Дали имаш ‚Христов ум‘?
„А Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви даде . . . да го имате истиот мисловен став што го имаше Христос Исус“ (РИМЈАНИТЕ 15:5, NW).
1. На кој начин е прикажан Исус на многу слики во христијанскиот свет, и зошто ова не е фер опис на Исус?
„НИКОГАШ не го виделе да се смее.“ Така е опишан Исус во еден документ за кој лажно се тврдело дека го напишал некој древен римски службеник. За овој документ, кој во својот денешен облик е познат уште од 11 век, се вели дека извршил влијание врз многу уметници.a На извесен број слики, Исус се појавува како личност со тажен изглед која ретко, ако и воопшто, се смее. Но, тешко дека тоа е еден фер опис на Исус, кого евангелијата го прикажуваат како срдечен, добродушен човек со длабоки чувства.
2. Како можеме да го негуваме ‚истиот мисловен став што го имал Христос Исус‘, и за што ќе нѐ подготви тоа?
2 Јасно, за да го запознаеме вистинскиот Исус, мораме да ги исполниме умот и срцето со точно разбирање за тоа каква личност навистина бил тој додека бил овде на Земјата. Затоа, да испитаме некои извештаи од евангелијата кои ни даваат увид во ‚Христовиот ум‘ — т. е. во неговите чувства, заклучоци, мисли и начин на расудување (1. Коринтјаните 2:16). Додека го правиме тоа, да размислуваме како ние би можеле да го негуваме ‚истиот мисловен став што го имал Христос Исус‘ (Римјаните 15:5, NW). На тој начин можеме да бидеме подобро подготвени во животот и во постапките со другите да го следиме образецот што тој ни го поставил (Јован 13:15).
Лесно пристаплив
3, 4. а) Каква била заднината на извештајот запишан во Марко 10:13—16? б) Како реагирал Исус кога неговите ученици се обиделе да ги спречат дечињата да доаѓаат кај него?
3 Луѓето се чувствувале привлечени кон Исус. Во разни прилики слободно му пристапувале поединци од различна возраст и заднина. Разгледај го настанот кој е запишан во Марко 10:13—16. Се случил кон крајот на неговата служба кога за последен пат се упатил кон Ерусалим за да се соочи со агониска смрт (Марко 10:32—34).
4 Претстави си ја сцената. Луѓето почнуваат да донесуваат деца, вклучувајќи и бебиња, за Исус да ги благослови.b Меѓутоа, учениците се обидуваат да ги спречат децата да дојдат кај Исус. Можеби мислат дека во текот на тие пресудни седмици Исус сигурно не сака да му додеваат деца. Но, не се во право. Кога сфаќа што прават учениците, Исус не е баш задоволен. Ги повикува децата кај себе, велејќи: „Оставете ги децата [дечињата, NW] да приоѓаат кај Мене и не пречете им“ (Марко 10:14). Тогаш прави нешто што открива навистина нежно однесување полно со љубов. Извештајот вели: „И кога ги прегрна [децата, NW], ги положи рацете врз нив и ги благословуваше“ (Марко 10:16). Децата очигледно се опуштени додека Исус грижливо ги зема во своите раце.
5. Што ни кажува извештајот од Марко 10:13—16 за тоа каква личност бил Исус?
5 Тој краток извештај ни кажува многу за тоа каква личност бил Исус. Забележи дека бил пристаплив. Иако на небото заземал возвишена положба, тој не ги заплашувал ниту, пак, ги понижувал несовршените луѓе (Јован 17:5). Зарем не е значајно тоа што дури и децата се чувствувале опуштено со него? Сигурно не би биле привлечени кон некоја ладна, невесела личност која никогаш не се насмевнувала или смеела! Луѓе од сите возрасти му пристапувале на Исус поради тоа што чувствувале дека е срдечна, грижлива личност, и биле уверени дека нема да ги отфрли.
6. Како можат старешините да бидат попристапливи?
6 Размислувајќи за овој извештај, можеме да се запрашаме: ‚Дали јас го имам Христовиот ум? Дали сум пристаплив?‘ Во овие критични времиња, на Божјите овци им се потребни пристапливи пастири, мажи кои се како „заштита од ветар“ (Исаија 32:1, 2; 2. Тимотеј 3:1). Старешини, ако негувате искрен, срдечен интерес за своите браќа и сте спремни да се давате во нивна корист, тие ќе ја почувствуваат вашата грижа. Тоа ќе го видат по изразот на вашето лице, ќе го чујат во тонот на вашиот глас и ќе го забележат по вашето љубезно однесување. Таквата вистинска срдечност и грижа можат да создадат доверлива атмосфера во која на другите, вклучувајќи ги и децата, им е полесно да ви пристапат. Една христијанка објаснува зошто можела отворено да разговара со еден старешина: „Разговараше со мене на нежен и сочувствителен начин. Инаку, веројатно немаше да му кажам ни збор. Тој направи да се чувствувам сигурно“.
