Прашања од читателите
Зошто непријателите на Исус правеле спор околу миењето раце?
Миењето раце е само една од многуте работи за кои непријателите им приговарале на Исус и на неговите ученици. Мојсеевиот закон содржел многу одредби во врска со обредната чистота. На пример, ако некој имал излив од телото или лепра или, пак, ако дошол во контакт со леш или мрша, станувал нечист. Законот содржел и прописи за тоа како некој можел обредно да се очисти. Ова можело да се направи со принесување жртви, миење или попрскување (3. Мој., погл. 11 — 15; 4. Мој., погл. 19).
Еврејските рабини додале многу свои правила на овие одредби. Во една книга пишува дека тие „темелно анализирале на кои сѐ начини некој може да стане нечист, до кој степен таа нечистотија може да се пренесе на другите, кои садови или предмети можат или не можат да станат нечисти, како и кои постапки и обреди се потребни за очистување“.
Противниците го прашале Исус: „Зошто твоите ученици не постапуваат според преданието на старите, туку јадат без да си ги измијат рацете според обредот?“ (Мар. 7:5). Со ова, верските водачи не приговарале дека учениците не внимаваат на хигиената, туку дека не го држат обредот на рабините. Пред секое јадење, рабините барале врз рацете да се полева вода. Во истата книга пишува: „Се расправало и за тоа каква вода и кои садови треба да се користат, кој треба да ја полева водата и до каде треба да се мијат рацете“.
Како реагирал Исус на овие правила што ги измислиле луѓето? Тој им го рекол следново на еврејските верски водачи: „Исаија добро пророкуваше за вас, лицемери, кога напиша: ‚Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене [Јехова]. Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди‘. Ја оставате Божјата заповед, а се држите за човечките преданија“ (Мар. 7:6-8).