Да се држиме цврсто за нашата скапоцена вера!
„До оние кои стекнале вера, која има еднаква предност со нашата“ (2. ПЕТРОВО 1:1, НС).
1. Што рекол Исус како предупредување до своите апостоли, но која била Петровата фалба?
НОЌТА пред Исусовата смрт, тој рекол дека сите негови апостоли ќе го напуштат. Еден од нив, Петар, се фалел: „Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам“ (Матеј 26:33). Но, Исус мислел поинаку. Токму затоа, во истата таа прилика на Петар му рекол: „Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, [вратиш, НС] укрепи ги браќата свои“ (Лука 22:32).
2. И покрај Петровата претерана увереност, кои негови постапки ја издале неговата вера како слаба?
2 Петар, кој станал претерано уверен во поглед на својата вера, се одрекол од Исус уште истата ноќ. Дури трипати порекнал дека го познава Христа! (Матеј 26:69—75). Кога ‚се вратил‘, зборовите на неговиот Учител, „укрепи ги браќата свои“, сигурно јасно и гласно му одѕвонувале во ушите. Остатокот од Петровиот живот бил под длабоко влијание на тој совет, како што е докажано со двете писма што ги напишал тој, а кои се сочувани во Библијата.
Зошто Петар ги напишал своите писма
3. Зошто Петар го напишал своето прво писмо?
3 Околу 30 години по Исусовата смрт, Петар го напишал своето прво писмо, адресирајќи го до своите браќа во Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија — подрачја кои сега го сочинуваат северниот и западниот дел на Турција (1. Петрово 1:1). Евреите, од кои некои можеби станале христијани на Пентакост 33 н. е., несомнено биле вклучени меѓу оние на кои им пишал Петар (Дела 2:1, 7—9). Мнозина биле не-Евреи кои трпеле огнени испити од рацете на противниците (1. Петрово 1:6, 7; 2:12, 19, 20; 3:13—17; 4:12—14). Затоа, Петар им пишал на овие браќа за да ги охрабри. Негова цел била да им помогне да го добијат ‚крајот на [нивната] вера — спасението на [нивните] души‘. На тој начин, во својата опомена при разделбата, тој подбудил: „Спротивете му се [на Ѓаволот] со тврда вера“ (1. Петрово 1:9; 5:8—10).
4. Зошто Петар го напишал своето второ писмо?
4 Подоцна, Петар напишал второ писмо до овие христијани (2. Петрово 3:1). Зошто? Затоа што постоела една уште поголема закана. Неморални поединци ќе се обидат да го унапредат своето онечистувачко однесување помеѓу верниците и ќе заведат некои! (2. Петрово 2:1—3). Освен тоа, Петар предупредил на исмејувачи. Во своето прво писмо напишал дека „близу е крајот на сѐ“ и сега некои изгледа се исмејувале на една таква идеја (1. Петрово 4:7; 2. Петрово 3:3, 4). Да го испитаме Петровото второ писмо и да видиме како тоа ги зајакнало браќата да останат непоколебливи во верата. Во оваа прва статија ќе го разгледаме 2. Петрово, 1. поглавје.
Целта на 1. поглавје
5. На кој начин Петар ги подготвува своите читатели за дискусија за проблемите?
5 Петар не се зафаќа веднаш со сериозните проблеми. Место тоа, го подготвува патот за дискутирање за овие проблеми со тоа што го гради ценењето на своите читатели спрема она што го добиле кога станале христијани. Тој ги потсетува на прекрасните Божји ветувања, како и на веродостојноста на библиските пророштва. Тоа го прави кажувајќи за преображението, за визијата што тој лично ја имал за Христа во моќта на Царството (Матеј 17:1—8; 2. Петрово 1:3, 4, 11, 16—21).
6, 7. а) Каква лекција можеме да научиме од воведот во Петровото писмо? б) Ако даваме совет, што понекогаш можеби би било корисно да се признае?
6 Дали можеме да научиме некоја лекција од Петровиот вовед? Зарем советот не е поприфатлив ако првин со слушателите ги разгледаме одликите на величествената надеж за Царството која заеднички високо ја цениме? И како е со користењето на личното искуство? После Исусовата смрт, Петар веројатно честопати кажувал за тоа дека ја видел таа визија за Христос во славата на Царството (Матеј 17:9).
