ПОГЛАВЈЕ 124
Христос бил предаден и уапсен
МАТЕЈ 26:47-56; МАРКО 14:43-52; ЛУКА 22:47-53; ЈОВАН 18:2-12
ЈУДА ГО ПРЕДАЛ ИСУС ВО ГРАДИНАТА
ПЕТАР МУ ГО ОТСЕКОЛ УВОТО НА ЕДЕН ЧОВЕК
ИСУС БИЛ УАПСЕН
Веќе поминало полноќ кога Јуда, заедно со голем број главни свештеници и фарисеи, тргнал да го бара Исус. Тие му платиле триесет сребреници за да им го предаде. Заедно со нив тргнала и чета римски војници со својот илјаданачалник.
Откако излегол од горната соба, Јуда очигледно отишол право кај главните свештеници (Јован 13:27). Тие веднаш ги собрале своите стражари и чета војници. Јуда можеби најпрво ги одвел во куќата каде што Исус и апостолите ја прославиле Пасхата. Кога видел дека веќе не биле таму, со толпата вооружени луѓе поминал низ долината Кедрон и се упатил кон градината. Решени по секоја цена да го најдат Исус, освен оружје луѓето носеле факли и светилки.
Јуда добро знаел каде ќе го најде Исус. Во текот на последната седмица, тој и апостолите секој ден патувале од Витанија до Ерусалим и често навраќале во градината Гетсиманија. Но, во мракот меѓу маслиновите дрвја, војниците тешко дека би го препознале Исус, кого можеби никогаш не го виделе. За да им помогне во тоа, Јуда се договорил да им даде знак. Им рекол: „Кого ќе го бакнам, тој е! Фатете го и одведете го под стража!“ (Марко 14:44).
Кога со мноштвото дошол во градината, Јуда го видел Исус заедно со апостолите и отишол право кај него. „Здраво, учителе“, му рекол Јуда и нежно го бакнал. „Пријателе, зошто си овде?“, го прашал Исус (Матеј 26:49, 50). Потоа самиот одговорил на своето прашање: „Јудо, зарем со бакнеж го предаваш Синот човечки?“ (Лука 22:48). Повеќе воопшто не вредело Исус да разговара со својот предавник.
Откако го рекол тоа, Исус истапил пред насобраните луѓе, и под светлината на факлите и светилките тие можеле добро да го видат. „Кого барате?“, ги прашал. Тие му одговориле: „Исус Назареќанецот“. Тогаш Исус храбро им рекол: „Јас сум тој“ (Јован 18:4, 5). Не знаејќи што да очекуваат од него, тие се тргнале назад и паднале наземи.
Исус не го искористил моментот за да им побегне во темнината, туку повторно ги прашал кого бараат. Кога тие по вторпат одговориле „Исус Назареќанецот“, тој смирено продолжил: „Ви реков дека јас сум тој. Затоа, ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ Дури и во тој пресуден момент, Исус не заборавил на она што го рекол претходно — дека нема да изгуби никого од оние што му ги дал Бог (Јован 6:39; 17:12). Тој ги сочувал своите верни апостоли и не изгубил ниту еден од нив, „освен синот на пропаста“, Јуда (Јован 18:7-9). Затоа, побарал од толпата да ги пушти неговите ученици.
Кога војниците се исправиле и тргнале кон Исус, апостолите сфатиле што се случува. „Господару, да удриме ли со меч?“, прашале (Лука 22:49). Уште пред Исус да одговори, Петар извлекол еден од двата меча што ги понеле, замавнал и му го пресекол десното уво на Малх, еден од слугите на првосвештеникот.
Исус го допрел увото на Малх и го излекувал. Потоа дал една важна поука, велејќи му на Петар: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“. Исус не се спротивставил бидејќи, како што објаснил: „Како тогаш ќе се исполни Писмото, во кое стои дека ова мора да се случи?“ (Матеј 26:52, 54). Освен тоа, додал: „Зар да не ја пијам чашата што ми ја даде Таткото?“ (Јован 18:11). Исус бил спремен потполно да се подложи на Божјата волја, па дури и да умре.
Потоа Исус му се обратил на мноштвото: „Зарем со мечеви и со стапови сте излегле да ме фатите како да сум разбојник? Секој ден седев во храмот и поучував, и не ме фативте. Но сето ова се случи за да се исполни пророчкото Писмо“ (Матеј 26:55, 56).
Тогаш еврејските стражари и војниците со својот илјаданачалник го фатиле Исус и го врзале. Кога го виделе тоа, апостолите побегнале. Меѓутоа „едно момче“, можеби ученикот Марко, останало меѓу мноштвото за да го следи Исус (Марко 14:51). Откако луѓето од мноштвото го препознале, се обиделе да го фатат. Тој успеал да им се оттргне и бегајќи ја оставил својата ленена облека зад себе.