ЛЕКЦИЈА 28
Покажи благодарност за она што Јехова и Исус го направиле за тебе
Како ќе се чувствуваш ако некој пријател ти даде убав подарок? Веројатно, ќе бидеш многу радосен и ќе сакаш да му покажеш на твојот пријател дека си му благодарен. Јехова и Исус ни го дале најдобриот подарок што некогаш би можеле да го добиеме. Кој е тој подарок и како може да покажеме дека сме благодарни за него?
1. Како може да покажеме благодарност за она што Бог и Христос го направиле за нас?
Библијата јасно кажува дека „секој што верува во [Исус]“ може да живее вечно (Јован 3:16). По што се гледа дали веруваме во Исус? Тоа се гледа од нашите одлуки и постапки (Јаков 2:17). Кога нашата вера ја покажуваме со она што го правиме и со она што го зборуваме, го зајакнуваме нашето пријателство со Исус и со неговиот Татко, Јехова. (Прочитај Јован 14:21.)
2. Кој посебен настан ни овозможува да покажеме благодарност за она што го направиле Јехова и Исус?
Вечерта пред да умре, Исус им кажал на своите следбеници на кој друг начин можат да покажат благодарност за неговата жртва. Тој вовел една посебна прослава која Библијата ја нарекува „Господаровата вечера“, а која е позната и како Спомен-свеченост по повод Христовата смрт (1. Коринќаните 11:20). Исус го направил тоа бидејќи сакал неговите апостоли, а и сите вистински христијани по нив, да се потсетуваат на жртвата што тој ја дал за нас. Во врска со овој настан, Исус ни заповедал: „Правете го ова за мој спомен!“ (Лука 22:19). Кога присуствуваш на Спомен-свеченоста, покажуваш дека си благодарен за огромната љубов што Јехова и Исус ја чувствуваат кон нас.
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш на кои други начини можеш да покажеш дека си благодарен за огромната љубов што Јехова и Исус ни ја покажале. Исто така, ќе видиш зошто е толку важно да се одбележува Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт.
3. Благодарноста нѐ поттикнува на дела
Замисли си дека се давиш и дека некој ти го спасува животот. Дали едноставно ќе заборавиш што направил тој човек за тебе? Или ќе бараш начини да му покажеш дека си благодарен?
Сите ние му го должиме нашиот живот на Јехова. Прочитај 1. Јованово 4:8-10, а потоа разговарајте за овие прашања:
Зошто жртвата на Исус е скапоцен дар?
Како се чувствуваш ти поради она што Јехова и Исус го направиле за тебе?
Како може да покажеме дека сме благодарни за она што Јехова и Исус го направиле за нас? Прочитај 2. Коринќаните 5:15 и 1. Јованово 4:11; 5:3. Откако ќе го прочитате секој стих, разговарајте за ова прашање:
На темел на овој стих, што може да правиме за да ја покажеме нашата благодарност?
4. Следи го примерот на Исус
Уште еден начин на кој може да ја покажеме нашата благодарност е да се угледаме на Исус. Прочитај 1. Петрово 2:21, а потоа разговарајте за ова прашање:
На кои начини можеш да го следиш примерот на Исус?
5. Присуствувај на Спомен-свеченоста
Дали знаеш како изгледала првата Господарова вечера? Прочитај Лука 22:14, 19, 20, а потоа разговарајте за овие прашања:
Како се одвивала Господаровата вечера?
Што претставуваат лебот и виното? (Види ги стиховите 19 и 20.)
Исус сакал неговите ученици секоја година да ја одбележуваат годишнината од неговата смрт. Затоа Јеховините сведоци еднаш годишно се собираат во знак на сеќавање на Христовата смрт за да ја одбележат онака како што тој заповедал. За да дознаеш нешто повеќе за овој важен настан, пушти го ВИДЕОКЛИПОТ. Потоа разговарајте за следново прашање:
Како изгледа Спомен-свеченоста?
Лебот и виното се симболи — лебот го претставува Исусовото совршено човечко тело кое тој го жртвувал за нас, а виното ја претставува неговата крв
НЕКОИ ВЕЛАТ: „За да бидеш спасен, треба само да си веруваш во Исус“.
Како можеш со помош на Јован 3:16 и Јаков 2:17 да објасниш дека тоа не е доволно?
ШТО НАУЧИ:
Покажуваме благодарност за она што Исус го направил за нас така што веруваме во него и присуствуваме на Спомен-свеченоста по повод неговата смрт.
Како би одговорил?
По што се гледа дали некој верува во Исус?
Како би сакал да ја покажеш твојата благодарност за она што Јехова и Исус го направиле за тебе?
Зошто е многу важно да присуствуваме на Спомен-свеченоста?
ИСТРАЖУВАЈ
На што нѐ поттикнува смртта на Исус?
Дознај нешто повеќе за верата во Бог и за тоа како може да ја покажуваме.
„Покажи дека имаш вера во Јеховините ветувања“ (Стражарска кула од октомври 2016)
Во животната приказна со наслов „Водам чист и исполнет живот“ прочитај како ѝ се променил животот на една жена откако сфатила колкава вредност има Христовата жртва.
„Библијата менува животи“ (Стражарска кула од 1 август 2011)
Прочитај зошто само некои земаат од симболите на Спомен-свеченоста.