7 Исто така, сети се дека најверојатно, до времето кога Петар го напишал своето второ писмо, Матеевото евангелие и писмото на апостол Павле до галатјаните биле нашироко дистрибуирани. Затоа, Петровите човечки недостатоци, како и неговото досие на вера, можеби биле добро познати меѓу неговите современици (Матеј 16:21—23; Галатјаните 2:11—14). Меѓутоа, ова не му ја одзело слободата на говорот. Всушност, можеби тоа го направило неговото писмо попривлечно за оние кои биле свесни за своите сопствени слабости. Затоа, кога им помагаме на оние кои имаат проблеми, зарем не би било делотворно да признаеме дека и ние сме склони да грешиме? (Римјаните 3:23; Галатјаните 6:1).
Зајакнувачки поздрав
8. Во која смисла Петар веројатно го употребил зборот „вера“?
8 Сега разгледај го Петровиот поздрав. Тој веднаш ја допира темата на верата, обраќајќи им се на своите читатели како на „оние кои стекнале вера, која има еднаква предност со нашата“ (2. Петрово 1:1, НС). Овде изразот „вера“ веројатно значи „цврсто уверение“ и се однесува на збирот од христијански верувања или учења, кој во Писмото понекогаш е наречен „вистината“ (Галатјаните 5:7; 2. Петрово 2:2; 2. Јованово 1). Зборот „вера“ честопати се користи во оваа смисла наместо во општа смисла на верба или доверба положена во некое лице или предмет (Дела 6:7; 2. Коринтјаните 13:5; Галатјаните 6:10; Ефесјаните 4:5; Јуда 3).
9. Зошто Петровиот поздрав сигурно им звучел особено срдечно на не-Евреите?
9 Петровиот поздрав сигурно им звучел особено срдечно на нееврејските читатели. Евреите немале односи со не-Евреите, дури и ги презирале, а меѓу Евреите кои биле станати христијани, не попуштале предрасудите спрема не-Евреите (Лука 10:29—37; Јован 4:9; Дела 10:28). Па сепак, Петар, Евреин по раѓање и апостол на Исус Христос, рекол дека неговите читатели — Евреи и не-Евреи — ја делеле истата вера и уживале еднаква предност со него.
10. Какви лекции можеме да научиме од Петровиот поздрав?
10 Помисли на добрите лекции на кои нѐ учи денес Петровиот поздрав. Бог не е пристрасен; тој не фаворизира една раса или националност пред друга (Дела 10:34, 35; 11:1, 17; 15:3—9). Како што учел самиот Исус, сите христијани се браќа и никој од нас не треба да се чувствува супериорен. Понатаму, Петровиот поздрав нагласува дека ние навистина сме едно братство ширум светот, кое ја има во „еднаква предност“ верата што ја имале Петар и неговите соапостоли (Матеј 23:8; 1. Петрово 5:9).
Спознанието и Божјите ветувања
11. Какви животоважни работи нагласува Петар после својот поздрав?
11 После неговиот поздрав, Петар пишува: „Незаслужената љубезност и мирот нека ви бидат зголемени“. На кој начин треба да ни се зголеми незаслужената љубезност и мирот? „Преку точно спознание за Бог и за Исус, нашиот Господ“ — одговара Петар. Потоа вели: „Божествената моќ слободно ни дала сѐ што се однесува на животот и оддаденоста на Бог“. Но, како ги добиваме овие животоважни работи? „Преку точното спознание за оној кој нѐ повикал преку слава и доблест.“ Така, Петар двапати нагласува дека е битно точно спознание за Бог и за неговиот Син (2. Петрово 1:2, 3; Јован 17:3, сите НС).
12. а) Зошто Петар ја нагласува важноста на точното спознание? б) Што сме морале првин да сториме за да се радуваме на Божјите ветувања?
12 ,Лажните учители‘ на кои предупредува Петар во 2. поглавје, користат „ласкави зборови“ за да ги измамат христијаните. На овој начин, се обидуваат да ги заведат на неморалот од кој биле избавени. Последиците за секого кој бил спасен преку „точно спознание за Господ и Спасител Исус Христос“ и кои подоцна подлегнуваат на таква измама, се катастрофални (2. Петрово 2:1—3, 20, НС). Очигледно, во исчекување да дискутира за овој проблем подоцна, Петар уште на самиот почеток од своето писмо ја нагласува улогата на точното спознание во задржувањето чиста положба кај Бог. Петар забележува дека Бог ‚ни дарувал многу големи и драгоцени ветувања, та преку нив да станеме учесници во Божјата природа‘. Сепак, за да ги уживаме овие ветувања, кои се составен дел од нашата вера, вели Петар, првин сме морале ‚да се оддалечиме од гнилежните похоти на овој свет‘ (2. Петрово 1:4).
13. За што се одлучни цврсто да се држат и помазаните христијани и ‚другите овци‘?
