год., во образовниот центар во Патерсон (Њујорк), почна да се одржува една школа за старешините од САД. Неодамна заврши 72. клас, а досега обука добија 6.720 старешини. Но, има уште многу работа. Само во САД има над 86.000 старешини. Затоа, Водечкото тело одобри таква школа да се одржува и во Бруклин (Њујорк), која започна на 7 декември 2009 год.
Во Патерсон, четворица патувачки надгледници добија двомесечна обука за инструктори. Потоа се преместија во Бруклин, каде што држеа часови. Во меѓувреме, беа обучени уште четворица браќа. Овие четворица браќа поучуваа во школата во Бруклин, а првите четворица почнаа да патуваат низ САД и да ја одржуваат школата во Конгресните сали и Салите на Царството. Целта беше да се обучат 12 инструктори, кои секоја седмица во САД ќе држат шест школи на англиски јазик. Потоа, беа обучени четворица инструктори што ќе ја држат школата на шпански. Оваа школа не е замена за Школата за именувани браќа. Целта на оваа школа е да се продлабочи духовноста на старешините. Подружниците низ светот ќе почнат да ја одржуваат школата во Конгресните сали и Салите на Царството во текот на 2011 службена година.
[Слики на страница 4]
Годишниот состанок започна со песна од нашата нова песнарка, „Пејте му на Јехова“