Обѕирен кон другите
7. а) Како Исус покажал дека е обѕирен кон другите? б) Зошто веројатно Исус му го вратил видот на слепиот човек постепено?
7 Исус бил обѕирен. Бил осетлив за чувствата на другите. Само погледот на измачените толку длабоко го трогнал што бил поттикнат да ги ослободи од нивното страдање (Матеј 14:14). Исто така, ги земал во обѕир ограничувањата и потребите на другите (Јован 16:12). Еднаш луѓето му донеле слеп човек и го молеле да го излечи. Тој му го вратил видот на човекот, но тоа го сторил постепено. Најпрвин, човекот ги гледал луѓето само матно — ‚ги гледал луѓето како врват како дрвја‘. Потоа, Исус му го вратил видот во потполност. Зошто го лекувал човекот постепено? Веројатно за да му овозможи на оној кој бил навикнат да биде во темнина да се приспособи на шокот одеднаш да види сончева светлина и сложен свет (Марко 8:22—26).
8, 9. а) Што се случило набрзо откако Исус и неговите ученици влегле во регионот Декапол? б) Опиши како Исус го излечил глувиот човек.
8 Разгледај го и настанот кој се случил после Пасхата 32 н.е. Исус и неговите ученици влегле во регионот Декапол, источно од Галилејското Море. Големите мноштва набрзо ги нашле таму и му донеле на Исус многумина кои биле болни и инвалиди, и тој сите ги излечил (Матеј 15:29, 30). Интересно е тоа што Исус издвоил еден човек за да му обрне посебно внимание. Евангелискиот писател Марко, единствениот кој го запишал тој настан, известува што се случило (Марко 7:31—35).
9 Човекот бил глув и едвај можел да зборува. Можеби Исус осетил дека овој човек има трема или дека му е непријатно. Тогаш Исус сторил нешто малку необично. Го тргнал човекот настрана, далеку од мноштвото, на едно осамено место. Потоа со некои знаци му укажал на човекот што ќе стори. ‚Ги ставил Своите прсти во неговите уши; а кога плукнал, го допрел неговиот јазик‘ (Марко 7:33). Потоа погледнал кон небото и воздивнувајќи се помолил. Овие демонстративни постапки требало на човекот да му кажат: ‚Ова што сега ќе го сторам за тебе се должи на моќта од Бог‘. На крај, Исус рекол: „Отвори се!“ (Марко 7:34). Притоа, слухот на човекот се повратил, и можел нормално да зборува.
10, 11. Како можеме да покажеме обѕир кон чувствата на другите во собранието? Во семејството?
10 Каков само обѕир покажувал Исус кон другите! Тој бил осетлив за нивните чувства, а овој сочувствителен обѕир, пак, од своја страна, го поттикнал да дејствува на начин на кој ги поштедувал нивните чувства. Како христијани, ќе правиме добро ако го негуваме и го покажуваме Христовиот ум во овој поглед. Библијата нѐ опоменува: „А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни“ (1. Петрово 3:8). Ова сигурно од нас бара да зборуваме и постапуваме на начин кој ги зема во обѕир чувствата на другите.
11 Во собранието можеме да покажеме обѕир кон чувствата на другите со тоа што ќе го почитуваме нивното достоинство, ќе постапуваме со нив онака како што сакаме и тие да постапуваат со нас (Матеј 7:12). Тоа би вклучувало да внимаваме што кажуваме и како го кажуваме тоа (Колосјаните 4:6). Запомни дека ‚празнословецот ранува како меч‘ (Изреки 12:18). А како е во семејството? Сопругот и сопругата кои навистина се сакаат се осетливи на меѓусебните чувства (Ефесјаните 5:33). Тие избегнуваат груби зборови, постојана критика и зајадлив сарказам — работи што можат да предизвикаат повредени чувства кои не можат лесно да се излечат. И децата имаат чувства, а родителите полни со љубов го земаат тоа предвид. Кога е потребна исправка, таквите родители ја даваат на начин со кој покажуваат почит кон достоинството на нивните деца и ги поштедуваат од непотребни непријатностиc (Колосјаните 3:21). Кога на тој начин покажуваме обѕир кон другите, даваме до знаење дека имаме Христов ум.