13 Како гледаш ти на Божјите ветувања? Онака како што гледа остатокот од помазани христијани? Во 1991, Фредерик Франц, тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, кој ја вршел полновремената служба преку 75 години, ги сумирал чувствата на оние кои се надеваат да владеат со Христа: „До овој час се држиме цврсто, и ќе се држиме цврсто сѐ додека Бог навистина докаже дека е верен на своите ‚драгоцени и многу големи ветувања‘ “. Брат Франц остана уверен во Божјето ветување за небесно воскресение и цврсто се држеше за верата сѐ до својата смрт на возраст од 99 години (1. Коринтјаните 15:42—44; Филипјаните 3:13, 14; 2. Тимотеј 2:10—12). На сличен начин, милиони лица цврсто се држат за верата, останувајќи сосредоточени на Божјето ветување за земен рај, во кој луѓето засекогаш ќе живеат во среќа. Дали ти си еден од нив? (Лука 23:43, НС; 2. Петрово 3:13; Откровение 21:3, 4).
Одѕив на Божјите ветувања
14. Зошто Петар ја набројува доблеста како прва особина што треба да се додаде кон верата?
14 Дали сме му благодарни на Бог за она што го ветил? Ако сме, аргументира Петар, тоа треба да го покажеме. „Да, токму поради оваа причина“ (поради тоа што Бог ни дал многу скапоцени ветувања), треба да вложиме вистински напор да дејствуваме. Не можеме да бидеме задоволни само со тоа што сме во верата или, пак, само со тоа што сме запознаени со библиската вистина. Тоа не е доволно! Можеби во Петрово време некои во собранијата многу зборувале за верата, но се вплеткале во неморално однесување. Нивното однесување требало да биде доблесно, па затоа Петар поттикнува: „Додајте ѝ на вашата вера доблест“ (2. Петрово 1:5, НС; Јаков 2:14—17).
15. а) Зошто спознанието е наброено после доблеста како особина која треба да се додаде кон верата? б) Кои други особини ќе нѐ опремат да се држиме цврсто за верата?
15 Откако споменал доблест, Петар набројува уште шест особини кои мораат да се додадат, односно придадат кон нашата вера. Секоја од нив е потребна за да ‚стоиме во верата‘ (1. Коринтјаните 16:13). Поради тоа што отпадниците ‚ги изопачувале Писмата‘ и пропагирале „измамливи учења“, Петар како следно го набројува спознанието како витално, велејќи: „На вашата доблест [додајте] спознание“. Потоа продолжува: „На вашето спознание [придајте] самосовладување, на вашето самосовладување истрајност, на вашата истрајност оддаденост на Бог, на вашата оддаденост на Бог братска наклоност, на вашата братска наклоност љубов“ (2. Петрово 1:5—7; 2:12, 13, сите НС; 3:16).
16. Што ќе се случи ако кон верата се додадат особините што ги набројува Петар, но што ќе се случи ако тие не се додадат?
16 Што ќе се случи ако овие седум работи се додадат кон нашата вера? „Ако овие работи постојат во вас и изобилуваат“ — одговара Петар — „ќе ве спречат да не бидете ниту неактивни ниту бесплодни во поглед на точното спознание за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Петрово 1:8, НС). Од друга страна, Петар вели: „А при кого ги нема, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови“ (2. Петрово 1:9). Забележи дека Петар прави промена од употребата на „вас“ и „нашиот“ во „кого“ и „тој“. За жал, иако некои се слепи, заборавни и нечисти, Петар на љубезен начин избегнал да каже дека читателот е еден од нив (2. Петрово 2:2).
Ги зајакнува своите браќа
17. Што можеби ја подбудило Петровата нежна молба да го практикуваат „тоа“?
17 Можеби сфаќајќи дека особено новите можат да бидат лесно измамени, Петар нежно ги охрабрува: „Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите“ (2. Петрово 1:10; 2:18). Помазаните христијани кои кон својата вера ги додаваат овие седум работи, ќе се радуваат на голема награда, како што вели Петар: „Ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос“ (2. Петрово 1:11). ‚Другите овци‘ ќе добијат вечно наследство во земното подрачје на Божјето Царство (Јован 10:16; Матеј 25:33, 34).
18. Зошто Петар е расположен ‚секогаш да им напомнува‘ на своите браќа?
