Што може да научиме од Јоана
МНОГУМИНА знаат дека Исус имал 12 апостоли. Но, можеби не им е познато дека меѓу учениците кои оделе заедно со него имало и жени. Една од нив била Јоана (Мат. 27:55; Лука 8:3).
Каква улога имала таа во службата на Исус? Што може да научиме од нејзиниот пример?
КОЈА БИЛА ЈОАНА?
Јоана била „жената на Хуза, Иродовиот настојник“, кој можеби го надгледувал домаќинството на Ирод Антипа. Таа била една од жените кои Исус ги излекувал. Заедно со уште некои други жени, Јоана патувала со него и со неговите апостоли (Лука 8:1-3).
Еврејските рабини поучувале дека жените не треба ни да се дружат со мажи кои не им се роднини, а камоли да патуваат со нив. Всушност, еден маж не требало да разговара со жена на јавно место. Исус ги отфрлил таквите обичаи, и им дозволил на Јоана и на други богобојазливи жени да го придружуваат.
Бидејќи се дружела со Исус и со апостолите, Јоана лесно можела да си навлече неодобрување од верските водачи, семејството и пријателите. Освен тоа, сите што оделе со Исус морале да направат промени во својот живот. Сепак, во врска со своите следбеници, тој рекол: „Моја мајка и мои браќа се овие што ја слушаат речта Божја и ја извршуваат“ (Лука 8:19-21; 18:28-30). Зарем не се радуваш што Исус ги смета за толку блиски оние кои прават жртви за да го следат?
СЛУЖЕЛА СО ОНА ШТО ГО ИМАЛА
Јоана и многу други жени им служеле на Исус и на 12-те апостоли ‚со она што го имале‘ (Лука 8:3). Еден изучувач вели: „Лука не пишува дека жените готвеле, миеле садови или им ја крпеле облеката [на учениците]. Можеби го правеле и тоа... но, Лука не кажува такво нешто“. Очигледно, жените ги користеле своите пари, како и другите материјални добра, за да им го обезбедат она што им било потребно на учениците.
Додека патувале и проповедале, Исус и апостолите немале работа со која можеле да се издржуваат. Затоа, веројатно немале доволно пари да купат храна и други работи кои биле потребни за нивната група која можеби броела 20-тина луѓе. Иако повеќето од оние на кои им проповедале веројатно биле гостољубиви, тоа што Исус и апостолите носеле ‚кутија за пари‘ укажува дека не се потпирале секогаш на гостопримството на луѓето (Јован 12:6; 13:28, 29). Можеби Јоана и другите жени приложувале средства за да се покријат трошоците.
Некои сметаат дека жените во еврејското општество немале никакви приходи. Но, историските извештаи од тоа време покажуваат дека една жена во Израел можела да дојде до материјални средства на неколку начини: 1) како наследство од својот татко кој починал, а немал синови, 2) како имот кој ѝ бил даден, 3) како издршка што била утврдена со брачен договор, која можела да ја добие во случај на развод, 4) како наследство од својот починат сопруг или 5) како лична заработка.
Без сомнение, следбениците на Исус приложувале колку што можеле. Веројатно меѓу нив имало и богати жени. Бидејќи за Јоана се вели дека му била жена на настојникот на Ирод, некои сметаат дека била богата. Една таква жена можеби му ја дала на Исус скапата облека која ‚била исткаена во едно парче‘. Според една авторка, „жените на рибарите не биле во можност да му подарат такво нешто“ (Јован 19:23, 24).
Во Библијата не пишува конкретно дека Јоана приложувала пари. Но, таа правела сѐ што можела. Од тоа можеме да извлечеме важна поука: наша лична одлука е дали ќе дадеме прилог и колку ќе приложиме за да го поддржиме делото за Царството. Она што му е важно на Бог е со радост да правиме сѐ што е во наша моќ (Мат. 6:33; Мар. 14:8; 2. Кор. 9:7).
ПРИ ПОГУБУВАЊЕТО НА ИСУС, И ПОДОЦНА
По сѐ изгледа, Јоана го набљудувала погубувањето на Исус заедно со жените ‚кои го придружувале и му служеле кога бил во Галилеја‘. Освен тоа, ‚таму биле и многу други жени кои заедно со него дошле во Ерусалим‘ (Мар. 15:41). Кога телото на Исус било симнато од маченичкиот столб за да биде погребано, ‚жените што дошле со него од Галилеја, го следеле тоа и го виделе гробот и виделе како било положено неговото тело. Потоа се вратиле за да приготват мирисливи масла и други мирисливи материи‘. Лука кажува кои биле овие жени — „Марија Магдалена, Јоана и Марија, мајката на Јаков“. Кога се вратиле на гробот откако поминала саботата, тие виделе ангели кои им кажале дека Исус воскреснал (Лука 23:55—24:10).
Можеби Јоана, заедно со мајка му и браќата на Исус, била меѓу учениците кои се собрале во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. (Дела 1:12-14). Бидејќи Библијата вели дека маж ѝ на Јоана бил настојник на Ирод Антипа, можно е токму таа да му раскажала на Лука некои детали за овој цар. Во прилог на овој заклучок оди и тоа што Лука е единствениот писател на евангелијата кој ја спомнува Јоана по име (Лука 8:3; 9:7-9; 23:8-12; 24:10).
Од извештаите во кои е спомната Јоана може да извлечеме неколку важни поуки. Таа му служела на Исус најдобро што можела. Сигурно била среќна што имала можност со своите прилози да им помага на Исус, на апостолите и на другите ученици да патуваат и да проповедаат. Јоана му останала лојална на Исус и кога било најтешко. Таа навистина дала прекрасен пример за христијанките денес!