Спремен да има доверба во другите
12. Какво урамнотежено, реалистично гледиште имал Исус за своите ученици?
12 Исус имал урамнотежено, реалистично гледиште за своите ученици. Добро знаел дека тие не се совршени. Впрочем, тој можел да ги чита човечките срца (Јован 2:24, 25). И покрај тоа, ги гледал не само од аспект на нивните несовршености, туку и од аспект на нивните добри особини. Исто така, го гледал потенцијалот што го имале овие мажи кои Јехова ги привлекол (Јован 6:44). Исусовото позитивно гледиште за неговите ученици се гледало од начинот на кој се однесувал и постапувал со нив. Како прво, покажувал спремност да има доверба во нив.
13. Како Исус покажал дека има доверба во своите ученици?
13 Како Исус ја покажал таа доверба? Кога ја напуштил Земјата, на своите помазани ученици им доверил тешка одговорност. Во нивни раце ја ставил одговорноста да се грижат за светските интереси на неговото Царство (Матеј 25:14, 15; Лука 12:42—44). За време на својата служба, покажал дека има доверба во нив — па дури и на мали, индиректни начини. Кога на чудесен начин го зголемил количеството храна за да ги нахрани мноштвата, одговорноста да се подели храната им ја доверил на своите ученици (Матеј 14:15—21; 15:32—37).
14. Како ти би го резимирал извештајот запишан во Марко 4:35—41?
14 Размисли и за извештајот запишан во Марко 4:35—41. Во оваа прилика Исус и неговите ученици се качиле на еден чамец и отпловиле кон исток по Галилејското Море. Кратко потоа, Исус легнал на дното од чамецот и цврсто заспал. Меѓутоа, набрзо ‚се подигнала голема бура‘. Таквите бури не биле невообичаени на Галилејското Море. Затоа што тоа е на мала висина (околу 200 метри под морското ниво), воздухот таму е многу потопол отколку во околното подрачје, и тоа создава атмосферски нарушувања. Освен тоа, во јорданската долина беснеат силни ветрови од планината Ермон која се наоѓа на север. Спокојството за миг може да се претвори во разбеснета бура. Размисли: Исус несомнено знаел за вообичаените бури зашто пораснал во Галилеја. Сепак, мирно заспал, имајќи доверба во вештината на своите ученици од кои некои биле рибари (Матеј 4:18, 19).
15. Како можеме да ја имитираме Исусовата спремност да има доверба во своите ученици?
15 Дали можеме да ја имитираме Исусовата спремност да има доверба во своите ученици? На некои им е тешко да им доделуваат одговорности на другите. Тие — така да се каже — мора секогаш да го држат кормилото. Можеби си мислат: ‚Ако сакам нешто да се направи исправно, тогаш морам сам да го направам тоа!‘ Но, ако мораме сѐ да правиме самите, во опасност сме да се исцрпиме и можеби непотребно да трошиме од времето кое сме го предвиделе за нашето семејство. Освен тоа, ако не им доделуваме соодветни задачи и одговорности на другите, можеме да ги лишиме од потребното искуство и обука. Би било мудро да научиме да имаме доверба во другите со тоа што ќе им доделуваме некои работи и ним. Добро би било чесно да се запрашаме: ‚Дали имам Христов ум за оваа работа? Дали спремно им доделувам извесни задачи на другите, имајќи доверба дека ќе го направат најдоброто што можат?‘
Изразувал вера во своите ученици
16, 17. Какво уверување им дал Исус на своите апостоли последната ноќ од својот живот на Земјата, иако знаел дека ќе го напуштат?
16 Исус покажал позитивно гледиште за своите ученици и на еден друг важен начин. Им дал до знаење дека има доверба во нив. Ова било сосема очигледно од успокојувачките зборови што им ги кажал на своите апостоли последната ноќ од својот живот на Земјата. Забележи што се случило.
17 Таа вечер за Исус била исполнета со многу активности. Им дал на своите апостоли практичен пример за понизност така што им ги измил нозете. После тоа, ја воспоставил спомен вечерата која требало да биде меморијал на неговата смрт. Потоа, апостолите уште еднаш се впуштиле во вжештена расправија околу тоа кој од нив е најголем. Секогаш стрплив, Исус не ги карал туку расудувал со нив. Им кажал што ги очекува: „Сите вие ќе се соблазните заради Мене уште во оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат‘“ (Матеј 26:31; Захарија 13:7). Тој знаел дека неговите најблиски другари ќе го напуштат во моментот кога најмногу ќе му бидат потребни. Сепак, не ги осудил. Баш напротив, им рекол: „А по воскресението Мое ќе отидам порано од вас во Галилеја“ (Матеј 26:32). Да, ги уверил дека иако тие ќе го напуштат, тој нема да ги напушти. Кога ќе помине тоа тешко искушение, пак ќе се состане со нив.