18 Петар искрено сака таква голема награда за своите браќа. „Поради тоа“ — пишува тој — „секогаш ќе се грижам да ви ги напомнувам овие работи, иако ги знаете, и да сте утврдени во сегашната вистина“ (2. Петрово 1:12). Петар го користи грчкиот збор стери́зо, овде преведен со „сте утврдени“, но преведен со „зајакне“ во Исусовата поранешна опомена до Петар: „Зајакни ги своите браќа“ (Лука 22:32, НС). Употребата на тој збор може да сугерира дека Петар се сеќава на силната опомена што ја добил од својот Господ. Петар сега вели: „Па и право е, додека сум во ова [човечко] тело, да ве подбудувам со напомнување, оти знам дека наскоро ќе го оставам моето тело“ (2. Петрово 1:13, 14).
19. Какви видови помош ни се потребни нам денес?
19 Иако Петар љубезно вели дека неговите читатели се ‚утврдени во вистината‘, тој увидува дека нивната вера би можела да доживее бродолом (1. Тимотеј 1:19). Поради тоа што знае дека наскоро ќе умре, тој ги зајакнува своите браќа со тоа што споменува работи на кои тие подоцна можат да се потсетат за да се држат духовно јаки (2. Петрово 1:15; 3:12, 13). На сличен начин, нам денес ни се потребни постојани потсетници за да останеме цврсти во верата. Без оглед на тоа кои сме или колку долго сме во вистината, не можеме да го занемариме редовното читање на Библијата, личната студија и присуството на собраниските состаноци. Некои се оправдуваат за тоа што не присуствуваат, велејќи дека се премногу уморни или дека состаноците се повторливи или, пак, дека не се добро изнесувани, но Петар знаел колку брзо секој од нас може да ја изгуби верата ако станеме премногу уверени (Марко 14:66—72; 1. Коринтјаните 10:12; Евреите 10:25).
Цврст темел за нашата вера
20, 21. На кој начин преображението ја зајакнало верата на Петар и на читателите на неговите писма, вклучувајќи нѐ и нас денес?
20 Дали нашата вера едноставно се темели на вешто измислени митови? „Не“ (НС) — одговара Петар отсечно. „Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие.“ Петар, Јаков и Јован биле присутни со Исус кога виделе визија за него во моќта на Царството. Петар објаснува: „Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: ‚Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение‘. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора“ (2. Петрово 1:16—18).
21 Кога Петар, Јаков и Јован ја виделе таа визија, Царството сигурно им станало реалност! „А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание.“ Да, читателите на Петровото писмо, вклучувајќи нѐ и нас денес, имаат силна причина да им обрнат внимание на пророштвата за Божјето Царство. На кој начин треба да обрнеме внимание? Петар одговара: „Како на лампа која светли на темно место, додека се раздени ден и изгрее ѕвезда деница, во вашите срца“ (НС) (2. Петрово 1:19; Даниил 7:13, 14; Исаија 9:6, 7).
22. а) Во поглед на што треба нашите срца да останат будни? б) Како ѝ обрнуваме внимание на пророчката реч?
22 Нашите срца би биле темни без осветлувањето од пророчката реч. Но, со тоа што ѝ обрнувале внимание, срцата на христијаните останале будни во поглед на самнувањето на денот кога ‚Деницата‘, Исус Христос, се крева во славата на Царството (Откровение 22:16). На кој начин ние денес ѝ обрнуваме внимание на пророчката реч? Преку проучување на Библијата, преку подготвување и учествување на состаноците, како и преку ‚размислување за овие работи, задлабочувајќи се во нив‘ (1. Тимотеј 4:15, НС). За пророчката реч да биде лампа која светли на „темно место“ (нашите срца), мораме да дозволиме таа длабоко да влијае врз нас — врз нашите желби, емоции, мотивации и цели. Треба да бидеме проучувачи на Библијата, бидејќи Петар го завршува 1. поглавје: „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот дух“ (2. Петрово 1:20, 21).
23. За што ги подготвило читателите првото поглавје од 2. Петрово?
23 Во уводното поглавје од своето второ писмо, Петар ни дал силна мотивација да се држиме цврсто за нашата скапоцена вера. Сега сме подготвени за разгледување на сериозните работи кои следуваат. Следната статија ќе дискутира за 2. поглавје од 2. Петрово, каде што апостолот се зафаќа со предизвикот на неморалните влијанија кои биле инфилтрирани во собранијата.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто Петар ја нагласил важноста на точното спознание?
◻ Што може да биде причината што доблеста е набројана како прва особина што треба да ѝ се придаде на верата?
◻ Зошто Петар е расположен секогаш да им дава потсетници на своите браќа?
◻ Каков цврст темел дава Петар за нашата вера?
[Слика на страница 9]
Сопствените недостатоци не го натерале Петар да ја отфрли својата вера