18. Каков тежок налог им доверил Исус на своите ученици во Галилеја, и како апостолите го извршиле?
18 Исус си го одржал зборот. Подоцна, во Галилеја, воскреснатиот Исус им се појавил на 11-те верни апостоли, кои очигледно се собрале заедно со многу други (Матеј 28:16, 17; 1. Коринтјаните 15:6). Таму Исус им дал еден тежок налог: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал!“ (Матеј 28:19, 20). Книгата Дела ни дава јасен доказ дека апостолите го извршиле тој налог. Верно предводеле во делото на проповедање на добрата вест во првиот век (Дела 2:41, 42; 4:33; 5:27—32).
19. Што учиме за Христовиот ум од Исусовите постапки после неговото воскресение?
19 Што учиме за Христовиот ум од овој извештај кој изнесува на виделина доста работи? Исус ги видел своите апостоли во најлошо светло, а сепак ‚ги сакал до крај‘ (Јован 13:1). И покрај нивните недостатоци, им дал до знаење дека им верува. Забележи дека Исусовата вера и верба не биле ставени на погрешно место. Вербата и верата кои тој ги изразувал кон нив несомнено ги зајакнале да бидат решени во срцата да го извршат делото кое тој им го заповедал.
20, 21. Како можеме да покажеме позитивно гледиште за нашите соверници?
20 Како можеме да покажеме Христов ум во тој поглед? Не биди песимистичен во врска со соверниците. Ако го мислиш најлошото, твоите зборови и постапки веројатно ќе го откријат тоа (Лука 6:45). Меѓутоа, Библијата ни кажува дека љубовта „во сѐ верува“ (1. Коринтјаните 13:7). Љубовта е позитивна, а не негативна. Таа изградува, а не руши. Луѓето поспремно се одѕиваат на љубовта и охрабрувањето отколку на заплашувањето. Можеме да ги изградуваме и храбриме другите ако изразуваме верба во нив (1. Солунјаните 5:11). Ако, како Христос, имаме позитивно гледиште за нашите браќа, ќе се однесуваме со нив на начин кој ќе ги изградува и ќе го извлече најдоброто од нив.
21 Негувањето и покажувањето Христов ум оди уште подлабоко отколку само да се имитираат некои од работите што ги правел Исус. Како што беше спомнато во претходната статија, за навистина да постапуваме како Исус, мораме најпрвин да научиме да гледаме на работите како што гледа тој. Евангелијата ни овозможуваат да увидиме и еден друг аспект од неговата личност, неговите мисли и чувства за доделената работа, за што ќе дискутира следната статија.
[Фусноти]
a Во документот, фалсификаторот опишува каков, наводно, бил физичкиот изглед на Исус, вклучувајќи ја и бојата на неговата коса, брада и очи. Библискиот преведувач Едгар Џ. Гудспид објаснува дека овој фалсификат бил „испланиран за нашироко да се прифати описот на личниот изглед на Исус кој се наоѓа во сликарските прирачници“.
b Изгледа дека децата биле на различна возраст. Зборот кој овде е преведен со „дечиња“ (NW) се користи и за Јаировата 12-годишна ќерка (Марко 5:39, 42; 10:13). Меѓутоа, во паралелниот извештај Лука користи збор кој се користи и за бебиња (Лука 1:41; 2:12; 18:15).
c Види ја статијата „Дали го почитуваш нивното достоинство?“ во изданието на Стражарска кула од 1 април 1998.
Можеш ли да објасниш?
• Како реагирал Исус кога неговите ученици се обиделе да ги спречат децата да дојдат кај него?
• На кои начини Исус покажал обѕир кон другите?
• Како можеме да ја имитираме Исусовата спремност да има доверба во своите ученици?
• Како можеме да ја имитираме вербата што Исус ја изразувал во неговите апостоли?
[Слика на страница 16]
Децата се чувствувале опуштено со Исус
[Слика на страница 17]
Исус се однесувал со другите сочувствително
[Слика на страница 18]
Пристапливите старешини се благослов